МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
30 јануари 2025
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на брифинг со новинарите информира дека речиси целосно е готов посебниот закон со кој ќе се спречи изградбата на катната гаража со деловен простор на локација зад собраниската зграда. Со посебниот закон се очекува околината на Парламентот да биде прогласена за безбедносна зона.
- Најголемо внимание во подготовката на законот е обрнато на начинот како ќе биде обесштетен сопственикот на земјиштето, затоа што се работи за приватна сопственост, а законот мора да биде во согласност со Уставот, рече Гаши.
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска оцени дека законодавниот дом не придонел за партизација на дипломатијата со изгласувањето на автентичното толкување на Законот за надворешни работи.
-Не се согласувам. Не го делам тоа мислење, Сепак, треба да знаете тоа што Собранието го носи, тоа што мнозинството на пратеници го носат, тоа е волјата на граѓаните. Квалификациите можат да бидат субјективни, објективни, но сепак треба да се сложиме дека во одреден момент во државата има политичко мнозинство кое е легитимно и легално и ги носи одлуките во интерес на граѓаните. Нормално дека тие избраници се избрани токму да ги гласаат и донесуваат одлуки во интерес на граѓаните, рече Гаши во изјава по брифинг со медиумите.
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на брифинг нагласи дека се бараат законски можности во консултација со експерти и институции да се направат законски измени и реформа во правосудството кое што, како рече, ќе биде квалитетно.
- Прво да констатираме дека темата е покомплексна и сакаме долгорочно да биде решен проблемот. Во консултации со повеќе експерти и институции и сакаме да дојдеме до решение кое ќе биде одржливо и ќе биде долгорочно решение. Не сакам да дадам мое мислење во моментов, но сакам да ги испочитуваме сите институции, да дојдеме до заедничко мислење, па потоа да пристапиме со заеднички став да го решиме проблемот, рече тој.
Скопје – Ниту еден наставник нема да остане без работа со новата концепција за реформа во гимназиското образование. Целата нацрт-концепција е направена со цел ниту еден наставник да не остане без работа, напротив, тие ќе бидат повеќе ангажирани за нашите ученици на ПИСА тестирањата да одат барем две скалила погоре, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката Даниела Николова од СДСМ, која обвини дека целата концепција се прави без јавна дебата и дали ќе преземе одговорност за, како што кажа, „уништување на критичката мисла во образованието“.
Јаневска рече дека не е точно дека нацрт-концепцијата не е ставена пред пошироката јавност.
Скопје - Врховниот суд на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи склучија Договор за соработка, размена на податоци во електронска форма и побрзо користење на електронските услуги.
Како што информира денеска Врховниот суд, целта на договорот е воспоставување меѓуинституционална соработка во врска со размената на податоци во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност и во согласност со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Притоа се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.
Скопје - Во Министерството за европски прашања денеска се одржа состанок за координација на донаторската помош, со учество на претставници од ЕУ Делегацијата, дипломатските мисии и меѓународните партнери, со цел зајакнување на соработката и подобрување на ефикасноста во распределбата на донаторските средства во поддршка на Реформската агенда и европската интеграција на Северна Македонија.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како што соопшти МЕП, нагласил дека со трансформацијата на Секретаријатот за европски прашања во Министерство за европски прашања, институцијата доби проширена улога.
Скопје - Анкетата за задоволство на корисниците на судските услуги покажува дека генералната оцена за перформансот на судовите е 3,1. Во споредба со другите органи, скопските судови се оценети за нијанса полоши. Најниска оцена, односно 2 граѓаните дале за брзина на постапување, а највисока, 4 за судската полиција.
Анкетата што во декември 2024 година ја изработи Коалицијата „Сите за правично судење“ е спроведена врз основа на 1100 испитаници и опфаќа различни аспекти како пристап до суд, квалитет на услуги, јавност и транспарентност, и борба против корупција. Одговорите се однесуваат на Основен кривичен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје, Апелационен суд Скопје и Врховен суд.
Скопје - Зачувување на биодиверзитетот преку порибување, усогласување на македонските закони со европските и справување со дивоградбите и дивите депонии покрај река се дел од главните препораки од проектот „Младински активизам за одржливи реки: Заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“.
