МИА Општински пул
- 30 декември 2024
30 декември 2024
Дојран - Дојран се полни за новогодишните и божиќните празници. Хотелските капацитети се исполнети, а покрај домашните ќе има и туристи од соседните земји кои одлучиле празниците да ги поминат на брегот на Дојранското Езеро.
Според информациите од Општината, полни се и капацитетите за приватно сместување, односно викендичките и куќите за одмор кои ги користат граѓаните од други градови од државата.
-Има интерес за Дојран и во зима и тоа посебно не радува. Хотелските капацитети и кафаните се исполнети, има поголем број домашни, но и странски туристи, велат од Општина Дојран.
Инаку, за новогодишно-божиќните празници метереолозите за Дојран прогнозираат пријатно и релативно топло време, а голем дел од туристите го споија изминатиот викенд со претстојните празници.
Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат добиените резултати од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, се наведува во денеска објавениот од ЈП Водовод и канализација – Скопје неделен извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење.
- Секторот за санитарна контрола во периодот од 23.12.2024 до 27.12.2024 зема 192 примероци за физичко-хемиска и 192 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), соопштија од ЈП Водовод и канализација – Скопје
Скопје – Општина Центар денеска официјално ќе го означи завршувањето на градежните работи во новата детска градинка „Пролет“ во истоимената населба.
По тој повод, како што информираат од Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со Дедо Мраз и 100 дечиња од градинката „Корчагин“ ќе направат свечена прошетка низ новиот простор.
Крива Паланка - На градскиот плоштад во Крива Паланка синоќа одекнаа звуците на македонските евергрини во интерпретација на Наде Талевска и Ристо Самарџиев, заедно со Национална установа Камерен оркестар на Битола во рамки на програмата на манифестацијата "Новогодишен базар 2024"
Публиката уживаше во речиси двочасовната програма со познатите рефрени од репертоарот и на Самарџиев и Талевска што донесоа вистинска празнична атмосфера која во центарот на Крива Паланка владее веќе четири дена со богатата и разновидна културна програма за сите генерации.
Претходно, на плоштадот настапија Сара Мејс и девојките, со најубавите божиќни песни, а за најмладите беа задолжени Ѓурчиновски, Панто Мето и Ди- Џеј Боно.
Ден порано, на вечерната програма концерт, втор по ред годинава, во градот на културата, одржа поп дивата Калиопи, која воедно доби и роденденски подарок од страна на градоначалникот Сашко Митовски.
Велес - Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против три лица поради сомнение дека сториле кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од ОЈО Велес, тројцата соизвршители, на 27 декември, во близина на местото викано Ветерско кај поранешни лозја на Агрокомбинатот „Лозар” – Велес, со употреба на сила и сериозна закана спречиле три службени лица, припадници на шумската полиција, во вршење на нивните службени задачи.
Шумските полицајци ги затекнале тројцата осомничени со нивното возило со приколка во кое товареле нелегално пресечени дрва. Се обиделе да ги одземат дрвата и да ги приведат сторителите, но осомничените ги нападнале физички со нож. На двајца им нанеле телесни повреди, а на третиот припадник на шумската полиција му се заканиле, ставајќи му моторна пила под вратот.
За двајца осомничени надлежниот јавен обвинител до судот во Велес достави предлог за определување мерка притвор, а за еден побара мерки на претпазливост.
Скопје - Поради уличен дефект, без вода утрово од 09:20 часот се корисниците од ул. 6 и дел од ул.7 во село Батинци, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектот.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 23.12. до 29.12.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 142 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците.