МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
30 декември 2024
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе присуствуваат на пуштањето на целосно реновираниот прв кат на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.
На комплетно реновираниот прв кат е поставена нова фасада, нов покрив и нова фасадна столарија со што значително се подобрува енергетската ефикасност на Клиниката, се намалуваат загубите на топлинска енергија. Со тоа ќе има заштеда на електрична енергија, средства кои повторно остануваат во здравствениот систем во интерес на пациентите.
Првата фаза од проектот е финансирана преку Светска банка во соработка со Министерство за финансии во делот на подобрување на енергетската ефикасност реализирана минатата година, по што Министерството за здравство се вклучи во делот на внатрешно реновирање, односно комплетно е реновиран првиот кат, каде има и посебно адаптирана болничка соба за лица со хендикеп.
Скопје - Вчера се извршени 10 претреси кај 10 лица, од кои седум се во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола, по што ќе биде поднесена кривична пријава против 12 лица македонски државјани и 1 странец, за 45 кривични дела поврзани со криумчарење луксузни возила и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба.
МВР денеска соопшти дека врз основа на воспоставена криминалистичка контрола од страна на СВР Скопје- ЕВР Ѓорче Петров, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, СВР Битола, ОВР Гевгелија и ОВР Неготино, а по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, по изврешените претреси од слобода се лишени шест лица: К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. За И.А., Д.М. и Ф.С. од Скопје и А.Т. од Неготино се преземаат мерки и активности за пронаоѓање.
Скопје - Претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова смета дека основните училишта се вистински расадник на млади таленти, каде што децата имаат можност да го развиваат спортот, кој е од суштинско значење за националниот спортски развој. Според неа, атлетиката, како основа за сите спортови, игра клучна улога во овој процес. Таа вели дека секое дете треба најпрво да научи да трча и да скока, развивајќи техника и координација, пред да се насочи кон специфичен спорт.
Во интервјуто за МИА, Војнеска-Зикова вели дека кај нас се случува обратното.
-Кај нас се случува обратно. Кај нас детето оди прво на фудбал, на кошарка, и потоа не знае да трча и на 12 години ќе го вратат во атлетика каде што треба да најде кондиционен тренер или некој да го коригира, а тоа се веќе автоматизирани движења кои навистина се тешки да се коригираат, вели таа.
Дополнува дека не случајно системите на развиените земји се уредени на тој начин што базичните спортови, особено атлетиката, е посебен предмет во основното образование.
Скопје - Одбројувањето 200 дена до Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 што ќе се одржи од 20 до 26 јуни следната година започнува, означувајќи ново поглавје во подготовките за еден од најголемите мулти-спортски настани во Северна Македонија.
Скопје и Куманово ќе бидат домаќини на повеќе од 4.000 учесници од 48 земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови, меѓу кои се атлетика, кошарка, одбојка, ракомет, пливање, џудо и баскет 3×3.
ЕМОФ има за цел да ги обедини најдобрите млади спортисти од Европа, овозможувајќи им да ги покажат своите таленти на највисоко ниво.
Белград – Суд во Белград денеска се очекува да ја соопшти пресудата против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на детето кое на 3 мај 2023 година со пиштол усмрти девет ученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, и рани уште пет ученици и наставничка.
Судот ќе донесе првостепена пресуда на која одбраната и обвинителството ќе имаат право на жалба до Апелациски суд.
Судскиот процес од самиот почеток е затворен за јавноста, но пресудата ќе биде јавно објавена.
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара судот да изрече максимална затворска казна. Тој во завршниот збор му предложи на судот Владимир Кецмановиќ да биде осуден на затворска казна од 14 години и 11 месеци за кривични дела – тешко дело против општата безбедност и запуштање и злоставување малолетно лице.
