Изборна предност на Орбан, силна поддршка од Трамп
- Над целата организација секако бдееше американскиот претседател Доналд Трамп, кој како и секоја година испрати видеопорака со која го поддржа реизборот на Орбан, а во наредните денови се очекува да го испрати и својот потпретседател Џеј Ди Венс да му изрази јасна поддршка на Орбан во пресрет на изборите.
Скопје, 25 март 2026 (МИА)
Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач на МИА од Будимпешта
Како што наближува денот на изборите во Унгарија, нападите врз Владата на Виктор Орбан во либералните американски и европски медиуми стануваат секојдневни. Во рок од неколку дена „Фајненшл тајмс“ ги обвини Орбан и неговото семејство за корупција, а „Економист“ го обвини за пад на наталитетот во Унгарија. „Вашингтон пост“ го обвини министерот за надворешни работи Сијарто дека ја информирал Москва за заклучоците на Европскиот совет. Во друг текст „Вашингтон пост“ отиде уште подалеку, па објави тврдење дека руското разузнавање наводно му понудило на Орбан да организира лажен атентат врз него, што би му го подобрило угледот во јавноста пред изборите - ова беше објавено неколку недели откако украинскииот претседател Владимир Зеленски отворено му се закани на Орбан. Сите овие тврдења беа споделувани од многубројните европски и американски политичари, кои се критичари на Виктор Орбан и на растечкиот круг на држави што политички гравитираат кон Будимпешта. Полскиот премиер Доналд Туск и министерот Радослав Шикорски, либерални германски политичари, поранешни дипломати од Стејт департментот, сите ги споделуваа овие тврдења, честопати со повици Унгарија да биде избркана од НАТО или од Европската Унија.
Нападите кон Орбан од кругови во Брисел се толку сконцентрирани што „Политико“, медиум кој исто така е честопати критичен кон Унгарија, објави политичка анализа во која ги предупредува другите медиуми дека претерале и дека нивните напади предизвикуваат контраефект кај унгарските гласачи. Под насловот „Дали Орбан ја вовлече ЕУ во стапица?“, „Политико“ пишува дека „постои загриженост оти лидерите на ЕУ не сакајќи му ги подобриле шансите на Орбан на изборите, со тоа што му се нафрлија и му овозможија пред гласачите да се претстави како единствениот политичар што ги брани унгарските национални интереси“.

И, навистина, улиците на Будимпешта во пресрет на изборите се со билборди на кои лидерот на опозицијата Петар Маѓар е претставен заедно со Урсула вон дер Лејен и Зеленски. Од страна на Европската комисија, Унгарија се соочува со постојани критики за нејзината наводна автократичност и ЕУ скрати значителни фондови од Унгарија поради нејзиното одбивање да прими мигранти од преплавените земји, како Германија и Шведска. Односите со Украина, пак, се крајно тензични. Унгарија ја обвинува Украина дека намерно го саботирала нафтоводот „Дружба“, со кој земјите од средна Европа се снабдуваат со руска нафта и дека тоа го направила во пресрет на изборите со цел да му помогне на Петар Маѓар и неговата партија Тиса да победат на изборите. Унгарија обвинува дека Украина намерно мобилизира припадници на унгарското малцинство и ги испраќа на линијата на фронтот со Русија - унгарскиот министер Сијарто неодамна од Москва врати двајца етнички Унгарци, кои биле заробени од руските војници. По неодамнешната дирекна закана на Зеленски за Орбан, Унгарија стави вето на обидот на ЕУ да испорача помош од 90 милијарди евра за Украина и заплени 80-ина милиони евра во готовина и злато, кои украински оперативци ги пренесувале од Германија преку Унгарија кон Украина. Иако опозиционерот Маѓар, и самиот некогаш висок функционер на партијата Фидес на Орбан, се обидува да се огради од овие постапки на ЕУ и на Украина, сепак јасно е дека тие работат да му помогнат да победи на изборите.

