• сабота, 04 јануари 2025
МИА Општински пул

31 декември 2024 

Штип - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска ги врачи вредносните ваучери на сите претставници на институциите, кои што ќе бидат дежурни на Новогодишната ноќ. Ваквите враучери, традиционално секоја година се даваат на институциите со цел им се оддаде почит и внимание во пресрет на празниците. Јорданов на дежурните екипи им посака да имаат помалку работа и да бидат ефикасни на својата задача и понатаму во следната година.

-Традиционално на испраќањето на старата година и денот кога се дочекува новата година, остваривме средба со претставници на институциите, кој што вечерва ќе бидат дежурни. Во име добрата соработка традиционално секоја година и врачуваме вредносен ваучер. Посакувам и оваа година службите и институциите кои што ќе бидат дежурни да имаат помалку работа да бидат ефикасни на висина на задачата, имајќи во предвид дека оваа година ќе имаме и јавен организиран дочек, изјави Јорданов.

Претставниците на институциите посакаа наредната година да биде со помалку интервенции на терен, а граѓаните да има добро здравје и убави мигови.

Инаку настанот се одржа во просториите на Општина Штип, а на истиот присуствуваа сите одговорни лица од инстуциите на Итната медицинска помош, ТППЕ, ЦУК Затвор-Штип, Филтер станицата, Армијата и други институции.

Крива Паланка - Недостигот од специјалисти во Здравствениот дом „Димитар Арсов" во Крива Паланка поради скоро заминување на тројца специјалисти во пензија, ќе се решава времено со ангажирање лекари од останатите здравствени установи од Куманово и Кочани.

Дополнителен проблем во установата, покрај очекуваните пензионирања се и најавите за одлевање на останати специјалистички кадри.

Директорот Јоско Стефановски информира дека заедно со стручниот колегиум во координација успеале да изнајдат времено решение со доставено барање за пружање повремени услуги и прекувремено ангажирање до повеќе здравствени установи,од каде добиле позитивен одговор.

-Ве уверувам дека е потрошена многу голема енергија, многу поминати часови во телефонски разговори, преговори, со Министерството, со останатите установи од најблиските, соседни градови, за да на крајот, позитивен одговор добивме од Општа болница Кочани, од каде веќе од втората половина на јануари се очекува во нашиот здравствен дом да доаѓаат специјалисти: интернист, невролог и рентгенолог. Ова се всушност и носечките специјалистички услуги кои се неопходни за непречено работење на нашата установа, вели Стефановски.

Скопје - Во Градот Скопје попладнево сообраќаат само четириесетина автобуси на ЈСП Скопје, но до крајот на денот се очекува нивниот број да се зголеми бидејќи се очекува фирмата „Пуцко Петрол“ да достави нафта до претпријатието. Претпладнево му е продолжен мандатот на в.д. директорот Драги Кушевски, кој ги информирам вработените дека нафта ќе има.  

Според информациите на МИА, во претпријатието треба да пристигнат 40 тони нафта кои ќе бидат доволни до божикните празници. 

Миќо Стојановски, синдикален претставник на ЈСП - Скопје изјави дека е точно оти синоќа било реагирано и дека биле повлечени одреден број автобуси на градското претријатие за да се заштеди на нафта и утрово да бидат повторно ставени во сообраќај за да ги превезат скопјани до нивните работните места и низ градот.

- Извршивме еден вид притисок и имаме информација дека нафта ќе пристигне за неколку часови, изјави тој за МИА.

Неготино - Неготинската Општина донираше два моторцикла на ОВР Неготино, информираа денеска од Локалната самоуправа. 

- Спроведувајќи ја донесената одлука од страна на советниците во Советот на Општината,  реализиравме донација од два моторцикла за потребите на вработените во ОВР Неготино. Донацијата ја примија одговорните во неготинската полиција кои изразија благодарност, соопштија од Локалната самоуправа. 

Оттаму додадоа дека неготинскиот градоначалник Горан Стојанов, ги честита новогодишните и божиќните празници, со желби за здравје и успех за сите граѓани.

Велес - Здружението на Спортски риболовци „Бабуна“ на неколку локации од велешкиот ревир изврши порибување со 200 килограми подмладок на риба крап на реката Вардар и со 80 килограми подмладок риба пастрмка на реките Тополка и Бабуна.

Како што информира Даниел Наумовски, претседател на ЗСР „Бабуна“ ова е годишно порибување согласно обврските на здружението кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а самото порибување го надгледувал инспекторот за земјоделство и водостопанство Димче Купенков.

