
7 март 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ во организација на Министерството за локална самоуправа денеска ќе присуствуваат на почеток на реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во с. Драчево во Општина Кисела Вода.
Вредност на проектот за реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во должина од 2,5 км и ширина 4 м изнесува 30.000.000 денари.
Скопје - Собранието денеска ќе ги одржи 38. седница на која треба да расправа за повеќе предлог одлуки и закони, како и 39. која е со единствена точка на дневен ред „30 години заложби и достигнувања за подобрување на статусот на жените и идни планови за акција“.
Во рамки на 38. седница пратениците треба да дебатираат за Предлог одлуката за објавување јавен конкурс за именување членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, како и за предлог одлуките за именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, и на директор и заменик на директорот на Агенцијата за администрација.
Скопје - Собраниската Законодавно-правна комисија денеска на седница треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење, во прво читање.
Целта на Предлог законот е да се регулира статусот на оние градби кои се во определена фаза на изградба, да можат да продолжат во понатамошна фаза согласно одредбите од Законот за градење со доставување на дополнителни докази без дополнителни финансиски оптоварувања по државниот буџет.
Скопје - Избор на вкупно четириесет и седум обвинители во осумнаесет јавни обвинителства е на дневниот ред од 20. седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што ќе се одржи денеска со почеток во 10:30 часот во просториите на Советот.
Најмногу, односно 14 јавни обвинители, треба да се изберат во Основното јавно обвинителство Скопје.
Скопје - Третиот правосуден форум за родова еднаквост и правосудството во Западен Балкан ќе се одржи денеска во Скопје, во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од Европската конвенција за човековите права.
Форумот е организиран од АИРЕ Центарот (AIRE Centre), во партнерство со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Британската амбасада во Северна Македонија.
Скопје - Стартуваше поддршката за стопанството преку кредитната линија за инвестиции и развој од средствата од заемот од Унгарија, откако Развојата банка вчера ја исплати првата транша во износ од 10,4 милиони евра, кон комерцијалните банки за поддршка на проекти на 47 компании. Претходно, Министерството за финансии од централниот буџет ја префрли првата транша до Развојната банка, по доставеното барање за повлекување на средствата на кое му претходеше одобрување на проектите со кои аплицираа компаниите од страна на деловните банки.
Скопје – Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска откако во Основниот Кривичен суд Скопје на минатото рочиште беа изведени докази на предлог на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски. На следното рочиште закажано за 12 март е предвидено да започне распитот на обвинетите.
Во Кривичен на изминатото рочиште беше сослушан сведокот Стојан Кујунџиевски кој сведочеше дека заедно со колегите од СВР Велес вршеле потрага по исчезнатиот Жежовски, како и за претресот во домот на Боре Видевски каде што биле пронајдени ловечка пушка, патрони и куршуми девет милиметри за пиштол.
Скопје - Во просториите на Центарот за социјални претпријатија (зад спомен куќата на Мајка Тереза) денеска ќе се одржи панел дискусија насловена „Трансформативната моќ на социјалните работнички“, во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и UN WOMEN.
На панел дискусијата ќе се обратат министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимaни и раководителката на UN Women, Весна Ивановиќ-Кастаред.
Скопје - Сојузот за младинска работа (СМР) го продолжува рокот за пријавување на програмата „Работник со млади“, до среда, 12 март 2025 година. Програмата нуди обука за професионална младинска работа, комбинирајќи теоретска и практична настава.
Обуката ќе се одржува онлајн во периодот од март до јуни 2025 година, на македонски јазик. СМР најави дека ќе биде водена од предавачи кои имаат долгогодишно искуство во работата со млади и се препознаени на национално и меѓународно ниво. Учесниците кои ќе ја завршат програмата со потребната посетеност и положен испит ќе добијат сертификат за работник со млади.
Скопје - Во Скопје денеска ќе бидат презентирани прелиминарните наоди од студијата „Родово базирано насилство врз жените и девојките во јавните места во Скопје и Тетово“. Студијата ги разгледува степенот и различните димензии на насилство врз жените и девојките на јавните урбани места во Скопје и Тетово, информираат организаторите на настанот.
