
7 март 2025
Скопје - Министерството за европски прашања денеска ја поздрави одлуката на Европскиот платен совет (ЕPC) за проширување на географскиот опсег на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што Северна Македонија вчера стана дел од оваа значајна европска финансиска зона.
Членството во СЕПА, се наведува во соопштението од Министерството за европски прашања, значи полесни, побрзи и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите. Дознаките од ЕУ ќе пристигнуваат побрзо и со пониски трошоци, а бизнисите ќе имаат поедноставени плаќања во Европа. Исто така, членството ќе ја зајакне меѓународната доверба во финансискиот сектор на Северна Македонија и ќе ги продлабочи трговските односи со Европската економска област.
Скопје - Во периодот од 3 до 6 март 2025 година, поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, учествуваше на два значајни настани во Потсдам, организирани од Институтот за културна дипломатија во Берлин и Kлубот Скопје: Берлински економски форум 2025 и Берлинската иницијатива „За дипломатско решение на израелско-палестинскиот конфликт", што се одржа во рамките на форумот, информираат од неговиот кабинет.
Иванов го отворил овој форум и во обраќањето истакнал дека денес сме сведоци на нови геополитички ривалства, на војни кои го потсетуваат светот на опасностите од минатото. Тој посочил дека не успеавме да изградиме свет без војни, туку само се смени нивната форма. Исто така, напомена дека историјата не е само судбина, туку дека таа е избор.
Брисел - Европската Унија го повикува политичкото раководство на Република Српска да се воздржи и да се откаже од провокативната реторика и од активности на раздор, вклучително и од доведувањето во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, се наведува во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на „последните случувања во БиХ“.
- Правните акти усвоени на 27 февруари 2025 година од Народното собрание на Република Српска и потпишани од претседателот на Република Српска на 5 март 2025 година го поткопуваат уставниот и правниот поредок на Босна и Херцеговина и функционалноста на институциите на земјата и ги загрозуваат основните слободи на нејзините граѓани. Овие активности се во спротивност со обврските што Босна и Херцеговина ги презеде на нејзиниот пат кон ЕУ, се потенцира во реакцијата.
Атина - Речиси осум од десет граѓани, односно 78 отсто од анкетираните Грци кои учествувале на масовните протести минатиот петок за двегодишнината од железничката несреќа, сметаат дека на Грција ѝ е потребна „промена на власта“, 19 отсто претпочитаат „итно подобрување на резултатите од работата на Владата“, а останатите три проценти не изразиле никакво мислење, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Прората“, јави дописничката на МИА од Атина.
Анкетата се однесува на „пораките на демонстрантите од 28 февруари“ и била спроведена во периодот од 4 до 5 март на примерок од 720 лица над 17 години кои учествуваа во протестите низ цела Грција.
Киев - Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека користеле борбени авиони Мираж-2000, донирани од Франција, првпат за одбивање руски напад.
-Вклучени се и борбени авиони, особено авионите Ф-16 и Мираж-2000. Вреди да се напомене дека француските ловци, кои пристигнаа во Украина пред само еден месец, првпат учествуваа во одбивањето на нападот, се вели во соопштението на воздухопловните сили објавено на Телеграм, пренесоа украинските медиуми.
Франкфурт - Вработените на аеродромот во Франкфурт в понеделник ќе штрајкуваат како дел од тековниот спор околу платите.
Штрајкот, кој ќе трае 24 часа, го најави синдикатот Верди по неуспехот во вториот круг преговори за колективниот договор за труд.
Киев - Руските сили извршија 17-ти комбиниран напад врз инфраструктурните објекти на украинската групација „Нафтогас“, оштетувајќи капацитети за производство на гас, соопшти компанијата на својата веб-страница.
- Ова е седумнаесетти комбиниран напад врз инфраструктурните објекти на ‘Нафтогас’ за транспорт на гас. Оштетени се производствени погони што обезбедуваат гасно снабдување. За среќа, нема жртви, изјави Роман Чумак, шеф на групацијата „Нафтогас“, пренесе „Укринформ“.
Канбера - Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска изјави дека нема да распише општи избори за април на почетокот на следната недела, како што е најавено, бидејќи владата треба да се фокусира на претстојниот циклон во австралиската држава Квинсленд.
Во тој дел на Австралија се очекува првиот тропски циклон по половина век. Тропскиот циклон Алфред се прогнозира да го погоди брегот на Квинсленд северно од Бризбејн, третиот по големина град во Австралија, рано в сабота, соопшти денеска Бирото за метеорологија.