На неодамнешниот самит на десничарските движења од Европа - CPAC, кој се одржа во Будимпешта, Орбан говореше за мешањето на Брисел и Киев во унгарските внатрешни работи и ги обвини дека сакаат да го инсталираат Маѓар како иден премиер, што предизвика проблеми за унгарската опозиција, која една година посочува на анкети во кои има предност пред Фидес на Орбан. Многубројни либерални европски политичари се повикаа на анкетите како доказ дека деновите на Орбан се избројани, но неговите поддржувачи велат дека анкетите се само дел од пропагандната војна против владата во Будимпешта.

Изборите ќе бидат тесни, но сметам дека конзервативците имаат предност. Имаше два вида анкети. Во Унгарија нема независни анкети. Има провладини, десничарски агенции за анкети, и има левичарски, про-Брисел анкетари. И едните и другите се пристрасни. Ако земеме просек на анкетите, изборите ќе бидат многу тесни. Сепак, владејачката конзервативна партија Фидес има мало, но стабилно водство. И ова се гледа во сите анкети, од декември наваму разликата беше во рамките на маргината на грешка, но Фидес секогаш беше во предност. И затоа јавната комуникација од страна на владата е многу посмирена за разлика од опозицијата, која гласно и хаотично нафрла разни теми. Според мене, тоа не е нешто што го прави страната што води. Од друга страна, владината страна има многу јасен план за комуникација и се фокусира на реалниот факт дека и Киев и Брисел имаат длабок интерес да го урнат премиерот Орбан од власт. Тоа е изразено во повеќе политички процеси, кои би можеле да ги наречеме мешање во нашите внатрешни работи. Владината страна се фокусира на ова, им посочуваше на гласачите дека не треба да дозволат надворешни сили да прават одлуки место нас и да ни ги наметнуваат нивните интереси. Особено не сега кога светот е во многу опасна состојба. Големо мнозинство од граѓаните го разбираат ова - изјави во интервју за МИА, Золтан Кошкович, аналитичар на унгарскиот Центар за фундаментални права (Алапјогокерт кожпонт), кој беше коорганизатор на конференцијата CPAC.

Кошкович вели дека секако постои одреден замор во јавноста, кој е на власт од 2010 година, па некои од гласачите сакаат да видат промени. „Тоа е конфликтот во унгарската политика. Но, сите разбираат дека Киев и Брисел сакаат да го урнат премиерот Орбан и тоа ѝ дава предност на неговата влада на изборите бидејќи Орбан може да посочува на овој факт, а опозицијата не смее да ја допре оваа тема затоа што во јавноста изгледаат како луѓе што сакаат да профитираат од странското мешање“.
Дека анкетите, кои покажуваа предност за Маѓар и Тиса, се политизирани, сметаат и унгарските агенции за мерење на јавното мислење, кои се поблиски до десницата.

Анкетите на Тиса се лажни. Не знаеме кој ги финансира, но ние долго време правиме анкети, кои се покажале како точни, и предвидуваме дека Орбан ќе победи на изборите. Причината за тоа е што народот сака мир, не сака Унгарија да биде вовлечена во војната во Украина. Особено не ни се допаѓа притисокот од надвор. Понатаму, пониските даноци за семејствата, кои се дел од платформата на Орбан, придонесуваат на неговата популарност, како и семејните програми за помош за купување прво живеалиште. Секако, тука се и мирот и сигурноста што доаѓа со контрола на мигрантите - вели Милан Палфалви од аналитичкиот центер „Нежопонт интежат“.
Изборниот модел во Унгарија е мешан - приближно половина од пратениците се избираат со пропорционален модел, а 106 пратеници доаѓаат од изборни единици. Можно е дури една партија да добие повеќе гласови на пропорционалната листа, а сепак да има помалку пратеници ако нејзините кандидати потфрлат во борбата еден на еден со локалниот противкандидат. Поддршката на Орбан и Фидес доаѓа главно од помалите градови, од селата, руралните средини, иако некои од големите градови исто така се цврсти во поддршката за Фидес. Маѓар и партијата Тиса, пак, сметаат, пред сè, на гласовите од помладите граѓани од најголемото урбано јадро во Унгарија - Пешта. Таму, во осмиот дикстрикт, разговаравме со Золт, активист на центарот „Аурора“. Се работи за левичарско-анархистички клуб во кој се организираат концерти, дискусии и политички обоени настапи. Дента ги затекнавме Золт и 5-6 други активисти како подготвуваат храна за сиромашните - велат дека собираат храна која е пред фрлање од супермаркети, кои соработуваат со нив и им ја дистрибуираат на граѓани на кои им е потребна.

