
6 март 2025
Куманово - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изврши увид во реконструкцијата на спортската сала, информираа денеска од Општината.
- Целта беше да констатирам дека процесот за целосна реконструкција на овој монументален спортски објект кој е во завршна фаза, се одвива беспрекорно. Според предвидената програма, работните активности во сите фази се одвиваа уредно и со утврдена динамика на работа, информираше Димитриевски.
Во иднина, како што најави, тој се планира партерно уредување на просторот околу спортската сала, поставување на систем за греење и ладење, како и оспособување на простории за клубови и стрелиште.
Дебар - Во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа тековнава учебна година, средното обрзование го завршуваат 20 ученици, што е за 6 повеќе споредено со минатата учебна година.
- Во нашата образовна институција имаме 20 матуранти од нив тројца на македонски наставен јазик, од нив еден е пријавен за државна и двајца за училишна матура. На турски наставен јазик се 17 од кои 15 се пријавени за полагање државна, додека двајца за училишна матура. Минатата учебна година, во нашата гимназија, средното образование го завршија 14 ученици, од нив само еден на македонски наставен јазик, изјави за МИА, Сабри Асан директор.
Според Асан, првиот испит од матурата, мајчин јазик и литература ќе се полага на 31 мај.
Минатата година завршените средношколци од Центар Жупа, матурските испити ги полагаа во просториите на дебарската гимназија „28 ноември“. До денеска, немаме одговор од Државниот испитен центар, дали полагањето ќе биде во Дебар или во предложената просторија во Центар Жупа, посочи Асан.
Скопје - Општина Центар ги повикува сите здруженија и фондации кои работат на територијата на општината да се пријават за финансиска поддршка за 2025 година. Овие средства се наменети за поддршка на програмски активности кои придонесуваат за подобрување на локалната заедница, особено во областите на поддршка на млади, социјални услуги, животна средина, родова еднаквост и развој на микро бизниси.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека граѓанските организации се двигателот на позитивните промени во заедниците, а со јавниот повик ќе се поддржат заедничките напори, на невладините организации и Општината за подобрување на животот во Центар.
„Поддршката на младите, заштитата на животната средина и развојот на социјалните услуги се клучни за иднината на Центар. Веруваме дека преку овој повик ќе поттикнеме проекти кои ќе донесат вистински резултати. Очекуваме креативни и иновативни предлог-проекти што ќе дадат одговор на вистинските потреби на граѓаните. Секое здружение или фондација што има добра идеја и квалитетен проект ќе има можност да добие финансиска поддршка. Ги повикувам здруженијата и фондациите да се пријават на овој повик“, вели Герасимовски.
Битола - Секторот за внатрешни работи (СВР)-Битола со јавен апел денеска предупреди за потенцијалните опасности за настанување пожари на подрачјата каде што има бујна вегетација.
Од секторот за односи со јавност на СВР-Битола посочуваат дека во периодот што следува ќе се зголеми и раздвиженоста во природата и поради тоа неопходно е одговорно однесување на секој поединец.
-Апелираме до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние кои за време на викендите ќе престојуваат на излетничките, односно туристичките места во регионот, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои многу брзо можат да се прошират и да предизвикаат материјални и други последици. На граѓаните, исто така, им советуваме на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце можат да предизвикаат пожар, посочуваат од СВР-Битола.
Делчево - Петнаесет ученици од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ од Делчево се наоѓаат во Пирот каде се реализира возвратната посета во рамки на програмата Суперучилишта. Двете учичишта заеднички го реализираат регионалниот проект започнат од Регионалната канцеларија за младинска соработка во Западен Балкан RYCO и Германската агенција за меѓународна соработка ГИЗ.
- Оваа недела 15 ученици од училиштето „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево, Македонија, се во возвратна посета на Пирот, град како дел од втората размена на оваа програма. Преку неформално образование во форма на работилници, учениците во н ќе дискутираат со следните теми: мирно решавање конфликти, ненасилна комуникација, идентитет, предрасуди, интеркултуралност, дискриминација, информираа од делчевската гимназија.
Дополнително преку оваа размена, како што додадоа,учениците се едуцираат за начинот на работа и учење во друго училиште, за културата и традициите на други луѓе, како и начинот на кој живеат нивните врсници во нивната средина, стекнувајќи нови пријатели.
Штип – Општина Штип денеска ќе го достави проектот до mинистерствата за култура и туризам и за локална самоуправа за реконструкција на Акрополот на тврдината „Исар“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска информираше дека проектот ќе се финансира преку вториот јавен повик за искористување на средства од унгарскиот заем.
-Децениски сон на штипјани, коишто досега се замислувале како некогаш изледала тврдината „Исар“, синонимот и симболот на градот Штип, конечно проектот којшто го добивме од страна на Музеј-Штип успеавме да обезбедиме финансирање преку Владата на Република Македонија, нешто повеќе од 1,6 милиони евра се средства предвидени за изградба на тврдината „Исар“, изјави Јорданов.
