МИА Општински пул
- 30 јануари 2025
30 јануари 2025
Штип – Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска извршија увид во градежните работи на затворениот базен, кои почнаа по неколку години застој на овој објект и со нов економски оператор.
Министерот за спорт Ристовски вели дека ги прават сите напори за да се заврши изградбата на затворените базени во земјава.
-Задоволството е големо, затоа што крајни корисници ќе бидат дечињата, пливачките школи, граѓаните на Општина Штип. Во координации сме со економскиот оператор за овој базен да биде завршен до крајот на следните два месеци и до почетокот на пливачката сезона да биде пуштен во употреба за сите дечиња од школите, но и за сите рекреативци и од пливачките школи кои имаат бенефит од сето ова на крајот, вели Ристовски.
Скопје - Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.
Имено, се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите. Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покрена иницијатива која наиде на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.
Битола - ЈОУ Културен и информативен центар Битола со нова креативна иницијатива ги анимира младите битолчани од основните и средни училишта преку создавање кратки филмови да ја искажат својата креатива идеја.
Пред идните сниматели, режисери и сценаристи или актери поставен е предизвик да снимат краток филм со времетраење до 3 минути, користејќи се со мобилен телефон, на тема туристичка промоција на Битола, екологија и слободна тема. Најдобрите остварувања ќе бидат прикажувани секоја прва сабота од месецот, во кино „Манаки“.
Скопје - Општина Илинден отпочна со изработка на Стратешкиот документ ЛЕАП – Локален еколошки акциски план на Општина Илинден за периодот од 2025-20230 година, за таа цел се одржа јавна презентација во Домот на култура „Илинден“.
Изработката на овој документ е согласно законските обврски кои произлегувааат од законот за животна средина и согласно кои Општината е потребно да ги имплементира проектните активности во насока на подобрување на животната средина.
Куманово - Куманово ги повика граѓаните да аплицираат за надоместување на дел од трошоците за приклучок на гасификациска мрежа на подрачјето на општината за 2025 година, како дел од сетот мерки наменет за намалување на аерозагадувањето во градот, информираа денеска од општината. Општината субвенционира 25.000 денари за приклучок.
- Очекуваме домаќинствата да се пријават, да ја искористат оваа можност. Средствата за субвенции се зголемени, затоа што и цената на приклучокот, изјави директорот на „Куманово-Гас“, Марко Митровски.
Битола - Јавното Обвинителство определи мерка притвор од осум дена за хиругот М. С. (64), вработен и на раководна позиција во ЈЗУ Клиничка болница-Битола.
Како што е познато М.С. беше упсен поради примање мито од 150 евра во битолската Клиничка болница, случај регистриран од СВР Битола на 28 јануари во просториите на болницата во Битола.
Куманово - Кумановските компании бараат архитекти, но и фасадери, покажала анкетата што ја спроведе секторот за образование од општина Куманово, што денеска беше презентирана во рамки на социјалниот дијалог „Учи паметно работи стручно“.
Дуалното образование дава можности за намалување на невработеноста на локално ниво, кажаа директорите на стручните училишта.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар одржа координативен состанок со директорите на општинските училишта, на кој главен фокус беа препораките за настава без мобилни телефони, одржување редовни класни часови посветени на препознавање и справување со сајбер булингот, како и активно вклучување на стручни лица преку работилници за борба против дигиталното насилство.
Иницијативата за забрана на мобилни телефони во текот на наставата се спроведува успешно, одобрена од наставничките совети, а позитивни реакции пристигнуваат и од педагозите, родителите и стручната фела.
Битола - Општина Битола обезбеди средства со цел покривање патни трошоци до здравствени институции надвор од Битола и поддршка за надминување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со ретки болести, а се наоѓаат во незавидна социјална и здравствена положба.
Од секторот за односи со јавност потсетуваат дека социјалната мерка почна да се применува од 2023 година, на предлог на градоначалникот Тони Коњановски и се реализира трета година по ред со која Општина Битола издвојува по еден милион денари за финансиска помош која системски e вклучена во Програмата за социјална заштита на Општина Битола.