• недела, 09 март 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

7 март 2025 

Битола - Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола, јубилејот 80 години постоење ќе го одбележи со низа програмски активности и институционална промоција во државата и странство.

На прес-конференција во библиотеката, директорката Емилија Стефановска Давкова истакна дека пред себе поставиле апет стретешки цели, зголемување на бројот на студенти што ќе изнајмуваат книги од библиотеката и меѓународна активност.

-Поставив пет стратешки цели во мојата работа, да гарантираме пристап за идните генерации, да овозможиме секому што сака да истражува, да дадеме можност на сите истражувачки заедници посебно за подобрување на економската и социјалната компонента во општеството, да го збогатиме културниот живот на нашата нација и да овозможиме услови за зголемување на базата на знаење и базата на податоци. Ќе ја зголемиме соработката со универзитетите со намера да се зголеми бројот на студентски корисници. Според нашата анкета бројот на студенти корисници во библиотеката во изминатите години опаднал повеќе пати и во моментов бројката е поразителна бидејќи во моментов ние имаме само 133 студенти.  Ние ќе ја збогатиме стручната и научна литература, остваривме контакт со професорите од УКЛО-Битола да ги понудат своите учебници и прирачници, а со цел да ги привлечеме студентите и професорите до настаните во библиотеката, истакна Стефановска Давкова.

Крива Паланка - Со цвеќе во знак на внимание и почит, со желби и честитки по повод претстојниот Меѓународен ден на жената - 8 Март, градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, денеска им го честиташе празникот на работничките од производствените погони во градот.

Митовски оствари посета на повеќе производствени погони лоцирани во комплексот на поранешниот индустриски гигант „Карпош“, како и на други компании на подрачјето на Општината, каде што главна работна движечка сила се дамите.

-Денеска со цвет и искрена почит за сите дами чиишто вашите вредни раце се столб и на компаниите од градот и на фамилиите, го честитав претстојниот Меѓународен ден на жената - 8 Март. Ги посетив производствените погони, од каде што во најголем процент или комплетно, главна работна сила се дами - силни, неуморни и храбри жени кои рамноправно на пазарот на трудот даваат придонес во домашниот буџет и во локалната економија. Длабок наклон за секоја од овие  дами, секој ден, а денеска посакувам среќен празник, рече Митовски.

Во текот на вчерашниот ден Митовски ги посети највозрасните дами од општината, корисничките на Дневен центар за стари лица со активно стареење при ОО на Црвен крст, Крива Паланка и негувателките од „Нега центар“ кои се на терен секојдневно, беспоштедно пружајќи грижа во домовите на изнемоштените и болни жители на општината.

Тетово – Од денеска ќе почне да се применува моделот на настава со една смена во наставниот процес во селото Гајре, што е важен чекор за подобрување на условите за настава и развојот на образованието, информираат од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста воедно пренесувајќи детали за посетата на градоначалникот Биљал Касами на тамошното училиште.

Касами истакнал дека оваа промена позитивен чекор кон обезбедување подобри можности за учениците и е инвестиција за подобра иднина за следните генерации.

- Посветени сме на подобрување на условите за учење во сите училишта! Наставата во село Гајре од денеска ќе се одвива во една смена, уште еден позитивен чекор за развој на образованието и обезбедување подобри можности за учениците. Ова е чекор напред за да се обезбеди подобра иднина за идните генерации, истакнал Касами.

Оваа промена е дел од поширока стратегија за подобрување на секој аспект на образовниот систем во општина Тетово.

- Градоначалникот Касами ја поздрави оваа иницијатива во рамки на Денот на учителот, 7 Март, нагласувајќи дека наставниците се тие кои нудат надеж и инспирација за целото општество. Среќен 7-ми Март, Денот на учителот! Вие сте надеж и инспирација за сите нас, се вели во соопштението.

Дебар - Подружницата „Стогово“ на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во Дебар и годинава ќе врши пошумување согласно редовниот годишен план за оваа цел, со кој ќе биде извршено пошумување на 8 хектари во неколку локации.

- Планираме пошумување на три локации и тоа Бањиште - Горно Косоврасти, месност Клакови, каде на 3 хектари ќе засадиме ела и смрча, на исто толкава површина на потегот Јама-Мелничани ќе засадиме бел бор и Модрич-Стогово на два хектара црн бор. Пошумувањето е од огромно значење, поради што реализацијата на Планот за пошумување и годинава е приоритет, исто како и претходните години и очекуваме да се реализира без проблеми, рече Парталовски за МИА.

