• недела, 09 март 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  7 март 2025

 

 

Скопје - Единствено прифатливо решение со Бугарија е одложена примена на уставните измени, сакаме гаранции и јасно исцртана тратекторија и предвидливост на патот кон полноправно членство во ЕУ, брифираат извори од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

Според изворите, Владата е посветена кон дијалог и се работи на изнаоѓање решение коешто ќе значи предвлидливост, бидејќи, како што велат, доколку ги усвоиме уставните измени и повторно после неколку месеци се доведеме во ситуација на билатерализација, штетата ќе биде голема за репутацијата на ЕУ и кај нас, како и по регионот во целина.

Скопје – Фактурата за авионскиот превоз за делегацијата која беше во посета на Унгарија изнесува 2.600.000 денари, а не 12 милиони денари, потенцираше денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на прашање за јавните набавки на Владата и дали многу се троши од парите на граѓаните. Премиерот Мицкоски истакна дека фактурата е 60 авионски билети и какошто рече „кога сакате ќе биде изложена на јавноста“.

-Околу 700 евра по билет со сите вклуечни такси на сите луѓе коишто беа дел од делегацијата, која што броеше 60 луѓе, и која што е за 30 проценти помалку, отколку кога би иделе со комерцијална линија Скопје-Виена-Будимпешта, Будимпешта-Виена-Скопје или Скопје-Истанбул-Будимпешта, Будимпшета-Истанбул-Скопје. Тоа се линиите коишто беа во тој момент на располагње. Но, и од двете дестинации бевме одбиени за групна карта, којашто инаку во принцип беше за 30 проценти поскапа. Ова е виситната за да нема допонителни шпекулации, изјави Мицкоски.

Скопје – Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека државата политиката треба да ја базира врз позициите на САД како стратешки партнер, особено во мигови кога во рамки на ЕУ постојат несогласувања и по прашања како што е буџетот на Унијата.

Мицкоски денеска на прашање на новинарите за позицијата на Владата по однос случувањата во светски рамки, истакна дека стратешка цел на државата е полноправно членство во ЕУ, но истовремено потсети и дека САД се наш стратешки партнер.

Скопје – Владата нема донесено таква одлука и не знам од каде е таа информација, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по објавите за избор на фирмата „Ѓока констракшн“ преку јавно-приватно партнерство да гради и управува со паркингот во Клинички центар во Скопје. Мицкоски посочи дека при изборот ќе се земат во предвид бонитетот и кредибилитетот на компанијата.

Скопје - Очекувам општествена поддршка на претстојните локални избори за кандидатите за градоначалници од ВМРО ДПМНЕ, коалицијата „Твоја Македонија“, коалицијата ВРЕДИ или ВЛЕН, политичката партија ЗНАМ, изјави денеска премирот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој одговораше на новинарското прашање за вчерашното интервју на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, а во кое изјавил дека е заинтересиран во одредени општини да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.

-Затоа што убеден сум дека политиките што ги води оваа коалиција се навистина политики коишто  се од интерес на народот и затоа кога велам дека очекувам општествена поддршка, тоа навистина и го мислам, изјави Мицкоски.

Скопје – Правецот на македонската надворешна политика е јасен - стратешко партнерство со САД, члентвото во НАТО и останување на патот кон неостварената стратешка цел - полноправното членство со Европската Унија, брифираат извори од МНР.

Во однос на гласањето на воздржаност во Обединетите нации за резолуциите за Украина, велат дека земјава успеала да одржи позиција којашто истовремено е и принципиелна и во рамки на трите приоритети на нашата надворешна политика – членството во НАТО, усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ и нашето формално стратешко партнерство со САД.

Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во целост ги демантира неточните информации изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ во врска со изградбата на кровната конструкција над зградата на Министерството.

-Проектот за изградба на кровна конструкција над рамната тераса беше првично планиран за реализација во 2022 година, со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување, кои се јавуваат при секој пообилен дожд. Според стручни проценки, како резултат на несоодветното одржување во изминатите години, бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата се значително оштетени, што наложува целосна реконструкција и замена на рамната подлога, стои во соопштението на МНР.

Оттаму велат дека изработката на основниот проект започнала кон крајот на 2022 година, а буџетските средства биле обезбедени во 2023 година.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски тврди дека постапката за јавна набавка за кровната конструкција на зградата на Министерството е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури. Бара извинување од СДСМ и портпаролката Богданка Кузеска во рок од 24 часа, во спротивно најавува постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот. 

Скопје - Пратеничката група на СДСМ и коалицијата на денешната прес-конференција соопшти дека тие нема да учествува на пленарната седница посветена на 8 март. Нивното отсуство, како што беше истакнато, е протест против неправдата, дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените.

