• недела, 02 февруари 2025
МИА Општински пул

31 јануари 2025 

Куманово - Во тек е изградбата на СОУ Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

-Заврши втората фаза на градежните работи од објектот на СОУ Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, кои се одвиваат согласно предвидената временска рамка, динамика и според зацртаниот план. Во училишниот центар ќе се изведува настава на албански јазик за ученици од матичната Гимназија и албански паралелки од ОСТУ “Наце Буѓони” – Куманово. Проектот е во реализација на Министерството за образование и наука на Р. Македонија, со поддршка на Општина Куманово, вели Димитриевски.

Над 300 милиони денари ќе чини изградбата на објектот наменет за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ соопштија претходно од Министерството за образование и наука. Оттаму информираат дека објектот ќе има четири нивоа и ќе зафаќа површина од 7.400 метри квадратни.

- Во тек се активности за изградба на новиот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Станува збор за  инвестиција на МОН во вредност од околу 317 милиони денари. Училиштето ќе биде сместено во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње. Ќе има четири нивоа и површина од 7.400 метри квадратни, како и спортски терен и паркинг простор. Новиот, современ објект ќе има просторни можности за 1.200 ученици, информираа од МОН.

Битола - Културен и информативен центар-Битола почна со подготовките на четвртото издание на фестивалот на битолска серенада „Ех таа серенада“ кој се одржува во рамки на манифестацијата „БитФест“.

Организаторот денеска објави јавен конкурс кој ќе биде отворен до 1 април, до кога се очекува понуда, а потоа и избор на 20 нови композиции кои треба де се во согласност со досегашните принципи на компонирање на музика и пишување на текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз.
-Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма. Музичките дела ги очекуваме како демо снимка во mp3 формат, аплициран текст, или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди. Изборот на композициите при селектирањето и избор на делата има комисија назначена од КИЦ Битола, соопштија организаторите на фестивалот.

Избраните музички дела ќе бидат хонорирани со 10.000 денари за текст, 10.000 денари за музика и 10.000 денари аранжман, а изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари.

Неготино - Млад неготинец се здобил со тешки телесни повредни на работно место, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Вчера во 14:55 часот во ОВР - Неготино било пријавено дека во кругот на фабрика во село Дуброво, неготинско, со работна машина - вилушкар, управувана од З.Б., на возраст од 51 година од Неготино, бил удрен вработениот Б.И., на 26-годишна возраст. Притоа, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци, појаснуваат од СВР - Велес.

Увид извршила увидна екипа од ОВР - Неготино.

Куманово - Три измами за наводни сообраќајни несреќи на кои мета биле повозрасни кумановци се случиле вчера во Куманово, соопшти денеска кумановската полиција. На измамата подлегнале две лица кои дале 2. 500 евра о 100.000 денари. Едниот од кумановците се посомневал и пријавил во Полицијата. Лицето  во сите три случаи се претставувало како полициски службеник и барало пари за членови на семејствата кои наводно сториле сообраќајка во која жртва било дете мигрант.

Првата била пријавена во 13.00 часот во СВР Куманово 74 - годишен маж од Куманово пријавил дека едно лице се обидело да го измами. 

-Според пријавеното, лицето му се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник, му кажало дека наводно неговата ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да даде одредена сума на пари за да не оди во затвор. Како што е пријавено, тој се посомневал во точноста на информацијата и пријавил во полиција, информираа  од СВР Куманово.

Малку подоцна 16.00 часот  во СВР Куманово,  66 - годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од  2500  евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикало сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично. Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена.

Штип - Шеснаесетгодишно девојче вчера околу 9.40 часот во семејниот дом во Пробиштип, по претходна расправија меѓу родителите го нападнала и нанела убодна рана на својот 46 годишен татко И.А, соопшти преку писмено соопштение Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип.

Во него се вели дека тој бил пренесен во Здравствен дом- Пробиштип каде му била укажана помош, а по извршен преглед малолетничката била пренесена во здравствена установа.