Атина – Едно лице го загуби животот во пожарот што рано утрово избувна во хотел во грчкиот град Калабака кај Метеора, а неофицијално најмалку осуммина биле пренесени во болница со проблеми со дишењето, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарната служба на Грција интервенира со 26 пожарникари, осум возила и специјално возило со скала, а во тек е евакуација на околу 25 посетители на малиот хотел, додека според првичните информации во локалните медиуми, животот го загубил сопствениот.
Причините за пожарот, засега се непознати.
Загреб - Шефот на ХДЗ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа зборуваше во изборниот штаб на претседателскиот кандидат Драган Приморац, но не од говорницата, тврдејќи дека разликата од 30 проценти во поддршката во корист на актуелниот претседател Зоран Милановиќ не е непремостлива.
„Мило ми е што нашиот кандидат влезе во вториот круг. Од утре има нова игра, нови две недели. Веруваме во победнички резултат за две недели. Милановиќ нема програма. Преовладувааше медиумската теза дека сите јајца не треба да бидат во ист кош. Ги потсетувам сите граѓани на достигнувањата што ги постигна владата - сето тоа го направи владата, а не Милановиќ. Не сакаме да не влечат кон Русија, сакаме Хрватска да тргне во вистинската насока“, рече Пленковиќ.
Загреб - Актуелниот претседател и претседателски кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, синоќа во Загреб изјави дека ќе се бори за Хрватска со став што ќе ги земе предвид неговите интереси.
„Ќе се борам за владеење на правото, против узурпација и насилство од страна на властите врз човековата природа, имотот и човечкото достоинство. Во Хрватска во последните години имаше премногу такво насилство. Секој што мисли така и проближно, ќе биде мој пријател, а јас ќе се потрудам никој да не ми биде непријател“.
Според нецелосните изборни резултати врз основа на обработени 99,88 отсто од избирачките места, Милановиќ освои 49,10 отсто од гласовите, што е недоволно за победа во првиот круг, за што му беше потребна поддршка од најмалку 50 отсто од гласовите.
Братислава – Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак вчера изјави дека Украина можеби ќе мора да отстапи дел од својата територија за да постигне мир.
Во изјава за телевизијата ТА3, Калинак го опиша ова како реалност на ситуацијата. Тој рече дека во интерес на Словачка е војната во Украина да заврши што е можно поскоро и се заложи за преговори и прекин на огнот.
- Украина веројатно не е свесна дека никогаш нема да биде лоцирана меѓу Германија и Швајцарија, но секогаш ќе ја дели својата најдолга граница со Русија, рече тој.
Калинак истакна дека Русија го прекршила меѓународното право со својата инвазија, која почна во февруари 2022 година, додавајќи дека нема сомнеж кој е агресорот.
Братислава – Словачкиот премиер Роберт Фицо во отворено писмо до раководството на Европската унија изјави дека премолченото прифаќање на одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го запре транзитот на гас од Русија од 1 јануари е „апсолутно ирационално и погрешно“ и ќе доведе до „тензии и реципрочни мерки“.
Фицо ги замоли претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, „да ѝ дадат соодветно внимание и итно значење на оваа невидена ситуација“ во име не само на Словачка, туку и на целата ЕУ, пренесува словачкиот портал Стандард.
- Убеден сум дека во интерес на сите граѓани на Европската унија е европските напори за поддршка на Украина да бидат рационални, а не во форма на самоуништувачки и крајно штетни гестови за Европа, нагласи претседателот на Словачка влада.
Како што потсети, украинскиот лидер Володимир Зеленски без отворена консултација со властите на Европската унија или заинтересираните земји-членки најави дека по 1 јануари 2025 година, Украина нема да обезбеди никаков транзит на гас преку нејзината територија во правец на Словачка и за други корисници во Западна Европа.
Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека очекува САД денеска да објават одлука за нов пакет значителни количини воена помош за неговата држава.
- Знам дека се подготвува важна американска одлука за поддршка на Украина. Очекуваме официјално соопштение уште утре: значителни пакети поддршка за нашите војници, како за време на годините на војна за заштита на Украина, рече Зеленски во видео порака.
