• недела, 02 февруари 2025
МИА Флеш

31 јануари 2025 

Скопје – До денеска е рокот до кога може да се праќаат коментари за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското образование на е-адресата: javnarasprava@bro.gov.mk, откако таа беше објавена на веб-страницата на Бирото за развој на образованието (БРО). 

По реакциите од катедри и институти, главно од Филозофскиот факултет на УКИМ, дека со концепцијата се редуцираат содржини од некои предмети од општествените науки, министерката Весна Јаневска денеска изјави дека многу сериозно ги сфаќаат сите изјави дадени од сите факултети и дека рокот за сугестии може да биде продолжен. Покрај досегашната онлајн-дискусија, рече таа, ќе продолжат и на терен за да се направи најдобар предллог-текст на концепцијата, посочувајќи дека сегашната верзија може да биде изменета. 

Скопје - Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции, изјави министерката Весна Јаневска во врска со реакцијата на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ на зголемените трошоци при упис на семестар на некои факултети и нивното барање да имаат средба со министерката.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска изјави дека очекува и студентите, и факултетите, да имаат разбирање за ситуацијата и дека може да се дојде до договор. За барањето средба со неа од УСС на УКИМ, таа рече дека МОН со студентската организација има континуирана соработка и постојани средби.

Скопје - Во декември 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 5,30% и остварила месечен и годишен пад од 0,06 п.п. и 0,17 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, бележи месечен и годишен раст од 0,05 п.п. и 0,38 п.п., соодветно и изнесува 2,17%, соопшти Народна банка.  

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, овој месец, е пониска за 0,40 п.п. и 0,79 п.п., соодветно, на месечна и на годишна основа и изнесува 4,42%. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,78% и забележа месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво се зголеми за 0,41 п.п. 

Скопје - Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Како што истакна Бислимоски, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО кое наместо 60 отсто учествувало со 51 отсто во производството на топлинска енергија.

Скопје - Индустриското производство минатата година, во однос на 2023-та, е намалено за 3.6 %. Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од претходната година, индустриското производство бележи пад од 1.4 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи опаѓање од 10.0 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 1.1 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 5.7 %.

Неготино - Мирен собир е закажан за денеска во 15 часот  во Неготино, во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова која беше прегазена во Скопје во средата пред полноќ.  

- Со огромна болка и револт предлагаме да се собереме  на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано – време е да кажеме „Доста е!“, Да се собереме денес во 15 часот на плоштадот во Неготино, да ѝ оддадеме почит и да испратиме јасна порака. Безбедноста на улиците мора да биде приоритет. Одговорноста мора да биде неизбежна. Жртвите не смеат да останат само бројки. Да не се повтори!!!, велат организаторите на протестот. 

Протест има закажано и денеска во Скопје, во 13 часот, како и во недела во Кавадарци. 

Дебар - Дебранец со голема брзина, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, со патничко возило „мерцедес“ се движел низ градот.

- На улицата „Есат Мезелџиу“ во Дебар, во 1:30 часот полициски службеници од ОВР Дебар го лишија од слобода А.Љ.(23) од Дебар. Тој, претходно, на улица „Јусуф Багери“ во Дебар, управувајќи  возило „мерцедес“ со дебарски регистарски ознаки, не застанал на полициската патрола, од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај и се дал во бегство, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охrрид.

Штип - Шеснаесетгодишно девојче вчера околу 9.40 часот во семејниот дом во Пробиштип, по претходна расправија меѓу родителите го нападнала и нанела убодна рана на својот 46 годишен татко И.А, соопшти преку писмено соопштение Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип.

Во него се вели дека тој бил пренесен во Здравствен дом- Пробиштип каде му била укажана помош, а по извршен преглед малолетничката била пренесена во здравствена установа.

Бања Лука – Неколку стотици студенти на Универзитетот во Бања Лука, заедно со неколку професори и граѓани, денеска им оддадоа почит на жртвите од уривањето на настрешницата во Нови Сад во студентскиот кампус и им дадоа поддршка на студентите во Србија, кои веќе три месеци се во блокада.

Студентите носеа транспаренти на кои пишуваше: „Јабланица – Нови Сад, иста борба, друг град“, „Во таа земја има полиња и рози, но слободата само ја исмева таа земја“, „Тишината далеку се слуша“, „На улиците на Белград и Нови Сад има и деца од овој град“, „Сите сме под иста настрешница“.

