• недела, 02 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ќе учествува на 11-та Европска конференција на Универзитетот Харвард, со наслов „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“, што се одржува денеска и утре во Бостон, САД.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Муцунски ќе се обрати на панел-дискусијата „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“, каде ќе говори за значењето на европската перспектива на регионот, како и за можностите за зајакнување на дипломатската соработка во меѓународниот контекст.

Европската конференција на Харвард е еден од најзначајните настани за трансатлантскиот дијалог и за Европа во САД. Основната цел на конференцијата е зајакнување на трансатлантските односи преку обединување на водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот. Настанот претставува уникатна можност за носителите на одлуки и академиците, заедно со идните лидери, да разменат идеи и да идентификуваат нови насоки за соработка и дејствување.

Скопје – Против 20-годишниот возач што ја усмрти младата Фросина на „Партизанска“ претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Осомничениот бил во притвор, а потоа Основниот кривичен суд Скопје одлучил да му изрече воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка.

Како што соопштија од Обвинителството, на 30 март 2024 година, Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против осомничениот за кривично дело според член 215 од Кривичниот законик. Веднаш истиот ден, јавниот обвинител донел наредба за поведување истражна постапка и предложил мерка притвор.

Осомничениот бил достапен на органите на прогонот од 2 април 2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор. Од Обвинителство велат дека истрагата завршила за помалку од два месеци, а на 21 мај 2024 година јавниот обвинител поднел обвинителен акт и побарал продолжување на мерката притвор, што било прифатено. 

Скопје - Министерот за правда Игор Филков упати сочувство до семејството и пријателите на прерано загинатата Фросина Кулакова. 

- Некогаш нема утешни зборови, но она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре, истакнува Филков.

Дваесет и двегодишната девојка го загуби животот на 29 јануари кога во неа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје удрил автомобил „пежо“ управуван од 20-годишно лице. 

Скопје- По кратко боледување денеска на 42-годишна возраст почина новинарот Ѓорѓи Томиќ.

Во новинарската кариера следеше настани од надворешната политика.

Томиќ долги години беше дел и од редакцијата на Канал 5 кадe работеше како уредник во информативната редакција и остави значаен белег во своето известување и аналитички пристап.

Својот професионален ангажман подоцна го продолжи во маркетинг секторот,  работејќи во секторите за односи со јавност. 

Атина – Мнозинството Грци не се убедени дека Владата и правдата прават сѐ што можат за расветлување на железничката несреќа кај Темпи од пред речиси две години во која загинаа 57 лица, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, 81,1 отсто од анкетираните на прашањето дали Владата прави сѐ што може за расчистување на несреќата одговориле „сигурно не“ или „веројатно не“, додека само 14,5 проценти дале позитивен одговор, а сличен е ставот и во однос на правдата и 77,5 отсто одговараат негативно на истото прашање.

Железничката несреќа кај Темпи што се случи на 28 февруари 2023 година во изминатиот период е главна тема во Грција, откако во јавноста беа објавени нови информации, по што во неделата беа организирани масовни протести.

Атина – Ниту еден од четворицата кандидати предложени за претседател на Грција, не го доби потребното двотретинско мнозинство односно најмалку 200 гласа од вкупно 300 пратеници, на денешното второ гласање во грчкиот Парламент, со што за пет дена ќе се одржи третото гласање, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Четворицата кандидати добија идентичен број гласови како и при првото гласање, а единствено промена имаше во бројот на воздржани, од 49 при првото на 52 при денешното гласање, со оглед на тоа дека во саботата, имаше тројца отсутни пратеници.

Загреб - Хрватските медиуми денеска се преполни со фотографии од празни дуќани, откако граѓаните беа повикани на општ бојкот не само на продавниците, туку и на услугите, односно на блокирање на платежните трансакции во земјата.

Бојкотот во Хрватска го иницираше интернет платформата „Ало инспектори“, а минатиот петок беше успешно спроведен бидејќи прометот и износот на фактурите беа намалени речиси за половина.

Малопродажниот ланец „Кауфланд Хрватска“ денеска објави пониски цени за повеќе од 1.000 производи, почнувајќи од 5 февруари.

Овој малопродажен синџир најави дека секоја недела на своите клиенти ќе им обезбедува повеќе од 1.800 производи по промотивни цени.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека е неприфатливо што Украина го запрела протокот на руски гас во централна Европа, бидејќи ги зголемила трошоците за алтернативните рути за снабдување.

Орбан изјави за унгарското државно радио дека поради зголемените цени на гасот, Унгарија побарала гаранции од ЕУ во однос на нејзината енергетска безбедност.

Унгарскиот премиер рече дека економските податоци се подобруваат во светлината на изборната победа на американскиот претседател Доналд Трамп и „ерата на мирот“ што ќе следи по војната во Украина, за која рече дека е во завршна фаза.

Орбан нагласи дека победата на Трамп ќе ја зајакне унгарската економија оваа година.

Берлин – Жртвите на комунистичката партија која владееше со поранешната Германска Демократска Република (ГДР) ќе добијат поголема финансиска поддршка, одлучи Бундестагот, јави ДПА.

Мерката, која вчера едногласно беше усвоена, предвидува зголемување на пензиите од 330 на 400 евра. Дополнително, средствата ќе се зголемуваат автоматски секоја година и повеќе нема да бидат врзани за потребите на лицата кои се помагаат. Предлог-законот мора да биде одобрен и од германскиот Бундесрат (Горниот дом на парламентот), а се очекува да стапи во сила на 1 јули.

Евелин Зупке, која е претставник на жртвите на партијата Социјалистичко единство на Германија, ја поздрави реформата како „признание за сите оние кои зборуваа против диктатурата“.

Брисел – Европската унија лани оствари раст на БДП од 0,8 отсто, додека на ниво на Еврозоната тој изнесувал 0,7 проценти, покажуваат првичните проценки на Европската статистичка служба – Евростат за годишниот економски раст во блокот за 2024 година. 

Но, во последниот квартал од минатата година, растот на БДП на ниво ЕУ споредено со претходното тримесечје изнесувал само 0,1 отсто, додека во Еврозоната тој останал непроменет. Во кварталот јули-септември 2024 година и во ЕУ и во Еврозоната беше регистриран раст на БДП од по 0,4 проценти.   

Споредено со кварталот октомври-декември 2023 година, во последните три лански месеци БДП на ниво на цела ЕУ се зголемил за 1,1, а во Еврозоната за 0,9 отсто. Во третиот лански квартал растот на годишно ниво изнесуваше 1,0 отсто во ЕУ и 0,9 проценти во Еврозоната. 

Сепак, Евростат нагласува дека овие податоци за растот на годишно и на квартално ниво се нецелосни и ќе бидат предмет на дополнителни ревизии. 

Сеул - Врховниот суд на Јужна Кореја одобри шефот на разузнавачката агенција и советникот за национална безбедност да сведочат во процесот за импичмент на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол, изјави денеска портпаролот на судот.

Портпаролот рече дека директорот на јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) Чо Тае Јонг и советникот за национална безбедност Шин Вон-сик ќе мора да се појават на судењето на 11 и 13 февруари, јави Јонхап.

Чо и Шин се двајцата највисоки функционери додадени на списокот на сведоци за судењето на Јун, кое ќе одлучи дали тој ќе биде сменет или вратен на функцијата претседател поради краткорочното воведување на воена состојба на 3 декември.

Судот, исто така, му дозволи на поранешниот министер за внатрешни работи Ли Санг-мин да сведочи на судењето.

Остани поврзан