- Колку е посеопфатно снабдувањето партнерите, толку повеќе животи на нашите млади луѓе ќе се спасат, додаде Зеленски.
Според него, продолжува работата на тоа да се обезбеди другите партнери на Украина да ја задржат поддршката на потребното ниво.
Брисел - Европската унија предупреди на руската таканаречена „флота во сенка“ и вети дека ќе преземе посилни мерки по наводната саботажа на подводниот енергетски кабел во близина на брегот на Финска.
ЕУ „ќе преземе посилни чекори за да се спротивстави на ризиците од тие бродови“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас за весникот „Ди Велт“ во интервју објавено денеска.
„Руската „флота во сенка“ ја загрозува животната средина и го финансира рускиот воен буџет“, рече Калас, додавајќи дека бродовите се осомничени за извршени акти на саботажа.
Подводниот кабел за напојување Естлинк 2 меѓу Естонија и Финска беше отсечен во средата, за што финските власти се сомневаат дека може да биде чин на саботажа. Тие го задржаа нафтениот танкер „Игл С“ под знамето на Куковите Острови, чие сидро се верува дека оштетило кабел.
Париз - Французинот осуден дека ја дрогирал и силувал својата сопруга и дека повикал најмалку 50, а можеби и повеќе од 80 мажи во домот на парот за да ја силуваат речиси 200 пати додека била во бессознание, нема да поднесе жалба на неговата пресуда, изјави неговиот адвокат.
Доминик Пелико (72) беше осуден на затворска казна од 20 години претходно овој месец по судењето што ја згрози Франција и пошироко, додека 50 сообвинети беа исто така осудени и изречени различни казни.
„Доминик Пелико донесе одлука да не поднесе жалба на пресудата“, изјави адвокатката Беатрис Заваро за француски медиуми.
Вашингтон - Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден објави дека државниот погреб на поранешниот претседател Џими Картер ќе биде на 9 јануари во Вашингтон.
Бајден го прогласи 9 јануари за национален ден на жалост низ САД и нареди американските знамиња да бидат на половина копје 30 дена.
Џими Картер, 39-тиот претседател на САД и добитник на Нобеловата награда за мир, почина синоќа на 101-годишна возраст во својот дом во Плејнс, Џорџија, објави неговиот син Џејмс Е. Картер Трети.
„Денес Америка и светот изгубија извонреден лидер, државник и хуманитарец. Повеќе од шест децении ја имавме честа да го наречеме Џими Картер драг пријател. Но, она што е извонредно за Џими Картер е тоа што милиони луѓе во САД и ширум светот кои никогаш не го запознале, исто така го сметале за драг пријател“, наведоа во соопштение американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.
Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден го прогласи 9 јануари за национален ден на жалост за Џими Картер, повикувајќи ги Американците да ги посетат нивните места за богослужба за да му „оддадат почит“ на починатиот американски лидер.
„Го повикувам американскиот народ да се соберат на тој ден во нивните соодветни места за богослужба, таму да му оддадат почит на споменот на претседателот Џејмс Ерл Картер помладиот“, наведе Бајден во прогласот на Белата куќа.
„Ги поканувам луѓето од светот кои ја делат нашата тага да ни се придружат“.
Кабул - Врховниот лидер на талибанците издаде наредба со којашто се забранува изградба на прозорци во станбените згради со поглед на областите што ги користат Авганистанките. Во случај да постојат такви прозорци, пак, на сопствениците ќе им се наложи да подигнат ѕид или да го блокираат погледот „за да не ги вознемируваат соседите“, се наведува во декретот.
„Новите згради не треба да имаат прозорци што овозможуваат да се види дворот, кујната, бунарот на соседот и другите области коишто најчесто ги користат жените. Гледањето жени кои работат во кујната, дворот или земаат вода од бунарот може да доведе до несоодветни постапки“, соопшти Владата, преку објава од својот гласноговорник Забихула Муџахид на мрежата „X“.
