МИА Радио флеш
- 2 јануари 2024
2 јануари 2024
Скопје - Процесот на пристапување во Европската унија со ваквиот начин на одлучување се балканизираше, наместо ние да се европеизираме, вели во новогодишното интервју за МИА премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека ниту еден политичар од Брисел или од светот не кажал „не“, кога ќе им ги презентираат аргументите околу уставните измени. Вели треба да работиме заедно со европските партнери, но приоритет е решавање на домашните задачи.
За тоа дека гаранции немаат ниту другите земји-кандидатки, кои можат да наидат на препрека и откако ќе ги завршат преговорите поради начинот на одлучување во ЕУ, Мицкоски нагласува дека тоа е во ред доколку тие препреки се ставаат заради реални проблеми.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА окрива дека се во завршни преговори со една компанија од многу моќна земја-членка на Европската унија за инвестиција меѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии. Најавува дека 2025 година ќе биде исклучително квалитетна во делот на привлекувањето странските инвестиции.
-Можам да кажам дека сме во завршни преговори со една компанија која што доаѓа од земја членка на Европската унија, многу моќна земја членка на Европската унија со која што преговараме за инвестиција помеѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии, нешто кое што навистина претставува иднина не само во Европа, туку насекаде во светот. Потоа имаме и инвестиција на постоечки многу квалитетен инвеститор со огромно учество во извозот којшто во јануари треба да се произнесе дали ќе ја проширува својата инвестиција тука и тоа ќе значи многу за македонската економија. Ние сме во последен круг, во најтесен круг како држава заедно со една од сојузните држави на Соединетите Американски Држави. Ќе кажам тоа е државата Пенсилванија. Значи, Пенсилванија и Македонија се во најтесен круг за оваа инвестиција. Работиме дневно на овој план, изјави Мицкоски.
Скопје - Службата за општи и заеднички работи денеска информираше дека во изминатите шест месеци преземени се активности за надминување на затекнатата состојба од претходното раководство.
Како што стои во соопштението, воведен е механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивните патувања во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства.
-За кусо време, СОЗР стави крај на недомаќинското работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги покачи цените на угостителските услуги во владините објекти, со што минато станаа привилегиите за избраните функционери, а во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила, наведуваат од СОЗР.
Скопје - Враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем е едно од најголемите предизвици со кои се соочуваме денес. Низата скандали, обвиненија за корупција и сомневања за политичка вмешаност, се сериозен проблем кој ја подрива основната функција на правосудството како независен и непристрасен орган. Мора да биде јасно дека правдата не смее да биде под влијание на политички партии или било какви други надворешни фактори, вели министерот за правда Игор Филков.
Говорејќи за новите имиња на црната листа на САД поради корупција на која се најде и судија, Филков, во интервју за Локално.мк, вели дека тоа има голема важност во контекстот на напорите за борба против корупцијата и зајакнување на правдата во нашата земја.
Скопје – Судскиот совет утре на седница ќе избира нов претседател, откако поранешната претседателка, Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка, а изборот беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите на Советот со право на глас.
Скопје - Во третиот квартал од 2024 година е забележан значителен годишен раст на бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2 отсто по број и за 13,6 проценти по вредност, соопшти Народната банка.
Овој раст, оценува Банката, најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2 отсто, како и на растот од 8,8 отсто на плаќањата преку терминалските уред ПОС. Според НБ, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9 отсто, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2 процента.
Скопје - Авиолинијата Скопје - Истанбул утрово ќе се реализира со задоцнување. Според веб страницата на ТАВ Македонија, авионот на „Пегазус“ што требаше да слета во Скопје во 9.55 часот, е одложен за 12.05, а пролонгирано е и неговото враќање за Истанбул од 10.50 во 13.00 часот.
За еден час е одложен и летот Истанбул - Скопје - Истанбул на компанијата AJET HAVAYOLLARI. Првично планиран за 11.25, авионот во Скопје треба да слета во 12.25, а наместо во 12.45, се очекува да се врати во Истанбул во 13.45. Не е наведено дали причина за одложувањето е маглата во Скопје. Други измени на редот на летање, според веб страницата на ТАВ Макединија, засега нема.
Атина Грција ќе игра суштинска улога во ко-обликувањето на меѓународната политика за глобалната безбедносна архитектура и ќе има значаен глас, улога и одговорност во глобалните случувања, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, по повод почетокот на мандатот на земјата како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописничката на МИА од Атина.
Мандатот на Грција е во периодот 2025-2026 година, што според министерот за надворешни работи, е во „особено критичен период“, а паралелно посочи дека ќе работат билатерално и мултилатерално со сите земји-членки на ОН.
