МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
30 јануари 2025
Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 32. пленарна седница на која на деневен ред се пратенички прашања.
Седниците за пратенички прашања се одржуваат последниот четврток во месецот, а според воспоставената практика, први за поставување прашања на премиерот и министерите се пратениците од опозицијата.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе се обрати на првата национална консултација за реформа на болничкиот сектор во државата.
Како што појаснуваат од Министерството за здравство, таа е организирана во соработка со Светската здравствена организација.
Скопје - По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
По вчерашната средба во Владата со Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
Скопје - Германски државјанин кој се изгубил на планината Скопска Црна Гора е успешно пронајден во координирана акција на Авто мото сојузот на Македонија, Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.
Како што соопшти утринава ЦУК, германскиот државјанин кој немал македонски телефонски број за помош прво се јавил во Германија по што биле алармирани македонските служби и почнала акцијата за негово спасување.
Скопје - Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) смета дека воведувањето на дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси на некои факултети не треба да бидат на товар на студентите. Во денешното соопштение се наведува дека ќе се бара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска, со цел во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од Буџетот на Република Северна Македонија, како што е предвидено согласно Законот.
Скопје - Финален настан во рамки на проектот „Младински активизам за одржливи реки: заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“, што го спроведува Аналитика - Скопје со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, ќе се одржи денеска во Скопје.
Како што информираат организаторите, целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните.
Скопје - Промоција на монографијата „Современа македонска фотографија - Македонска фотографија 1945-2020“ и изложба на дела од архивата на Фото сојуз на Македонија ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар во Скопје.
- Монографијата е капитално дело и е единствена од ваков вид со вовед во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија. Поддржана како Проект од национален интерес од Министерство за култура, претставува пресек на речиси 80 годишно творештво на автори членови на Фото сојуз на Македонија, велат од Фото сојузот.
Скопје - Здружението на судии во соработка со Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска ќе ги презентира резултатите од Анкетата за задоволство на корисниците на судските услуги, спроведена во декември 2024 година.
Скопје - Оркестарот на Македонската филхармонија, денеска и утре, со почеток во 12 часот ќе одржи два концерти за деца со наслов „Имате ли ритам?“ преку организирана училишта посета. Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор е актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.
Струмица - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го поддржува и ќе учествува на протестниот марш против загадувањето на воздухот во Струмица, што треба да се одржи в сабота.
Во објава на својот фејсбук профил напиша дека како градоначалник на Општина Струмица и пред сѐ како човек, во целост го поддржува мирниот протест инициран по повод екстремното загадување во Струмица.
Скопје – Промоција на книгата „Ѕвезди под клепките“ на современиот бугарски писател Николај Терзијски ќе се одржи денеска со почеток во „Europe House“ во Скопје.
Како што соопштуваат од Издавачкиот центар ТРИ, посетителите ќе имаат можност да поразговараат со писателот и да добијат потпис на својот примерок од „Ѕвезди под клепките“ во превод на Виолета Танчева-Златева, инаку дел од едицијата „Нашите приказни“ поддржана од Европската Унија.
Скопје – Здружението на новинари на Македонија денеска со почеток во 14 часот во просториите на Клубот на новинари во Скопје ќе ги додели новинарските награди за 2024 на тема „Справување со загадувањето на воздухот во Република Северна Македонија“.
На настанот ќе се обратат претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан и амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Jаин, како и наградените новинари и претставници на комисијата за 2024 година.
Загреб - Хрватската потрошувачка платформа „Ало, инспектор“ која започна бојкот на продавниците, ги повика граѓаните од денеска да не купуваат одредени производи и да бојкотираат одредени трговски ланци во период од седум дена.
Тие дополнително повикаа на општ бојкот на продавниците утре, по примерот на оној што се случи минатата недела.
Париз - Петмина скијачи загинаа во две одвоени лавини на француските Алпи, објавија синоќа локалните медиуми.
Во регионот Савоа на француските Алпи, четворица норвешки скијачи ги загубија животите во областа Вал-Сенис, објавија француските медиуми, цитирајќи ја локалната префектура.
