• сабота, 04 јануари 2025
МИА Радио флеш

31 декември 2024 

Скопје - Драги сограѓани, драги сопатници во заедничкото македонско патување и патешествие, во нашето споделување на арното и лошото, денеска е тој ден, најден, со заслужени суперлативи – најдолг, најсреќен, најубав, ден кога нешто оставаме како спомен од минатото и со себе ја земаме надежта за поубава година, се вели во честитката што денеска ја упати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по повод новогодишните празници. 

Во годинава што изминува, посочува, бевме сведоци на многу порази и падови, но и на успеси, хуманост, меѓусебна помош и поддршка.

Новата година, нагласува во честитката Сиљановска-Давкова, е момент да се направат многу нешта во пријатна атмосфера, но и момент да се потсетиме дека некои храбри луѓе бдеат над нашата благосостојба. Новата година, додава, секогаш буди оптимизам, надеж и раѓа нови можности.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски со видеообраќање објавено на неговиот фејсбук-профил им ја честитка Новата 2025 година на граѓаните на Македонија. 

Во обраќањето Мицкоски вели дека изминатата 2024-та била година на  предизвици, но и на нови почетоци, а дека претстојната 2025-та „ќе биде година на раст, ред и интеграција“, вложување во економијата, инфраструктурата и образованието „со фокус на подобар живот за сите“. 

-Почитувани граѓани на Македонија, драги мои сограѓани, драги пријатели, измина уште една година зад нас. 2024 година беше година на предизвици, но и на нови почетоци. Народот ја одбра иднината и ни даде мандат за промени. Наследивме држава во тешка состојба, но со труд и јасен план постигнавме раст од 3 проценти, зголемување на пензии и плати, нови инвестиции и проекти за подобрување на животот. Отворивме фронт против криминалот и корупцијата и ја поставивме основата за стабилен развој, вели меѓу другото Мицкоски. 

Скопје - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во новогодишото обраќање на сите граѓани им ја честита Новата 2025 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и успех во новата година.

-Новата година е време на надеж, нови почетоци и време да се присетиме на се што се случуваше во годината која измина. 2024 година беше година на предизвици за СДСМ, година во која научивме многу и во која одлучно завртивме нов лист. И покрај сите потешкотии ние се зацврстивме и го треасиравме патот кон иднина исполнета со посветеност и работа за сите вас, вели Филипче во честитката.

Скопје, 31 декември 2024 (МИА) - Во земјава годинава е забалежан раст на бројот на увезени и продадени нови и половни возила. Според податоците на Царинска управа, до декември годинава се увезени 49 462 патнички возила, од кои 12 170 нови и 37 293 половни. 

Има значително зголемување во однос на 2023 година, кога биле увезени вкупно 43 212 автомобили, од нив 9999 нови и 33 213 половни.

Во отсуство на службени податоци колку од увезените возила се продадени, и кои брендови биле најбарани, специјализраниот автомобилски сајт Бестселигнкарс, повикувајќи се на нивни локални партнери, објави дека пазарот на нови автомобили во земјава годинава бележи раст од 41,3% со околу 6 100 продадени нови автомобили до октомври годинава. 

Скопје, - За учениците во основните и средните училишта почнува зимскиот  распуст од учебната 2024-2025 година. Наставата од второто полугодие ќе продолжи на 20 јануари. 

Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Нема да биде продолжена како минатата учебна година, кога за основците заврши на 17 јуни,  бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани (29 април - 6 мај 2024).

За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.

Скопје – Нова година! Што, всушност, празнуваме на 31 декември/1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова година? Тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие, т. е. започнува Новата година. Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената Василица, 1 јануари, Нова година по јулијанскиот календар, чиешто предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како Стара Нова година, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Новата година. Тоа, пак, ни докажува дека кај православните народи Новата година не се празнувала на 1 јануари. Но доколку Црквата го одбележува и одобрува граѓанското новолетие, тоа го прави поради фактот што таа постои во општеството и секое општествено прославување ги опфаќа нејзините верни членови.

Атина – Доставување барања за посета најмалку ден пред пристигнувањето; ограничен број поклоници во текот на месецот; посета само по одобрена покана, се дел од новите построги мерки што од утре стапуваат во сила за поклониците кои сакаат да ја посетат Света Гора, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите мерки, како што објавија грчките медиуми, се поради зголемената посетеност и со цел да се зачува монашкиот живот и молитвениот ред.

Поконкретно Светата заедница ги повикува верниците до Канцеларијата за поклоници да достават барање за посета најмалку еден ден пред пристигнувањето до 12 часот напладне, по што ќе треба да добијат одобрување.

Будимпешта - Унгарското претседавање со Советот на Европската унија беше посебно, активно и стратешко, изјави денеска унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока.

„Претседавањето беше посебно затоа што имавме за цел да спроведеме одлучна и силна европска политика“, рече Бока во видео пораката на Фејсбук.

