• среда, 29 јануари 2025
МИА Радио флеш

29 јануари 2025 

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски очекува 250. милиони евра од унгарскиот кредит наменет за компаниите да придонесат за задвижување на економијата, заедно со кредитот од 250 милиони евра наменет за капитални инвестиции во општините и со директните странски инвестиции во 2024 година, кои очекува да надминат една милијарда евра.

Владата на вчерашната седница ги одобри договорите за кредитот за компаниите кои треба да значат административно поврзување и создавање партнерство помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки.

-Очекувам таа формалност деновиве да биде завршена и компаниите и економските оператори да можат да аплицираат и да добијат европски кредит со најниски камати. Очекувам кредитната линија да создаде инвестициски бран од минимум 300 милиони евра и заедно со проектите во општините, кои се инвестициски бран за реализирање капитални инвестиции од 250 милиони евра, и странските директни инвестиции, кои очекувам во 2024 година со засилената динамика во втората половина од годината да натфрлат една милијарда евра со што по глава на жител и по процент од БДП повторно ќе бидеме најдобри во регионот, да придонесат за задвижување на економијата. Логично е сите овие индикатори и консолидирањето на буџетскиот дефицит, приходите и слично да резултираат со коригирање во позитивна нагорна линија на прогнозите на меѓународните финансиски институции за раст на македонската економија како што тоа го направи Светска банка која најпрво предвидуваше раст на економијата од 1,8, рече Мицкоски.

Скопје – Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето, вели премиерот Христијан Мицкоски за разрешувањето на членови на Судскиот совет, посочувајќи дека „ги гледаат сите овие законски можности“, но и дека „како Влада нема да правиме ништо што е спротивно на Законот и Уставот“.

Прашан за најавите за разрешување на членови  на Судскиот совет, Мицкоски посочи дека „ако само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните“.

-Не ветивме, рековме дека тоа ќе биде една од мерките којашто ќе ја преземеме во борба на подобрување на работењето на судско-обвинителскиот систем во државава, бидејќи сите ќе се сложите, тоа е на екстремно ниско ниво од два проценти. Сега ние ако седиме на страна, и во публика само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните, граѓаните очекуваат акција од нас, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за симулирање сајбер хибриден напад во касарната „Гоце Делчев“.

Скопје - Два лека од оние што недостасуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) во Скопје, се очекуваат да пристигнат денеска. Уште еден лек се очекува да ѝ биде на располагање на клиниката од утре. Информацијата за МИА попладнево ја потврди директорот на УКРО, Игор Стојковски.

- Останатите три лекови ќе пристигнат на клиниката на почетокот од февруари. Се довршуваат административните процедури за оние лекови што недостасуваат, со цел да ја обезбедиме соодветната терапија за пациентите, подвлече Стојковски во изјава за МИА.

Скопје - Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска на 513 седница расправаше и одлучуваше по претставки и поплаки што до него ги пратиле граѓани и правни лица за работата  на судиите, претседателите на судовите и судовите.

На дневен ред на седницата беше Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, за кој дополнително ќе се гласа откако дел од членовите имаа забелешки за недоволно средства за функционирање на Судскиот совет и бараа повлекување на Планот за да се издејствуваат, доколку е можно, повеќе средства.

Според Селим Адеми, во Годишниот план за јавни набавки за 2025 не се предвидени пари за регионални и меѓународни конференции и, како што рече, жали што нема средства и за истражување за состојбата со судството.

Скопје -  Над пет милиони евра е извозот што го реализирале македонски производители преку продажната мрежа на Лидл во 2024 година, соопшти Лидл Северна Македонија, која се уште не е оперативна компанија со маркети во државава. 

Извозниот промет бележи пораст од 25 пати во однос на истиот период лани, а заедно со Лидл Северна Македонија, 20 македонски компании реализирале извоз во три земји од регионот - Србија, Бугарија и Хрватска.

Скопје - Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилиано Паолучи, ја отворија работилницата „Техничките и правните аспекти за приклучување кон системот за плаќање во евра СЕПА“, на која учествуваа претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, на Италијанската асоцијација на банки и на други финансиски институции.

