
7 март 2025
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со припаднички на Армијата, жени кои со својата професионалност, посветеност и истрајност не само што ги уриваат стереотипите, туку внесуваат и нова димензија во вооружените сили.
Како што соопшти Кабинетот на претседателката, полковник Елизабета Наумовска-Петрески, потполковник Александра Доневска, мајор Анета Куртелова и поручник Бојана Филиповска зборувале за себе, за статусот на жените во Армијата, како и за потребата од нивна поголема застапеност во формациските структури.
-Инспирирани од Меѓународниот ден на жената, во искрен и конструктивен разговор тие споделија приказни за својот професионален пат исполнет со предизвици и предрасуди. Ја информираа претседателката дека и покрај напредокот, жените во Армијата се уште не се доволно застапени на клучните раководни позиции и честопати се соочуваат со ограничени можности за едукација, се наведува во соопштението.
Скопје - Родовата рамноправност не е само морална вредност. Таа е основен столб на современото правно и демократско општество. Оваа концепција е вградена во бројни законски и подзаконски акти, но, за да биде целосно реализирана, мора да ја практикуваме без компромиси, без стереотипи и без предрасуди. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец.
Ова го истакна министерот за правда Игор Филков во обраќањето на Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, што започна денеска во Скопје. Тој подвлече дека загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права.
Скопје - Одделите за лекување на инфективни заболувања на централниот нервен систем и интензивна нега во Клиниката за инфективни болести во Скопје се обновени и опремени со современа медицинска апаратура. Во посета на Клиниката денеска беа министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
- Инвестицијата е значајна за подобрување на условите за лекување на пациентите и за работа на медицинскиот персонал. Набавената современа медицинска апаратура ќе служи за побрза и посовремна дијагностика на нашите пациенти кои имаат потреба, истакна директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.
Таравари посочи дека обновата на одделите е значајна и поради реновирањето на КАРИЛ и хируршките клиники, бидејќи ќе требаат повеќе кревети за третман на интернистички пациенти.
Скопје - Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, изјави дека го добил предлогот за негово разрешување и оти во разумен рок ќе се произнесе по сите точки. Според него, нема ниту еден основ за утврдување на тешка дисциплинска повреда.
Во изјава за медиуми пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, на прашање на што се повикува предлогот, Коцевски одговори дека отприлика се повикува на она истото што беше во медиумите истакнато во последниот период.
- Во текот на вчерашниот ден доставен ми беше предлогот од страна на Советот на ЈО, и во еден разумен рок ќе се произнесам по сите точки. Останувам на тоа дека од она што имав можност да го разгледам, дека во предлогот нема ниеден основ за утврдување на тешка дисциплинска повреда, рече Коцевски.
Скопје - „Успехот на секоја жена е инспирација за друга. Денес сме опкружени со бројни примери на успешни жени кои секојдневно докажуваат дека посветеноста, упорноста и трудот се вреднуваат во општеството. Според одредени научни истражувања, жените на лидерските позиции во централните банки претставуваат значаен столб во справувањето со бројните предизвици“, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервјуто за Агенцијата „Марили“ по повод Меѓународниот ден на жената, во кое се осврнува на повеќе актуелни теми во однос на макроекономската состојба, но и на женското лидерство во времиња кога нашата држава се соочува со значителни предизвици.
Притоа, и покрај предизвиците, Народната банка посветено работи и на структурни проекти во повеќе домени. Оваа посветеност на тимот на Народната банка е позитивно оценета од страна на релевантни меѓунарoдни институции, а последна во низата е вчерашната одлука на Европскиот совет за плаќања, којшто позитивно го оцени поднесеното барање и извести дека нашата држава стана 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
Скопје - Осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите.
Како што соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, кај овие правни субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто.
Според Стојкоски, освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети.
-Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме, информира директорот на прес-конференција.
Скопје - Во текот вчерашниот ден во извршените планските сообраќајни контроли на патиштата низ државата прв пат е евидентирана бројка од дури 31 случај на минување на црвено светло од страна на возачите, соопштија денеска од МВР.