Тој оцени дека унгарското претседателство со Советот на ЕУ било активно поради низата иницијативи на Будимпешта, пренесува МТИ. 

Брисел – Земјите членки на НАТО донесоа одлука за зајакнување на военото присуство на Алијансата во реонот на Балтичкото Море. 

Ваквата одлука е донесена на средбата на постојаните претставници на земјите членки при НАТО посветена на безбедноста на критичната инфраструктура во Балтичкото Море, по оштетувањето на подморските кабли што ги поврзуваат Естонија и Финска на 25 декември. 

Во соопштението од средбата се посочува дека сојузниците изразиле целосна солидарност со Естонија и Финска во врска со овој случај, при што се потсетува дека оштетувањето на каблите, за кое истрага водат финските власти, е еден од бројните неодамнешни инциденти во Балтичкото Море кои се сметаат за можна саботажа. 

Брисел – Неколку десетици илјади луѓе се очекува вечерва да се соберат на неколку локации во Брисел за да ја пречекаат Новата 2025 година. 

Централната прослава на новогодишниот дочек оваа година ќе се одржи кај една од најпознатите бриселски атракции Атомиумот, од каде ќе биде лансиран и овогодишниот официјален огномет. 

При дочекот на Новата 2024 година на платото пред Кралската палата во Брисел, каде лани се одржа централната прослава, се собраа околу 55.000 луѓе. 

Покрај пред Кралската палата и во блискиот централен Парк, традиционално прослави ќе има и на плоштадот Гран плаз и на уште неколку локации во Брисел.

Берлин  - Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето новогодишно обраќање ги повика граѓаните да не дозволуваат „сопствениците на социјалните медиуми“ да одлучуваат за исходот од германските избори, откако извршниот директор на „Х“, Илон Маск, постојано ја поддржуваше екстремно десничарската Алтернатива за Партијата на Германија (AфД).

Шолц изјави дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат „по кој пат ќе тргне Германија“, по изборите закажани за 23 февруари, пишува Гардијан.

-Тоа нема да биде одредено од сопствениците на социјалните мрежи, рече Шолц, додавајќи дека судбината на германското општество зависи од „огромното мнозинство разумни и пристојни луѓе“.

Њујорк- Шест лица се ранети во пукотница во продавница во Њујорк, меѓу кои и 12-годишно девојче и нејзината мајка, соопшти денеска полицијата.

„Жената беше застрелана во стомакот, додека напаѓачот кој ја држеше како штит не е повреден“, изјави началникот на њујоршката полиција Џон Чел.

Нема информации за состојбата на повредените, а Чел го опиша инцидентот како „дрзок и кукавички напад врз невините њујорчани“.

Лос Анџелес - Американската интернет-платформата за краткорочно изнајмување и сместување, „Ер-Би-Ен-Би (Airbnb) веќе неколку години користи вештачка интелигенција за да препознае и спречи потенцијално ризично или можно непријатно изнајмување за новогодишната ноќ и други поводи, пренесуваат западните медиуми. 

Платформата соопшти дека овие мерки се засновани на машинско учење, па така ги идентификуваат и блокираат резервациите за „домовите со висок ризик“. Технологијата, имено, ја зема предвид должината на патувањето, за колку денови се изнајмува просторијата, видот на рекламата, растојанието до местото и времето кога е направена резервацијата за да се утврди дали тоа претставува некаква опасност. Доколку се покаже дека огласот е со повисок ризик, или пак, лажен, платформата ја блокира резервацијата, или ги пренасочува корисниците на други места за сместување.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска повика на спроведување „проактивна макроекономска политика во 2025 година“, во изјавата дадена за време на новогодишниот дочек, објавија официјалните медиуми.

-Треба да ги продлабочиме реформите, да го развиеме отворањето на повисоко ниво, подобро да го координираме развојот и безбедноста и да спроведеме поактивни и ефективни макроекономски политики, рече Си, пренесе државната телевизија CCTV.

„Треба да се придржуваме до општите насоки за стабилност, а истовремено да бараме напредок и да го забрзаме воспоставувањето на нов развоен модел“, порача кинескиот претседател.

Тарава - Градовите ширум светот се подготвуваат да ја пречекаат Новата 2025 година со прослави кои ги истакнуваат локалните култури и традиции. Новата година прво пристигнува - напладне по средноевропско време - на малиот остров Лајн, што припаѓа на островската држава Кирибати во централниот дел на Тихиот Океан.

Тие острови се наоѓаат на иста географска должина како и Хавајските острови, така што 1-ви јануари треба да пристигне на двата архипелага во исто време, но Хаваите ќе мора да чекаат уште 26 часа за да пристигне Новата година, бидејќи од административни причини меѓународниот датумска граница го заобиколува Кирибати.

Остани поврзан