Загреб - Во Хрватска на повик на платформата „Ало, инспекторе“ од вчера се одвива најавениот неделен бојкот на трговските синџири „Лидл“, „Еуроспин“ и „ДМ“ и три производи - Кока-Кола и други газирани пијалоци, флаширана вода и детергенти за миење садови.

Денеска е општ бојкот на се. Платформата „Ало, инспекторе“, која ги организира бојкотите, ги повикува потрошувачите денеска да не купуваат ништо никаде.

Братислава – Неколку универзитети во Словачка добиле закани за бомби, по што се преземени неопходни мерки во соработка со полицијата, јавија локалните медиуми.

Мерките на претпазливост се спроведуваат во соработка на универзитетите, Министерството за образование на земјата и полицијата, соопшти Министерството.

Брисел – Во декември минатата година стапка на невработеност во ЕУ изнесувала 5,9 отсто што претставува раст во однос на ноемвриските 5,8 проценти, додека на ниво на Еврозоната таа била 6,3 отсто и исто така бележи зголемување за 0,1 проценти поени споредено со претходниот месец, соопшти Европската статистичка служба – Евростат. 

На годишни ниво пак, декемвриската стапка на невработеност во ЕУ е намалена за 0,1 проценти поени, а во Еврозоната за 0,2 процентни поени. Во декември 2023 стапката на невработеност во ЕУ беше 6,0, а во еврозоната 6,5 отсто. 

Брисел - Дванаесет земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, побараа од Европската комисија (ЕК) да ги искористи своите овластувања според Законот за дигитални услуги за да го заштити интегритетот на европските избори од странско мешање.

Во писмо до ЕК, министрите за европски прашања на Франција, Германија, Холандија, Белгија, Кипар, Хрватска, Чешка, Данска, Грција, Романија, Словенија и Шпанија побараа од неа да ги исполни своите ветувања за создавање тело на ЕУ за спротивставување на странска манипулација со информации и мешање во изборите.

Брисел – Полската министерка за развојни фондови и регионална политика Катаржина Пелчињска-Налеч се заложи за изнаоѓање „нови извори за финансирање на ЕУ“, кои би можеле да вклучат и воведување на дигитален данок или „такса за влез“ во блокот. 

- САД и Велика Британија воведуваат такви давачки, па зошто да не се разгледа воведување такса за влез во ЕУ? Ова може да генерира дополнителни заеднички средства, рече Пелчињска-Налеч, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. 

Мадрид – Шпански научници открија нов вирус кој го пренесуваат комарците – вирусот Синдбис, кој не е фатален, но предизвикува симптоми како треска, главоболка и болки во зглобовите и осип на кожата.

Научниците го откриле вирусот кај комарците во Андалузија, а претпоставуваат дека е во Шпанија од 2017 година, но до сега не бил откриен бидејќи истражувањето било фокусирано на вирусот Западен Нил, јави Еуроњуз.

Москва - Членките на БРИКС не разговараат за воспоставување заедничка валута, туку за создавање нови инвестициски платформи, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Факт е дека не се зборува за создавање заедничка валута во БРИКС, ниту пак некогаш имало. Се зборува за создавање нови заеднички инвестициски платформи кои ќе овозможат заеднички инвестиции во трети земји, рече Песков, осврнувајќи се на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека земјите од БРИКС треба да се обврзат да не создаваат нова валута што ќе го замени американскиот долар.

Осло – Норвешката полиција денеска соопшти дека запленила норвешки брод со руски екипаж под сомнение дека е вмешан во оштетување на оптички кабел во Балтичкото Море.

Според полицијата, заплената била извршена на барање на властите на Летонија.

- Постои сомневање дека бродот е вмешан во сериозно оштетување на оптички кабел во Балтичкото Море меѓу Летонија и Шведска, се вели во соопштението на полицијата.

Вашингтон - Од високи функционери на американското Федерално истражно биро (ФБИ) е побарано да поднесат оставка или да се повлечат од нивните челни позиции во Бирото или ќе се соочат со отказ, изјавија три неименувани добро информирани извори за Си-Би-Ес.

Извори рекоа дека високи функционери во седиштето на ФБИ се одговорни за надгледување на врвните приоритети на бирото, како што се прашањата за националната безбедност и кибер безбедноста. Си-Ен-Ен први ја објавија веста. Разрешувањето на високи функционери доаѓа додека кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за директор на ФБИ, Кеш Пател, беше сослушан пред Сенатот, кој треба да го потврди неговото назначување.

Тагови

Остани поврзан