• четврток, 30 јануари 2025
МИА Општински пул

 28 јануари 2025

Куманово - Едукација за станарите и постојана соработка со станбените домари е клучна за домување и имплементацијата на Законот за домување, соопштија денеска од Секторот за инспекциски надзор од општина Куманово. Во Куманово според податоците на инспекторатот има 305 згради кои имаат станбен омар и една со заедница на станари. Нив ги надгледува само еден инспектор.

-Граѓаните најмногу реагираат на комунални проблеми. Кумановци сметаат дека станбени управителит реба да поведат иницијатива за секој проблем, напротив иницијативата треба да почне од станарите, преку надзорните одбори за д се надмине проблемот. Кај нас во Куманово, најголем број проблеми се за протекување покрив, проблеми со водводни цевки, особено во постарите згради. Се случува во немој стан никој да не живее па да не може да влезе мајстор. Процесот на извршување е подолг, за разлика од западно-европските земји, каде веднаш доаѓа фирма која испорачува сметка кај станарот, изјави Бобан Бојковски од сектор за инспекциски надзор од општина Куманово.

Дебар – На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, минатата година на свет дошле 176 бебиња, од нив во општина Дебар 153 и општина Центар Жупа 23, што гледано во целина бројката е помала за десеттина бебиња споредено со претходната година.

Како и изминатите години повеќе од мајките своите рожби на свет ги донеле во гинеколошките одделенија во општите болници во Охрид и Струга, како и во здравствени установи во Скопје, Тетово и други градови во државава.

-Конкретно во струшката болница евидентирани се 28 породувања на жени од Дебарско, во Охридската болница 51, во здравствени установи во Скопје 53, а останатите во болниците во другите градови од државава, рече за МИА, Сихана Колеци од дебарската болница.

Намалувањето на наталитетот се должи на масовното иселување на младата популација во земјите на Европската Унија и во Соединетите Американски Држави. Тука секако и определбата на семејствата да имаат две, најмногу до три деца, наспроти некогаш кога едно семејство имало и по четири, пет и повеќе деца. 

Струга - Вистинска среќа е што местоположбата на Струга и Охрид е таква што струењето на воздухот од север, во попладневните часови и во текот на ноќта, не дозволуваат високи концентрации на ПМ честичките, смета Никола Кукунеш асистент на проектот „Воздухот на граѓаните“. 

Според него, квалитетот на воздухот во Струга некои денови е на незавидно ниво, а ПМ2.5 честичките достигнуваа два до четири пати над дозволената граница. Мерните станици во Струга, изминатиот викенд, кога градот беше зафатен од густа магла покажуваа вредности меѓу 180 и 220 микрограми ПМ2.5 честички.

- Но, во денови кога нема нормално струење, кога процентот на влажност на воздухот е повисока и кога воздушниот притисок е низок сфаќаме дека нивото на загаденост е иста како во поголемите градови и неколку пати ги надминува максимално дозволените вредности. Таков беше случајот и пред неколку дена кога маглата и слабото воздушно струење придонесоа ПМ2.5 честичките да скокнат два до четири пати над максимално дозволената граница, вели Кукунеш.

Струмица - Енормното загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10 честички и заради надминатиот праг на алармирање, како и по четврти пат оваа зима стапување во сила на препораките на Министеството за животна средина и просторно планирање, ги крена струмичките екологисти и граѓаните на протестен марш кој треба да се одржи на 1 февруари, в сабота.

Протестниот марш ќе се одржи под мотото „Забрането дишење“, а го организира Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.

-На 1 февруари (сабота) со почеток во 11:00 часот ќе одржиме протестен марш низ улиците на Струмица како израз на граѓанско незадоволство од упорното нерешавање на проблемот со воздушното загадување во Струмичката котлина што ја искачи Струмица на 7-мо место како најзагаден град во Европа, се наведува во поканата за маршот од „Здрава котлина“.

