28 јануари 2025
Скопје - По примерот на Хрватска, на социјалните медиуми се појавија повици в петок граѓаните во земјава да не пазарат во маркетите поради високите цени, а деновиве оваа акција се проширува и на други балкански земји како Босна и Херцеговина и Црна Гора. Организацијата на потрошувачите на Македонија, иако не е организатор на овие активности, ги поддржува повиците за бојкот, особено што, како што вели нејзината претседателка Мирјана Лончар, граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените на прехранбените производи.
- Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, вели Лончар во изјава за МИА.
Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Црна Гора учествува на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција насловена „Зајакнување. Интегрирање. Раст“, заедно со своите колеги од регионот и претставници на Европската Унија.
Во рамки на првата сесија „Претпристапни придобивки: од СЕПА до зелени патеки и пошироко“, министрите за европски работи и главните преговарачи со ЕУ од земјите од Западниот Балкан се осврнаа на спроведувањето на Новиот план за раст и клучните приоритети за поттикнување на регионалната интеграција и усогласувањето со Унијата, соопшти Министерството за европски прашања.
Скопје - Блиската соработка помеѓу финансиските регулатори игра значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност, особено земајќи ги предвид глобалните неизвесности и ризици. Со постојан координиран надзор и навремена размена на информации, регулаторите можат подобро да ги предвидат и да се справат со потенцијалните предизвици за финансискиот систем. Таквата соработка обезбедува ефективно спроведување на макропрудентните мерки, ја зајакнува отпорноста и придонесува за одржлив економски раст. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и новоназначената претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Ели Дракуловска, која воедно е и нов член на Комитетот за финансиска стабилност.
Скопје - Правото на приватност и заштита на личните податоци се фундаментални права на секој поединец, кои мора да бидат заштитени и почитувани во сите сфери на животот, вклучувајќи го и правосудниот систем, констатирано е на настанот насловен „Правна рамка на ЕУ за заштита на личните податоци и правото на приватност во правосудството” организиран од Центарот за правни истражувања, Академијата за судии и јавни обвинители и Македонското здружение на млади правници.
Одбележувајќи го Европскиот ден за заштита на лични податоци, министерот за правда Игор Филков во своето обраќање на настанот, како што соопшти Министерството за правда, посочил дека правосудниот систем е еден од најчувствителните области кога станува збор за обработка на лични податоци.
Скопје - Со уметничка акција поставена на улица „Македонија“ во Скопје, Урбани уметнички акции - Урбана герила на Центарот за современи уметности денеска го одбележува Европскиот ден за заштита на личите податоци - 28 јануари.
- Оваа уметничка акција е посветена на борбата за заштита на личните податоци бидејќи секојдневно сѐ повеќе наши граѓани се жртви на злоупотреба на нивните лични податоци. Во полесните случаи, ефектите од злоупотребени, односно кражбата на личните податоци, се сведуваат на пренатрупаност преку е-маил, „Вибер“, СМС и слични пораки на електронските уреди, но, во посериозните случаи, граѓаните, за жал, остануваат со празни банкарски сметки, исплаќаат разни претплати за што никогаш не се согласиле, а во екстремни случаи поради злоупотреба на нивните податоци, враќаат брзи кредити, се потенцира во денешното соопштение на Центарот за современи уметности.
Белград – Српскиот премиер Милош Вучевиќ, кој денеска поднесе неотповиклива оставка, изјави дека останува на функцијата се додека не се избере нов премиер, а дотогаш целата влада ќе биде во оставка и ќе работи во технички мандат.
- Ќе ја работам својата работата додека не се избере нов претседател на владата. Во овој момент целата влада е во технички мандат, со оставката на премиерот „паѓа“ целиот кабинет, паѓа фигуративно, практично целата Влада е во оставка, рече тој.
Белград – Градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ ќе поднесе оставка, соопшти денеска на прес конференција српскиот премиер Милош Вучевиќ кој информира дека донел одлука да поднесе оставка од функцијата.