Наумовски појасни дека порибувањето  на Тополка и Бабуна било извршено со пастрмка  бидејќи  оваа риба опстојува само во чисти води. Посочи дека годинава од страна на ЗСР „Бабуна“ не е извршено порибувањето на езерото „Младост“ како концесионер на водите на ова езеро, бидејќи според препораката на Хидробиолошки завод од Охрид, кој оваа година изврши анализа на земени мостри на  вода,  водата на велешкото езеро „Младост“ не е исправна и не е добро да се пушти подмладок на риба.

Штип - Четвртооделенците, Марко Ташков, Ристе Димитров, Михаил Трајчев и Давид Илиев од штипското Општинско основно училиште (ООУ) „Тошо Арсов“ се  млади херои кои покажаа дека вистинското знаење се мери не само со училишните успеси, туку и со неговата примена во најважните моменти од животот. Овие деветгодишни деца пред три дена во паркот во населбата Осми Ноември спасија човечки живот. Марко Ташков денеска за МИА изјави дека минатиот петок играјќи фудбал во паркот во нивното маало, забележале дека на дедото на едно од нивните другарчиња, кое учи во училиштето паднал во безоснание, по што веднаш реагирале.

-Веднаш истрачавме да видиме дали е добар дедото и јас веднаш го препознав дека живее во мојот влез и веднаш отидов да ја повикам неговата сопруга. Ѕвонев, ѕвонев на врататa и никој не ми отвори и повторно се вратив го зедов телефонот од едно од другарчињата и се јавив на Брза помош и реков дали може веднаш да дојде Брза помош во паркот во Осми Ноември, бидејќи на еден дедо му се слоши, потоа дојде Брзата помош и му помогна. За пет до шест минути пристигнаа од Брзата помош, вели Ташков.

Неговите другари, Ристе, Михаил и Давид додаваат дека убаво е да си хуман и храбар во такви моменти, кога на некој му е потребна помош.

Неготино - Секоја поддршка во земјоделството е добредојдена, но кога таа е навремена, е многу поефикасна за следното производство, рече денеска во изјава за МИА, Васе Мојсовска, земјоделка, претседателка на Националната федерација на фармери, осврнувајќи се на резултатите од годинава што изминува и очекувањата во наредниот период.

- Помина уште една година исполнета со многу предизвици и проблеми за нас земјоделците,  ќе ја помниме по големата суша што владееше и која предизвика огромни проблеми во производството на земјоделските производи и значително го намали производството кај многу земјоделски култури. Во некои делови на Македонија од мај до ноември немаше ни капка дожд, а проблемите  со водоснабдувањето во тиквешкиот, овчеполскиот и други региони, дополнително придонесоа за квантитетот и за квалитетот на земјоделските производи, истакна Мојсовска. 

Таа нагласи дека малите приноси во земјоделството не се само финансиска  штета  за земјоделците, туку и за државата. Притоа потсети дека земјоделството веќе 15 години по ред се соочува со проблемите од климатските промени.

Куманово - Илјада и двесте парчиња пиротехнички средства одзеде кумановската полиција во два одделни случаи на подрачјето во поширокиот кумановски регион, соопшти денеска СВР Куманово. 

Вчера во 12:30 часот на градскиот пазар во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.И.(51) од Куманово, затоа што кај него биле пронајдени и одземени околу 700 парчиња пиротехнички средства. Тој бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Во 19: 30 часот во село Матејче, општина Липково, полициски службеници од СВР Куманово извршиле преглед кај В. О(20), при што биле пронајдени и одземени над 500 парчиња пиротехнички средства. И против дваесетгодишниот ќе биде поднесена соодветна пријава, по целосното документирање на случајот. 

Охрид – Последните часови од старата 2024 година што изминува Охрид ги минува во знакот на завршните подготовки за што подобар пречек на гостите што тука ќе ја минат највеселата ноќ.

Градот е свечено украсен, особено централното градско подрачје, Плоштадот и Кејот на Охридското Езеро, каде уште од вчера е забележителна празничната раздвиженост, пред се поради гостите кои со голем број автомобили и автобуси пристигнуваат за тука да ги минат овие празнични денови.

За добро расположение кај гостите секако придонесува сончевото време со температури далеку над нулата и речиси пролетен амбиент, така што уште во текот на денот терасите од кафулињата и рестораните се полни со посетители. Празничната раздвиженост се чувствува и во Чаршијата, Кејот и уличките што водат кон атрактивните локации за фотографирање и културно-историски споменици во градот.

Новата 2025 година хотелите и сместувачките објекти на Охридската ривиера ќе ја дочекаат со речиси исполнети капацитети и распродадени аранжмани уште пред речиси две седмици. Најбројни и овојпат за новогодишните празници ќе бидат гостите од соседните земји, кои традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници, пред се поради автентичниот амбиент и добрата забава.

 

 

Остани поврзан