МИА Општински пул
- 29 јануари 2025
29 јануари 2025
Битола - Јавната здравствена установа Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ се оградува од постапката на докторот кој е притворен заради примање на поткуп.
Директорката на Битолската клиничка болница Ненси Лозанче преку соопштение посочи дека итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководна позиција.
Битола - Средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз-Тито“ со повеќе свечености ќе го одбележи 6 февруари, денот кога пред 80 години во гимназијата почна да се изведува настава на современ македонски јазик.
На прес-конференција во Битола директорката на гимназијата Лидија Споа ја претстави неколкудневната празнична програма која ќе почне да се реализира на 3 февруари со изложба на слики инспирирани од делата на македонската преродбеничка литература, а ќе заврши со свечена академија „Експериментум Македоникум“ што ќе се одржи на денот на празникот.
Скопје - Општина Центар ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на општината со цел брза интервенција на службите. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.
„Ги повикувам сите граѓани да пријават проблем со јавната чистота во Центар. На овие телефонски броеви граѓаните можат да ни испратат фотографија од населеното место коешто треба да биде исчистено, а Град Скопје не си ја има завршено својата основна задача. Нашите служби веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во општината. Спроведуваме акција за чистење на јавните површини во Центар откако пред два дена градот Скопје ги остави центарските улици во смет. Во понеделникот се соочивме со лоша глетка којашто е недозволива за централното градско подрачје. Апелирам до Град Скопје и градоначалничката Арсовска да водат поголема грижа за градот, особено за чистотата на улиците кадешто имаат надлежност за да не се соочиме повторно со смет. Граѓаните заслужуваат чиста општина. Центар не чека, Центар чисти“, вели Герасимовски.
Штип - Во штипското комунално претпријатие „Исар“ во функција се става кол центар. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на денешната прес-конференција рече дека граѓаните на унифицираниот број ќе пријавуваат проблеми со дефекти, собирање на смет, пријава за кабаст отпад и за се останато што е во надлежност и под ингеренции на комуналното претпријатие. Граѓаните ќе добијат повратен одговор, повикот ќе биде снимен, а екипи на ЈП „Исар“ веднаш ќе излезат на терен доколку има потреба за решавање на проблемот.
-На телефонскиот број 032 609 555 граѓаните ќе можат да ги пријавуваат дефектите и нашите служби автоматски и нашите оператори ќе добиваат работен налог и ќе постапат по извршување на истите работни задачи. Морам да напоменам дека заради квалитетот на разговорот и услугите разговорите ќе бидат снимени, изјави Арсовски.
Куманово - Нов секретар на општина Куманово е доскорешната раководителка на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис-Јаневска. Таа доаѓа на местото на Александар Гелевски кој неодамна беше назначен за директор на Агенцијата за планирање на просторот.
Сларидис-Јаневска дипломирала на Архитектонски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2001год. Своето работно искуство го стекнува во неколку приватни компании некои од нив интернационални, но и локални. Од 2010 година работи во Општина Куманово на позиција Советник за урбано планирање, а од 2018 година е назначена на позиција раководител на Сектор за урбанизам во Општина Куманово.
Неготино - Општина Неготино организира натпревар за најдобри вина и ракии од индивидуални производители и семејни винарии, во рамките на одржувањето на манифестацијата „Неделата на виното - 2025 година“, што се организира по повод 14 февруари, празникот на лозарите и винарите „Свети Трифун“, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа.
- И годинава ќе се дегустираат вина и ракии од индивидуални производители. Се организира натпревар во дегустација на вина (бели, црвени и розе) од реколтата 2024 година и ракии од индивидуални производители и семејни винарии, на кој право на учество имаат производители од општина Неготино, соопштија од Службата за информирање.
Штип - Општина Штип втора година бесплатно им доделува училишни униформи на учениците од прво до петто одделение во сите основни и подрачни училишта. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска првите униформи за оваа учебна година ги додели на учениците во најголемото Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ во Штип.
-Целта на овој проект, којшто втора година по ред се реализира е да се намалат социјалните разлики и да бидат помалку видливи меѓу дечињата во основните училишта, а тенденцијата е оваа година да се направат финансиски за можност да се реализира овој проект комплетно кај сите основци на територија на Општина Штип, вели Јорданов.