Од вкупно издадените 622 платни налози вчера, 58 се однесуваат на непоседување возачка дозвола, изречена е 41 мерка за користење мобилен телефон при возење, 30 санкции за некористење сигурносен појас, а санкционирани се и 12 возачи на мотоцикл за неносење заштитен кацига.
Скопје - М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН договориле соработка за подобрување на снабдувањето со електрична енергија на уредите на планинскиот врв Солунска глава. На надморска височина над 2.500 метри, како резултат на променливи временски услови, соопштија денеска од М-НАВ, може да дојде до нарушување во снабдувањето со електрична енергија. За да се избегнат и намалат ваквите настани поврзани со контролата на летовите, трите институции вчера одржале координативен состанок.
- Стабилноста на работењето на уредите за прецизно наведување на авионите е исклучително важна за безбедноста на авиосообраќајот. Досега овој сегмент бил запоставен и игнориран. Новото раководство на М-НАВ се заложи и овој сегмент од работењето на Компанијата да не биде маргинализиран. Согласно препораките на меѓународните и домашните воздухопловни власти, работиме на подигнување на безбедноста на авиосообраќајот на повисоко рамниште, во соработка со другите релевантни чинители, посебно АРМ и МВР, рекол Климент Чепуњоски, извршен директор за воздухопловна техника на М-НАВ и член на Управниот одбор.
Тирана - Бродот „Бутринти“ на албанската воена морнарица, кој е дел од мисијата на НАТО во Егејско Море, спасил 32 мигранти од Авганистан, кои биле во гумен чамец и овозможил безбедно да стигнат на копно.
-Албанските вооружени сили продолжуваат да придонесуваат за безбедносните служби и надвор од границите на земјата. Екипажот на бродот „Бутринти “, во зоната на патролирање во утринските часови успеа да спаси мигранти од Авганистан, кои со гумен чамец испловиле од Чешме, со дестинација островот Хиос, објави албанското Министерство за одбрана.
Атина – Санторини веројатно е најголемиот бренд на Грција, сам по себе, островот е огромен бренд и обврска на сите нас, на државата, на локалната самоуправа е да ја гарантираме сликата на Санторини и главно да ја испратиме пораката дека Санторини е безбедна дестинација, истакна министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во интервјуто за грчката државна телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако минатиот месец на островот беше регистрирана зголемена сеизмичка активност, министерката истакна дека сега се водат по научните податоци, но и дека безбедноста на жителите и посетителите е најважен приоритет.
- Со податоците што ги имаме во моментов, Санторини може да се отвори како дестинација, со некои специфични параметри, бидејќи постојат некои делови, кои не само сега, туку и лани, од научниците беа карактеризирани како точки со опасност од лизгање на земјиштето. На овие места ќе биде забранета посета, но тоа се многу малку делови, истакна Кефалојани.
Сараево - Амбасадата на САД во Сараево ги оцени последните потези на властите на Република Српска (РС) како „намерна провокација кон уставниот поредок на БиХ и директна закана за стабилноста и безбедноста на државата, како и за стратешките цели на САД“. Во соопштението објавено на платформата Икс, американската амбасада изрази длабока загриженост поради „противуставните и антидејтонски закони“ донесени од парламентот на РС, како и за указот за нивна примена, потпишан од претседателот Милорад Додик.
„Им порачуваме на сите политички лидери, особено на оние кои стојат зад овие одлуки: воздржете се од понатамошна дестабилизација и провокативна реторика. Вклучете се во конструктивен и одговорен политички дијалог. Поддржете ги демократските институции на БиХ и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.
Букурешт - Двајца од шестмината уапсени во Романија под сомнение за велепредавство и организирање криминална група остануваат во притвор 30 дена, одлучи Апелацискиот суд во Букурешт, јавува телевизијата Диџи 24. Останатите четворица ќе бидат под судска контрола.
Во притвор остануваат Адриан-Робертин Дину и Мариус Семењук.
