МИА Општински пул
- 30 јануари 2025
Скопје - Финален настан во рамки на проектот „Младински активизам за одржливи реки: заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“, што го спроведува Аналитика - Скопје со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, ќе се одржи денеска во Скопје.
Како што информираат организаторите, целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните.
Настанот има за цел и да ги презентира постигнувањата од проектот, што промовира зачувување на природните ресурси, борба против загадувањето и заштита на водните екосистеми.
-На настанот ќе се презентираат резултатите од истражувањето и препораките за зачувување на водата и биодиверзитетот на реката Треска. Овој настан ќе биде од особена важност за споделување на наодите и заедничко планирање на идните чекори за подобрување на состојбата на ова значајно природно богатство, истакнуваат организаторите.
Скопје - Локалната самоуправа и оваа година распиша Јавен повик за субвенционирање на млади лица кои се жители на општина Карпош, за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола, Б категорија. Во таа насока, Комисијата за доделување на субвенции точно ги дефинираше критериумите, начинот и условите под кои заинтересираните странки можат да се пријават на Јавниот повик, односно да станат потенцијални корисници на горенаведените субвенции.
Оттука, секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање за возачка дозвола мора да е жител на општина Карпош, заедно со неговите родители, минимум 3 години до денот на поднесување на барањето. Притоа, според принципот „прв дојден – прв услужен“ ќе се субвенционираат млади лица кои се родени во 2007 година, односно кои во 2025 година ќе наполнат 18 години.
Струмица - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го поддржува и ќе учествува на протестниот марш против загадувањето на воздухот во Струмица, што треба да се одржи в сабота.
Во објава на својот фејсбук профил напиша дека како градоначалник на Општина Струмица и пред сѐ како човек, во целост го поддржува мирниот протест инициран по повод екстремното загадување во Струмица.
-Заложбите и напорите, како на локалната, така и на централната власт, преку конкретни мерки да се редуцира степенот на фактичкото загадување очигледно не допираат до вистинските адреси. Работата на субјектите кои имаат ингеренции за контрола се континуирано на терен, но определени субјекти се посилни и над законите. И покрај реализираните инспекциски надзори и опомени своеволието на одредени субјекти продолжува!, напиша Костадинов.
Додава дека постојано повикувал и апелирал на почитување на законите и обврските кои произлегуваат од нив, како и соодветно санкционирање од страна на надлежните на различни нивоа.
Тирана - Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, смета дека во оваа земја нема политичка волја од сите политички сили за остварување на легитимните права на малцинствата.
- На малцинствата не гледаат како мост на поврзување со нашите матични земји, каде што можеме да дадеме придонес. Ние како малцинства сме сите мирољубиви малцинства. Ние сме лојални на оваа држава, плаќаме даноци во оваа држава и досега не сме презеле ништо против оваа држава, затоа што таа на крајот е наша татковина. Овде сме родени, овде живееме и го сакаме најдоброто за оваа земја, но на крајот сакаме да си го зачуваме и тоа што сме, нашата националност, нашиот јазик. Не е некој проблем што државата не може да го реши, изјави Стерјовски, во гостување во емисијата „60 минути" на СКАН телевизија.
На констатацијата на новинарот дека барањата се оправдани, но прашање е дали можеби толку се капацитетите и можностите на Албанија, тој вели дека не се работи за тоа дали државата има капацитет или нема.
Куманово - Занаетчиската комора го поддржува најавениот бојкот на маркетите и повикува граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии, информираа денеска од ЗКРСМ.
- Целосно го поддржуваме бојкотот на маркетите, меѓутоа апелираме до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во занаетчиските пекари, други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелиравме и до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.
Од ЗКРСМ велат дека цените кај малите бизниси и занаетчиите се пониски и подостапни за сите. Во петок цените кај занаетчиите ќе бидат за десет проценти пониски за купувачите.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски и вработените од јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар - ПОЦ, денеска чистеа на две локации кадешто надлежност има Град Скопје. Општинските служби го исчистија сметот на улицата 50 Дивизија во близина на Клиничкиот Центар и улиците на Кале.
И покрај реагирањето и четиридневното самостојно чистење на сметот од страна на Општината, сѐ уште Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска го немаат собрано целото ѓубре од улиците во Центар кадешто имаат надлежност.
Во изјава за Телма, Герасимовски информира дека секојдневно 120 хигиеничари се ангажирани за чистење на сметот во Општината.
„Од пред неколку дена почнавме и со голема акција за чистење на сметот околу контејнерите, но и со собирање на ѓубрето во контејнерите, во одредени населби таму каде што не беше собрано од градската администрација. Акцијата продолжува и во наредниот период, етапно ќе се чисти населба по населба каде што целосно влегува и нашата механизација.Очигледно е подобрување во однос на хиената, тоа значи дека нашите апели стигнале до нечии уши. Бевме во Маџир Маало и во Дебар Маало, се чистеше и вчера, и завчера во Крњево и во сите останати населби”, истакнува Герасимовски.
Охрид – Советот на Општина Охрид на денешната седница донесе одлука за издвојување средства од буџетот за поставување полуподземни контејнери за комунален отпад на улицата „Македонски Просветители“ во централното градско подрачје.
Како што појасни секратарот на Општината, Александар Китески, со усвоената пренамена се издвојуваат средства за набавка на полуподземни контејнери со кои ќе се решат одредени критични места во врска со управување со отпадот, посебно на локациите на булеварот „Македонски Просветители“.
- Постоечките контејнери кои претставуваат грда слика посебно во летниот период на неколку локации долж булеварот. Ќе има неколку локации кои се предложени од страна на ЈП Охридски Комуналец каде ќе се изврши замена на постоечките контејнери со вакви современи полузатворени контејнери за собирање на отпад“, посочи Китески.