• недела, 02 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Како министер за внатрешни работи, но пред сè како човек и како татко, не можам, а да не ја споделам вознемиреноста и револтот што деновиве го чувствуваме сите. Фросина Кулакова, млада девојка со светла иднина, повеќе ја нема, затоа што нејзиниот живот беше одземен од некој што никогаш не смеел да биде зад воланот. Ова не е само несреќа, ова е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите, пишува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со смртта на девојката која почина откако во неа удри автомобил управуван од 20-годишно момче кое имало криминално досие.

Според Тошковски, јавноста со право прашува, како е можно лице кое е криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот? Ова, вели, не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.

Скопје -  Мерка притвор во траење од 30 дена му е одредена на 20-годишниот Васил Јованов кој во средата вечерта на булеварот „Партизански одреди“ удри со автомобил во 22-годишната Фросина Кулакова, која почина на самото место.

-Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во која едно лице го загуби животот, ја информираме јавноста дека Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден, по произнесување на Јавниот обвинител и осомничениот В.Ј., го прифати предлогот и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. Ст.1. т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото, информираа денеска од Основен кривичен суд Скопје.

Скопје - Владата останува на ставот синдикатите и работодавачите да се договорат околу минималната плата за која, според најавите, ќе се разговара во понеделник на седницата на Економско-социјалниот совет. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска го потвори ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека како Влада ќе го следат процесот и дека ќе го прифатат она што ќе го договорат синдикати и работодавачите. 

-Минималната плата ќе ја разговараат синдикатите и работодавачите. Ние ќе го следиме процесот и што ќе се договорат меѓу себе, ние ќе го прифатиме затоа што во изминатиот период, врз база на направените анализи, констатиравме дека минималната плата, како компонентна која влијае на платите во државните институции, опфаќа многу мал број на државни службеници, околу 14.000 службеници, а сите останати не се поврзани со компонентната минимална плата, изјави денеска Димитриеска-Кочоска.

Скопје - Во Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) на УКИМ денеска ќе беше отворен ЕДИХ - прв европски дигитален иновациски хаб во државава. 

ЕДИХ ќе им помага на компаниите во дигиталната трансформација, поттикнувајќи на иновации, зголемена продуктивност, полесно справување со предизвици, пристап до ЕУ-финансирање. Компаниите може да го користат хабот за да добијат неопходни информации, експертиза, инфраструктура и директна поддршка во реализација на нивните иновативни бизнис-идеи, а до иновацискиот хаб ќе може да се обратат и институции од јавниот сектор за да обезбедат поефикасна и потранспарентна испорака на услуги кон граѓаните.

Скопје - Парите од унгарскиот заем наменети за компаниите не може да се користат за рефинансирање. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека тоа е јасно пропишано во договорите потпишани со Развојната банка која денеска ги потпишала и рамковните договори со комерцијалните банки.

Државата ќе добие информација од кои сектори се финансирани проекти, но ризикот ќе биде кај банките кои сами ќе одлучат кои проекти ќе ги финансираат. 

- Државата може да добие само информација која компанија од која индустрија добила со цел да направиме анализа од кои сектори во иднина може да очекуваме  дека ќе дадат позитивни резултати на целокупната економија.Ризикот е кај банките, тие одлучуваат на кого ќе дадат кредит и дали тие компании имаат издржани планови, државата не презема ризик. Во тој дел државата не може, ниту има право да се меша, изјави денеска Димитриеска-Кочоска.

Скопје– По повиците на социјалните мрежи, денеска дел од граѓаните во Скопје одлучија да не пазаруваат во маркетите поради високите цени на прехранбените производи.

Во анкетата што ја направи МИА, мнозинството граѓани изјавија дека нема да влезат во маркетите додека трае бојкотот. Тие се согласни дека цените на производите се превисоки за ниските примања и веруваат дека бојкотот ќе придонесе за подобрување на ситуацијата.

Во обиколката низ маркетите и разговор со вработените утрово забележавме дека готовата храна, за разлика од другите денови, помалку се троши, а бројот на купувачи е намален. 

Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а вакви акции се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата, додека надлежните институции најавија ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве неколкупати искажа разбирање за бојкотот и најави засилени контроли и казни за трговците кои го изигруваат законот и мерки за заштита на животниот стандард.

Скопје - Топлинската енергија за дел од домаќинствата во град Скопје од 1 февруари поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Како што истакна Бислимоски, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО во последниот квартал од 2024 година кое наместо 60 отсто учествувало со 51,9 отсто во производството на топлинска енергија. Цената за производство на топлинска енергија на ТЕ-ТО е за 35 отсто пониска отколку цената на топланите, а ТЕ-ТО не работело доволно зашто цената на природниот гас не му одговарала за производство на струја како примарен производ. 

Скопје - Македонскиот извоз се соочува со сериозни проблеми. За негово зголемување, покрај инвестициите во нови производни погони што ќе се реализираат со заемот од Унгарија, неопходни се и реформи во јавната администрација. На компаниите им треба побрзо издавање градежни дозволи, побрз урбанизам, побрзо конектирање кон инфраструктурни приклучоци, гас, струја,... За дел од инвестициите мора да се ангажираат странски експерти па оттука се клучни и визната политика, работните дозволи,..., му порача бизнисот на премиерот Христијан Мицкоски.