Скопје - Индустриското производство во јануари годинава во однос на јануари минатата година бележи раст од 1,4 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2025 година, во однос на јануари 2024 година, бележи опаѓање од 5,1 процент, во секторот Преработувачка индустрија пораст од 4,4 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 4,1 процент.

Скопје - Во март ќе има конкретен статистички показател дека има намалување на трошоците на мало по примената на владините мерки, рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарските прашања по настан во Општина Кисела Вода. За денешниот најнов податокот од Државен завод за статистика дека има зголемување на трошоците на живот 5 отсто во февруари 2025 во однос на јануари 2024 година, потсети дека сè уште не биле спроведени владините мерки во споменатиот месец.

Скопје - Вработените во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) денеска ја очекуваат платата за февруари, а јануарската им е веќе исплатена.

Како што информира директорот на ДПИ Влатко Стојкоски, решен е проблемот и со пријавувањето/одјавувањето на вработените.

Скопје - Веќе почнуваат да се гледаат и видливи се резултатите од нашата работа. Економијата во Македонија повеќе не е во стагнација, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска, осврнувајќи се на податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика за невработеноста, индустриското производство и извозот.

- Државниот завод за статистика објави податоци за стапката на невработеност во земјава за четвртиот квартал од 2024 година и која евидентира намалување на ниво од 11,9 отсто што е историски најниско ниво, забележувајќи пад од 0,4 процентни поени во однос на претходниот квартал и 0,7 процентни поени намалување во однос на 2023 година. Истовремено расте вработеноста и изнесува 46,2 отсто. Позитивни резултати забележани по подолг временски период има и кај индустриското производство кое за јануари 2025 забележа раст од 1,4 отсто, рече Димитриеска - Кочоска на прес-конференција во Владата.

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска изјави дека Владата посветено работи за посериозно стабилизирање на цените на прехранбените производи во маркетите и најави изработка на една стратегија на среднорочен период која треба да спречи вакви проблеми како сега.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во однос на тоа дали има доволен број на наставници во државата со оглед на тоа што се планира воведување на едносменска настава во училиштата, напомена дека дистрибуција на наставниците е нерамномерна и ќе се врши нивна прераспределба. Како што потенцира, наставниците нема да останат без работа, туку ќе станат пофункционални.

Скопје – Советот на јавни обвинители (СЈОРМ) денеска избра 31 нов јавен обвинител за 10 основни јавни обвинителства низ Република Северна Македонија. Кандидатот пријавен за обвинителствата во Гостивар и Кичево, не го добил потребниот број на гласови, а во пет обвинителства воопшто немало пријавени.

Во Основно јавно обвинителство Скопје се избрани кандидатите Сашо Палчевски, Бурханедин Нухију, Ирина Црвенковска, Јана Ристеска, Милена Новеска Латиновска, Кристијан Смилевски, Бојана Ваневска, Илир Зајази, Александар Софронијовски, Динче Стојановска, Марија Секуловска Велковска, Марина Галева, Орхан Арифовски и Давид Неделков.

Скопје - Трудот на социјалните работници иако често е невидлив останува неизбришан траг на надеж и љубов во срцата на оние на кои им помагате. Продолжете да бидете светлина за оние кои изгубиле надеж во оваа земја, вашата грижливост е нешто што го прави светот подобро место за сите нас. Тоа го истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на денешната панел дискусија „Трансформативната моќ на социјалните работнички” организирана од ресорното министерство и UN WOMEN.

Скопје - Стапката на невработеност во државава во четвртиот квартал лани изнесува 11.9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според ДЗС, стапката на активност во овој период е 52.5, а стапката на вработеност 46.2.

Во четвртото тримесечје од 2024 година, активното население во државава  изнесува 795 321 лице, од кои вработени се 700 526, а 94 795 лица се невработени

Скопје - Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќ поевтинува за 2,5, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за два денари за литар, додека цените на другите горива остануваат исти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).  Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,15 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе изнесува 75 денари за литар, а на ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе биде 77,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и понатаму ќе се продава за 72 денара за литар, Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) 71,5 денари за литар, а Мазутот М-1 НС за 43,501 денари за килограм.

Скопје - Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари  годинава, изнесува 0,5  проценти. Индексот на трошоците на животот во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи зголемување од 5 проценти, а индексот на цените на мало зголемување од 4,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Скопје - Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во јануари 2025 година, изнесува 35 635.8 милиони денари и бележи пораст од 5.0 % во однос на истиот период од претходната година.

Како што соопштува Државниот завод за статистика, вредноста на увезената стока, во јануари 2025 година, изнесува 52 262.1 милион денари, што е за 5.9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во јануари 2025 година, изнесува 16 626.3 милиони денари.

