• понеделник, 13 април 2026

Животните приказни на Братислав Димитров: Фота

Животните приказни на Братислав Димитров: Фота

Скопје, 13 април 2026, (МИА)

Братислав ДИМИТРОВ

Во старо време кога нашите баби и дедовци правеле деца, строго воделе сметка за голотијата на своите тела. Иако долги години во брак, ретко кој може да се пофали (или пожали) дека ја видел својата невеста како од мајка родена. На обратен случај смешно е и да се помисли. Практично, нашите предци апла се разголувале само во сабота, во редовниот термин за капење. Но и тогаш само под услов, коритото со топла вода да биде зад заклучена врата. Или барем да е обезбедена со резе, рајбер или внуче на стража.

Саботната голотиња била достапна само кога на едниот брачен другар ќе му здосади да си го чеша грбот на недостапни места. Тогаш другиот, со груб сунѓер нежно интервенира, зависно од случајот некогаш познат и како љубов. Но оваа целосна голотиња не се важи, затоа што е на ниво на гинеколошки преглед. Покрај пуританските стеги, љубителите на нудистичка глетка се злопатеа заради чест недостаток на топла вода. Затоа тогашните хигиенски навики се изведуваа во етапи. Киснење на нозе, плакнење под мишки, миење врат (атер за новата кошула) или само миење глава, кога се сликаш за табло или водиш војна против разни паразити.

Но затоа, менталната хигиена беше на највисоко ниво. Млади отстапуваа место на постари во автобус. Дадениот збор се почитуваше. Во секое време можеш да пратиш некој копиљ да ти купи цигари. На улица, добар ден си викаа и случајни минувачи. Кога некој градеше куќа, цело маало му помагаше. Никој не заклучуваше ништо, а најмалку срцето. Има уште. Пред некој ден на куќен совет предложив да не воведуваат самоуправување, за да не пропадне зградата како што пропадна социјализмот. Еден комшија ме праша: „Зошто го напаѓаш социјализмот кога со носталгија пишуваш за него?“ Дури сега успеав да дојдам до збор: „Јас пишувам со љубов и страст, но истовремено со иронија и самоиронија. А тоа значи дека носталгијата е невозможна“.     

Според нашата конзервативна традиција, испаѓа дека Македонските еротски приказни, во тоа време уствари биле напишани како научна фантастика. Дека ич не претеруваме сведочи Аљоша Симјановски, мојот кум. Еден ден, неговата баба Ганеица си треби ориз во дворот без наочари, затоа што заборавила дека има 86 години. Помеѓу две зрнца кажува вековни мудрости, со оргинален стил недостижен за многу нобеловци.

Во еден миг ја заболува главата неколку секунди и таа веднаш бара од својата внука Кате (студент по медицина) да ѝ го измери притисокот. Внуката ја тера да се соблече, баба Ганеица долго се противи, но сепак на крајот науката победува. И додека бабата чека резултати, внуката зачудена од нејзиниот школски притисок, но уште повеќе од состојбата во нејзиниот градник, извикува: „Аууу бабооо... не ми се верува! Градите ти се како на девојка!“ Баба Ганеица никогаш не се остава без одговор: „Мене не ми се војевани како вашите уште од 16 години! Пет деца сум родила, Гане само три пати за цицка ме има фатено!“

Во средина каде што моралот е традиционален и строг, мора да се снаоѓаш. Една од најомилените друштвени игри во тоа време беше „фота“. Никогаш не открив што значи тој збор, а не ми се прашува. Не само заради мојата аристрократска мрза. Многу работи, па и зборовите убаво е да го задржат своето магично и таинствено својство.

Кога маалските чешми и пумпи ќе се скоцкаат, а околните сртови ќе ги облечат своите снежни ролки, ние ги стававме првите костени на врелите шпорети. После неколку варени црвени вина, играта почнуваше. Во некоја шапка, вангла или картонска кутија, секој од нас ставаше по некој предмет. Еден од нас (кој дотогаш беше свртен со грб) вадеше еден по еден од предметите и издаваше наредба: „Оваа фота... Оваа фота да ја баци Мариче!“ Срипува Цанко Курбла и ја изведува најдолгата бацувалка во Тафталиџе сосе неколку холивуди. После дознавме дека неговиот авторитет ги потплатил или заплашил сите, затоа што оваа сцена постојано се повторуваше. Откако забранивме било какви шифри, знаци, а особено ишарети за време на ритуалот фота, еден ден почнавме да играме поштено.

Во свечена тишина Пеце Шиник вади од ѓерѓевот врвка од цокула и објавува: „Оваа фота... да го баци Никса Мисир!“ Пауза. Тишина. Тушма и тма. Цанко Курбла со тен на булки крај шините и поглед на зарѓана тенекија, излета од собата плукајќи без прекин. Многу години подоцна, најмногу плукаше дента кога од авион нѝ се јавија оние оклештени сурати и ни соопштија дека веќе сме запишани во тоа Европата, ама не осеќаме. Во еден од слободните медиуми, независни интелектуалци жестоко го осудија Цанко за хомофобија. Бараа да се покрене истрага за говор на омраза и заради неговите заебанции со евро-атланските вредности.

Во старо време, покрај пантомимата, во мода беа и загатките. „Продади нѝ празна кутија како да е нешто највредно на светот“. Мане стави на масата една кутија од цигари и рече: „Дечки, во оваа кутија се наоѓа нешто што секој човек го има, а кога ќе го изгуби дава сè за да го врати. Сите заинтересирано прашуваме: „Што има внатре?“ Тој пополека ја отвора и ние гледаме празна кутија. „Внатре е младоста. Јас веќе ја потрошив“. Тогаш Мане стана Мане Кант. Наш најугледен маалски филозоф. Познат од Петров Ѓорче дури до Драчево и покрај ретките автобуси и други превозни средства.

Беше 17 цутар (март) ден на Преп. Алексеј човек Божји. Како раскрвавена јагода, едно парче небо ги зарумени темните плеќи на Шар Планина. Првите багреми, зумбули и јорговани бабреа како топло кравајче под вршник. Баба Ганеица дигна раце од овој свет. Цанко Курбла престана да плука. Мане Кант не го примија во МАНУ. А ние престанавме да играме фота, челик, народна, жмурка, камај, џамлии, фанта, долга магарица, пипни-стој, нека бие нека бие... бззз...

Најмногу сакавме да играме танго познато како „лепенка“, ама тоа не зависеше само од нас. После сакавме и други работи, ама тие секогаш зависеа од некој друг. Јас како старомоден и прост, доцна дознав дека ги убиле традиционалните вредности и сите сме станале модерни. Значи, затоа денес сè е голо и соголено? Сите се тафрат, тимарат и гланцаат. Приватното стана јавно, а јавното приватно. Дали денес некогаш се зборува за ментална хигиена? Не знам. Не сум од тука. Некој спомна дека таков бил животот? Ако. Нека.

Немам ништо против животот. Само не сум сигурен дека и тој нема ништо против нас. /дј

Остани поврзан