Вучевиќ рече дека тој и Ѓуриќ се чувствуваат одговорни за синоќешниот инцидент во Нови Сад кога студенти кои го блокираа Филозофскиот факултет соопштија дека биле нападнати при што неколкумина од нив се повредени.
Никозија – Сите летови од и до аеродромите во Пафос и Ларнака се безбедни, истакнал алтернативниот портпарол на Владата на Кипар Јанис Антониу за кипарската новинска агенција ЦНА, откако вчера беше објавено дека службата за внатрешна безбедност на Израел издала упатство до израелските авиокомпании да ги откажат летовите кон градот Пафос, јави дописничката на МИА од Атина.
Антониу потсетил дека конкретните мерки се однесуваат исклучиво на авиокомпании од Израел.
Берлин – Премиерката на Данска, Мете Фредериксен на денешната средба со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, упати апел за пообединета Европа посветена на посилна одбрана.
- Потребна ни е посилна и порешителна Европа, која се повеќе ќе стои сама за себе, способна да ја брани и промовира Европа и европските интереси. Останува на Европа да ја дефинира иднината на нашиот континент и мислам дека треба да преземеме поголема одговорност за сопствената безбедност, зајакнувањето на нашата одбранбена индустрија, да ја зголемиме нашата поддршка за Украина, да се спротивставиме на руското и кинеското влијание, да инвестираме во нови технологии, да ја зголемиме нашата конкурентност и нашата економска сигурност, наведе Фредериксен.
Стокхолм – Шведската полиција утринава уапсила 45-годишен маж пред руската Амбасада во Стокхолм, откако со автомобилот удрил во ограда во обид да влезе во забранетата област, јавува шведскиот Афтонбладет.
-Еден човек удрил со својот автомобил во оградата на амбасадата. Тој сè уште беше на местото на настанот кога стигнавме, изјави Даниел Викдал, портпарол на регионалната полиција во Стокхолм.
Мажот сега е осомничен за обид за тешко неовластено влегување.
Тел Авив - Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, денеска изјави дека единствен начин да се спречи владеењето на Хамас во Газа и да се воспостави регионална безбедност е учеството во поширок дипломатски договор со регионалните актери, вклучително и со Палестинската управа. (ПА).
-Секој што вчера виде како стотици илјади жители на Газа го преминуваат Некаримскиот коридор и се враќаат во северниот Појас (Газа), разбира дека војната е завршена, рече Лапид на конференција во Тел Авив организирана од група команданти на израелски безбедносни групи , соопшти „Тајмс“ од Израел.
Тел Авив – Израелските одбранбени сили (ИДФ) повторно испратија предупредување до либанските цивили да не се враќаат во селата во јужен Либан, каде што се уште се распоредени војници, бидејќи договорот за прекин на огнот е продолжен за неколку недели.
„Жители на Либан, како што знаете, ИДФ неодамна се прераспореди на различни локации во јужен Либан, во согласност со договорот за прекин на огнот, за постепено да го олесни ефективно распоредување на либанската армија, како и демонтирање и отстранување на терористичката организација Хезболах, заедно со нејзините оперативци и инфраструктура, од јужен Либан“, наведе полковникот Авичај Адраи, портпарол на ИДФ на арапски јазик, на социјалната мрежа Х.
Москва – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Секретаријатот на УНЕСКО на чело со генералната директорка Одри Азуле ги поддржува интересите на оние кои сакаат да и нанесат „стратешки пораз“ на Русија.
Лавров нагласи дека УНЕСКО „игра во рацете“ на Киев и неговите западни сојузници и оти секретаријатот молчи за уништувањето на руските културни споменици во Украина и балтичките земји.
Киншаса - Полицијата во Демократска Република Конго употреби солзавец денеска за да ги растера демонстрантите во главниот град Киншаса кои ги нападнаа дипломатските згради, вклучително и амбасадата на Уганда, лути поради судирите на истокот на земјата, изјави очевидец.
Во источниот град Гома, болниците се преоптоварени и лекуваат стотици пациенти со рани од куршуми, минофрлачи и шрапнели, додека многу тела лежат на улиците, соопштија ОН и другите хуманитарни агенции на прес-конференција.