• недела, 02 февруари 2025
МИА Општински пул

 31 јануари 2025

Битола - СВР Битола со соопштение во јавноста ги известува граѓаните и правните субјекти дека Отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола во изминатиот период забележа зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути или услуги за посредување при остварување на право на наследство од друга држава.

Од СВР Битола посочуваат дека во континуитет се присутни и таканаречените „Phishing“ измами кои функционираат на тој начин што до граѓаните се праќаат пораки од модифициран меил или лажиран локален телефонски број, во кои најчесто стои URL линк, кој води до веб страна на некоја државна институција или правен субјект, и од граѓаните и правните субјекти по разни основи се бара да внесат податоци од платежни картички, сметки и други лични податоци кои потоа се злоупотребени на најразлични начини.

Со цел заштита на граѓаните и правните субјекти од ризици и спречување тие да станат жртви на ваквите интернет измами, СВР Битола апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа од нив се бара, како и да не инсталираат софтвери за далечински пристап на барање на непознати лица.

Од СВР Битола нагласуваат да  не се отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки, а правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер, согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност, а доколку постои случај во кој се компромитирани лични податоци или податоци од платежна картичка, или се сомневаат во било каква измама, за истото веднаш да ја известат банката која ја издала платежната картичка, а случајот да го пријават во најблиската полициска станица.

Неготино - Мирен собир е закажан за денеска во 15 часот  во Неготино, во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова која беше прегазена во Скопје во средата пред полноќ.  

- Со огромна болка и револт предлагаме да се собереме  на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано – време е да кажеме „Доста е!“, Да се собереме денес во 15 часот на плоштадот во Неготино, да ѝ оддадеме почит и да испратиме јасна порака. Безбедноста на улиците мора да биде приоритет. Одговорноста мора да биде неизбежна. Жртвите не смеат да останат само бројки. Да не се повтори!!!, велат организаторите на протестот. 

Протест има закажано и денеска во Скопје, во 13 часот, како и во недела во Кавадарци. 

Младата 22 - годишна модна дизајнерка Фросина Кулакова, усмртена  на „Партизанска" во Скопје, ќе биде погребана денеска во Неготино, за ова информираше нејзиниот татко Тодор Кулаков на Фејсбук. 

- Животот уште не започнат, најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо ни на земја, напиша тој. 

За сите пријатели, роднини, колеги, Кулаков соопшти дека погребот ќе биде попладне, откако претходно ќе може да и се оддаде почит во капелата Бутел во Скопје од 10 до 11 часот, а во капелата во Неготино  од 13 до 14 часот. 

Кавадарци - Министерството за внатрешни работи информира дека е расчистено убиството што се случи на 22 јануари во Кавадарци, а осомничениот е приведен.

- На 30 јануари во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И.П.(42) од Кавадарци. Тој се сомничи дека на 22 јануари во нејзиниот дом со гушење ја убил неговата партнерка С.С.С.(52) од Кавадарци. Починатата беше пронајдена од нејзината ќерка Д.Т., која веднаш го пријавила настанот во полициска станица, соопштуваат од МВР. 

Оттаму додаваат дека, по преземени мерки од полициски службеници од СВР Велес - ОВР Кавадарци и Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за општ и насилен криминал при МВР и по извршени вештачења и анализи во координација со ОЈО Кавадарци, обезбедени се докази и дојдено е до сознание дека И.П. го сторил делото.

- ОВР Кавадарци против него поднесе кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик - „убиство“, а судија на претходна постапка од Основен суд Кавадарци му определи мерка притвор од 30 дена и И.П. е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор, информираат од МВР. 

Скопје - Поради изведување водоводен приклучок, без вода од 08:00 часот ќе бидат корисниците на дел од ул. „Јордан Мијалков“ и Фискултурното училиште „Методија Митевски Брицо“ во општина Центар, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до завршување со работите

Остани поврзан