Проектот предвидува комплетна реставрација, реконструкција на Акрополот и изградба на три кули кои ќе бидат поврзани со ѕидини високи четири метри.
-На ѕидините сите посетители ќе имаат можност да се движат и да имаат прекрасен поглед на градот Штип. Очекувам во наредниот период по завршувањето на тендерската постапка да се започне со реализација на овој значен проект за нашиот град и со тоа Штип да го промени визуелниот изглед онака, како што заслужуваат нашите сограѓани, рече Јорданов.
Скопје - Пинтија денес испиша ново поглавје во својот развој. По децении без соодветни спортски услови, оваа населба за првпат доби затворена спортска сала – современ простор кој ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација. Со површина од 350 м², салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба. Го носи името на Александар Стојчев – храбриот бранител од Пинтија кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. На овој начин, неговото име и дело остануваат трајно врежани во колективната меморија на оваа заедница. Изградбата на салата беше реализирана со поддршка од „ТИТАН Усје“.
-Денес правиме значаен чекор за Пинтија и за целата општина Кисела Вода. Со гордост ја пуштаме во употреба првата затворена спортска сала во оваа населба – простор кој ќе им овозможи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ да имаат современи услови за физичко образование, спорт и рекреација. Овој проект е доказ за нашата посветеност на унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри можности за младите. Особено ми е чест што оваа сала го носи името на нашиот херој, Александар Стојчев, кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е денес тука со нас.
Крива Паланка – Две патнички моторни возила со скопски регитарски ознаки, едното од нив, управувано до турски државјанин, се судриле на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка утрово околу 9 часот и 53 минути, поради што сообраќајот на овој патен правец сѐ уште е во прекин, а возилата се пренасочуваат по магистралниот пат Куманово – Крива Паланка.
Според информациите од портпаролката на Сектор за внатрешни работи Куманово, Ивана Младеновска, увидот на полицијата и јавен обвинител, се уште трае.
-На 6 март 2025, во 9 часот и 53 часот во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка било пријавено дека на магистрален пат, Куманово - Крива Паланка, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило "опел зафира" со скопски регистарски ознаки и "мерцедес" со скопски регистарски ознаки, управувано од турски државјанин. Сообраќајната несреќа се случила на новиот, експресен пат, кадешто сообраќајот е во прекин веќе три часа, а увидот е во тек, информира Младеновска.
Куманово - Незначително чади на депонијата Краста, екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ се уште интервенираат и нанесуваат земја, соопштија денеска надлежните од комуналното претпријатие од Куманово.
Тие очекуваат целосно гасење на пожарот во текот на денешниот ден.
- Веќе неколку дена екипите на претпријатието со механизација нанесуваат земја на локацијата каде сè уште има чад. Во меѓувреме се вклучија и субјекти и со нивна механизација помагаат во гасењето на пожарот. Ги следиме насоките на инспекторатот и сметаме дека до крајот на денот целосно ќе биде изгаснат пожарот на депонијата, изјави директорот на јавното претпријатие, Ненад Стојановски.
Во однос на барањата на жителите од Пчиња, Стојановски информираше дека остануваат уште 300 метри од поставување на оградата и поставување на видео-надзор на депонијата. За оваа намедна општината одвои скоро два милиони денари од буџетот. Системот за вода е поставен, но од претпријатие се сложуваат дека е потребна надоградба.
-Постојано се уредува депонијата, засадивме и дрвца како превентивна мерка. Сепак, трајно и системско решение е депонијата да стане претоварна станица како што е и замислено со европскиот проект. Тогаш очекуваме и помалку смет и помала можност за повторно палење на депонијата. Ова е крајно решение на проблемот, додава Стојановски.
Тој повика и на поголема свесност и совесност на граѓаните кои во неколку наврати ја опожаруват урбаната опрема сопственост на „Чистота и Зеленило“, како што се полуподзмените контејнери.
Скопје - Во продолжение на напорите за подобрување на условите за образование, градоначалникот Александар Стојкоски изврши увид во тековните активности за реновирање на подовите во основните училишта на територијата на општината. Во фокусот на вниманието беа подрачното училиште на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ и ООУ „Мирче Ацев“, каде што се реализираше замена на оштетените подови, информираат од Општина Ѓорче Петров.
Вкупно 2.465 квадратни метри подови ќе бидат обновени во сите училишни објекти, со цел да се осигураат подобри и побезбедни услови за учениците и наставниот кадар. Оваа иницијатива е дел од поширокиот план за модернизација на образовната инфраструктура, која има за цел да ги подобри условите за престој и работа во сите училишта на територијата на општината.
-Образованието е приоритет, а наша должност е да обезбедиме квалитетни и безбедни услови за нашите ученици. Со овие активности, ја осигураме иднината на нашите деца и истакнуваме дека инвестициите во образование се најдобриот можен избор за една заедница, истакнал Стојкоски.
