МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
31 декември 2024
Скопје - Милиони луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови или во семејна атмосфера во домовите ќе ја испратат 2024 и ќе ја пречекаат Новата 2025 година.
Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2025-та последен, 26 часа подоцна, ќе влезе американскиот Бејкеров Остров (1 јануари во 13 часот по македонско време).
Скопје - Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за правилна хидратација за време на празниците. Се препорачува водата да биде прв избор, да се избегнуваат слатките пијалаци и алкохолот.
- За време на празниците, луѓето се опуштаат во исхраната и пиењето. Меѓутоа, ова „опуштање“, за жал, не е „ајде, само денес“, туку трае околу триесет дена. Оваа година, Институтот за јавно здравје се фокусира на препораки за правилна хидратација за време на празниците, се наведува во соопштението, апелирајќи граѓаните да го преиспитаат нивниот пијалак.
Скопје - Најстудено утрово е во Берово каде што се измерени седум степени под нулата.
Како што соопшти УХМР, минусни температури во 8.30 часот се измерени и во Битола -5, -4 степени во Струмица, Тетово, Скопје-Петровец и Демир Капија, -3 во Кавадарци, Штип, Прилеп и Велес, -2 степена во Скопје-Зајчев Рид, Маврови Анови и Крива Паланка, -1 во Охрид и Претор.
На Попова Шапка и во Гевгелија 1 степен и 2 степена утрово се измерени во Крушево.
Скопје - Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата „Бистро-Матно“. И за декември поголемиот број се „матни“ од „бистри“ случаи.
Во барометарот на корупцијата за декември 2024 година во „матни“ настани се издвоени случаите на Артан Груби, поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети, кои го „спасувале“ Сашо Мијалков од затвор, ставањето од Американскиот Стејт Департмент на „црната листа“ на двајцата кои според соопштението на американското МНР, биле вмешани во „значителна корупција“.
Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје донело Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишен жител на Куманово, кој заедно со други засега непознати лица, во канал покрај локалниот пат меѓу селата Орланци и Никуштак криеле поголемо количество огнено оружје и муниција.
Државното Јавно обвинителство соопшти дека полицијата, на 18 декември, покрај коловозната лента до пластичен столб за светлосна сигнализација означен со лименка, пронашла пушкомитралез, десетина автоматски пушки, рамки и поголем број куршуми кои на граѓаните им се забранети и за чие поседување цивилните лица не можат да добијат дозвола.
Битола - Новогодишната програма „Зимска приказна“ организирана од Општина Битола продолжува со театарски претстави за деца, настап на фолклорни и рок групи од градот, а вечер ќе биде заокружена со дочек на новата година на платото од битолскиот Офицерски дом.
Според програмата, претпладне во старата битолска чаршија ќе бидат одиграни театарските претстави за деца „Снежна бајка“ и „Новогодишна ноќ“, а на платото пред Офицерски дом ќе бидат одиграни театарските претстави „Исчезнатиот Дедо Мраз“ и „Нововогодишна неизвесност“.
Скопје - СВР Скопје го расчистил случајот со оружјето кое беше пронајдено од негови полициски службеници на 18 декември на територија на општина Арачиново, информира Министерството за внатрешни работи.
-Покрај локален пат од село Орланци кон село Никуштак беа пронајдени девет автоматски пушки, еден пушкомитралез и поголема количина на муниција. По преземени соодветни мерки и активности и извршени вештачења во Одделот за форензички испитувања, утврдено е дека оружјето е на Х.С. (29) од Куманово, соопшти МВР.
Скопје – Музичката програма за испраќање на старата и пречекот на Новата 2025 година во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи.
„Празнична магија 2025“ на плоштадот „Македонија“ организира Град Скопје. Новогодишниот концерт ќе почне во 19.30 часот со настап на Сара Мејс. Од 20.30 часот ќе настапи групата „Љубојна“, а потоа и „Ареа“, од 22 часот, и „Нокаут“ од 23.30.
Под мотото „Скопска новогодишна приказна“, дочек организира и Општина Кисела Вода, на платото пред спортската сала „Расадник“.
На концертот, кој ќе почне во 20 часот, ќе настапат „Куку Леле“ „ДНК“, Врчак, Влатко Лозановски. Водител на вечерта ќе биде Игор Џамбазов, кој и ќе настапи со „Гуру Харе бенд“.
Њујорк - Климатските промени во 2024 година предизвикаа низа временски проблеми и рекордна топлина, објавија вчера Обединетите нации, повикувајќи го светот да престане да оди по патот на уништување.
Следната година ќе биде најтоплата досега забележана година, објави Метеоролошката агенција на ОН – СМО (WMO).