Групата од седум скијачи биле излезени од патеката кога удрила огромна лавина и однела четворица од нив. Три тела биле извлечени на местото на настанот, додека една жена, која со хеликоптер била пренесена во болница во Гренобл, подоцна била прогласена за мртва.
Франкфурт - Европската централна банка (ЕЦБ) се очекува денеска повторно да ги намали клучните каматни стапки, што би било петто намалување на стапките во еврозоната од средината на 2024 година.
Економистите очекуваат централната банка да ја намали основната депозитна стапка - каматата што ја добиваат банките за „паркинг средства“ во ЕЦБ - за 0,25 процентни поени на 2,75 отсто и да продолжи да ја намалува до летото за да го поддржи слабеењето на економијата во еврозоната.
Берлин – Конзервативниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц од германските демохристијани (ЦДУ) потврди дека одбива да соработува со екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и покрај вчерашното заедничко усвојување на предлогот на Бундестагот за миграциската политика.
- Луѓето од АфД сега можат да триумфираат како што сакаат, но тоа нема да се случи, изјави синоќа лидерот на ЦДУ, кој многумина го сметаат за иден германски канцелар, за јавната телевизија АРД.
Ден по федералните избори, гласот за АфД „нема да вреди ништо“, тврди Мерц. Оние кои сакаат промена на политиката треба да гласаат за ЦДУ, додаде тој.
Прага - Чешката полиција повторно ја отвори истрагата за смртта на поранешниот министер за надворешни работи на Чехословачка, Јан Масарик, во 1948 година, која официјално беше прогласена за самоубиство.
Радио Слободна Европа пренесува дека полицијата како основа за повторно отворање на истрагата ги наведува новите документи што ги добила од американските и француските архиви.
Овие документи фрлаат ново светло на околностите за смртта на Масарик, но не е познато дали тие обезбедуваат докази или ги идентификуваат осомничените.
Истрагата ќе ја води чешката полициска единица која се занимава со случаи од комунистичкиот период.
Братислава – Дипломатскиот јаз меѓу Братислава и Киев се продлабочи поради одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку Словачка и меѓусебните обвинувања во врска со енергетската политика, јави ДПА.
Словачкото Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека го повикало украинскиот амбасадор Мирослав Кастран за да му пренесе „силен протест поради изјавите на украинските власти“.
Лондон - Британската министерка за финансии Рејчел Ривс вчера ја објави поддршката на нејзината влада за контроверзниот проект за изградба на трета писта на лондонскиот аеродром Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа според бројот на патници, како дел од планот за заживување на економскиот раст на земјата.
„Оваа влада ја поддржува изградбата на трета писта на Хитроу“, најави министерката во долгиот говор во кој до детали ги опиша серијата мерки насочени кон поттикнување на бавниот економски раст на земјата.
Вашингтон - Американскиот експерт за Балканот, Едвард Џозеф изјави дека македонскиот модел може да се искористи за надминување на политичката криза во Србија и дека САД или Европската Унија или поединечни нејзини членки би можеле да посредуваат во преговорите меѓу владата и опозицијата.
Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, синоќа за телевизијата Н1 изјави дека има релевантен пример од Северна Македонија, каде што пред 10 години имаше големи демонстрации против тогашниот премиер Никола Груевски.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изрази уверување дека судирот меѓу хеликоптерот на американската армија и патничкиот авион на компанијата „Американ ерлајнс“ можел и требало да се спречи.
"Авионот беше на совршена и рутинска линија за пристап до аеродромот. Хеликоптерот долго време се движеше право кон авионот. Беше ЈАСНА НОЌ, светлата во авионот беа запалени, зошто хеликоптерот не се качи нагоре или надолу, или се сврти, зошто Контролната кула не му кажа на хеликоптерот што да прави, наместо да го праша дали го виделе авионот. Ова е лоша ситуација што требаше да се спречи„, напиша американскиот претседател на социјална мрежа „Truth Social“.