Подгорица - Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ свика вонредна седница на Советот за национална безбедност за утре, 3 јануари, поради трагичниот настан што се случи на Цетиње.
На седницата, која ќе започне во 14 часот, ќе присуствуваат главниот специјален обвинител Владимир Нововиќ и високиот државен обвинител Милорад Марковиќ. Советот ќе дискутира за итни мерки за откривање и конфискација на нелегално оружје, јакнење на безбедносните институции и подготовка на нов Закон за оружје со построги контроли за издавање дозволи.
Берн - Во Швајцарија од вчера стапи на сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1.000 швајцарски франци (1.064 евра). објави Свисинфо( Swissinfo).
Иницијативата против носење бурка беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година, а исклучоците од законот ќе вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено на уметнички и забавни причини, бидејќи како и за рекламирање.
Берлин - Лидерот на германската конзервативна опозиција Фридрих Мерц го поддржа новиот обид да се преговара за договор за слободна трговија со САД, јави ДПА.
Во интервју за германската агенција, Мерц рече дека европската економија ќе се соочи со предизвици под водството на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но дека одговорот треба да биде враќање на конкурентноста на Германија и Европа, а не наметнување на тарифите.
Брисел - Со стартот на Новата година во сила стапи Договорот за стратешко партнерство меѓу Европската Унија и Јапонија, што претставува прва билатерална рамковна спогодба за севкупна соработка на ЕУ и нејзините земји членки со оваа источно азиска држава.
Како што соопшти Советот на ЕУ, овој Договор претставува пресвртница за идниот ангажман меѓу двете страни и ќе обезбеди поблиска политичка и економска соработка за низа билатерални, регионални и мултилатерални прашања.
Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова оцени дека прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина негативно влијае на економскиот потенцијал и животниот стандард во Европа.
„САД и Киев се главни виновници за растот на цените на енергијата во Европа,“ рече Захарова. Таа посочи на штетите што ги претрпеа европските земји, како Германија, која мораше да купува поскап гас по нападот на „Северен тек“. Захарова нагласи дека сега и другите европски земји ќе мора да ги сносат последиците од „американската стратегија“.
Тел Авив - Израелската армија го објави првиот официјален биланс на своите жртви од почетокот на војната против Газа на 7 октомври 2023 година, наведувајќи дека во таа војна загинале 891 војник и офицер во редовите на израелските одбранбени сили, објави израелскиот весник „Једиот Ахронот“.
Ова е најголемиот број загинати војници во конфликтот од војната во Јом Кипур во 1973 година, пишува „Гардијан“.
Израелското воено радио објави дека 28 израелски војници извршиле самоубиство од почетокот на војната, вклучително и 16 резервисти, што е најголем број самоубиства во последните 13 години.
Сеул - Јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол испрати писмо до приврзаниците во кое вели дека „ќе се бори до крај“, бидејќи се соочува со апсење поради воведување воена состојба на 3 декември, изјави неговиот адвокат Сеок Донг-Хјеон.
„Гледам во живо на Јутјуб се што правите. Заедно со вас ќе се борам до крај да ја заштитам оваа земја, пишува во писмото на Јун до стотиците поддржувачи кои се собраа пред неговата резиденција да протестираат против истрагата.
Јужнокорејскиот претседател е решен да остане во политиката по импичментот.
Сеул - Јужнокорејската полиција денеска соопшти дека извршила претрес во канцелариите на авиокомпанијата „Чеџу Ер“ и аеродромскиот оператор во Муан, како дел од истрагата за авионската несреќа што се случи на 29 декември, а во која загинаа 179 лица. Авионот „Боинг 737-800“ на јужнокорејската авиокомпанија, кој летал од Бангкок до Муан во југозападна Јужна Кореја слета на трупот, се излизга од пистата и експлодира откако удри во ѕид.
Преживеале двајца членови на екипажот кои биле во опашката на авионот.
Полициските истражители ги претресоа канцелариите на аеродромскиот оператор и управата за воздушен сообраќај во Муан и канцеларијата на авиокомпанијата во Сеул, соопшти полицијата на провинцијата Јужна Џеола.
Тајпеј - Тајванското Министерство за одбрана денеска соопшти дека кинески воени авиони и бродови ја извршиле првата „борбена патрола“ околу островот во Новата година, откако тајванскиот претседател Лаи Чинг-те ја повтори својата подготвеност да преговара со Пекинг.
Кина, која го смета демократски управуваниот Тајван за своја територија, речиси секојдневно испраќа своја војска во воздушниот простор и водите во близина на островот и неколку пати месечно спроведува како што Тајван ги нарекува „заеднички патроли за борбена готовност“.