Како што појаснуваат, истражувањето првенствено се фокусира на перцепциите на девојките и жените во однос на безбедноста што тие ја искусуваат во јавните простори и какво влијание има врз нивните животи.
Скопје - По повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, во галеријата „Ко-ра“ во Скопје вечер ќе биде отворена мултимедијална изложба „Жените од светот низ историјата“, која е дел од циклусот „Жената симбол и инспирација“
Најавено е учеството на уметниците Марија Светиева, Марија Чепишева, Маја Танева, Билјана Билбилоска, Касиопеја Наумоска, Славица Танеска, Давор Тоциновски, Марија Николова, Игор Љубовчевски Љубац, Виктор Бранѓолица, Христо Петрески, Гордана Винчиќ, Сузана Арсова и Дијана Петкова.
Скопје - По повод 70 години од излегувањето од печат на првата стихозбирка на современиот македонски поет, академик Анте Поповски, во културниот центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи поетско читање насловено „Одблесоци“. Со овој културен чин, ќе биде означен почетокот на осмото издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“.
Настанот е конципиран во неколку делови со главен фокус насочен кон младите поети - учесници на манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“ во изминатите седум години, како добитници на наградата „Антев часовник“ или како избрани во потесните кругови на селекција за истата награда.
Скопје - На сцената на Националната опера и балет вечер ќе се изведе балетската претстава „Дамата со камелии“. Претставата е работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.
Како што најавија од НОБ, претставата ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка, концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Скопје - По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената - 8 Март, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска ќе биде отворена традиционалната изложба „Убавите жени во мојот народ“.
Авторки на изложбата се Марина Мијаковска, Елени Новаковска и Искра Димитрова.
Скопје - По повод отворањето на месецот на Франкофонијата 2025, во организација на Францускиот институт во Скопје, вечер во киното „Синеплекс“ ќе се одржи гала филмска вечер и премиера на филмот „Грофот од Монте Кристо" (2024).
Како што е најавено, настанот ќе го отвори францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер. По премиерата, филмот од 8 март ќе се прикажува на редовниот репертоар во „Синеплекс“.
Приштина - Процесот на пребројување на гласовите за парламентарните избори во Косово на 9 февруари заврши во средата, а Движењето Самоопределување (ПС) на премиерот Албин Курти доби најмногу - 42,28 отсто од гласовите, обезбедувајќи 48 места, но не доволно за формирање нова влада на Косово само со помош на несрпските малцински заедници, јави Бета.
Курти продолжува да нагласува дека неговата партија ќе ја формира новата влада.
Тирана - Албанската влада вчера одлучи да го затвори ТикТок на 12 месеци поради " содржината што ја објавува и која поттикнува насилство и малтретирање, особено меѓу децата".
Министерката за образование Огерта Манастрилиу рече дека службениците се во контакт со ТикТок за инсталирање филтри за родителска контрола, како и за проверка на возраста и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата.
Брисел - Лидерите на земјите членки на Европската унија на вчерашниот специјален Европски совет посветен на Украина и на одбраната на Европа, се согласија дека континентот мора да стане поодговорен за сопствената одбрана и самостојно да се справува со предизвици, но не успееја да постигнат консензус за поддршката на Киев.
Коментирајќи го ваквиот исход на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта изјави дека сите сакаат мир, а разликата е во тоа што 26 земји веруваат дека патот до мирот е преку зајакнување на капацитетите на Украина, додека Унгарија има поинаков став.
Белград - Студентите во блокада повикаа за денеска на генерален штрајк во Србија, и добија поддршка од проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград, Адвокатската комора на Војводина и Белград и неколку различни синдикати, здруженија и иницијативи.
Во објавите на социјалните мрежи, студентите во блокада ги повикуваат граѓаните „да ги запрат луѓето околу себе“, да излезат надвор, да не трошат пари и да не одат на работа, јави Бета.
Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан одлучи да распише референдум за прашањето за членството на Украина во Европската унија, јавија унгарските медиуми.