Шестмината осомничени беа уапсени под сомнение дека формирале група со цел „поткопување на суверенитетот и независноста на Романија, преку нарушување на политичката и одбранбената способност на државата“.
Париз - Сите возови на Евростар до и од Париз денеска беа прекинати поради неексплодирана бомба од Втората светска војна, откриена веднаш до пругата на париската станица Гар ду Норд.
Погодените линии се Лондон-Париз, Париз-Лондон, Брисел-Париз и Париз-Брисел, се вели во соопштението на железничкиот оператор. Сепак, возовите Брисел-Марне Ла Вале, Лондон-Брисел и Лондон-Амстердам сообраќаат нормално, додава Евростар. Француската полиција го запре сообраќајот до и од станицата откако бомбата беше откриена на шините кои водат до терминалот за време на поправките во текот на ноќта, додаде Би-Би-Си.
Киев - Делегациите на САД и Украина ќе се сретнат во вторник во Саудиска Арабија за да разговараат за она што Вашингтон го нарекува „првичен прекин на огнот со Русија“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека следната недела ќе отпатува за Саудиска Арабија, но нема лично да учествува во преговорите, туку таа задача ќе ја преземат дипломати.
Зеленски изрази надеж дека средбата ќе биде „значајна“ и нагласи дека Киев работи на постигнување „брз и траен мир“. Овие преговори доаѓаат откако Доналд Трамп одржа директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и го прекина споделувањето разузнавачки информации и воената помош за Украина.
Отава - Канада ја суспендираше најголемата фаза од контрамерките против царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за канадскиот извоз, откако тие беа одложени веднаш по нивното воведување.
Ова следува, откако Трамп вчера потпиша извршна наредба со која се ослободуваат од царини широк спектар на стоки кои доаѓаат во САД од Мексико и Канада.
Изземањето се однесува на стоките согласно Северноамериканскиот договор за слободна трговија постигнат за време на првиот мандат на Трамп и ќе трае до 2 април, кога Трамп планира уште една рунда царини за стоки од голем број земји, јави Ен-Би-Си Њуз.
Вашингтон - Ракетата Старшип на Спејс Икс експлодира за време на пробен лет, неколку месеци по претходниот неуспешен обид за лансирање, при што повеќе летови мораа да бидат приземјени во Флорида поради остатоци.
За неколку минути по лансирањето, контактот бил изгубен бидејќи вселенското летало - дизајнирано за слетување на астронаутите на Месечината и на екипажот на фериботот до Марс излегло од контрола.
Моторите на врвот на Старшип почнале да се гасат додека се движел кон исток. Веднаш не било јасно каде паднала ракетата, но на интернет беа објавени слики од запалени остатоци видени од Флорида и Карибите.
Вашингтон - Американскиот милијардер Илон Маск, кој е дел од администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, реагираше на платформата Икс на одлуката на Европскиот суд за човекови права да ја отфрли жалбата на романскиот крајнодесничарски политичар Калин Георгеску во врска со поништувањето на изборните резултати.
Маск веќе неколку месеци се вмешува во европската политика, а особено во романската, преку објави во поддршка на Георгеску кој победи во првиот круг на анулираните претседателски избори во Романија минатата година.
По одлуката на Европскиот суд, Маск сподели објава со дезинформации од конзервативниот инфлуенсер Марио Ноуфол, коментирајќи: „Каков е овој суд и како тие може да ги поништат изборите?“
Тел Авив - Палестинската милитантна организација Хамас ја предупредува израелската војска дека заложниците држени во Појасот Газа би можеле да бидат убиени во случај на нови воени операции, јави ДПА.
-Секоја ескалација на агресијата против палестинскиот народ може да доведе до убиство на голем број од тие луѓе кои сè уште се држат во заробеништво во Газа, рече портпаролот на Хамас, Абу Обаида во видео-обраќање. Тој истакна дека ќе го смета Израел за одговорен за смртта на заложниците, како и за непридржувањето до договорот за Газа.
Според израелските информации, исламистите во Појасот Газа се уште држат 24 заложници и 35 тела на киднапираните.