• четврток, 30 јануари 2025
МИА Радио флеш

28 јануари 2025

Скопје - Владата денеска ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија наменети за компаниите со што практично сега Развојната банка може да ги потпише договорите со банките и средствата да станат оперативни. 

Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки. 

Според Владата, ова е најголема сума што му е дадена на располагање на бизнис секторот под супер поволни услови, а крајниот бенефит ќе го имаат компаниите и граѓаните со зголемување на конкурентноста на компаните и отворање на нови работни места. 

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека има 17 советници, од кои четворица се со полно работно време во Владата. 

-Вкупно имам 17 советници и сите советници имаат плата во вкупна вредност од 60.000 денари, со исклучок на оние кои се со целосно, полно работно време. Такви се тројца или четворица, коишто се во Владата, и тие имаат месечен хонорар од 90.000 денари, рече претседателот на Владата одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.  

Мицкоски ја прифати забелешката на новинарите за необјавувањето соопштенија од владините седници и, како што рече, „ќе се потрудиме веднаш по оваа прес-конференција сите соопштенија што недоставуваа да ги објавиме на страната на Владата“.

Кочани – Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот во однос на уставните измени во контекст на продолжување на преговорите со Европската унија, потенцирајќи дека се бара достоинствено решение, а тоа се уставни измени со одложено дејство. Прашан да ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер од Вреди, министерот за здравство Арбен Таравари, Мицкоски кажа дека не се спротиставувал на изградбата на Коридорот 8, но дека бил против Преспанскиот договор. 

-Можеме да зборуваме за уставни измени, но во исто време можеме да зборуваме и за други работи што ние ги бараме, што се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ позади којашто застанаа повеќе од половина милион граѓани. Јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина. Бараме решение, достоинствено решение. Имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени се одложено дејство, повелете да разговараме, истакна Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Скопје – Свечената академија не е место за испраќање такви политички пораки, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан како го оценува синоќешниот говор на Милорад Додик, претседател на Република Српска, на настан во Скопје по повод празникот на српската заедница во државава - Свети Сава. 

За говорот со анти-ЕУ и анти-НАТО пораки, во кој Додик го негираше и геноцидот во Сребреница, претседателот на Владата рече оти не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.

-Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти ЕУ, анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки бидејќи тоа, сепак, беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.  

Скопје - Една од првите мерки што ги презедовме по преземањето на функцијата беше ставање ред во Секторот за угостителство, во кое затекнавме безредие од сите аспекти. Нецелосна евиденција на приходи и расходи, испорачани, но ненаплатени услуги, ниски и непазарни цени, нетранспарентен избор на добавувачи, работење по неутврдени критериуми, беа само дел од недостатоците на работењето кои ги идентификувавме.

Во насока на усогласување со законските процедури, елиминирање на нелојалната конкуренција и отстранување на другите аномалии, првенствено почнавме со редовна наплата на услугите, а одлучивме да ги покачиме и цените во бифеата и ресторанот во републичкото Собрание и во Владата, како и на цените во бифето на Клубот на пратеници. Со оваа мерка ги елиминиравме привилегиите кои до тогаш ги уживаа избраните функционери. Нашата одлучност веќе дава резултати.

Скопје - По промена на судечкиот совет, Во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно започна судењето за злоупотреба на спортските ваучери за кое се обвинети 12 лица меѓу кои поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски. Сите 12 обвинети, на денешното рочиште изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Воедно, дел од одбраната денеска побара постапката да се прекине, имајќи ги предвид измените во Законот за спорт со кои, според нив, не постои правен основ за каква било злоупотреба.

Според обвинителството, освен предлог на нови докази сѐ останато треба да се одбие и постапката да продолжи.

Промената на судечкиот совет следува откако судијката Џенета Бегтовиќ беше избрана за членка на Судскиот совет. Наместо неа, процесот ќе го води судијката Фросина Стојаноска.

Скопје - Повеќето од пациентите кои се третираат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, рече денеска директорот на клиниката, Игор Стојковски, најавувајќи дека дел од лекови очекуваат во најкраток можен рок да дојдат, можеби во текот на утрешниот ден, а за други лекови работеле заедно со директорот на Фондот на обезбедување на донација. 

