МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
30 декември 2024
Скопје - Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со макеоднската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри.
Како што пренесува БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.
- Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот, стои во соопштеието.
Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир. Министерството за транспорт и врски ќе разговара со Република Северна Македонија за текстот на договорот.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за најавените чекори што ќе ги преземе после празниците за разрешување на членовите на Судски совет, рече дека „овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“.
-Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, било кој процес што е спротивен на закон и Устав немаме намера да го водиме , па така ниту овој. Но не би се согласил врз основа на оние мислења кои јас ги имам исто така од оваа област и од уставните експерти, дека ова е противзаконски и противуставно, начинот на којшто е потребно да се побара одговорност, рече Мицкоски одговрајќи на новинарско прашање кои се чекорите за разрешување на членовите на Судски совет што ги најавил, со оглед дека дел од правните експерти истакнале дека тоа можеби е противуставно.
Мицкоски повтори дека тие имаат најниска доверба од граѓаните.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда.
- Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам - именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон, изјави денеска Мицкоски.
Според премиерот, најлесен начин да се докаже дали некој е виновен или не, е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата.
Куманово - Премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали полициските акции од викендот се спроведени во целост и дали се појавиле „кртови“ рече дека такво нешто ќе има уште некое време, но оти ќе бидат пронајдени и ќе одговараат.
-Кртови ќе се појавуваат уште некое време сè додека имаме рецидиви од седумгодишното управување со институциите на претходната Влада, претходната коалиција. Но, тие кртови ќе бидат пронајдени и извадени од дупките од коишто се кријат и како глувци ќе одговараат, изјави Мицкоски, по денешното отворање на комплетно реновираниот прв кат и на клиниката за психијатрија.
Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера потврди дека завчера било приведено едно службено лице со кое бил извршен службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање службена тајна“, во врска со полициските акции месецов.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, заедно со директорката на Клиниката за психијатрија Славица Арсова, денеска, свечено го отворија комплетно реновираниот дел од Универзитетската клиника за психијатрија.
Како што посочи Таравари, ова е втора Универзитетска клиника која што ја промовира оваа Влада, со услови подостоинствени отколку на приватните клиники во државата.
– За шест месец ова е втора Универзитетска клиника што ја промовираме со услови можеби подостоинствени за нашите пациенти, отколку на приватните клиники во државата. На Дигестивна хирургија бевме пред неколку месеци заедно, денеска сме на Клиниката за психијатрија. Условите се навистина многу добри и се надевам до крај на јануари ќе одиме заедно со вас новинарите да ги промовираме Ургентниот интернистички центар на токсикологија, којшто е при крај, и се надевам, Клиниката за урологија, која што ќе изгледа исто како Клиниката за дигестивна хирургија и Клиниката за психијатрија. Секогаш како Влада, па и како Министерството за здравство, пред сѐ и над сѐ, целта ни е достоинствени здравствени услуги за пациентите во јавните здравствени установи, рече Таравари.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека здравствениот систем, од пет до десет, би го оценил со осумка, и порача се дава максимумот за подобро и оти смета дека сепак се добиваат квалитетни здравствени услуги во јавното здравство.
Во врска со компресорските станици, одговори дека инсталациите се веќе поставени. Се работи интензивно со компанијата што работела, тоа треба да заврши некаде кон крајот на јануари.
- Практично, останат е само апаратот што треба да се постави и добро е тоа што сега ќе имаме бек. Практично новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно шест месеци додека се направат одјави, па се најде фирма, па повторно да се работи. Така да, ако се расипе новиот апарат после 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне веднаш да се вклучи, појасни министерот.
Операциите, рече, продолжуваат без никаков застој во полна пареа.
Скопје – Не верувам дека ЈЗУ Гинекологија Чаир набавува такви безбедносни камери кои што ќе снимаат аудио, доколку евентуално има, ќе размислуваме дополнително за следните чекори, рече министерот за здравство Арбен Таравари, во одговор на новинарско прашање денеска на свеченото отворање на реновираниот дел на Универзитетската клиника за психијатрија.
Според Таравари, информацијата доаѓа од некој медиум којшто има тенденции да прикаже дека Владата сака да прислушкува и гледа што се работи во Јавно здравствената установа.
– Јас не верувам дека ЈЗУ Гинекологија Чаир набавува такви апарати за прислушкување, треба да одите да разговарате со директорката. Тоа е некој медиум којшто има некакви тенденции да прикаже дека нас не интересира да прислушкуваме или да гледаме што се работи во Клиниката. Не верувам дека има такво нешто, доколку евентуално има, ќе размислуваме дополнително за следните чекори, рече Таравари.