Вашингтон - Буџетската канцеларија на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа ја повлече извршната наредба за замрзнување на финансирањето на федералните грантови во Америка - само два дена откако посеа конфузија низ целата земја и покрена тужби, соопштија две лица известени за одлуката.
Регулативата донесена во понеделникот вечерта ја фрли неизвесноста во рацете на клучниот лост за финансирање на државите, училиштата и организациите кои зависат од трилиони долари федерално финансирање од Вашингтон.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека во заливот Гвантанамо ќе биде подготвен објект за 30.000 мигранти, со кој ќе управуваат Пентагон и Министерството за домашна безбедност.
Во американската поморска база во тој залив на Куба веќе е сместен објект за мигранти кој со децении се користи наизменично, вклучително и за сместување на Хаити и Кубанци спасени на море.
-Денеска, исто така, потпишувам извршна наредба со која се упатуваат министерствата за одбрана и домашна безбедност да започнат со подготовка на објект за 30.000 мигранти во заливот Гвантанамо, рече Трамп во Белата куќа.
Вашингтон - Поранешниот американски сенатор Боб Менендес синоќа беше осуден на 11 години затвор поради примање поткуп во злато, кеш и други подароци, и незаконско лобирање во полза на Египет и на бизнисмени од Њу Џерси.
Менендес е поранешен влијателен демократ во Сенатот со 18 и пол години искуство како претставник на сојузната држава Њу Џерси. Лани во јули тој беше прогласен за виновен по сите 16 точки од обвинението, вклучувајќи мито и измама. Тој исто така стана првиот американски сенатор осуден за тоа што дејствувал како странски агент.
Вашингтон – На налози на социјалните мрежи, кои наводно се поврзани со Кина, имало обид наводно да се собори шпанската Влада преку искористување на незадоволството на јавноста поради неадекватниот одговор на владата на катастрофалните поплави во регионот Валенсија во кои загинаа повеќе од 200 луѓе, се наведува во извештајот на американската фирма „Графика“ која ги анализира социјалните мрежи.
Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на американските федерални агенции да ги избришат референците за „родовата идеологија“ од договорите, описот на работните места и профилите на социјалните мрежи во согласност со извршната наредба со која владата се принудува да признае само два пола.
Во меморандум испратен од Канцеларијата за управување со персонал на САД се бара да се спроведе наредбата на Трамп со која од федералните агенции се бара да „признаат дека жените се биолошки жени, а мажите се биолошки мажи“.
Киев – Американски борци гинат во Украина во сè поголем број, а повеќе од 20 Американци се водат за исчезнати на украинската линија на фронтот, покажа истражување спроведено од Си-Ен-Ен.
Според тие податоци, телата на најмалку пет американски доброволци, кои се бореле на страната на Украина, не можеле да бидат извлечени од бојното поле откако биле убиени во изминатите шест месеци.
Двајца од нив биле вратени во петокот од територијата окупирана од Русија на територијата контролирана од украинските војници.
Киев - Најмалку две лица загинаа, а седум се ранети рано утринава во напад на руски дрон врз станбена зграда во градот Суми, во североисточна Украина, соопшти украинската служба за итни случаи.
Меѓу ранетите има седумгодишно дете и 18-годишно момче, јавија украинските медиуми.
Сите повредени се пренесени во локалните болници.
Рамала – Најмалку 10 лица загинаа во израелски воздушен напад во северниот дел на Западниот Брег, соопштија денеска палестинските власти, пренесе ДПА.
Израелската војска соопшти дека гаѓала група вооружени мажи со авион во градот Тамун на Западниот Брег, но не даде дополнителни детали.
Според палестинските извештаи, израелско беспилотно летало истрелало три проектили врз една куќа.
Тајпеј - Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала го погоди Тајван утринава, предизвикувајќи мала материјална штета, соопштија тамошните власти, додавајќи дека следеле серија помали последователни потреси.
Главниот земјотрес се случил во 10:11 часот по локално време во градот Дапу, додека епицентарот бил на околу 250 километри јужно од Тајпеј, каде земјотресот бил благо почувствуван.