• четврток, 19 март 2026
МИА Општински пул

18 март 2026 

Куманово - Околу 500.000 садници биле произведени лани во Кумановска подружница на Македонски шуми, а ист број се планира и годинава, соопштија од подружницата на денешната прес-конференција. Дел од произведените садници биле распределени во други подружници, а значаен дел бил искористен за пошумување.

Раководителката на кумановската подружница на „Национални шуми“ Куманово, Катица Станковска Ристовска посочи дека расадниците во Куманово и во Свети Николе традиционално се меѓу најголемите во рамки на јавното претпријатие, со најобемно производство и дополнителна обврска да обезбедуваат садници за пошумување во други региони.

Гевгелија - Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес одржа работни средби со градоначалниците и општинската администрација на општините Богданци и Гевгелија. Можностите и предизвиците кои овие две општини од југоистокот ги имаат за развој се дискутираа на одржаните состаноци. 

-На средбите беа отворени сите можности кои што реурсниот центар како нов  проект на Министертвото ги овозможува за локалните самоуправи. Се разговараше и за пограничната соработка, за која ова министерство е одговорно. Она што нас како централна власт ни е императив е да порачаме дека во рамки на Владата сите општини имаат докажан партнер, а тоа го докажавме со првиот и вториот јавен повик. За илустрација во првиот повик општина Богданци доби приближно 80 милиони денари или колку два годишни општински буџети, а општина Гевгелија во првиот и вториот повик  за 11 проекти доби 221 милион денари, истакна Перински.

Куманово - Општина Куманово денеска ги информираше граѓаните на Куманово дека сообраќајот на улицата „Моша Пијаде“ ќе се одвива отежнато со пропуштање на возила, сопственост на резидентите од централната градска улица. Сообраќајниот режим ќе се спроведува сè додека се изведуваат градежните активности на терен.

-Се известуваат граѓаните на Општина Куманово дека во наредниот период ќе започне следната фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“. Поточно, ќе започнат подготвителни и градежни работи за изградба на атмосферска канализациска мрежа на улица „Моша Пијаде“ на потег од пред крстосница со кружен тек на улиците „Трета Македонска ударна бригада“ и „Октомвриска револуција“ до крстосница со улица „Пиринска Македонија“, улицата која ги поврзува „Моша Пијаде“ и „Октомвриска револуција“, именувана како улица „100“ во планската документација. Напоменуваме дека при изведба на градежните работи, сообраќајот ќе се одвива отежнато, со пропуштање на возила во сопственост само на резиденти. Се замолуваат граѓаните за разбирање и толеранција при изведување на градежните работи, со цел да се завршат навремено, без одолговлекување, наведуваат од општината.

Ресен - Градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски, изврши увид на градежните активности, кои се одвиваат во населеното место Долно Дупени, каде што се гради канализациска мрежа со пречистителна станица во селото.

Од Општина Ресен информираат дека станува збор за регионален проект за третирање на атмосферските води, односно изведба на канализациски системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро.

- Реализацијата на овој проект е од големо значење, со чија изведба ќе се придонесе за поквалитетен живот на жителите, како и подобрување на инфраструктурата и заштитата на животната средина во Преспа, но и грижа за развојот на туризмот - информираа од тамошната локална самоуправа.

Активноста е дел од програмата „ЕУ за Преспа“, финасирана од ЕУ-делегацијата и реализирана од УНДП.

Дебар - Во Општина Дебар, владее минимален интерес кај сопствениците за осигурување на нивниот недвижен имот, што го потврдува  податокот дека со децении само мал дел од сопствениците на станови и куќи направиле соодветно осигурување. 

Како што беше истакнато на седница на Советот на општината, при разгледувањето на Извештајот за активностите на Територијалната противпожарна единица, проблемот бил евидентен и во текот на минатата година, кога од 117 интервенции на единицата, само 2 проценти од оштетените имоти биле осигурени. Овој минимален процент важи и за приватниот и за општествениот сектор.