СМО предупредува дека , истовремено, емисиите на стакленички гасови соборуваат нови рекорди и дополнително предизвикуваат климатски промени.
Женева - Пет години откако беа регистрирани првите случаи на ново белодробно заболување во кинескиот град Вухан, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека се уште очекува целосна соработка од Пекинг за да се разјасни потеклото на пандемијата Ковид-19, јави ДПА.
„Ова е морален и научен императив. Продолжуваме да ја повикуваме Кина да сподели податоци и пристап за да можеме да го разбереме потеклото на Ковид-19. Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може да спречи и соодветно да се подготви за идни епидемии и пандемии, предупреди СЗО.
Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина и Русија секогаш оделе „рака под рака“ на вистинскиот пат, објави денеска кинеската агенција Ксинхуа, неколку месеци откако двете земји се согласија за „нова ера на стратешко партнерство“ за клучните прашања.
Двајцата лидери во мај се согласија да ги продлабочат билатералните односи и да соработуваат за прашања од заеднички интерес, како што се Тајван, Украина и заедничкиот ривал САД.
Руските медиуми, исто така, ја цитираат изјавата на рускиот амбасадор во Пекинг од минатиот петок дека Си ќе ја посети Русија во 2025 година.
Вашингтон - Американското Министерство за финансии денеска, во писмо упатено до членовите на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, соопшти дека на почетокот на декември биле цел на кибер напад, но дека доверливите документи не биле загрозени.
Како што се наведува во писмото, на удар на напаѓачите биле неколку работни места во министерството, за него бил користен софтверот на американската компанија Бијонд траст (BeyondTrust), а нападот, „според достапните индикации“, го извршил актер „чија финансиска поддршка е Кина“.
Киев – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го разреши Роман Машовац од функцијата заменикот на неговиот шеф на кабинет.
Во соопштението од Кабинетот на Зеленски се наведува дека Роман Машовц беше назначен на функцијата заменик шеф на кабинет на претседателот на Украина на 22 февруари 2020 година, пренесува Укринформ.
Освен Машовац, Зеленски ги разреши и шефовите на регионалните државни администрации на Киев и Полтава.
Тел Авив - Палестински Хамас делумно го отфрли списокот на заложници на кои Израел инсистира да бидат ослободени во првата фаза од каков било договор за прекин на огнот, објави денеска израелскиот јавен радиодифузер Кан, цитирајќи неименуван палестински извор.
Тајмс оф Израел пренесува дека Хамас наводно е подготвен да ослободи 22 од 34-те заложници на списокот, но одбива да ги ослободи останатите 12. Наместо тоа, се додава, групата понудила да ослободи 22 живи заложници и да предаде 12 тела за време на првата фаза од договорот.
Пјонгјанг - Во писмото до рускиот претседател Владимир Путин испратено вчера, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе го зајакне сеопфатното стратешко партнерство со Русија, јави севернокорејска агенција КЦНА.
Во писмото, Ким Џонг-ун им ја честиташе Новата година на Владимир Путин и на сите Руси, вклучително и нивните војници и ја изрази својата подготвеност за дополнително зајакнување на билатералните врски, кои, како што рече, двајцата лидери го поставиле на највисоко ниво оваа година со нови проекти, пренесе КЦНА.
Њујорк - Амбасадорот на Израел во Обединетите нации Дени Данон вчера издаде „последно предупредување“ до проиранските Хути во Јемен да ги запрат нивните ракетни напади врз Израел, велејќи дека им се заканува истата „бедна судбина“ како Хамас, Хезболах и сирискиот претседател Башар ал Асад.
Амбасадорот, исто така, го предупреди Техеран дека Израел може да ја нападне која било цел на Блискиот Исток, вклучително и Иран. Тој додаде дека Израел нема да толерира напади од ирански посредници.
Сеул - Јужнокорејски суд денеска го одобри налогот за апсење на претседателот Јун Сук Јеол, кој беше отповикан и суспендиран поради неговата одлука да воведе вонредна состојба на 3 декември, објави агенцијата Јонхап.
Канцеларијата за истраги за корупција (ЦИО), која го истражува Јун за неочекуваното воведување на воена состојба, потврди дека Окружниот суд во Сеул го одобрил налогот за апсење.
ЦИО не ги коментираше причините на судот за одобрување на наредбата за апсење, а самиот суд одби да коментира.
Сеул - Северна Кореја започна со изградба на фрегата тешка 4.000 тони опремена со вертикален систем за лансирање како дел од надградбата на нејзиниот нуклеарен и ракетен арсенал, тврди војската на Јужна Кореја.
Соопштението на јужнокорејската војска дојде еден ден откако државните медиуми во Пјонгјанг објавија фотографии од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун во посета на бродоградилиште каде се гради нов воен брод.