Мислам дека претстојните избори ќе бидат добри. Во изминатите 16 години имавме крајнодесничарска власт и мислам дека следната влада ќе биде формирана од Тиса, која е умерена десна партија. Очекувам дека со нив на власт ќе престанат анти-ЛГБТКју говорот и расистичката реторика. Исто така, мислам дека партијата Тиса има подобри професионалци во своите редови за важни прашања, како што е енергетската политика, и има вистински способни лидери за овој тежок регион - изјави Золт за МИА.
На новинарско прашање на МИА во однос на наративот на Фидес дека ќе дојдат мигранти ако победи Тиса, тој одговори дека наративот е за пензионерите.
- Тој наратив е за пензионерите што живееле во многу поинакви времиња, кои служеле војска, и Фидес сега ја користи старата војничка индоктринација, индоктринацијата на Католичката црква, без да имаат своја вистинска политичка агенда - додава Золт. Центарот „Аурора“ е пред затворање откога сопствениците на објектот решиле да го продадат, па така оваа група активисти набргу ќе мора да бара ново сврталиште.
И покрај тврдењето на Золт дека гласачите на Орбан и Фидес се пензионери, на CPAC имаше голем број млади десничарски активисти. Меѓу нив беше Криштоф Ѓури од младинското крило на христијанската партија КДНП, која е во коалиција со Фидес.
Анкетите кои покажуваат предност за Тиса не се релевантни бидејќи беа спроведувани во тесен круг на граѓани, тие ги претставуваа само нивните ставови. Сепак, општо земено, атмосферата во земјата е тензична. Опозициските партии ги поттикнуваа граѓаните вербално да ги напаѓаат политичарите од власта, нè обвинуваа за сенешто, вршат лични напади преку нивните поддржувачи, вели Ѓури. За разлика од анархистите од центарот „Аурора“, младите од партијата КДНП се гласни во промовирањето на христијанските семејни вредности и заедно со конзервативното крило во Фидес ја поддржуваат забраната што Унгарија ја воведе за промовирањето на хомосексуалноста пред малолетници.

Но, не се прашува само Будимпешта. На конференцијата CPAC беа присутни и многу поддржувачи на Орбан од помалите градови. Меѓу нив беше Силвија од градот Ѓор, каде што во моментот градоначалникот е од Тиса, а анкетите покажуваат тесна трка. Според неа, клучна за изборите ќе биде поддршката на работниците од огромниот комплекс-фабрики на „Ауди“ (се работи за фабриката за автомобилски мотори отворена 1993 година за која во игра беше и Македонија, а која прерасна во гигант со над 11 илјади вработени).
Работниците во Ѓор главно ќе гласаат за Орбан. Имаме градоначалник од Тиса, но веќе не е многу популарен. Кај граѓаните, кај работниците во фабриката, постои чувство дека Европа премногу нè притиска, како и дека Зеленски многу си дозволува во однос на нас, вели Силвија.
И Криштоф Ѓури се согласува дека одлуката на Украина да го запре доставувањето на руската нафта за Унгарија во пресрет на изборите е јасен пример на странско мешање во политичките процеси во Украина и тоа мора да престане веднаш.