Овие активности, додава, се планирани за на есен, а дополнително пошумување пролетва ќе релизира и невладина организација на 5 хектари, која минатата пролет пошуми 3 хектари над градот, во атарот на село Татар Елевци.

Потсетува дека минатата година токму во овој атар опожарени беа над 45 хектари а голем пожар имаше и кај селото Гари.

Тетово – СВР Тетово денеска информира дека вчера било пријавено дека е повредено дете од 15 месеци откако била удрена количката во која го носеле неговите родители. Количката била удрена од возило, по што возачот не застанал и заминал од местото.

- На ден 06.03.2025 година во 15.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека на улица ,,ЈНА" се случила сообраќајна незгода, во кое патничко возило „пасат" со тетовски регистерски таблици, удрило во количка во кое седело петнаесет месечно дете, кое на пешачки премин поминало со неговите родители Е.Х. и Ф.Х. од Тетово, и по незгодата напуштило лице место. Веднаш било постапено и по пријавената потрага во 16.30 часот било пронајдено и обезбедено возилото управувано од А.М.(67) од с.Шипковица, за понатамошна постапка. Во незгодата со телесни повреди се здобил малолетното дете констатирани во Клиничка болница Тетово, информира СВР Тетово.

Кочани – Јавна панел дискусија на тема „Европеизација на Македонија - дали сме на добар пат?” се одржа во просториите на Прогресив академија во Виница во рамки на циклусот дебати во повеќе градови на кои ќе се дискутира за преземените иницијативи на локалните заедници за приближување на државата кон Европската Унија.

Организаторите на дебатата, Ротари клубот Кочани–Виница и Паневропската унија на Македонија, нагласија дека улогата на граѓаните и локалната заедница е еден од клучните фактори во исполнувањето на определбите за влез во европското семејство.

-Ниту една реформа, ниту едно законско прилагодување не може да ги даде очекуваните резултати ако сите граѓани активно не се вклучени во процесите. Свесни сме дека се соочуваме со огромни предизвици, наидуваме на отпор, а главните забелешки што ги слушаме се јакнење на правосудниот систем, борба против корупцијата и економска стабилност и развој. Многу важно е да прекинат политичките поделби во ситуација кога сакаме да избереме пат што е сигурен и најдобар за нашата иднина, поради што ова не е политичка дебата, туку отворен разговор и размена на мислења, ставови, проблеми и искуства, истакна Ангела Соколова, претседателка на Ротари клубот Кочани-Виница.

За важноста на поединецот и на локалната заедница за приблужувањето кон европските стандарди зборуваше и претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, при што нагласи дека и покрај актуелните општествени и други промените во глобални рамки, државата треба да остане на зацртаните определби.

Скопје - Во текот на февруари 2025 година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготвила и врачила 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници вкупно 11, се изготвени во скопската општина Чаир.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје,  Еко-патролата секојдневно спроведува и интервентни дежурства на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале приближно 70 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Центар, Карпош и Чаир.

- Во општината Центар е интервенирано на ул. „Тодор Александров“, на потегот кон Средно Водно, каде што се подигнати 15 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања, како и на улиците „Рузвелтова“ и „Орце Николов“  каде што се расчистени вкупно 10 кубни метри непрописно одложен кабаст и отпад од картонски пакувања. Во општината Карпош се подигнати 15 кубни метри кабаст отпад одложени на јавна површина на улицата „Прашка“. Две обемни диви депонии се отстранети и во општината Чаир, на улицата „Џон Кенеди“, до ООУ „Васил Главинов“, како и на улицата „Славеј Планина“.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, во пресрет на Денот на жената 8 Март, им го честиташе празникот на припадничките од понежниот пол во Општината, јавните претпријатија, но и на општинската администрација.

-Со искрени желби за многу здравје, радост, среќа и љубов, градоначалникот на припадничките од понежниот пол, им подари скромни подароци, како и осмомартовски црвени рози, велат од Општина Илинден.

Тој истакнал дека денешниот ден е симбол на борба за еднаквост и рамноправност во општеството. Жените, рекол, се тие што знаат да направат баланс, да бидат столбот на семејството, да бидат успешни, нивната мисија е да креираат и да реализираат. Градоначалникот додаде дека улогата на жената е се позначајна во општеството.

Остани поврзан