Како што беше истакнато денеска во Стопанската комора, растот на извозот изминатите 10-15 години што се движи меѓу 7 и 10 проценти, не придонесе за позначително зголемување на БДП и на економијата, а една од клучните причина за тоа е ниската додадена вредност.

Според претседателот на Комората Бранко Азески, македонските производи треба да стигнат до сите земји во светот, тоа треба да биде целта. Извозот е единствената шанса за македонската економија и преку него треба да се создаде додадена вредност. 

Белград – Студенти, средношколци и граѓани со 15-минутни блокади на патиштата на повеќе локации низ Србија и денеска им оддадоа почит на загинатите во несреќата на реконструираната железничка станица во Нови Сад.

Во Белград, во 11:52 часот, неколку стотини средношколци ја блокираа раскрсницата на улиците Крал Милан и Кнез Милош кај „Лондон“, јави репортерот на агенцијата Бета.

Тие носеа голем транспарент „Слобода“ и крвави отпечатоци од раце, како и транспаренти на кои пишуваше „Излези мала“, „Секој остава отпечаток од свој прст“ со имињата на жртвите од несреќата во Нови Сад и масовното убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ во мај 2023 година.

Софија - Министерот за одбрана Атанас Запријанов ќе присуствува на церемонијата на официјалното предавање на првиот авион Ф-16 блок 70 од бугарско производство, што ќе се одржи во производствената база на производителот Локхид Мартин во Гринвил, Јужна Каролина, САД. Ова го соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за одбрана.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Женева - Неколку кантони во западна Швајцарија предупредија на опасностите од „Парацетамол предизвикот“ што младите се почесто го изведуваат на социјалната мрежа ТикТок.

Како дел од „предизвикот“, млади и деца се предизвикуваат меѓусебно да земат високи дози од аналгетикот парацетамол, често со фатални последици, јави Свисинфо.

Здравствените власти во кантоните Фрибург, Јура и Вауд предупредија на ризиците од оваа практика и ги повикаа аптеките да бидат повнимателни кога го продаваат лекот на младите луѓе. 

Копенхаген - Министерот за надворешни работи на Данска Ларс Локе Расмусен денеска изјави дека неговата земја била сериозна кога порача дека Гренланд не е на продажба, откако американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека намерата на претседателот на САД, Доналд Трамп, да го купи Гренланд „не е шега“.

Трамп изјави дека автономната територија на Данска би можела да стане дел од САД, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена и економска сила за да го натера Копенхаген да прифати.

Рубио нагласи дека припојувањето на Гренланд е стратешки национален интерес на САД.

- Ова не е шега. Не се работи за освојување територија заради освојување. Тоа е наш национален интерес и мора да биде решен, рече Рубио.

Брисел - Еврокомесарот за внатрешни работи и миграцијата Магнус Брунер работи на подготовка на нова директива за враќање на мигрантите и на нова стратегија за визите, потврди денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт. 

- Што се однесува до нивната содржината, останува да се почека, изјави Ламерт. 

Во тој контекст, заменикот главен портпарол на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер, објасни дека  принцип на ЕК е да не соопштува детали за некои предлози, се додека тие не бидат официјално објавени. 

Брисел - ЕУ е секогаш посветена на меѓународното право и на принципот дека границите мора да се почитуваат без разлика на големината или моќта на една нација, истакна денеска портпаролката на Европската комисија за надворешна работи и безбедносна политика Анита Хипер во одговор на прашање за коментар на изјава на државниот секретар на САД, Марко Рубио дека американскиот претседател Доналд Трамп „не се шегува“ кога говори за данскиот остров Гренланд.  

- За иднината на Гренланд одлучуваат луѓето што живеат таму. Ние го поддржуваме Гренланд во постигнувањето на неговите цели за безбедност и за развој, изјави Хипер. 

Таа додаде дека во исто време ЕУ останува подготвена да работи заедно со САД, во тесна соработка со Данска, за да се осигура безбедноста во регионот на Арктикот. 

Москва – Руските власти денеска ја обвинија Украина за убиство на 22 цивили во руско село окупирано од украинските сили, што е последното обвинение против Киев.

Украина ја презеде контролата врз десетици погранични градови во областа Курск во западна Русија откако почна ненадејна офанзива таму во август минатата година.

Украинските власти тврдат дека околу 2.000 цивили сè уште живеат во областите што ги зазеле.

Руската армија почна да ја одбива офанзивата и повторно зазеде неколку локации.

Техеран - Министерот за надворешни работи на Иран Абас Аракчи изрази силна поддршка за палестинскиот народ и му честиташе за „победата“ во Појасот Газа.

Во интервју за „Ал Џазира“, Аракчи изјави дека операцијата на палестинската милитантна група Хамас на југот на Израел на 7 октомври 2023 година „ја оживеала палестинската кауза“ и ја претворила во приоритет на регионално и глобално ниво.

Тој потврди дека Иран е подготвен да им помогне на Палестинците во Газа, пренесе иранската новинска агенција ИРНА.

Остани поврзан