МИА Радио флеш
- 20 февруари 2025

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема лекарски пропуст за смртта на близначињата во Прилепската болница во јануари годинава. -Нема стручна грешка, да имаше веднаш ќе бевте известени и ќе се преземеа чекори за дисциплински мерки. Меѓутоа и ДСЗИ и стручната комисија што беше од Министерството за здравство, констатира дека нема лекарски пропуст, рече Таравари по посетата на болницата во Прилел,
Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 22 јануари соопшти дека ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата-близначиња кои починаа на 16 јануари, стои во наодот на Инспекторатот кој по случајот изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница, конкретно во Гинеколошко-акушерското и во неонатолошкото одделение во случајот со починатите новороденчиња.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска по посетата на болницата во Прилеп изјави дека се чека одобрение од Министерството за финансии за регулирање на статусот на договорците што работат во болнците низ државава.
-Ќе биде регулиран статусот на договорците на ниво на цела држава. Се работи за 1180 договорици и се чека одобрение од Министерство за финансии, се надевам ќе биде потпишано што е можно поскоро, од Министерство за здраваство веќе е потпишано. Јас гарантирам, не дека ќе им се продолжат договорите, туку ќе земат и решенија. Ние тоа и го најавивме, а на 30 декември го поминавме и во Влада и Здравство и Финансии. Но во новите систематизации, поради приватните специјализанти кои се 300 во првата половина на годинава, и уште 300 во втората половина на 2025, ни требаше нова систематизација и директорите сега ќе отвораат конкурси, договорците ќе ги примаат но не мора сто проценти од договорците. Јас имам информации дека некои од тие договорци не се компетентни и не работат како што треба. Така што директорот има ексклузивно право да одлучи по конкурсот што ќе се објави, рече Таравари.
Скопје - Регистрирани за 2.726 нови случаи на заболени од грип што е за 5,3 проценти помалку во однос на претходната недела. Најголем број заболени има во Скопје, односно 616 лица.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова денеска во изјава за медиумите препорача граѓаните да избегнуваат собири, да се проветруваат просториите и да се следат останатите препораки. Таа посочи дека оваа недела не е регистриран случај со смртен исход.
Скопје - На македонскиот пазар на труд постои хоризонтална професионална сегрегација т.е. жените се позастапени во пониско платени и помалку барани занимања во споредба со мажите, занимањата во кои доминираат мажите (на пример ИТ стручњаци, инжинери, техничари) се поатрактивни на пазарот на труд, а побарувачката за работници во овие занимања е поголема.
Професионалниот јаз (однос помеѓу понудата и побарувачката на работници) е највисок кај занимањата предводени од жени, покажуваат анализите на најновиот Бриф на Finance think за тоа дали изборот на занимање води до родова сегрегација на пазарот на труд.
Скопје - Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека од денеска нивните инспектори се на терен и ќе вршат контроли дали се почитуваат одлуките на Владата за ограничување на маржите и за замрзнување на цените на прехранбените производи.
Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, глобите за непочитување на овие две одлуки се движат од 500 до 10.000 евра, а сите неправилности може да се пријават на 191 или на www.dpi.gov.mk. По објавувањето на двете владини одлуки во „Службен весник“ од денеска тие стапија на сила и ќе важат до 30 април.
Атина – Најверојатното сценарио за сеизмичката активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, според претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас е постепена деескалација на појавата, додека во изминатите два дена не беше регистриран поголем земјотрес, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека Грција е безбедна земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу двата острови, односно од 26 јануари заклучно со 17 февруари, биле регистрирани над 21.500 земјотреси.
Приштина – Косовското Специјално обвинителство денеска соопшти дека поднело обвинение за шпионажа против две лица кои, според пишувањето на медиумите во Приштина, биле соработници на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), пренесе Бета.
Во соопштението се наведува дека двете лица Б.Ш и М.К се осомничени за шпионажа и М.К. и за неовластено поседување оружје. Обвинителството предложи продолжување на притворот на осомничените до завршување на судската постапка.
Букурешт - Романскиот премиер Марсел Чолаку во врска со мировните преговори во Украина изјави денеска дека не се важни острите моментални изјави на светските лидери, туку праведен и траен мир во оваа земја, кој може да се постигне само со помош на САД.
„Би сакал да имаме реакција на најважната тема во светот: мировните преговори во Украина. За мене, а мислам и за повеќето Романци, не се важни острите моментални изјави на светските лидери, туку крајната цел - праведен и траен мир во Украина. Мирот може да се постигне само со помош на стратешкиот партнер на Романија – Соединетите Американски Држави“, рече романскиот премиер на почетокот на денешната владина седница.
Виена - Двете најголеми австриски центристички партии брзо се движат кон коалициски договор без екстремно десничарската Партија на слободата, откако таа партија не успеа да формира влада, изјавија денеска партиски претставници.
Ако конзервативната Народна партија и социјалдемократите успеат да постигнат договор со одреден степен на поддршка од помалите центристички партии, тоа ќе биде „трета среќа“, имајќи превид дека првиот обид предводен од Народната партија не успеа во јануари, а потоа не успеа и обидот кој го предводеше евроскептичната, проруска Партија на слободата минатата недела.
Рим – Шефот на италијанската дипломатија и вицепремиер Антонио Тајани денеска изјави дека постои улога што Европа мора да ја одигра, за да биде протагонист на нова ера, како во мирот на Блиски Исток, така и во Украина, и оти не може да биде само набљудувач.
- Европа мора да ја зајакне својата одбрана по посакуваниот крај на украинската војна, трансатлантскиот однос е една од нашите ѕвезди водилки, истакна Тајани. Тој додаде дека Европа мора повеќе да вложува во одбраната, а Италија да ги почитува преземените обврски од НАТО и да издвојува два проценти од бруто домашниот производ за одбраната.
Варшава – Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека принудната капитулација на Украина може да значи капитулација на целиот Запад, со сите последици што ќе следат.
„Принудната капитулација на Украина би значела предавање на целата западна заедница. Со сите последици од овој факт. И никој нека не се преправа дека не го гледа ова“, напиша Туск на платформата Х.
Прага - Две жени се убиени во напад со нож во продавница во Чешка, соопштија властите.Чешката полиција соопшти дека утрово уапсила осомничен кој избодел две жени во продавница во градот Храдец Кралове, кој се наоѓа на околу 100 километри источно од Прага.
Првично беше објавено дека двете жени се повредени, од кои едната тешко, но подоцна беше потврдено дека и двете починале. Засега нивниот идентитет не е откриен. Полицијата го уапсила 16-годишниот осомничен на околу еден километар од местото на нападот, а во близина бил пронајден и ножот што најверојатно бил користен.
Берлин – Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја потенцираше важноста од задржување на отворената перспектива за членството на Украина во Европската унија, а истовремено силно ги отфрли обвинувањата дека самата Украина е виновна за руската инвазија.
-Украина не смее да се задржува во својата одлука да биде демократска, независна нација на својот пат кон Европа, рече Шолц, отфрлувајќи ги обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп против оваа земја дека таа е виновна за руската инвазија.
„Украина не е виновна. Ние во Европа инсистираме на тоа“, рече Шолц.
Киев - Податоците од најновата анкета на Социолошкиот центар „Социс“, направена во февруари 2025 година, покажа дека 63 отсто од Украинците се против одржување какви било избори додека не заврши војната, пренесе „Украинска правда“.
„Помалку од еден отсто од испитаниците поддржуваат одржување само претседателски избори, околу три отсто се за реизбор само на Врховната Рада (украинскиот Парламент), а уште 29 отсто сакаат истовремено да ги изберат Радата и шефот на државата. Но, повеќе од 63 отсто се против какви било избори додека не заврши војната.
Москва - Кремљ денеска соопшти дека „целосно се согласува“ со ставот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за потребата брзо да се стави крај на конфликтот во Украина, еден ден откако Киев и Вашингтон разменија остри критики.
„Тие зборуваат за потребата да се воспостави мир што е можно поскоро, преку преговори. „Ние, исто така, веќе истакнавме дека нашата позиција е подобра од онаа на претходната администрација“ и „целосно се согласуваме со американската администрација“, изјави на прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Техеран - Минатата година во Иран беа егзекутирани рекордни 975 луѓе, јави ДПА, повикувајќи се на организации за заштита на човековите права. Тие ова го опишаа како „ужасна ескалација во примената на смртната казна“.
Податоците покажуваат зголемување од 17 отсто во однос на претходната 2023 година, кога егзекуциите беа 834, според информациите од годишниот извештај на организацијата за заштита на човековите права „Човековите права во Иран“ со седиште во Осло и организацијата со седиште во Франција „Заедно против смртната казна“.
Рио де Жанеиро - Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва денеска изјави дека доколку се докаже дека се точни обвинувањата против неговиот претходник Жаир Болсонаро за заговорот за пуч во 2022 година, тој треба да биде осуден на затворска казна.
“Обвиненијата се многу сериозни. Доколку се докажат, единствениот начин е тој и другите инволвирани да бидат уапсени. Очигледно ќе имаат право да се бранат, но доколку се докаже, нема друго решение освен да ги осудиме“, изјави Лула, пренесува бразилскиот портал Глобо.
Според Лула, фактот што Болсонаро бара амнестија за обвинетите за напади врз демократското владеење на правото и заговор за државен удар е признавање на вината.