Цените на нафтата се стабилни бидејќи владата реагира и ги замрзна цените на бензинот. Ефектот не беше многу силен во однос на граѓаните, додава Ѓури, кој посочува дека Унгарија се подготвила во пресрет на кризата и чувала доволни резерви нафта и деривати. Но, сепак, учесниците на конференцијата CPAC постојано се навраќаа на прекинувањето на снабдувањето преку нафтоводот „Дружба“ за кој сите ја обвинуваат исклучиво Украина. Министерот за надворешни работи Сијарто дури забележа дека Унгарија и Словачка, конечно, успеаја да обезбедат интервенција на Европската комисија во спорот за снабдувањето со нафтата преку Украина, веројатно поттикнато и од нафтениот шок предизвикан од војната во Иран. Потоа Сијарто иронично додаде дека во оваа новонастаната ситуација „Украинците веројатно ќе откријат дека сепак имале способни инженери“, кои може бргу ќе го поправат оштетениот нафтоводот. Унгарскиот државен врв продолжува цврсто да стои на ставот дека војната во Украина мора да заврши веднаш, пред сè, во интерес на самата Украина, но поради тоа трпат сериозни напади дека се проруски ориентирани, што е едно објаснување за силните притисоци што Унгарија ги трпи од либералните политичари во Брисел.
Друго објаснување за овој однос на релацијата Брисел - Будимпешта е веројатно влијанието што Орбан несомнено го има во регионот и пошироко, меѓу европската и светската десница. Гледајќи го почесниот прв ред на конференцијата CPAC, како и собирот на европски лидери на големиот митинг во центарот на Будимпешта, организиран два дена подоцна, јасно се исцрта зоната на политичко влијание на Унгарија и на држави што имаат слични ставови како Орбан кон клучните прашања, како што се војната во Украина и миграциските прашања во Европа.
Орбан коментира дека од четирите оригинални држави членки на таканаречената вишеградска група во ЕУ, три повторно се на истата политичка страна (Унгарија, Словачка на Фицо и Чешка на Бабиш), а четвртата држава - Полска - е со едната нога назад во групата на Орбан - полската влада ја предводи либералниот политичар Доналд Туск, кој е гласен противник на Орбан, но неодамна избраниот полски претседател Карол Навроцки од партијата ПиС дојде во Будимпешта да го поддржи Орбан во пресрет на изборите. Евентуалното приклучување на Словенија во оваа група ќе зависи од исходот на постизборните коалициски преговори и од тоа дали сојузникот на Орбан, Јанез Јанша, ќе успее да ја состави следната влада.
Меѓу ѕвездите на CPAC-самитот во Будимпешта беше и лидерот на најпопуларната партија во Австрија (ФПО), Херберт Кикл, како и лидерката на германската АФД, Алиса Вајдел, а италијанскиот вицепремиер Матео Салвини присуствуваше на собирот во понеделникот. Надвор од Европа, забележително беше присуството на претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, на Едуардо Болсонаро, син на прогонуваниот поранешен претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, кој е силен кандидат да се врати во претседателската палата во октомври, и Јаир Нетанјаху, синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој, иако беше најавен, не дојде на CPAC поради војната со Иран.

Над целата организација секако бдееше американскиот претседател Доналд Трамп, кој како и секоја година испрати видеопорака со која го поддржа реизборот на Орбан, а во наредните денови се очекува да го испрати и својот потпретседател Џеј Ди Венс да му изрази јасна поддршка на Орбан во пресрет на изборите.
Групацијата на подунавски држави, што ги предводи Орбан, своите најголеми надежи ги полага во претстојните избори во Франција, каде што очекуваат дека евентуална победа на партијата на Марин Ле Пен, која присуствуваше на собирот во Будимпешта во понеделникот, конечно ќе им даде политичкото присуство во Брисел, кое овие држави сметаат дека го заслужуваат. Сепак, за оваа групација да остане цела и да може да влијае на европската политика, Орбан првин мора да ги добие изборите на 12 април. цч/паг/
Фото: МИА