На денешната презентација на резултатите од проектот спроведен од Аналитика, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска изјави дека оваа анализа е поттик и обврска во иднина повеќе да се посвети внимание на реката Треска.
Скопје - Хроничен недостаток на здравствени работници, особено во специјализираните области, многу болници во државава немаат потребна инфраструктура за да обезбедат модерни здравствени услуги, застарена опрема, а некаде каде има опрема, нема персонал кој да ја употребува. Ова се само дел од наодите на мисијата на Светската здравствена организација (СЗО) за истражување на болничкиот сектор во Северна Македонија, спроведена во март 2024 година. Клучните наоди и препораките на експертите за подобрување денеска во Скопје ги претстави доктор Јана Марин, консултат на СЗО.
Во однос на управувањето и менаџирањето на болниците, констатирано било дека управувањето е често под политичко влијание. Тие политички назначувања на директори многу често биле проследени со недостаток на јасно дефинирана рамка на одговорност.
Скопје - Народната банка и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ја прошируваат својата соработка заради понатамошно унапредување на заштитата на потрошувачите корисници на услугите на банките и штедилниците. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ОПМ Мирјана Лончар-Велкова потпишаа Анекс на Меморандумот за соработка.
Со овој документ, како што соопшти Народната банка, двете институции дополнително се обврзуваат да вршат размена на искуства, знаења и стручна поддршка во сферата на колективната заштита на правата и интересите на корисниците на финансиските услуги.
Скопје - Бордот на европски студенти по технологија - Скопје (БЕСТ - Скопје) информира дека во тек е пријавувањето за Хакатон 2025 - дводневен натпревар каде студентите можат да ја покажат својата креативност и технички способности преку работење на проекти и решавање на проблеми од сферите на веб развивање, програмирање, вештачка интелигенција, PR, маркетинг и дизајн.
Хакатон 2025 е организиран од БЕСТ Скопје и ќе се одвива во Startup Club Skopje, од 22 февруари до 23 февруари 2025 година.
Атина – Се обврзувам дека штом произлезат нови докази од наодите што докажуваат дека веќе две години свесно го мами грчкиот народ, ќе преземеме иницијатива да поднесеме предлог за гласање недоверба на опасната Влада, истакна лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис по вчерашното интервју на грчкиот премиер за железничката несреќа кај Темпи, јави дописничката на МИА од Атина.
Во денешната изјава претседателот на главната грчка опозициска партија рече дека „вчера видовме еден циничен премиер кој не се двоуми да се демантира дури и самиот себеси“.
Брисел – Европската комисијата денеска ја усвои Петтата годишна програма за работа во рамките на Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ), со што одвои над една милијарда евра за 2025 година за поддршка на соработката во проекти за развој на нови критични одбранбени технологии и капацитети, соопшти портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.
- Вкупно ќе има девет конкурси за поддршка на истражувачки и развојни проекти за копнените, вселенските, воздухопловните и поморските сили, за зајакнување на енергетската отпорност и кибер безбедноста, како и за еколошка транзиција, истакна Рение.
Берлин - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска ја критикуваше нејзината партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и лидерот Фридрих Мерц, дека се потпираат на поддршката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) за да се усвои нивниот предлог во парламентот - барателите на азил да може да се враќаат уште од границата, јави ДПА.
-Верувам дека тоа е погрешно, рече Меркел откако предлогот на ЦДУ, со поддршка на Алтернатива за Германија (АфД), вчера беше усвоен во парламентот.
Берлин - Германскиот централно-левичарски канцелар Олаф Шолц со својата најнова изјава дека повеќе не може да му верува на конзервативниот лидер Фридрих Мерц ја доведе во прашање можноста за заживување на традиционалната коалиција, како што се приближуваат изборите во таа земја, пишува денеска „Политико“.
Неговата изјава дојде откако Бундестагот тесно гласаше за необврзувачка мерка предложена од конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ/ЦСУ) со која ќе се овозможи враќање на барателите на азил назад на границата. Мерката беше усвоена со 348 гласа „за“, додека 344 пратеници беа „против“, а конзервативците беа поддржани од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и фискално конзервативната „Слободни демократи“ (ФДП), што е преседан за формирање сојуз.