Премиерот синоќа пред претставниците на медиумите во Брисел, каде се одржа вонредниот самит на ЕУ за Украина, изјави дека прашањето за пристапувањето на Украина во европскиот блок треба повторно „сериозно“ да се постави и дека во сегашните околности мора да се донесе „одговорна одлука“.
Њујорк - Американскиот Стејт департмент подготвил планови за затворање на десетина конзулати до почетокот на летото, јави Њујорк Тајмс, повикувајќи се американски официјални претставници.
Стејт департментот разгледува опции да затвори и дополнителен број мисии, пишува весникот. Меѓу десетината конзулати што ќе бидат затворени, главно ќе бидат затворени оние во Западна Европа, според тројца официјални претставници запознаени со меморандумот што кружи во Стејт департментот, се додава во извештајот.
Според весникот, ќе бидат отпуштени од работа и голем број локални лица во дипломатските мисии на САД во странство.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека висок американски функционер неодамна одржал директни разговори со палестинското движење Хамас во врска со ослободувањето на израелски заложници во Газа. Истовремено, Хамас се закани дека ќе ги убие заложниците доколку израелската армија ги обнови борбите во Газа, јави ДПА.
„Секоја ескалација на агресијата ќе резултира со убиство на голем број од киднапираните“, рече портпаролот на Хамас Абу Обеида во видео-пораката Тој додаде дека Израел е одговорен за смртта на заложниците во Газа, како и за непридржувањето кон договорот за енклавата.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО, нагласувајќи дека САД не треба да им помагаат на земјите кои, според него, не трошат доволно за сопствената одбрана.
„Ако не платат, нема да ги бранам“, изјави американскиот претседател пред новинарите во Белата куќа, додавајќи дека земјите-членки на НАТО „треба да платат повеќе“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави синоќа дека најверојатно ќе го направи своето прво патување во странство во Саудиска Арабија за да потпише договор со Ријад за инвестирање повеќе од илјада милијарди долари во американската економија, вклучително и купување воена опрема.
Трамп рече дека најверојатно ќе отпатува таму во текот на следниот месец и половина.Тој одаде дека неговото прво патување во странство за време на неговиот прв мандат било во Ријад во 2017 година за да ги објави инвестициите во Саудиска Арабија, тогаш проценети на 350 милијарди долари.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за создавање стратешки резерви на биткоин, јавија американските медиуми, повикувајќи се на советникот за криптовалути во Белата куќа, Дејвид Сакс.
- Резервата ќе биде капитализирана со биткоини што ги држи федералната влада откако ќе биде запленета во кривична или граѓанска постапка, рече Сакс.
Претходно оваа недела, Трамп ги објави имињата на пет дигитални валути за кои рече дека ќе ги вклучи во резервата. Петте дигитални валути се - Bitcoin, Ether, XRP, Solana и Cardano.
Киев - Руските вооружени сили денеска спроведуваат масовни напади врз енергетската инфраструктура на Украина, соопшти украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
„Инфраструктурата за дистрибуција на енергија и пренос на гас во неколку украински области повторно е изложена на масовно бомбардирање со дронови и ракетни напади“, напиша Галушченко на „Фејсбук“.
Пекинг - Кина повикува на преговори за крај на војната во Украина, јавуваат светските агенции.
Овој повик го упати кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, за време на прес-конференција во кулоарите на седницата на кинескиот парламент.
- Во конфликт нема победници, а во преговори нема губитници. Преговарачката маса е и крај на конфликтот и почетна точка на мирот, изјави Ванг.
Сеул - Поранешниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-јол, кој беше отстранет од функцијата со импичмент од парламентот, е ослободен од притвор откако Суд денеска ја поништи наредбата за негово апсење, поради која беше задржан во средината на јануари годинава, јави јужнокорејската агенција Јонхап.
Јун беше уапсен во неговата резиденција во Сеул од вториот обид, по обвинение за бунт, откако неговите телохранители и десетици поддржувачи првично го спречија пристапот на службениците на јужнокорејското Биро за истрага на корупцијата во високите ешалони на власта.