Скопје – Од успехот на Новогодишната кошница ќе зависи дали Велигденската и Рамазанската кошница ќе одат со акции или, пак, со одлука за замрзнување на цените, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
-До 15 јануари, до кога трае Новогодишната кошница, ќе се знае дали ги постигнала очекуваните резултати или не. Оваа кошница ја направивме со акција, односно самите чинители одлучија да ги намалат цените на производите кои најмногу им се трошат за новогодишните празници, а ние само ги поддржавме. Доколку се покаже дека не ги исполнила очекувањата следните две кошници ќе ги донесеме со одлуки за замрзнување на цените, рече Дурмиши на денешната средба со новинарите.
За почетните малверзации со цените при спроведувањето на Новогодишната кошница подеднакво ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.
-На моето биро има готова изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи веднаш за само еден час од тоа ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка, рече Дурмиши.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска одговарајќи на новинарско прашање за случајот со приредбата на ученици со импровизирани пушки и униформи во Основното училиште „7 Март“ во Челопек, потенцираше дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ) донел заклучок директорот да преземе дисциплинска постапка кон наставничката, а препорака кон градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот, при што ќе отиде повторно да види што е направено. Таа најави спроведување на обуки за мултиетничност кон крајот на јануари.
- ДПИ постапи и мислам дека тоа не е наредба, туку е заклучок или решение. Директорот требаше да преземе дисциплинска постапка кон одредена наставничка, јас не знам која е, а исто така има и препорака за градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот. ДПИ ќе оди повторно да види што е направено. Овие процеси бараат време. Тие се со рокови по закон, рече Јаневска која денеска беше во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово.
Таа најави проект кој ќе се спроведува со ОБСЕ во повеќе училишта низ земјата. Станува збор за обука за мултиетничност, мултинационалност, за соработка и за соживот. Како што посочи, обуката ќе почне да се спроведува кон крајот на јануари.
Скопје - Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба се додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Албанската азбука која ја одобри поранешниот министер Јетон Шеќири е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, во одговор на новинарско прашање за обвинението на ДУИ дека е донесен закон со кој албанската азбука не може да се употребува во училиштата.
Јаневска рече дека дидактичките материјали остануваат во употреба, во моментот не се во план да донесат нова поинаква одлука.
-Ниту еден закон не важи ретроградно. Тоа ДУИ би требало многу добро да го знае, бидејќи имаат 20 годишно искуство. Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба се додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Министерот Јетон Шаќири заедно со Бирото за развој на образованието ја одобриле албанската азбука како помошен материјал. Тоа не е учебник. Надвор од оваа земја не знам што е. Во оваа земја е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави Јаневска која денеска беше во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово.
Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, оформи предмет и поведе постапка против осум лица поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Првоосомничен во предметот е поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој заедно со три службени лица од Бирото за јавни набавки и четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист од 622.981.190 денари.
Како што соопштуваат од ЈО, првиот осомничен објавил оглас за јавна набавка за изградба на инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. Два економски оператори доставиле понуди, од кои една компанија понудила повисока цена, но пократок рок за изведба и била избрана. Трите лица од Бирото за јавни набавки не ја извршиле својата должност за контрола на тендерската документација и доставиле записник со кој дозволиле постапката да продолжи, стои во соопштението од Обвинителството.
Скопје - Бројот на работниците во индустријата во ноември 2024 година, во однос на ноември лани, е помал за четири отсто. Во периодот јануари – ноември 2024 година, пак, во споредба со истиот период од 2023, бележи раст од 0.1 процент, соопшти Државниот завод за статистика.
Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи пораст од 4.9% и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1.1 %, додека опаѓање бележи во секторот Преработувачка индустрија за 4.7 %.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи пораст кај Енергија за 4.5 % и Tрајни производи за широка потрошувачка за 24.6 %, додека опаѓање бележи кај Капитални производи за 1.7%, Интермедијарни производи, освен енергија за 6.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8.2 %.
Скопје - Индустриското производство во ноември 2024 година, во однос на ноември лани, е помало 3.5 отсто. Во периодот јануари – ноември 2024 година, пак, во споредба со истиот период од 2023, индустриското прозводство е намалено за 3.8 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи опаѓање од 3.2 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 2.7 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 6.7 %.
Скопје - Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска очекува економски подобра 2025 година, во која инфлацијата би продолжила да се стабилизира, а растот би забрзал.
- Во годината што следува, нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму нашиот приоритет, бидејќи таа е клучен предуслов за повисок економски раст. Исто така, Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија. Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност. Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото, истакнува Ангеловска-Бежоска.
Скопје - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го утврдила првиот случај на родово заснована дискриминација врз работничка од приватниот сектор, поради нејзината намера да забремени преку ин витро оплодување.