Протестниот марш ќе се одвива по главните улици во Струмица, а ќе заврши пред зградата на Општина Струмица, кај канцелариите на инспекциските служби.

Кавадарци - Во завршна фаза е реконструкцијата на ученичкиот дом „Крсте Петков - Мисирков“ што опфаќа комплетно реновирање на соби, тоалети, кујна, ходници и влезни партии, информираат денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Како што појаснуваат, станува збор за инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 5.500.000 денари, а изведувач на работите е фирмата „Јоска транс“ од Битола.

Директорот на интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении, Александар Ангелов претходно информираше дека со општински пари се реновираат соби од интернатот.

-Објектот добива нова библиотека, како и реновирани тоалети и целокупно нова електрична инсталација на спратот што се реконструира, нови врати и прозорци. После толку години, ученичкиот дом конечно ќе добие и нов и посоодветен влез и нови прозорци во кујната, појасни директорот.

Велес - Во второто полугодие наставниците и учениците од Основното општинско  училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Велес ќе можат да учат и да се служат со нови компјутери, принтери, паметни табли и останата опрема која им беше потребна. Средствата за набавка од Општина Велес беа обезбедени пред крајот на 2024 година, информира градоначалникот Марко Колев.

-Со тоа уште еднаш се даде приоритет на квалитетот на образованието во Општината. Инвестициите во образованието се инвестиции во иднината, потенцира Колев.

Кавадарци - Исчистена е околу 40 километри  каналска мрежа на хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш" што обезбедува вода за наводнување на земјоделските култури во петте  општини, Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Ова го изјави денеска за МИА, директорот на подружницата на АД Водостопанство, ,,Тиквеш" од Кавадарци, Атанас Ризов. 

- Останува да се исчистат уште околу 130 километри до 15 април. Се чисти рачно и машински, некои делови од системот се приспособуваат по подолго време. Истовремено се отстрануваат дефекти на каналите и возилата, се санираат оштетувања и се приспособуваат сите системи за наводнување за претстојната наводнувачка сезона, се доекипираат екипите што работат на терен, вода за наводнување ќе има навремено, појасни Ризов. 

Од овој систем се наводнуваат околу седум илјади хектари земјоделска површина, зависно од сезоната.

Прилеп - До законскиот крај на откупот има уште еден месец, но тутунарите се изненадени од рекордните количества кои се откупени. Досега се откупени преку 23 400 тони по просечна цена од 399 денари за килограм. Остануваат за откуп уште 10 проценти.

-Таа бројка е реална, заведена е во системот. Има повеќе причини за тоа, иако ние очекувавме околу, максимум, 21 000 тони. Прво, се продолжи вегетацијата есента со дождовите, има влажност на тутунот при откуп и нема одбитоци при откупот. Ваквите бројки за новата реколта тутун се оптимистички. Со просечна цена близу 400 денари и поголеми количества, создаваат надеж за добра нова производствена година, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.

Сојузот нема сознанија за некој увоз на тутун, но има за тоа што дел компании го враќаат откупеното.

Кавадарци - Општината треба да има јасна стратегија за привлекување донатори, рече денеска советникот во Советот на Општина Кавадарци, Јован Златевски,  во рамките на денешната седница. 

- Во делот на слабата реализација на приходите од донација од 52,58% би сакал повторно да кажам дека Општината треба да има јасна стратегија за привлекување донатори, што ќе ја идентификува целната група, меѓународни организации, приватни фондови, државни институции и слично и ќе ги усмери ресурсите кон создавање на конкурентни проекти кои можат да привлечат донации, истакна Златевски. 

Тој нагласи дека донаторите често се заинтересирани за проекти што имаат големо влијание врз заедницата, како што се проекти за подобрување на образованието, здравството, инфраструктурата, екологијата или развој на туризмот и руралните средини.

Тетово - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами од денешниот брифинг заедно со директорите на претпријатијата и раководителите на сектори одговори на писмото на Сојузот на борци кои му порачаа да не се менуваат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите. Касами рече дека тоа е минато време и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат согласно новиот демократски концепт.

- Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и беше нели комунистички систем, монистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, а сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски демократски концепт и согласно тоа, тоа сигурно ќе рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово. Тоа не е против никоја етничка група во градот, а тоа е во интерес на сите етнички групи, но мора да рефлектира реалноста, сегашноста и тоа што ние сакаме да градиме во иднина, истакна Касами.

Велес  - Од Основен суд Велес информираат дека е закажано рочиште со доверителите за фабриката за шински возила „ВЕЛЕС ДООЕЛ“ попозната како „Колска“ за одлучување за предлогот и гласање за планот за реорганизација изготвен од должникот. Рочиштето е закажано на 19 март во 10:00 часот во Судот во Велес.

-Поведена е претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка со постапка за реорганизација по изготвен план за реорганизација над должникот Друштво Фабрика на шински возила ВЕЛЕС ДООЕЛ Велес, со седиште на ул.„Алексо Демниевски-Бауман“ бр.69, објавено е на веб страницата на Основен суд Велес.

Штип - Хотелот „Гарни“ кој е сопственост на Општина Штип ќе оди на повторна продажба. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова истакна дека направена е нова проценка на вредноста на хотелот „Гарни“.

-Согласно методологијата изнесува над 31 милион денари и тоа би било почетната цена за продажба на хотелот „Гарни“. Советот на Општина Штип донесува одлука и првата постапка, којашто треба да ја спроведеме веднаш по донесувањето на одлуката е имотот согласно законот за заштита на културното наследство да биде понуден на државата, доколку државата има интерес за откуп на оваа културно наследство, тогаш општината би го продала на истата. Меѓутоа доколку нема, се разбира ќе биде ставен објектот на продажба на страницата која што ја одржува ЗЕЛС, а тоа „е-ствари“, вели Шорова-Ангелова.

Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, продолжува со посветената работа за подобрување на условите за живот на сите граѓани.

Со цел да се поддржат младите семејства и да се поттикне населението, општината донесе значајна одлука за зголемување на надоместокот за новороденче од 5.000 на 7.000 денари. Денес градоначалникот Стојкоски потпиша нови решенија за оваа поддршка, со што се потврдуваат заложбите за инвестирање во најмладите генерации.

Дополнително, општината активно вложува во подобрување на условите за предучилишно образование. Во моментов е во тек изградбата на нова градинка во населбата Стопански Двор, а паралелно се работи на подготовка на документација за изградба на уште две нови градинки на територијата на Општина Ѓорче Петров.

Скопје -  Општина Кисела Вода продолжува со посветена поддршка за најмладите жители и нивните семејства. Денес Советот на Општината едногласно одлучи еднократната парична помош за семејствата со новороденчиња двојно да се зголеми. Со оваа одлука, износот кој досега беше 6.000 денари се зголемува на 12.000 денари, со што се овозможува значајна помош за родителите во еден од најважните моменти во нивниот живот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за унапредување на социјалната слика и создавање поволни услови за развој на младите семејства.

Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар ќе се мобилизира за чистење на јавните површини во Центар откако вчера градот Скопје потфрли во чистењето на сметот на улиците и булеварите под чија надлежност е градот Скопје.

„Вчерашната глетка беше страшна за центарци, недозволиво е центарот на градот да изгледа така поради неизвршувањето на работата од страна на градот Скопје. Решивме да се мобилизираме и самите да го исчистиме Центар затоа што градската администрација подолг временски период доцни со чистењето на градот и нашата општина. Денеска ќе одржам состанок со вработените од јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар - ПОЦ со цел организирање голема акција за чистење на критичните места на територија на општината. Ова не е првпат општината да го чисти сметот на градот Скопје, но не смееме да дозволиме Центар да биде преплавен во смет поради негрижата на градската власт“, порачува Герасимовски. 

Остани поврзан