МИА Радио флеш
- 30 јануари 2025
30 јануари 2025
Скопје - Инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.
Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор што денеска е пред Законодавно правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а треба да се донесе по скратена постапка во Собранието.
Скопје - Дваесет и двегодишна девојка го загуби животот откако синоќа во неа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје удрил автомобил „пежо“ управуван од 20-годишно лице. По несреќата извршен е увид, возачот е задржан, а се издаваат наредби за обезбедување снимки од видео надзор на локацијата.
- Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, каде во тешка сообраќајна несреќа едно лице го загуби животот, информираат од Републичкото јавно обвинителство.
Скопје - Слабости во управувањето со лековите за ретки болести, финансиското управување и недостиг на ефикасност во реализацијата на договорените здравствени услуги се утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија.
- Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година за сметката за средства од фондот 737, додека за сметката за сопствени приходи 531 изразено е мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година, стои во соопштението.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струмица поднела кривична пријава против К.Х поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „даночно затајување“ по член 279 став 2 в.в со став 1 од Кривичниот законик.
Пријавениот К. Х. во својство на сопственик и управител на Друштво за производство на конфекција, текстил и трикотажа ХЕЛЕНА ДООЕЛ увоз-извоз Василево Струмица во периодот од 1 јануари 2019 година до 25 декември 2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист акумулираната добивка во износ од 25.174.878 денари (која се намалува за износот на основната главнина која изнесува 6.821.668 денари, на која се додава износ од 2.588.356 денари Добивка за фискална година, при што останува добивка за оданочување во износ од 20.941.566 денари основица за Данок на добивка), евидентирана во пасивата на Билансот на состојба неосновано ја присвоил за себе, меѓу другото не извршил отпис на застарени Побарувања од купувачи во износ од 13.973.029 денари и произведените текстилни производи евидентирани на залиха во вредност од 9.959.394 денари, неосновано ги присвоил и не ги евидентирал во сметководствената евиденција како кусок.
Љубљана - Рано утрово избувнал пожар во студентски дом на Пољанска цеста во Љубљана при што се повредени 11 лица, од кои едно е во критична состојба, јави Н1 Словенија.
Пожарот бил пријавен кусо по четири часот, а пожарникарите брзо реагирале, евакуирале 363 лица и спасиле 45 лица со помош на скали и заштитни маски.
Атина - За евентуална кривичната одговорност на грчката железница, во случај да се докаже дека товарниот воз пренесувал нешто сомнително; за преземената политичка одговорност и категоричното отфрлање на веројатноста да си поднесе оставка; за неодговорените прашања; за обвинувањата за „владино прикривање на случајот“, говореше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Алфа“, во однос на железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, а по големите и масовни протести што во неделата се одржаа во цела Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
- Трагедијата кај Темпи, е колективна повреда и исто така е повреда која, би рекол и мене ми тежи, бидејќи бев премиер кога се случи оваа трагедија, кога млади деца влегоа во возот и никогаш не стигнаа до нивната дестинација, во средство кое требаше да биде безбедно. Мислите дека ова не ме оптоварува, не само како татко, туку и како премиер, да направам сè што можам за да ја дознаам вистината и да направам сè што можам за нашите возови сега да бидат безбедни и европски?, посочи Мицотакис.
Брисел - Европската комисија планира да преземе правни мерки против земјите членки на ЕУ кои нема да ги спроведуваат правилата и политиките за намалување на бирократските процедури и регулаторниот товар за компаниите, што ќе бидат договорени на ниво на блокот.
Ваквиот план за покренување „прекршочни постапки“ против „непослушните“ земји членки се содржи во документот насловен „Поедноставна и побрза Европа“.
Брисел - Донеодамнешната директорка на италијанскиот Оддел за безбедносни информации (ДИС), Елизабета Белони е именувана за дипломатска советничка на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди денеска портпарол на ЕК.
Според истиот извор, титулата на Белони ќе биде „главна дипломатска советничка“ и таа ќе биде директно одговорна пред Фон дер Лајен.
Москва - Руските уметнички лизгачи и тренери Евгенија Шишкова и Вадим Наумов биле во авионот на Американ ерлајнс кој се урна во близина на националниот аеродром Реган Вашингтон, јави Тасс.
Шишкова и Наумов, кои се во брак од 1995 година, ја освоија светската титула во уметничко лизгање во 1994 година. Регионален патнички авион на Американ ерлајнс се судри во воздух со хеликоптер на американската армија Блек Хок во близина на националниот аеродром Реган Вашингтон по што авионот се урна во реката Потомак.
Вашингтон - Шефот на вашингтонската противпожарна служба и службата за итни случаи, Џон А.Донели Постариотденеска изјави дека сите напори во рамките на потрагата по преживеани во авионската несреќа во близина на Вашингтон, каде се судрија воен хеликоптер и патнички авион, се насочени кон реката Тотомак и дека условите се тешки поради длабочината и студенилото на водата, како и поради ветерот.
Донели изјави дека условите за нуркање се тешки бидејќи водата во реката е матна, па операцијата за пребарување најверојатно ќе потрае неколку дена, пренесе Си-Ен-Ен.
Тел Авив – Денеска стапи во сила одлуката на израелските власти за забрана на работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) на територијата на Источен Ерусалим и Израел.
Забраната, која израелскиот парламент ја усвои пред три месеци, стапи во сила откако израелскиот Врховен суд го одби барањето за суспендирање на забраната, пишува Скај Њуз.
Загреб – Украинскиот премиер Денис Шмихал за време на посетата на Загреб изјави дека официјален Киев сака војната да престане, но дека одлуката не е нивна и оти верува дека Доналд Трамп ќе го искористи целосното влијание на САД преку санкции и дипломатски притисок врз Владимир Путин.
Шмихал во интервју за ХРТ рече дека Украина платила огромна цена во однос на бројот на загинати цивили.
Тел Авив - Израелската заложничка, припадничка на ИДФ, Агам Бергер предмалку и беше предадена на Црвениот крст од маскирани вооружени лица во Појасот Газа, можеше да се види во директен телевизиски пренос од Газа, јави ДПА.
Заложничката Бергер се појави во Џабалија, во северна Газа, опкружена со вооружени лица на Хамас, пред да биде предадена на Црвениот крст. Бергер беше облечена во маслинесто зелена облека за да изгледа како припадничка на ИДФ, а беше опкружена од вооружени и маскирани оперативци на Хамас, јави Тајмс оф Израел.
Вашингтон - Нуркачки тим пронашол една од двете црни кутии од патничкиот авион кој се урна во реката Потомак по судирот со воен хеликоптер во близина на Вашингтон, јави Си-Би-Ес.
Нуркачите имале пристап до кабината на авионот, а црната кутија е меѓу предметите што ги пронашле. Потрагата по телата и можните преживеани продолжува.