• четврток, 02 јануари 2025
МИА Флеш

30 декември 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда. 

-Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам - именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон, изјави денеска Мицкоски.

Скопје- Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за најавените чекори што ќе ги преземе после празниците за разрешување на членовите на Судски совет, рече дека „овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“.

-Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, било кој процес што е спротивен на закон и Устав немаме намера да го водиме , па така ниту овој. Но не би се согласил врз основа на оние мислења кои јас ги имам исто така од оваа област и од уставните експерти, дека ова е противзаконски и противуставно, начинот на којшто е потребно да се побара одговорност, рече Мицкоски одговрајќи на новинарско прашање кои се чекорите за разрешување на членовите на Судски совет што ги најавил, со оглед дека дел од правните експерти истакнале дека тоа можеби е противуставно.

Скопје - Обезбедивме буџет за 1.117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари, на брифингот со новинарите, заедно со заменик министерот Јовица Андовски и државниот секретар во Министерството, Бесим Мемеди.

-Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја, подвлече министерот.

Скопје - Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба се додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Албанската азбука која ја одобри поранешниот министер Јетон Шеќири е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, во одговор на новинарско прашање за обвинението на ДУИ дека е донесен закон со кој албанската азбука не може да се употребува во училиштата.

Јаневска рече дека дидактичките материјали остануваат во употреба, во моментот не се во план да донесат нова поинаква одлука.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека здравствениот систем, од еден до десет, тој би дал од пет до десет, би го оценил со осумка, дека се дава максимумот за подобро и дека смета оти сепак се добиваат квалитетни здравствени услуги во јавното здравство. 

Во врска со компресорските станици, одговори дека инсталациите се веќе поставени. Се работело интензивно со компанијата што работела, тоа требало да заврши некаде кон крајот на јануари.

- Практично, останат е само апаратот што треба да се постави и добро е тоа што сега ќе имаме бек. Практично новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно шест месеци додека се направат одјави, па се најде фирма, па повторно да се работи. Така да, ако се расипе новиот апарат после 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне веднаш да се вклучи, појасни министерот.

Скопје - Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска очекува економски подобра 2025 година, во која инфлацијата би продолжила да се стабилизира, а растот би забрзал.

- Во годината што следува, нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму нашиот приоритет, бидејќи таа е клучен предуслов за повисок економски раст. Исто така, Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија. Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност. Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Скопје - Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во ноември 2024 година, забележа месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,12 п.п., и изнесува 5,36%. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесува 2,12% и е зголемена за 0,05 п.п. и 0,38 п.п. на месечно и на годишно ниво, соопшти Нардната банка.

Во ноември, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,82% и оствари месечен раст од 0,01 п.п., во услови на годишен пад од 0,56 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е намалена за 0,04 п.п. на месечна основа и изнесува 2,80%, при годишен раст од 0,52 п.п.

Скопје - Приближно 620 килограми небезбедна храна од животинско потекло, нештетно уништија официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на спроведените 191 вонредни инспекциски надзори во изминативе две недели, во месарници, месарници со работилници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, соопшти АХВ.

За ставање во промет на брзо замрзната храна која не е означена, незадоволување на хигиенските барања, односно неимплементирани процедури на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, нецелосна декларација на производите, продажба на производи кои не се одобрени, неспроведени задолжителни здравствени прегледи за вработените, неподнесена пријава до АХВ за престанок на работа на објектот,официјалните ветеринари издадоа 29 решенија за отстранување на утврдените недоследности.

Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, оформи предмет и поведе постапка против осум лица поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Првоосомничен во предметот е поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој заедно со три службени лица од Бирото за јавни набавки и четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист од 622.981.190 денари.

Како што соопштуваат од ЈО, првиот осомничен објавил оглас за јавна набавка за изградба на инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. Два економски оператори доставиле понуди, од кои една компанија понудила повисока цена, но пократок рок за изведба и била избрана. Трите лица од Бирото за јавни набавки не ја извршиле својата должност за контрола на тендерската документација и доставиле записник со кој дозволиле постапката да продолжи, стои во соопштението од Обвинителството.

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека утре (31 декември 2024 година) ќе се работи по редовен зимен возен ред. Во среда (1 јануари 2025 година) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред, при што на 1 јануари, првите вклучувања на возилата на ЈСП Скопје и приватните превозници ќе бидат подоцна од воообичаеното, а останатите согласно неделниот возен ред.

Од четврток (2 јануари 2025 година) јавниот превоз ќе сообраќа по редуциран делничен зимен ред, кој ќе важи до крајот на зимскиот училиштен распуст. Работно време на билетарници и центри за персонализација. Во среда (1 јануари 2025 година) билетарниците и центрите за персонализација, нема да работат. Од четврток (2 јануари 2025 година) продолжуваат со вообичаено работно време.

Скопје - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го утврдила првиот случај на родово заснована дискриминација врз работничка од приватниот сектор, поради нејзината намера да забремени преку ин витро оплодување. 

Работничката, која две години работела за приватен работодавач, го информирала за својата планирана бременост и побарала боледување за ембриотрансфер. Работодавачот ѝ изрекол отказ без отказен рок додека таа користела годишен одмор, обвинувајќи ја за недоаѓање на работа и поради прекршување на работниот ред и дисциплина.

Москва - Во моментов нема предуслови за завршување на војната во Украина или која било од нејзините фази, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Русија е подготвена за преговори за решавање на ситуацијата во Украина.

Тој истакна дека преговорите треба да бидат насочени кон елиминирање на основните причини за кризата и да се земе предвид реалната состојба на теренот.

Лавров потсети дека рускиот пристап за решавање на конфликтот го претстави рускиот претседател Владимир Путин во јуни.

Газа - Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа денеска соопшти дека во последните 24 часа во палестинската енклава, каде што војната против Израел трае повеќе од 14 месеци, загинале најмалку 27 лица.

Вкупниот број загинати во Газа од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година е 45.541, се наведува во соопштението. Од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, најмалку 108.338 луѓе се ранети, се додава во соопштението.

Тбилиси -  Новиот грузиски претседател Михаил Кавелашвили во своето прво обраќање по преземањето на функцијата изјави дека Грузија ќе го продолжи својот пат кон пристапување во ЕУ.
„Ние се стремиме да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година, бидејќи тоа е цивилизиран избор на нашиот народ што е втемелен во нашиот Устав“, нагласи Кавелашвили.
Кавелашвили рече дека до 2028 година Грузија ќе исполни повеќе од 90 отсто од условите од Договорот за асоцијација склучен со ЕУ во 2014 година. Тој ја потврди и подготвеноста на Тбилиси да преговара со Брисел за членството на земјата во ЕУ во секое време, доколку Унијата понуди таков предлог.

Остани поврзан