„Би сакал да ја истакнам посветеноста на Светската банка на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон СЕПА и опсежните реформи за модернизација на плаќањата. Би сакал да ја пофалам Народната банка на Република Северна Македонија за унапредувањето на основните правни и политички реформи во дигиталните плаќања и финансиската вклученост. Исто така, би сакал да ѝ оддадам признание на индустријата и нејзината значајна улога во успешното користење на оваа средина којашто е поволна за воведување иновации и овозможува поголема ефикасност за крајните корисници. Заедно, можеме да создадеме поинклузивен и поефикасен финансиски екосистем којшто ќе биде во корист на сите во земјата“, истакна Паолучи, директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава.

Скопје - Полицијата вчера го привела М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола поради сомневање дека примил поткуп. За него е предложена и мерка притвор, бидејќи, според битолското обвинителство, постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.

-На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско, велат од МВР.

Појаснуваат дека кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.

Скопје- Прашањето за железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина како и изградба на зедничка железничка станица која ќе ги олесни граничните постапки во делот на транспортот на добра и патници е отворено во тек на офиоцијалната посета на Косово на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заменик министерот за транспорт, Калтрина Зеколи Шакири и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски. 

На средба со министерот за транспорт на Република Косово, Либурн Алију, се разговарало и за евентуално патно поврзување и изградба на патниот правец Тетово-Призрен со изградба на зеднички тунел како гранична точка меѓу Македонија и Косово. 

-Двете страни се согласија да се формира работна групи кои ќе ги разгледа можностите за реализација на овој проект, соопшти Министерството за транспорт.

Скопје - Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ на која се разговараше за иницијативата на двете институции насочена кон развој на македонскиот фудбал и на спортот воопшто, соопштија од Министерството за спорт. 

Дискусијата на која присуствувал и генералниот секретар на ФФМ, Дрилон Ганиу била фокусирана на распределба на средствата од државниот буџет наменети за спортот, подобрување на инфраструктурата, инвестирање во програми од грасрут и националните натпреварувања. 

Министерот за спорт, Борко Ристовски ја потврдил заложбата за финансирање во фудбалот и упатил порака за партнерски однос со ФФМ и поддршка на иницијативите на Федерацијата, нагласувајќи дека развојот на фудбалот се усогласува со националните спортски политики.

Атина – Противењето на Грција за продажбата на проектили Метеор на Турција од конзорциум во кој учествува и Франција, го изразил грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас до француската амбасадорка во земјата Лоренс Оер, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас на социјалните мрежи објави дека во Министерството за одбрана се сретнал со француската амбасадорка од која побарал „официјално известување за информациите за продажба на проектили  МЕТЕОР на Турција, од конзорциум во кој учествува Франција“.

-На амбасадорката на Франција ѝ го изразив силното противење на Грција за таквата можност, што не е во согласност со досегашните одлични стратешки односи меѓу двете земји, напиша Дендиас.

Атина – Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот, претпладнево увери дека доколку од судството биде доставено официјално барање за вмешаност на политичко лице за железничката несреќа кај Темпи, „тогаш ниту владиното мнозинство, ниту Нова демократија нема да не ја олеснат работата на судството“, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис, како што коментираат медиумите во Грција, со оваа изјава ја остави отворена можноста и ја изрази подготвеноста на Владата за предистражна комисија во Парламентот,  доколку постои соодветно барање.

-Работата на правдата ќе биде олеснета за кое било барање што ќе биде доставено, но само ако е од судството, посочи Маринакис.

Брисел – Европска Унија вети финансиски и инвестициска помош за Јордан во висина од три милијарди евра поради предизвиците во Блиски исток, изјави претседателската на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.

Кралот Абдула Втори денеска во Брисел потпиша Стратешко и сеопфатно партнерство со Европска Унија.

Стратешкото и сеопфатно партнерство се фокусира на три главни цели: поддршка на стабилноста на Јордан, придонес во политичката, економската и административната визија за модернизација на кралот Абдула Втори и поттикнување на економската отпорност.

Брисел - Европската комисија денеска го презентираше „Компасот за конкурентност“, како иницијатива која обезбедува стратешка и јасна рамка за насочување на нејзината работа и која ќе го трасира патот што ќе и овозможи на Европа да стане место каде се иновираат, произведуваат и продаваат нови технологии, услуги и чисти производи и да биде првиот климатски неутрален континент. 

- Европа има се што и е потребно за да успее во трката кон врвот, но во исто време мора да ги надминеме нашите слабости за да ја вратиме конкурентноста, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната презентација на „Компасот за конкурентност“. 