- Една брза постапка, што ќе може да бидат во најбрз временски рок. Само да потенцирам дека повеќето од пациентите што се третираат на универзитетската  клиниката за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, хемо, радиотерапија и биолошка терапија. Недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти во моментов. Верувам дека во најбрз временски рок ќе ја обезбедиме таа терапија. Од околу пет илјади новорегистрирани пациенти на клиниката, над 95 проценти ја примаат соодветната  терапија. Дефектура настана поради зголемен број на пациенти и кратка дефектура од еден лек, но пациентите се префрлаа на друг лек, што сега во моментов е во дефектура, појасни Стојковски. 

Скопје - Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски учествува на конференција на високо ниво „Создади, интегрирај, овозможи раст“, што се одржува во Бечиќи.

Како што соопшти денеска Царинската управа, на конференцијата ЦЕФТА страните информираат за проектите коишто се дел од Планот за раст, но и за севкупните политики коишто ги преземаат Царинските управи во областа на олеснување на трговијата, а како дел од реформскиот процес за забрзана интеграција во ЕУ.

Целта на конференцијата е презентација на резултатите, споделувања на искуства во имплементација на проектите што ги спроведуваат институциите.

Атина – За околу 30 отсто се зголемиле мигрантските бранови кон Грција во 2024 година, споредбено со една година претходно, според министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, кој во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ посочи дека веќе е развиена нова рута јужно од Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

- На грчка и европска територија (во 2024 година) нелегално влегоа над 50.000 луѓе, нелегални мигранти, над 12.000-13.000, можеби и повеќе од претходната година. Имаме развој на нов коридор од југ, односно од брегот на Либија преку Гавдос до Крит и од таму до внатрешноста на земјата, а оттаму брановите донекаде се зголемени, објасни надлежниот грчки министер.

Софија – Бугарската компанија БМФ, сопственик на бродот Вежен, што беше запленет од шведските власти поради оштетување на подводен кабел во Балтичко Море, демантираше дека се работи за саботажа, тврдејќи дека инцидентот е предизвикан од екстремно лошо време.

Шведските власти запленија брод, што пловеше под знамето на Малта, откако во неделата бил оштетен подводниот кабел меѓу Летонија и Шведска.

- Можно е бродот да го оштетил кабелот, но во никој случај не верувам дека се работи за саботажа или некаква акција на нашата екипа, изјави директорот на компанијата БМФ, Александар Калчев.

Белград – Во сообраќајна несреќа во Нов Белград повредени се 18 лица откако градски автобус, што се движел со голема брзина, удрил во луѓето кои биле на автобуската постојка, а потоа удрил во друг автобус.

Помеѓу повредените е и едно дете и една бремена жена.

На местото на несреќата има голем број полицајци, пожарникари и возила на брза помош.

Повредените се хоспитализирани во неколку белградски болници.

Брисел - Просечната цена на хектар обработливо земјиште во ЕУ во 2023 година изнесувала 11.791 евра, додека годишната наемнина за изнајмување на ниви или пасишта била 173 евра за хектар, покажуваат податоците на Европската статистичка служба - Евростат. 

Меѓу 22-те земји на ЕУ за кои има достапни податоци, обработливо земјиште била најскапо на Малта и изнесувало 283.039 евра по хектар, што се припишува на ограничените површини со ниви и пасишта во земјата.  

По Малта, следи Холандија, каде просечна цена за хектар обработливо земјиште изнесувала 91.154 евра, а на трета позиција е Луксембург со 42.540 евра за хектар. 

Од друга страна, најниски просечни цени на обработливото земјиште се регистрирани во Хрватска во висина од 4.491 евра за хектар, пред Летонија со 4.591 евро и Словачка со 5.189 евра за хектар. 

Анкара – Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја денеска изјави дека се уапсени повеќе од 100 осомничени за дејствување во рамките на терористичката организација Исламска држава.

Тие се уапсени во операциите „Гурз-41“ и „Гурц-42“ спроведени во 24 провинции, а Јериклаја на социјалните мрежи објави дека операциите биле спроведени во 24 провинции, вклучувајќи ги Истанбул, Анкара и Дијарбекир, јави Анадолија.