Тетово - Општина Тетово денеска беше домаќин на состанок на градовите кои се дел од Унијата на турските општини во светот. Според тетовскиот градоначалник Биљал Касами, Општината Тетово има долга соработка со општини во Турција и со општини членки на оваа Унија и има конкретен пример за меѓународна соработка.
- Претседателот на Унијата директно придонесе во минатото на Тетово се донираат околу 100 контејнери кога најмногу и треба на Тетово за да се изменаџира со отпадот. Работиме за реализација на други проекти со Унијата и со одредени општини, по-конкретно за еден центар за природните науки, каде нашите ученици од основно и средни образование ќе ги добијат основните и практичните знаења од овој центар. Таков пример, има повеќе во Турција кои се основани од општините. Исто така, со големо задоволство, сакам да ги информирам граѓаните дека со претседателот веќе договоривме дека ќе се врати уште еден голем и значаен проект за Тетово а тој е изградба на Саат кулата во центарот на Тетово каде што и беше. Проект кој пред многу години беше договорен меѓу Општина Тетово и Општина Коња, но за жал од претходните власти тоа беше суспендиран, изјави Биљал Касами.
Тетово - Градоначалникот на Тетово и претседател на партијата Движење Беса, Биљал Касами на новинарско прашање го критикуваше потегот на заменик премиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ поради приемот на Милорад Додик, претседателот на Република Српска во Босна и Херцеговина.
Касами ја даде оваа изјава денеска пред настан во Тетово, каде општината организираше средба како дел од Унија на турските општини во светот.
Струмица - Општина Струмица и годинава субвениционира бесплатен приклучок на гасоводниот систем за кој досега граѓаните плаќаа 46.943 денари.
Повикот за субвенионирање е објавен на официјалната веб страница на Општината и во него се наведува дека со оваа иницијатива се овозможува субвенционирање на трошоците за „Стандарден приклучок на дистрибутивниот гасоводен систем“, со вредност од 46.943,00 денари по домаќинство во нето износ.
Струмица - Во селото Муртино, едно од најголемите во Општина Струмица, ќе се гради атмосферска канализација и со овој зафат се решава проблемот со поплавите.
Како што информира од Општина Струмица, изградбата на атмосферската канализација и заштита од поплави во село Муртино, во првата фаза, опфаќа изградба на атмосферска канализација во должина од 2.720 метри и реконструкција на отворени канали во должина од 1.701 метри.
Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во завршните активности за изградба на првиот затворен спортски објект во населбата Пинтија. Салата, која има површина од околу 350 метри квадратни, лоцирана е во рамки на ПОУ „Рајко Жинзифов“, каде со години наставата по физичко образование се одвивала во несоодветни и супстандардни услови.
Како што информира Општина Кисела Вода, во моментов се поставуваат панели и прозорци, а следната фаза вклучува поставување на електричната инсталација. Градежните активности се одвиваат според предвидениот план и до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ставена на користење на учениците.
Дебар - На двата гранични премина „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско - албанската граница кај Дебар, според статистиката на македонското министерство за внатрешни работи, регистрирана е рекордна фреквенција на патници или вкупно 885.425, што е за 122.341 патници повеќе, споредено со претходната година.
-Гледано одделено, на граничниот премин „Блато“ на влез и излез се 834.345 патници, од нив странски 672.062 и 162.283 македонски државјани. Споредено со претходната година на овој премин бројот е поголем за 120.086 патници. На граничниот премин „Џепиште-Требиште“ минале 51.080 патници, од нив странски 48.116 и 2.964 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 12.255 патници, потврдуваат од министерството.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека утрово, Општина Центар заедно со директорот Душко Коцевски и вработените на јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар - ПОЦ ги исчистија јавните површини во населбата Маџир маало кадешто надлежност има градот Скопје.
„Вчера, веднаш се мобилизиравме и еве утрово спроведуваме голема акција за чистење на нашата општина. Ја исчистивме населбата Маџир маало кадешто надлежност има градот Скопје. Тука долго време сметот не беше тргнат. Во акцијата вклучена е целата механизација со цистерна за миење на улиците, две метларки за поефикасно чистење на улиците и камион за собирање на смет. Активирани се 120 хигиеничари кои оваа недела секојдневно ќе бидат на терен за поголема чистота на Центар. Со акцијата ги подигнуваме хигиенските стандарди во нашата општина, и обезбедуваме почиста и посредена околина за сите нас”, вели Герасимовски.