Според неа, „Компасот за конкурентност“ ги претвора на „одличните препораки“ од извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги, насловен „Иднината на европската конкурентност“, во Патоказ за идното дејствување на ЕУ.  

Брисел – Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер во дебата со европратениците изјави дека ЕУ „мора да ја преиспита“ позицијата во однос на контролата на своите надворешни граници, што поттикна шпекулации дека е можно Европската комисија да го промени својот став околу финансирањето на изградбата на огради и ѕидови долж граничните линии со средства од фондовите на блокот. 

Европската комисија досега се воздржуваше од финансирање на изградбата на физички бариери на надворешните граници на ЕУ, наведувајќи дека „оградите не се најефикасната алатка за подобрување на граничната контрола“. 

Уште во 2021 година, неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои и Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Унгарија, упатија писмо до ЕК во кое побараа таа „да се откаже од своите резерви“ и да ја прилагоди правната рамка на ЕУ со „новата реалност“, така што ќе дозволи „физичките бариери да бидат соодветно финансирани“ со европски средства.  

Ватикан – Папата Франциск денеска ги осуди конфликтите во источниот дел на Демократска Република Конго и повика на прекин на борбите.

- Ги повикувам сите страни во конфликтот да се заложат за прекин на непријателствата и заштита на цивилното население во Гома и другите региони погодени од воените операции, истакна папата.

Тој упати апел „што е можно поскоро да прекинат сите форми на насилство“ и оти ќе се моли „за враќање на мирот и безбедноста“.

Рим - Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги разгледа царините до 1 април, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

„Првите одлуки на претседателот Трамп - до 1 април - не предвидуваат воведување нови царини, туку преглед на многу аспекти на американската трговска политика“, рече Тајани по состанокот со некои претставници на италијанската преработувачка индустрија.

За време на состанокот, тој разговараше за трендовите во надворешната трговија и перспективите за извоз под новата американска администрација.

Вашингтон - Кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за министер за здравство и човечки услуги, Роберт Кенеди Џуниор, денеска ќе биде сослушан во Сенатот поради неговите ставови за вакцините, абортусот и можниот конфликт на интереси.

Кенеди, кој има 70 години, попладнево ќе се појави пред Комисијата за финансии на Сенатот, додека следниот ден се очекува да се појави пред комисијата задолжена за здравство.

Иако Сенатот, кој е под контрола на републиканците, сè уште не отфрлил ниту еден предлог на Трамп, кога станува збор за именувањето на Кенеди, мислењата се поделени, како кај конзервативците, така и кај либералите, поради контроверзните ставови на Кенеди.

Вашингтон - На пензионираниот американски генерал Марк Мили, кој служеше како претседател на Здружениот Генералштаб во администрациите на американските претседатели Доналд Трамп и Џо Бајден, му беа укинати безбедносното одобрение и федералното овластување или специјалните дозволи за пристап до воените објекти, соопшти Пентагон.

Новиот министер за одбрана Пит Хегсет „денес го известил генералот Мили“ дека го укинува пристапот до доверливи локации, а исто така ја суспендира својата безбедност, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Улиот за Си-Би-Ес њуз.

Каиро - Извори на Хамас денеска потврдија дека Израел го блокира влезот на помош во Појасот Газа, предупредувајќи дека тоа може да влијае на ослободувањето на заложниците предвидено со договорот за прекин на огнот.

-Предупредуваме дека постојаното одложување и непочитувањето на овие точки ќе влијае на спроведувањето на договорот, вклучително и размената на затвореници, рече претставник на Хамас.

Друг официјален претставник, исто така, прецизираше дека палестинското движење побарало интервенција на катарските и египетските посредници за „да ги принудат окупаторите да се придржуваат до договорот и да избегнат создавање кризи“.

Картум - Дваесет лица загинаа во авионска несреќа во Јужен Судан. Преживеа само едно лице. Меѓу загинатите има двајца кинески државјани и еден Индиец, јавија денеска светските агенции.

„Авионот полетал од областа на нафтено поле во северната држава Унити за главниот град Џуба. Се урна веднаш по полетувањето“, изјави регионалниот министер за информации Гатвеч Бипал.

Патниците биле работници од „Greater Pioneer Operating Company“, конзорциум кој ги вклучува „Кинеската национална нафтена корпорација“ и државната „Нилска нафтена корпорација“.

Бипал не даде дополнителни детали за околностите што довеле до несреќата.

 

Остани поврзан