• четврток, 30 јануари 2025
МИА Радио флеш

  29  јануари 2025

 

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 70 метри има на патниот правец Струмица – г.п. Ново Село.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе одржи две пленарни седници.

Во рамки на 33-та седница пратениците ќе расправаат по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор, по скратена постапка.

На дневен ред на 27-та седница има само една точка - Предлог на законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент помеѓу Европската Унија претставувана од Комисијата и Република Северна Македонија претставувана од Владата на Северна Македонија, за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата за Република Северна Македонија, во согласност со Инструментот за реформи и раст.

Скопје - Два и пол месеци по јавната расправа, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за денеска во 13 часот ја закажа седницата на која треба да се утврди листата на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На јавниот конкурс за член на Советот беа пријавени 31 кандидат, но еден кандидат ја повлече кандидатурата. Пријавените кандидати ќе се борат за седум места во Советот на АВМУ. Од 30-те пријавени кандидати, Комисијата изгласа дека 24 ги исполнуваат условите, а шест не ги исполнуваат условите, затоа што не доставиле уверение за државјанство, кое било еден од условите.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром во објектот на Воената Академија „Михајло Апостолски“ каде ќе биде симулиран сајбер хибриден напад.

Притоа, како што информираат од владината прес-служба, ќе бидат свечено примопредадени минимум сајбер безбедносни стандарди за владините институции на кои се работело во соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство.

Скопје - Театар Комедија вечер ќе ја прикаже премиерата на „Да живее Долна Дупка“, чиј автор и режисер е Коле Ангеловски.

-Соработката на Театар Комедија со овој македонски театарски и филмски глумец, режисер и драмски автор продолжува на барање на публиката на Театар Комедија, која го познава творечкиот набој на Коле Ангеловски преку досегашните две успешни претстави на сцената на Театар Комедија, Ах, љубов моја, претстава со која и официјално почна да работи Театар Комедија во 2012 година и Не сега драга од Реј Куни во 2018 година, велат од Таеатарот Комедија. 

Приштина - Илјадници празни документи за идентификација со ознаки на повеќе од 50 земји ширум светот, вклучително и Србија, беа запленети во Приштина.

Документите биле пронајдени во импровизирана лабораторија за која се верувало дека биле користени за производство на фалсификувани документи. Истовремено, едно лице е уапсено и одредена му е мерка притвор од еден месец, соопшти косовската полиција.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците од Газа во Египет или Јордан е „неприфатлив“ и ја повтори својата поддршка за решението со две држави - Израел и Палестина.

-Сите планови за преместување, идејата дека граѓаните на Газа ќе бидат протерани од таму во Египет или Јордан, се неприфатливи, рече Шолц.

Брисел – Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа го имале првиот меѓусебен телефонски разговор откако на 20 јануари администрацијата на претседателот Трамп ја презеде власта во САД, а главните теми им биле војната во Украина, Иран и Кина.

Разговорот доаѓа во време на зголемена европска загриженост за тоа што новата администрација, со нејзиниот пристап „Америка на прво место“, ќе значи за трансатлантските врски во одбраната и безбедноста, економијата, трговијата и другите области.

Берлин - Германските пратеници денеска треба да гласаат за двата предлога поднесени од опозицискиот блок од десниот центар за значително заострување на миграциската политика во земјата, помалку од четири недели пред Германците да излезат на гласање на националните избори, јави ДПА.

Миграцијата стана доминантно прашање во кампањата пред вонредните избори на 23 февруари по низата фатални напади во кои беа вклучени осомничени со мигрантско потекло.

Вашингтон - Федерален судија привремено го блокираше барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да ги запре владините програми за финансиска помош додека неговата администрација спроведува преглед за да се осигура дека парите се ослободуваат во согласност со приоритетите на Белата куќа, вклучително и извршните наредби за прекин на програмите за различност, еднаквост и вклучување. 

Непосредно пред да стапи на сила замрзнувањето на финансирањето вчера попладне, судијката Лорен Алихан нареди средствата за тековните програми да продолжат да се исплаќаат до 3 февруари. Наредбата е издадена во врска со тужба од невладини организации.

Вашингтон - Претседателот на САД, Доналд Трамп, издаде наредба за враќање во служба на воените лица кои биле отпуштени поради одбивање да се вакцинираат од Ковид.

Во 2021 година, откако Пентагон ја направи вакцинацијата задолжителна, илјадници војници беа отпуштени затоа што не сакаа да се вакцинираат.

