МИА Радио флеш
- 29 јануари 2025
29 јануари 2025
Скопје - Две пријателки кои патувале со лет од Париз во договор со македонски моден креатор кој престојува во Франција се обиделе во државава да криумчарат 16 луксузни чанти од брендот Loewe со вкупна вредност од 3,1 милион денари, информираат од Царинската управа.
Кога слетале на Меѓународен Аеродром Скопје патничките се упатиле на зелен канал со намера нелегално да пренесат чанти од луксузни брендови и да избегнат плаќање давачки кон државата во висина од 924 илјади денари.
Истиот момент царинските службеници ги застанале за детална контрола при што во куферите на една од патничките, инаку македонски државјанки, ги пронаше луксузните ташни. Против неа е поднесена кривична пријава до Основно Јавно Обвинителство Скопје заради сомнение дека сторила кривично дело криумчарење.
Скопје - Општина Аеродром и годинава доделува еднократна парична помош за новороденчиња во висина од 8 000 денари. Барање за парична помош можат да поднесат семејствата со новороденче родено во 2025 година на подрачјето на Општина Аеродром.
-Потребни документи за аплицирање: Фотокопија од извод од матичната книга на родените (за новороденчето) или за посвоено дете: фотокопија од извод од матичната книга на родените (за новороденчето) и фотокопија од примерок од Решение за посвојување/адoпција, на увид важечка лична карта или патна исправа од барателот, Барање за доделување еднократна парична помош и Изјава за согласност за обработка на лични податоци кои можат да се подигнат во Општина Аеродром или да се симнат од веб-страницата на Општината.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против Ж. Т. во својство на помошник министер во Министерството за внатрешни работи и против А. С во својство на раководител на Сектор за набавки, менаџмент и логистика во Министерството за внатрешни работи поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1, од Кривичниот Законик, на Република Северна Македонија.
Како што соопштија денеска од финансика полиција, првопријавениот Ж. Т. во својство на одговорно лице, помошник министер во Министерството за внатрешни работи на РСМ, неизвршувајќи ги своите службени овластувања свесно и со однапред утврдена намера, не донел одлука за јавна набавка од отворена постапка за набавка на Услуги за сервисирање на возилата во сопственост на МВР во 2018 година иако бил донесен План за дополнување на Годишен план за да се спроведе истата во декември 2018 година. Тој, стои во соопштението, не презел дејствија за навремено отпочнување и објавување на редовна постапка и ја загрозил безбедноста на вработените во Министерството за внатрешни работи со што ги довел возилата во состојба на дефектажа и неможност истите да се сервисираат на начин што не донел одлука во најбрз можен рок по носење на новиот Годишен план за јавни набавки за 2019 година и со тоа свесно ги довел сите во состојба на итност за со намера да се спроведе итна постапка донесувајќи Одлука за спроведување на итна постапка со преговарање без објавување на оглас за поправка и сервисирање на ПМВ и ТМВ во која постапка биле испратени покани само на одредени економски оператори.
Белград - Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ денеска оцени дека одржувањето на нови избори би било демократско решение за актуелната ситуација во земјата бидејќи, како што наведе, „очигледно е дека парламентарната опозиција нема легитимитет“.
Таа на ТВ Хепи рече дека парламентарната опозиција повеќе не претставува никого, дека тоа е огромен проблем, наведувајќи дека, од друга страна, прашање е дали нешто би решиле со избори.
Брнабиќ изјави и дека привремената влада, која дел од опозицијата ја предлага како решение за излез од кризата, треба да се нарече „телепортска влада“ бидејќи ќе служи како „машина за телепортирање на опозицијата на министерски позиции“.
Нови Сад - Вработените во деловните единици и медиумските единици на Јавната медиумска институција (ЈМУ) на Радио и телевизија Војводина (РТВ) денеска започнаа петиција, која наредниве денови ќе биде доставена до Управниот одбор на ЈМУ РТВ и генералниот директор на таа телевизија Горан Караџиќ.
Во петицијата, потпишана од околу 150 вработени досега, се бара РТВ да започне со работа во согласност со Уставот и законите на Србија, внатрешните документи кои го регулираат функционирањето на Јавното радиодифузно претпријатие РТВ, Кодексот на новинарите на Србија, програмските принципи и обврски на јавниот медиумски сервис.