Скопје - Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за убиствата на Вања и Панче. Одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри.

Одбраната побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата.

Скопје - На улицата „Скупи“ во Општина Карпош вчера попладне полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Е.Х.(19) и Е.Д.(18), двајцата од Скопје. Како што соопштија од МВР, претходно било пријавено дека на улицата бил забележан густ чад, по што полициски службеници излегле на местото и ги затекнале лицата како палат кабли, при што запалиле и сува трева.

Лицата биле приведени во полициска станица и од нив биле одземени каблите за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“.

Париз - Францускиот министер за одбрана денеска ќе ги прими своите колеги од четири други европски воени сили, Германија, Италија, Полска и Велика Британија, за да ги „координираат акциите за поддршка на Киев“, соопшти француското Министерство.

Петмина министри за одбрана ќе се сретнат во Париз еден ден по состанокот на началниците на генералштабовите на европските земји подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон, пренесуваат француските медиуми.

Брисел - Во Европската Унија се наоѓаат некои од родово најрамноправните општества во светот, со што таа се наметнува како глобален репер за родовата еднаквост, порача еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб на денешната презентација на Патоказот на Европската комисија за правата на жените и на Извештајот за родова еднаквост за 2025 година. 

- Родовата еднаквост не е предмет на дебата. Таа треба да биде природна, како и воздухот што го дишеме. Таа е во сржта на нашиот европски начин на живот, рече Лабиб при промоцијата на двата документи во пресрет на Меѓународниот ден на жената - 8 март.

Варшава – Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска до парламентот поднесе предлог за измена на Уставот за да вклучи обврска Полска да троши најмалку четири отсто од својот БДП за одбрана годишно.

- Денеска до претседателот на Сејмот доставив предлог за измена на Уставот за воведување обврска за издвојување четири отсто од БДП за одбрана. Сметам на консензус на пратениците и дека измените ќе бидат усвоени, рече полскиот претседател во Долниот дом на парламентот пред дебатата за одбраната на која премиерот Доналд Туск ќе ги претстави плановите на владата.

Букурешт – Претседателскиот кандидат на поништените избори во Романија, Калин Ѓорѓеску најави дека денеска до Централната изборна комисија ќе ја достави својата кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 4 мај.

- Официјално ќе се пријавам за учество на новите избори. Иако не се откажувам од идејата да се продолжи со вториот круг. Слушнав дека сакаат да ме блокираат. Се разбира, тоа би било спротивно на волјата на романскиот народ и сигурно ќе им нанесе силен удар на демократските вредности, а да не зборуваме за нивното уништување, рече Ѓорѓеску на телевизијата Реалитатеа плус.

Москва – Кремљ денеска ја критикуваше Европската унија за „конфронтирачка реторика“ на вонредниот самит на ЕУ во Брисел, каде што Унијата воспостави план за значително зајакнување на своите способности за одбрана од Русија.

- Гледаме дека ЕУ активно разговара за милитаризација, внимателно го следиме тој процес бидејќи ЕУ ја позиционира Русија како главен непријател, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.

Вашингтон - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека сака да преговара за нуклеарен договор со Иран и дека денеска испрати писмо до иранскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, во кое изразува надеж дека ќе се согласи на разговорите.

-Му наведов дека се надевам дека ќе преговара, бидејќи тоа ќе биде многу подобро за Иран. Мислам дека сакаат да го добијат тоа писмо. Втората опција е дека мораме да направиме нешто, бидејќи не можеме да дозволиме уште едно нуклеарно оружје, рече Трамп во интервју за мрежата „Фокс бизнис“.

Белата куќа засега не одговори на барањето за коментар.

Њујорк - Повеќе од 300.000 бегалци се вратиле во Сирија по падот на режимот на претседателот Башар ал Асад, соопштија Обединетите нации.

Селин Шмит од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) наведе дека бројот на повратници по 8 декември надмина 300.000, објави Фигаро.

Според неа, освен тие 300.000 повратници, уште 900.000 луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови, но останале во Сирија, се вратиле во своите родни места, што значи дека од почетокот на декември во нивната област се вратиле вкупно 1,2 милиони лица, вклучувајќи бегалци и внатрешно раселени лица.

Богота – Во напад на колумбиските дисиденти ФАРК на две локации во провинцијата Каука, киднапирани се 29 припадници на колумбиските безбедносни сили, соопшти денеска Министерството за одбрана на земјата.

Инцидентите се случиле во Ел Платеадо, каде безбедносните сили спроведуваат повеќемесечна интервенција против вооружените групи и Ла Хациенда, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Остани поврзан