-Оваа ситуација не е во ред, бидејќи штетите се големи, а засегнатите не добиваат надомест, бидејќи нивните имоти се неосигурени. Ова се случува со години. Се обидовме да го информираме населението за потребата од осигурување на куќи, станови и друг недвижен имот, но тоа не се случува. Само минатата година, во 114 интервенции, материјалната штета достигна 137 илјади евра. Бидејќи објектите беа главно неосигурени, штетите не се надоместени,  рече Џетан Мифтароски, командир на ТППЕ.

Делчево – Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски денеска го потпиша договорот за соработка со Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ПАКОМАК, со што официјално започнува имплементацијата на проектот од јавен интерес „Паметно управување со отпад од пакување во Македонија – фаза 2“.

Со потпишувањето на договорот, Општина Делчево го започнува процесот на поставување вендинг-машини за собирање пластични шишиња и алуминиумски лименки, со цел поттикнување на селекцијата на отпадот и зголемување на стапката на рециклирање.

Градоначалникот Гоцевски истакна дека станува збор за значаен чекор кон подигнување на еколошката свест кај граѓаните и создавање одржлив систем за управување со отпад.

– Ова не е само проект, туку чекор напред кон промена на свеста и навиките. Заедно создаваме систем преку кој граѓаните ќе можат активно да учествуваат во селектирањето и рециклирањето на отпадот, придонесувајќи за почиста и поздрава животна средина. Нашата цел е чиста општина, одговорни граѓани и одржлива иднина – изјави Гоцевски.

Велес - По повод 17 Март – Денот на Црвениот крст и Денот на крводарителството, Црвен крст Велес на свеченост им врачи признанија на најхуманите крводарители во Велес.

Највисокото признание за 100 пати дарувана крв му беше доделено на Звонко Петрушевски, додека за 75 дарувања беа наградени Ангелче Петровски и Трајче Димовски. Признанија за развој на крводарителството добија и ООУ „Лирија“ Горно Јаболчиште, како и Извиднички одред „Димитар Влахов“ за нивниот придонес во организирање успешни акции.

За 50 пати дарувана крв беа одликувани повеќе хумани граѓани, меѓу кои Благица Давчевска, Славиша Јовиќ, Ивица Пренџов, Тони Трајчев, Сашо Петров, Трајче Шојлев, Миле Петровски, Љупче Станковски, Зоранчо Аскалиевски, Љупче Стојанов.

Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека на територијата на град Скопје започна широка и координирана пролетна акција за генерално чистење, со цел унапредување на јавната хигиена и заштита на животната средина.

-Акцијата започна во општината Кисела Вода, а во неа се вклучени екипи од повеќе јавни претпријатија. Од Комунална хигиена интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и неправилно одложениот смет. Водовод и канализација спроведува перење на улиците и јавните површини, додека Паркови и зеленило работи на уредување и одржување на зелените површини. Воедно, Улици и патишта поставува метални столпчиња со цел спречување на узурпацијата на тротоарите и јавниот простор, информираат од Град Скопје.

Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска оствари работна средба со амбасадорката Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во државава,  на која било разговарано за унапредување на локалната соработка, со акцент на економскиот развој, привлекувањето инвестиции и поддршката на локалните иницијативи.

Стојкоски, како што информираат од Општина Ѓорче Петров, ги презентирал клучните приоритети на општината, предизвиците со кои се соочува, како и тековните капитални проекти што директно влијаат врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

Двете страни изразиле подготвеност за продлабочување на соработката и реализација на заеднички активности во повеќе области.

Скопје - Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска изврши увид во градежните работи за реконструкција на месната заедница во населбата Пинтија. Проектот веќе влегува во својата завршна фаза, а објектот кој подолг период беше во лоша состојба, наскоро ќе го добие својот нов, современ лик.

-Месната заедница е првата и најважна алка помеѓу граѓаните и локалната самоуправа. За жителите на Пинтија, оваа реконструкција значи обезбедување на достоинствени услови за работа и меѓусебна комуникација. Наскоро тие ќе имаат на располагање репрезентативен простор од каде ќе можат директно да ги изразат своите потреби, да покренуваат локални иницијативи и активно да се вклучат во одлуките за својата населба, изјави Стаменкоска Трајкоска. 

Остани поврзан