-Во ОВР Пробиштип, во присуство на претставници од Центарот за социјални работи Пробиштип, бил извршен разговор со нејзината мајка и другите две деца. За настанот бил известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во соопштението од СВР-Штип. 

Кочани – Комуналните претпријатија од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, сè уште не му плаќаат на КЈП „Водовод“ – Кочани за исфрлање на отпадот на депонијата кај селото Бели. 

Висината на надоместокот што бил побаран е неприфатлива за трите комунални претпријатија, поради што договорот кој произлегол како обврска од потпишаниот меморандум за соработка, досега не е склучен.

Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков нагласи дека во текот на идната недела повторно ќе се разговара за меѓусебните обврски на четирите општини за да се најде решение на проблемот.

- Обврска беше, по потпишувањето на меморандумот, да склучиме меѓусебен договор со Општина Кочани и да се одреди цена, однсоно права и обврски на општините кон комуналното претпријатие „Водовод“ – Кочани. Договорот е направен, ама уште не е потпишан. Од страна на Општина Кочани се нуди цена која што реално е многу висока за сите други општини и затоа не е потпишан. Во понеделник имаме закажано состанок во Министерство за животна средина, сите четири општини, со претставници од проектот и од Министерството. Една од точките што ќе се разгледува ќе биде и тој договор, за да може да се договориме за некоја цена којашто ќе биде прифатлива за сите општини, истакна градоначалникот Петков.

Дополнително, Петков објасни дека не може да се излезе со прецизен заклучок колку и дали треба да се ослободат граѓаните на Виница од плаќање ѓубрарина за ноември и дел од декември, со оглед што ќе има надоместок што ЈКП „Солидарност“ ќе треба да го плати, а чија висина во моментот не е позната.

Охрид – Бројот регистрирани пациенти со ретки болести постојано расте, се зголемува и списокот ретки заболувања во земјава. Тоа беше посочено на денешната прес-конференција свикана по повод почетокот на седмата сезона од Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, што се спроведува со цел подигнување на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат семејствата со ретки болести. и нивно проближувањео до институциите.

Како што посочи претседателката на Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“, Гордана Лолеска, оваа година втор пат по ред кампањата е посветена на ретките дијагнози во Охридско-струшкиот регион.

- Жално е што стигнавме до над 110 ретки дијагнози во односниот регион. Во интерниот регистер на ретки заболувања во регионот се впишани и неколку пациенти со ултра ретки дијагнози...рече Лолеска.

Таа ја искористи можноста да се заблагодари на седумдесеттината еминентни професори и лекари од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје, како и доктори од здравствените установи во Охрид и Струга, со чија помош во рамки на кампањата се обработени 303 ретки дијагнози, објавени на македонски и албански јазик. Истите се поставуваат на македонската Википедија, досега се објавени 160 дијагнози на ретки заболувања.

Кавадарци - Министерството за внатрешни работи информира дека е расчистено убиството што се случи на 22 јануари во Кавадарци, а осомничениот е приведен.

- На 30 јануари во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И.П.(42) од Кавадарци. Тој се сомничи дека на 22 јануари во нејзиниот дом со гушење ја убил неговата партнерка С.С.С.(52) од Кавадарци. Починатата беше пронајдена од нејзината ќерка Д.Т., која веднаш го пријавила настанот во полициска станица, соопштуваат од МВР. 

Оттаму додаваат дека, по преземени мерки од полициски службеници од СВР Велес - ОВР Кавадарци и Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за општ и насилен криминал при МВР и по извршени вештачења и анализи во координација со ОЈО Кавадарци, обезбедени се докази и дојдено е до сознание дека И.П. го сторил делото.

- ОВР Кавадарци против него поднесе кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик - „убиство“, а судија на претходна постапка од Основен суд Кавадарци му определи мерка притвор од 30 дена и И.П. е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор, информираат од МВР. 

Остани поврзан