Тој истакна дека е утврдено оти 100 осомничени кои биле приведени дејствувале во рамките на терористичката организација Исламска држава или дека ја финансирале терористичката организација и вршеле пропаганда преку нивните профили на социјалните мрежи. При операциите биле запленети документи и дигитални материјали. 

Мадрид - Шест членови на германски велосипедски тим се повредени откако во нив удрил автомобил со кој управувал 89-годишен старец на шпанскиот остров Палма де Мајорка, објавија денеска шпанските медиуми.

Повредените велосипедисти се хоспитализирани со повеќе скршеници, но никој од нив нема повреди опасни по живот.

Тие oд хотелот тргнале на тренинг возење, но откако поминале 2,7 километри се случила несреќата кога во нив удрил автомобилот, а возачот признал дека не ги видел.

Париз – Амбасадата на Франција во главниот град на Дермократска Република Конго, Киншаса утрово е нападната, изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро.

Тој на Икс објави дека по нападот во Амбасадата избил пожар, кој бил изгаснат.

- Ваквите напади се неприфатливи. Направено е сè за да се обезбеди безбедноста на нашиот персонал и нашите граѓани, истакна Баро.

Бунтовниците од Движењето 23 март (М23), поддржани од Руанда, вчера влего во Гома, град со два милиони жители, што се наоѓа на околу 1.600 километри од главниот град Киншаса.

Киев - Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарез пристигна во официјална посета на Украина, објави Укринформ.

Дипломатот своето пристигнување го најави на социјалната мрежа „Икс“. 

„Само што пристигнав во Украина“, напиша Албарез и потсети дека неправедната и неиспровоцирана војна во Украина трае веќе три години.

„Мораме оваа година да ја направиме година на мир. Праведен мир кој на Украинците ќе им обезбеди суверенитет и слобода. „Шпанија стои на нивна страна за ова“, напиша шпанскиот министер за надворешни работи.

Рафа - Градоначалникот на Рафа, Ахмед Ал Суфи апелираше до палестинските цивили раселени поради конфликтот да не се обидуваат да се вратат во градот, и покрај повлекувањето на израелските сили од центарот на градот, бидејќи тој и понатаму е „екстремно опасен“, објави Гардијан.

Иако израелските војници се повлекоа од централниот дел на градот, градоначалникот предупреди дека Рафа и понатаму е опасен поради присуството на израелски војници долж границата, која минува меѓу Газа и Египет. Израелската војска ги предупреди цивилите да не се приближуваат до областа на 700 метри од границата, означувајќи ја како „црвена зона“.

Киншаса – Во изминатите 24 часа стотици луѓе побарале помош во болниците во Гома поради повреди од огнено оружје и гранати, а на улиците има мртви луѓе, соопштија Обединетите нации.

Големиот број на загинати и повредени во источниот дел на Демократска Република Конго уследи откако борци на бунтовничкото Движење 23 март (М23) влегоа Гома, град со околу два милиони жители, што е клучен центар за безбедносни и хуманитарни активности.

- И денеска продолжија престрелките во Гома, што резултираше со голем број загинати, чии тела се оставени на улица. Хуманитарната ситуација во и околу Гома и понатаму е исклучително загрижувачка. Болниците во Гома, наводно се пренатрупани со пациенти, изјави портпаролот на хуманитарната канцеларија на ОН, Јенс Лаерке.

Берлин - Почнувајќи од 20. коло, на натпреварите од првата и втората Бундес лига, судиите ќе ги соопштат своите одлуки по интервенција на видео судии (ВАР).

Оваа одлука ја донесе Германската фудбалска лига (ДФЛ), приклучувајќи се на експериментот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).

Сепак, сите клубови не се согласија да учествуваат во експериментот. Досега, оваа иновација ќе биде тестирана само на девет стадиони, каде играат Баерн, Борусија Д, Ајнтрахт, Фрајбург, Баер, Лајпциг, Фортуна, Гројтер Фурт и Сент Паули.

Остани поврзан