Амстердам - Меѓународните истражители уапсија 418 осомничени како дел од операцијата насочена кон трговија со лажни лекови и недозволени супстанци во 30 земји, соопшти денеска телото за спроведување на законот на Европската унија, Европол.
Повеќе од 400.000 пакувања „нелегални фармацевтски производи“, речиси 175.000 ампули и над 4,5 милиони таблети биле запленети за време на рациите спроведени меѓу април и ноември минатата година, се вели во соопштението на Европол.
Вкупните заплени на операцијата наречена „Shield V“ се во вредност од повеќе од 11 милиони евра (11,4 милиони долари), се вели во извештајот.
Тел Авив – Израел го запре ослободувањето на палестинските затвореници кои требаше да бидат ослободени по враќањето на израелските заложници во знак на протест против сцените на хаосот околу ослободувањето на Арбел Јехуд, Гади Мозес и петмина тајландски државјани, јави Канал 12.
Во извештајот се вели дека затворениците биле во автобусите подготвени да бидат ослободени кога дошла наредба операцијата да запре.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) претходно потврди дека во рамките на последната размена во Газа се ослободени седум заложници, меѓу кои двајца Израелци и пет државјани на Тајланд.
Москва – Руското Министерство за надворешни работи денеска по повод тримесечните протести во Србија соопшти дека не смее да се дозволи во оваа земја, која веќе се соочува со бројни надворешни и внатрешни предизвици, да завладее хаос, „изразувајќи надеж дека Србија ќе ги реши проблемите на мирен начин“.
„Исклучително е важно демонстрантите, пред се лидерите на јавното мислење, да покажат здрав разум и да не ги следат оние што будат емоции. Во Србија не смее да се дозволи да завладее хаос во врска со ова. Земјата се уште се соочува со бројни надворешни и внатрешни предизвици“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството.
Газа - Палестинското движење Хамас во Газа ослободи осум заложници и ги предадоа на Црвениот крст, но размената беше проследена со хаотични сцени пред насобраните палестински граѓани. Во замена, Израел треба да ослободи 110 палестински затвореници.
Прва беше ослободена 20-годишната израелска војничка Агaм Бергер, во бегалскиот камп Џабалија во Северна Газа. Потоа следеше предавањето на уште двајца израелски граѓани – Арбел Јехуд (29) и Гади Мозес (80), како и на петмина тајландски работници, кои беа киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на нападот на Хамас врз Израел.
Киншаса - Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пристигна во главниот град на Конго, Киншаса, соопшти официјален претставник во претседателството на Конго. Посетата доаѓа додека бунтовниците поддржани од Руанда ја консолидираат контролата врз градот Гома во источниот дел на ДР Конго.
„Францускиот министер за надворешни работи ќе биде примен од претседателот за неколку минути“, изјави Жискар Кусема, заменик-директор на прес-службата на претседателот Феликс Чисекеди.
Француски дипломат потврди дека Баро слетал во Киншаса неколку дена откако бунтовниците од групата М23, поддржани од армијата на Руанда, влегле во Гома и сега продолжуваат со напредувањето на југ.
Вашингтон – Најмалку 30 тела се извлечени од реката Потомак во близина на Вашингтон по несреќата во која патнички авион се судри со воен хеликоптер, јавија локалните медиуми.
Нуркачите пронајдоа и една од двете црни кутии на авионот. Хеликоптерот бил превртен, но се чини дека е главно недопрен.
Несреќата се случила синоќа кога авион со 64 лица се судрил со воен хеликоптер Блек Хок со тројца војници и паднал во реката Потомак при обид да слета на националниот аеродром „Роналд Реган“ во близина на Вашингтон.
Хавана - Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во затворот Гвантанамо да подготви центар за притвор за мигранти.
„Во брутален чин, новата американска влада објавува дека ќе затвори илјадници мигранти во поморската база во Гвантанамо, лоцирана на нелегално окупирана кубанска територија, и присилно ќе ги смести до добро познатите затворите за тортура и илегален притвор“, напиша Дијаз-Канел на платформата Икс.