Во претседателскиот указ се нагласува дека „барањето за вакцинација било неправедно, прекумерно широко и сосема ненужно оптоварување“ за американските војници. За многу од нив требало да биде направен исклучок, но тоа не се случило и тие биле отпуштени, се додава во документот.

Вашингтон - Демократите во Сенатот на САД го блокираа законодавството со кое ќе се санкционира Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства во Газа.

Гласањето покажа дека законот добил 54 гласа за и 45 против, помалку од 60-те гласови потребни за конечно усвојување.

Вашингтон - Администрацијата на Трамп го преработува пристапот до медиумите во Белата куќа, отворајќи ја вратата за инфлуенсерите, блогерите и водителите на подкасти како дел од новата стратегија за вклучување на помалку традиционални медиумски гласови во просторијата за брифинг.

На нејзината прва прес-конференција, прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера рече дека просторијата за брифинг ќе биде отворена за „новите медиумски гласови“, вклучувајќи ги инфлуенсерите на социјалните медиуми, креаторите на содржини, блогерите, подкастерите и независните известувачи.

Вашингтон - Германскиот канцелар Олаф Шолц во изјава за Си-Ен-Ен синоќа ги искритикува американскиот милијардер Илон Маск, oсновач на компанијата Тесла, велејќи дека тоа што тој го прави е „навистина одвратно“.

-Јас сум гневен што Илон Маск се вмешува во корист на крајната десница и што Илон Маск исто така не реагира адекватно на убиствата на толку многу Евреи и други луѓе во Европа извршени од Германците во минатото, изјави Шолц и додаде дека Германија ќе ја носи „историската одговорност“ за тоа и во иднина.

Њујорк – Од понеделникот утрината до вторникот попладнето во северниот дел на Појасот Газа се вратиле над 376.000 Палестинци, благодарение на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, соопшти агенција на ОН за хуманитарни работи.

Мажите сочинуваат половина од раселените, а жените и децата по четвртина, соопшти агенцијата на ОН, повикувајќи се на податоците на работната група која ги распореди своите претставници на различни делови на територијата.

Киев - Украина ноќеска со беспилотни летала нападнала нафтени и енергетски постројки во западна Русија, објавија руските власти.

„Урнатините од уништената зграда предизвикаа пожар во индустриски погон во градот Кстово“, напиша на Телеграм Глеб Никитин, гувернер на Нижегорската област, која се наоѓа источно од Москва.

„Според прелиминарните податоци, нема жртви“, додаде Никитин, без да даде дополнителни детали.

Според „База“ - информативен канал на Телеграм близок до руските безбедносни служби, во Кстово гори рафинерија за нафта.

Киев - Рускиот претседател Владимир Путин се плаши од преговори за ставање крај на војната во Украина, изјави ноќеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Денеска Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, дека се плаши од силни лидери и дека прави се за да ја продолжи војната“, напиша Зеленски на платформата Х, откако рускиот претседател ги исклучи како можност директните разговори со неговиот украински колега.

Путин претходно денеска изјави дека конфликтот во Украина ќе заврши во рок од „два месеци или помалку“ без воената помош од западните сојузници за неа. Украина во моментов  стравува од драстично намалување на американската помош со враќањето на Доналд Трамп на власт.

Киев - Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) соопшти дека покренало кривична истрага против министерот за одбрана Рустем Умеров.

Во соопштението од службата се наведува дека истрагата е покрената во врска со жалба поднесена од граѓански надзорен орган и дека ќе се спроведе истрага за да се утврди дали Умеров ја злоупотребил својата моќ.

Бразилија - Бразилската влада нема да ги користи авионите на своите воздухопловни сили за да помогне во депортирањето на бразилските мигранти од САД, изјави денеска бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира.

Бразилски авион ги превезувал мигрантите на вториот дел од патувањето, откако тие пријавиле нехумано постапување врз нив од американски агенти, а Бразил потоа отвори истрага. На летот од Луизијана до Амазонас имало 88 бразилски државјани, кои пријавиле дека климата во авионот што ја изнајмила американската влада била расипана и дека биле тепани од американски агенти, пренесува Глобо.

Сеул - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика да се зајакне нуклеарниот штит на земјата при посетата на постројката за производство на нуклеарен материјал, објавија денеска севернокорејските медиуми.

-Безбедносната ситуација во Северна Кореја го прави „незаменливо“ постојаното зајакнување на нуклеарниот штит на земјата, рече Ким.

Извештајот не дава никакви прецизни информации за тоа каде е објектот што го посети Ким, ниту за тоа кога се случила посетата.

Остани поврзан