Загреб - Хрватска веќе го суспендираше или го отежна, но и се закани со прекин на издавањето визи и работни дозволи за граѓаните на Бангладеш, откако беше утврдено дека минатата година биле издадени 12.400 визи и работни дозволи , а од нив 8.000 воопшто не биле издадени во Хрватска, пишува загрепски Вечерњи лист.
Од 4.400 лица кои пристигнале во Хрватска во 2024 година, во моментов во земјата работат само 50 отсто.
Вечерњи лист пишува дека странските работници ги злоупотребуваат визите и работните дозволи што ги добиваат легално со тоа што воопшто не доаѓаат во Хрватска, каде на крајот им пристигнува багажот, а оние со виза одат во друга шенген земја.
Брисел - Европската комисија предложи нова регулатива со која се регулира увозот на азотни ѓубрива во ЕУ и има за цел намалување на зависноста од руските ѓубрива и зголемување на нивното производство во рамките на блокот. Но, ваквата идеја наиде на неодобрување од страна на европските земјоделци, кои сметаат дека таа ќе им донесе зголемување на производствените трошоци.
Во 2023 година увозот на азотни ѓубрива во ЕУ од Русија, која е еден од најголемите нивни глобален извозник, достигна 3,6 милиони тони во вкупна вредност од 1,28 милијарди евра, што претставува над 25 проценти од вкупниот увоз во блокот. Во 2024 година Москва воведе даноци за извоз на повеќе производи, меѓу кои и за азотните ѓубрива, но и покрај тоа нивниот увоз во ЕУ забележа раст.
Брисел - Претставникот на ЕУ во заминување за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека ЕУ има намера да ги рестартира разговорите на лидерско ниво по изборите во Косово i оцени дека дијалогот е во подобра состојба отколку кога почна неговиот мандат во пролетта 2020 година, но дека нормализацијата на односите не напредува.
Во вчерашното проштално интервју за Радио телевизија на Србија (РТС), Лајчак рече дека ЕУ се подготвува да „почне разговори на највисоко ниво по изборите во Косово“.
-Новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, јасно кажа дека ќе биде директно вклучена и дека сака да го води процесот. Се подготвува став на ЕУ, предлог за двете страни, рече Лајчак.
Москва - Подготовката на убиство на рускиот претседател Владимир Путин и самото разгледување на таквите обиди се сметаат за сериозна закана за глобалната безбедност, изјави денеска претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин, на својот канал на Телеграм.
Володин нагласи дека секоја дискусија за убиство на рускиот лидер „е злосторство што може да доведе до почеток на нуклеарна војна“, пренесоа руските медиуми.
-Подготовка на атентат врз Путин, како и самата дискусија за тоа, е сериозна закана што може да предизвика почеток на нуклеарна војна, рече Володин и додаде дека сите мора да бидат свесни за сериозноста на борбата што Русија моментално ја води.
Москва - Руското Министерство за одбрана утринава објави дека 104 украински дронови биле соборени во текот на ноќта над нејзините девет зони, во еден од најголемите такви напади на руска територија од почетокот на конфликтот.
Системите за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле 104 дронови, од кои најголем број, 47, биле во областа Курск, соопшти Министерството преку Телеграм.
Киев вели дека контролира стотици квадратни километри во областа од ненадејната офанзива започната во август минатата година.
Вашингтон - Администрацијата на идниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека нуди стимулации за речиси сите вработените во федералните служби да се откажат од работните места и предупреди на плановите за намалување на јавниот сектор.
„Програмата за одложена оставка“ ќе им овозможи на федералните вработени да останат на платниот список до 30 септември, без да мора да работат, се наведува во електронската пошта испратена до сите вработени во федералните служби и агенции, до која увид имале британските медиуми.
Федералните отпремнини вобичаено се ограничени на 25.000 американски долари, а вработените добиле рок до 6 февруари да донесат одлука. Во мејлот се наведува и дека администрацијата очекува „поедноставна и пофлексибилна работна сила“.
Дакар – Мали, Буркина Фасо и Нигер денеска по 50-годишно членство се повлекуваат од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС).
Државите од Сахел, сите предводени од хунта, одлучија пред една година да се повлечат од регионалниот економски блок, а денеска стапува во сила и покрај неколкуте обиди за посредување да ја сменат одликата.
Односите помеѓу трите земји и ЕКОВАС се тензични по воените удари во Мали (2021), Буркина Фасо (2022) и Нигер (2023).