Работничката, која две години работела за приватен работодавач, го информирала за својата планирана бременост и побарала боледување за ембриотрансфер. Работодавачот ѝ изрекол отказ без отказен рок додека таа користела годишен одмор, обвинувајќи ја за недоаѓање на работа и поради прекршување на работниот ред и дисциплина.
Белград - Владимир Кецмановиќ, татко на малолетникот кој на 3 мај 2023 година со пиштол усмрти девет ученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, и рани уште пет ученици и наставничка, е осуден на 14,5 години, а неговата мајка, Миљана Кечмановиќ на три години затвор. Инструкторот на стрелиште е осуден на 15 месеци затвор за давање лажно сведочење.
Судскиот процес од самиот почеток е затворен за јавноста, но пресудата е јавно објавена.
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, претходно побара судот да изрече максимална затворска казна. Тој во завршниот збор му предложи на судот Владимир Кецмановиќ да биде осуден на затворска казна од 14 години и 11 месеци за кривични дела – тешко дело против општата безбедност и запуштање и злоставување малолетно лице.
Тој предложи и единствена затворска казна од пет години и пет месеци за Миљана Кецмановиќ за сторени кривични дела – недозволено производство, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и запуштање и злоставување малолетно лице.
Брисел - Одлуката на Велика Британија да пристапи кон постапка за легализација на евтаназијата, одново го покрена прашањето за овозможување на „убиствата од милосрдие“ или „за потпомагање при самоубиство“ во ЕУ.
Во некои членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија и Шпанија, и сега постои законска можност за евтаназија под одредени услови. Сепак, најпозната по легализацијата на евтаназијата во Европа е Швајцарија, која овозможува законски потпомогнато самоубиство од 1942 година и една од најпопуларните дестинации за странците кои сакаат да пристапат до помош за да починат.
Законодавството прави разлика меѓу „евтаназија“ и „потпомогнато самоубиство“. При „евтаназија“, лекарот или помагачот му даваат на пациентот соодветен лек за намерно да му го прекинат живот, додека при „потпомогнато самоубиство“ на пациентот законски му се препишуваат смртоносни лекови кои мора да ги земе самиот за да се убие.
Виена - Швајцарија ќе претседава со Организацијата за безбедност и соработна во Европа (ОБСЕ) во 2026 година, соопшти денеска претседавачот со таа организација, вицепремиерот на Малта и министер за надворешни работи и туризам, Иан Борг.
Тој изрази уверување дека Швајцарија е способна ефикасно да ја води организацијата „со визија и одлучност“.
Соопштението следи по министерската одлука усвоена со консензус во последните денови од претседавањето со Малта, беше објавено на веб-страницата на ОБСЕ.
Киев - САД ќе и обезбедат на Украина 15 милијарди долари од профитот заснован на вложување во замрзнати руски средства, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.
Шмихал на Телеграм напиша дека релевантниот договор е потпишан од украинското Министерство за финансии и Светска банка.
Тој посочи дека средствата ќе бидат наменети за социјални и хуманитарни трошоци.
Москва - Во моментов нема предуслови за завршување на војната во Украина или која било од нејзините фази, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Русија е подготвена за преговори за решавање на ситуацијата во Украина.
Тој истакна дека преговорите треба да бидат насочени кон елиминирање на основните причини за кризата и да се земе предвид реалната состојба на теренот.
Лавров потсети дека рускиот пристап за решавање на конфликтот го претстави рускиот претседател Владимир Путин во јуни.
Според овие услови, Москва веднаш ќе го прекине огнот и ќе изрази подготвеност за преговори по повлекувањето на украинските војници од териториите кои се прогласени за нови региони на Русија.
Газа - Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа денеска соопшти дека во последните 24 часа во палестинската енклава, каде што војната против Израел трае повеќе од 14 месеци, загинале најмалку 27 лица.
Вкупниот број загинати во Газа од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година е 45.541, се наведува во соопштението.
Од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, најмалку 108.338 луѓе се ранети, се додава во соопштението.
Алма Ата - Комисијата за истрага на авионската несреќа на 25 декември во Казахстан, предводена од министерот за транспорт Марат Карабајев, соопшти дека Казахстан ќе ја испрати црната кутија од урнатиот азербејџански авион во Бразил, објави казахстанска новинска агенција.
Во согласност со Анекс 13 на Конвенцијата од Чикаго, државата што ја истражува авионската несреќа мора да обезбеди анализа на црните кутии и е одговорна за изборот на држава за читање и дешифрирање црни кутии.
Во 1992 г Казахстан ја ратификуваше конвенцијата. Земјата е исто така членка на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.