Манила - Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди областа Лузон на Филипините, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Според соопштението, земјотресот е регистриран на длабочина од 45 километри.
Филипинската сеизмолошка агенција соопшти дека засега нема информации за материјална штета, но дека се можни последователни потреси поради плиткиот земјотрес.
Адис Абеба - Најмалку 70 луѓе загинаа во Етиопија откако преполн автобус падна во река, соопштија властите во јужниот регион Сидама.
Трагедијата се случила во областа Бона.
„Преживеаните добиваат медицинска помош во централната болница во Бона“, се вели во соопштението.
Етиопската државна телевизија објави дека луѓето во автобусот патувале на свадба.
Во 2018 година, 38 лица загинаа во таа држава, повеќето студенти, откако автобус падна во провалија.
Бангкок – Пожар избувна во хотел во близина на улицата Као Сан во Бангкок, популарна туристичка дестинација, при што загинаа тројца странци, а неколку други беа повредени, соопшти денеска тајландската полиција.
Трите лица кои загинаа во синоќешниот пожар се странски туристи, изјави претставник на полицијата. Едно лице е пронајдено мртво на лице место, а две починале на пат кон болница.
Пожарот избувнал на петтиот кат во шесткатниот хотел „Ембер“, соопшти полицијата.
Пожарот е изгаснат, а причината се истражува.
Сеул - Јужнокорејски тим задолжен за истрага на сменетиот претседател Јун Сук-Јол од функцијата со парламентарно отповикување, поради неговото прогласување воена состојба претходно овој месец, побара налог за негово апсење.
Јун не се појави на сослушување во полицијата и Одделот за истраги за корупција на високи функционери, кои спроведуваат заедничка истрага за тоа дали воената состојба прогласена на 3 декември може да се смета за бунт.
За првпат во историјата на Јужна Кореја е побаран налог за апсење на актуелен претседател на земјата. Судот мора да одлучи дали ќе издаде налог за апсење по барањето. Бунтот е едно од ретките злосторства за кои претседателот на Јужна Кореја нема имунитет.
Уставниот суд на Јужна Кореја моментално одлучува дали да го врати на функцијата Јун Сеок-Јол или трајно да го смени. Институцијата има рок од 180 дена да донесе одлука.
Сеул – Јужнокорејската влада денеска соопшти дека наредила безбедносна проверка на сите авиони Боинг 737-800 со кои управуваат домашните авиокомпании, по несреќата во неделата во која учествуваше тој модел на авион на јужнокорејската авиокомпанија Чеџу Ер во која загинаа 179 луѓе.
Официјален претставник на Министерството за транспорт на Јужна Кореја рече дека Министерството конкретно планира да спроведе ригорозни безбедносни мерки за инспекција на Чеџу Ер по повторените проблеми со неговата опрема за слетување.
Официјалниот претставник рече дека американскиот Национален одбор за безбедност на транспортот, претставници на Боинг и производителот на мотори CFM International, исто така, ќе учествуваат во истрагата за несреќата.
Лондон - Пушачите добија уште една причина да се откажат од својата навика во Новата година, бидејќи најново истражување спроведено во Велика Британија покажа дека мажите губат 17 минути од животот со секоја испушена цигара, а жените - 22 минути.
Ова е повеќе од претходните проценки коишто посочуваат дека секоја цигара го скратува животот на пушачот за 11 минути. Проценките на стручњаци укажуваат дека секоја цигара во просек води до 20 минути загуба на живот кај двата пола, и се засновани на најновите податоци од долгорочни испитувања. Истражувањето е нарачано од британското Министерство за здравје и благосостојба.
Имено, истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон велат дека штетата предизвикана од пушењето е „кумулативна“ и колку побрзо лицето престане да пуши, толку подолго живее.
Доколку пушач кој пуши 10 цигари дневно, се откаже од 1. до 8 јануари, би можел „да спречат губиток на цел ден од животот“, според наводите.