Општината, велат оттаму, останува посветена на продолжување на ваквите проекти, со цел да се осигура дека секој ученик ќе има пристап до модерни и инспиративни училишни простории.
Скопје - Пожар избувнал денеска во стан во зграда на 5-ти кат, во самиот центар на градот Скопје. Во гаснењето интервенирала единица на Противпожарната бригада. Повредени нема, изјави за МИА командирот на Против - пожарната бригада на Град Скопје Ѕвонко Томевски.
-Станува збор за пожар во станбена зграда на 5-ти кат, на бул. „Кочо Рацин“, веднаш до Домот на синдикатите. Пожарот настанал од електричен уред, односно кујнски апспиратор. Интевенирано е со две возила и седум пожарникари. Повредени нема, само материјалаи штета, кажа командирот Томевски.
Скопје - Општина Центар распиша Конкурс за финансиска поддршка на проекти од културата за 2025 година, со вкупен износ од 3.600.000 денари. Конкурсот е наменет за сите физички лица, здруженија, организации и правни субјекти кои се активни во областа на културата и уметноста, со седиште на територијата на Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика сите заинтересирани да се пријават за да се збогати културниот живот на општината. Проектите, вели тој, треба да бидат иновативни, да обезбедат достапност на културата до граѓаните, да вклучуваат различни старосни групи и да ја афирмираат современата уметност и младите професионалци.
-Културата е двигател на општеството, а нашата обврска како општина е да создадеме услови за нејзино унапредување и достапност до сите граѓани. Овој конкурс е можност за сите уметници и културни работници да ги реализираат своите креативни идеи и да придонесат кон збогатување на културната сцена во Центар, истакнува Герасимовски, се наведува во денешното соопштение од Општина Центар.
Финансиска поддршка ќе се доделува за проекти во областите: изведбени уметности, музички уметности, визуелни уметности и уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, промоција на културното наследство и креативни индустрии.
Куманово - Од осумдесет до стотина деца од предучилишна и училишна возраст секојдневно се прегледуваат на дневната амбуланта во кумановската општа болница, информираа денеска лекарите од детското одделение. Бројката на заболени деца од грип и респираторни заболувања во Куманово кои се лекуваат на дневна амбуланта не е намалена. Благо намалување, последнава недела има кај хоспитализираните.
-Станува збор за заболени деца со компликации од инфлуенца А, инфлуенцаа Б, со бронхопневмонии, миозитис, воспалени на белите дробови, пневмонија, некои со суперинфекција, миозитис кај поголемите деца. Лабораториски беа утврдени инфлуенца А и инфлуенца Б. Имавме компликации од грип во изминатиот период, прилично беше зголемена бројката на заболени во однос на претходните години, изјави началничката на детското одделение д-р Маргица Арсовска.
Лекарите советуваат заболените деца да не се носат во градинка или на училиште доколку родителите забележат симптоми на грип, малаксаност, температура, кашлање да го остават детето дома, да се хидрира доволно, да се внесува витамини и минерали преку исхрана, повеќе, помалку преку суплементи.
Крива Паланка - Комуникацијата е клучот за човековата интеракција, изјави за МИА логопедот Христина Милчевска од Крива Паланка, која по повод денешниот, Европски ден на логопедијата, 6 Март, апелира на подигнување на свеста за важноста на логопедите и нивното влијание за поквалитетен живот на лицата со патологија во вербалната комуникација.
Милчевска е специјалист, клинички логопед, во Здравствениот дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка и со својот ангажман активно придонесува за подобрување на квалитетот на живот на дечињата со вербални комуникациски патологии, а редовно реализира и иницијативи за важноста на превенцијата од вакви патологии.
-Според мене превенцијата е од непроценливо значење. Затоа навременото дејствување е многу важно за детето да има правилен раст и развој, а родителите доколку забележат промени кај своето дете, веднаш да побараат стручна помош. Темпото на живот денес придонесува за преголема употреба на екраните како кај возрасните, така и кај децата, и тоа за жал од најмала возраст. Токму тоа е причината за појава на нова состојба, веќе позната под поимот „екранизам“, - состојба на модерното дигитално време во кое живееме. Тоа јас слободно би го окарактеризирала како зависност зашто тој „екранизам“ може да се претвори во социјално нарушување, бидејќи децата одбиваат да комуницираат со околината поради прекумерната употреба на технологијата. Најголемата грешка што родителите ја прават е тоа што често не прифаќаат дека нивното дете има проблеми заради големата изложеност на екрани, па така во најекстремните случаи, децата со екранизам често потсетуваат на деца на спектарот аутизам, изјави за МИА Милчевска.
Најголемиот проблем кај денешната млада популација е еднонасочноста на комуникацијата т.е. екранот не бара повратен одговор, така што - не создава емотивна врска.