• сабота, 09 ноември 2024
МИА Радио флеш

   27 септември 2024

 

- Северна Македонија може да смета на поддршката од САД во обидот да се пробие блокадата со која се соочува земјата на патот кон ЕУ, порача американскиот заменик-помошник државен секретар Александар Касаноф на средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова што се реализира во рамки на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк.

 – Во Охрид тукушто започна заедничката седница на Владите на Република Северна Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. На седницата што е предвидена да трае околу два часа и претходеше тет-а-тет средба на претседателите на владите на двете држави. Премиерот Мицкоски за средбата истакна дека била пријателска, а за Унгарија дека историски била држава партнер што ги препознал македонските стремежи за независност и суверенитет.

 - Премиерот Христијан Мицкоски утрово остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера пристигна во официјална посета на државава.  - Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Orbán Viktor. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

- Министерот за одбрана Владо Мисајловски и Треша Гуенов, главен заменик помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни прашања, во Пентагон ги отвориле Годишните билатерални одбранбени консултации. Како што соопштија денеска од Министерството за одбрана, на отворањето на консултациите министерот Мисајловски ја истакнал суштинската важност на македонско-американската одбранбена соработка, се заблагодарил за значајната поддршка во опремување и модернизација на македонската Армија, за советодавната поддршка во одбранбените реформи, како и за три децениската поддршка и придонес во обуката и вежбовните активности на Армијата и вработените во одбраната.

– Процентот на луѓе кои живеат во сиромаштија во Аргентина се зголеми на 52,9 отсто во првите шест месеци од 2024 година под претседателството на десничарскиот либерален економист Хавиер Милеи, покажаа официјални податоци објавени вчера. Како што пренесува ДПА, стапката е зголемена за повеќе од 10 проценти во споредба со втората половина од 2023 година, покажаа податоците објавени од националната агенција за статистика Индек. Стапката на поединци кои ги исполнуваат критериумите да се категоризираат како сиромашни се зголеми од 11 отсто во последните шест месеци од 2023 година на 18,1 проценти во првата половина од 2024 година.

- СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднел кривична приjава против Б.Ц.(40) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување" по член 353 од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на поранешен вршител на должноста директор на Казнено – поправната установа Затвор Струмица", во текот на 2021, 2022 и 2023 година, како што соопшти денеска МВР, на затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т..

- Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа третиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци. Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените Студии, активностите на полето на меѓународната соработка.

- Последните години туризмот во нашата земја бележи позитивен тренд со раст на туристичкиот промет, но растот не значи и развој. Земјава ќе мора да инвестира и посветено да работи за да се етаблира како бренд - идентитет дестинација, што е од круцијално значење, но и основа за туристичка промоција. Тоа денеска од Охрид го посочи директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на Туризмот Билјана Стефаноска по повод одбележувањето на Светскиот ден на туризмот. .

- Претседателот на Алеанса за Албанците и министерот за здравство Арбен Таравари учествуваше на состанокот на високо ниво за антимикробна отпорност 2024 година во Генералното собрание на Обединетите нации.Во својот говор на 79-та сесија пред Генералното собрание на ОН, министерот Таравари ја истакна посветеноста на Северна Македонија во борбата против глобалната закана од антимикробна отпорност како важен предизвик за јавното здравје и одржливоста на здравствениот систем по пандемијата COVID-19.

- Ансамблот „Танец“ ја реализираше својата концертна турнеја во главните градови на Црна Гора, Словенија и Хрватска и уште еднаш потврди зошто 75 години е амблем на македонската култура, синоним за извонредност во регионот, како и автохтон македонски код втиснат во светската културна меморија.

- По врнежливиот период што ја зафати земјава, кај одредени есенски култури кои се во период на претсеидбена подготовка површината на почвата треба длабоко да се обработи, а по обработката треба да следи и дополнителна претсеидбена и површинска обработка, укажуваат агрометеоролозите од УХМР. Како што објаснуваат, целта на дополнителната обработка е да создаде растресит и иситнет површински слој на почвата во кој ќе се посее семето.

- Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,75 отсто, којашто ќе се применува и во четвртото тримесечје од 2025 година.  

- Колку повеќе младите луѓе се медиумски вклучени и едуцирани, толку е поголем нивниот граѓански и политички ангажман. Активното учество на младите во јавниот живот, значи и почеста проверка на вистинитоста на информациите и поголема доверба во сопствените потенцијали да ги препознаат дезинформациите. Ова се наведува во публикација „Поттикнување на граѓанскиот активизам на младите луѓе преку медиумско ангажирање“, каде се презентирани наодите од истражувањето што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го спроведе со испитаници на возраст од 18 до 29 години, се наведува во денешното соопштение.

- Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со Доналд Трамп во кулата „Трамп“ во Њујорк за да разговара со поранешниот американски претседател и кандидат на Републиканската партија за претседател на САД за ноемвриските избори, јави ДПА. Пред средбата, Стармер им рече на новинарите дека сака да се сретне со Трамп лице в лице бидејќи силно верува во личните односи на светската сцена.

– Кипарското прашање и приоритетите на Грција за време на двогодишниот мандат како непостојана членка на Советот за безбедност биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина. Од кабинетот на Мицотакис информираа дека грчкиот премиер истакнал дека „Грција сака да биде мост меѓу југот и северот, западот и истокот, бидејќи е земја членка на Европската унија, на НАТО, а во исто време разговара и со земјите од глобалниот југ“.

 – Генералниот инспекторат за вонредни состојби на Романија (ИГСУ) денеска соопшти дека група дронови е забележана во романскиот воздушен простор како се движи кон цели во Украина. Предупредувачка порака RO-ALERT е испратена до жителите на округот Тулче, каде околу два часот по полноќ била забележана група дронови, пренесуваат локалните медиуми.

- Во Соединетите Американски Држави е извршено второ погубување со употреба на азот, метод што американските и европските ветеринари го сметаа за неприфатлив за еутанизација на повеќето животни. Методот е применет кај Алан Милер (59), обвинет за убиство на три лица. Тој беше прогласен за мртов во четвртокот во 18:38 часот по локално време во затвор во јужна Алабама.

- Поранешниот министер за одбрана Шигеру Ишиба ќе стане нов премиер на Јапонија, откако во вториот круг победи на претседателските избори во владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), победувајќи го министерот за економска безбедност Санае Такаичи. Јапонската агенција Кјодо соопшти дека Ишиба во вториот круг гласање освои 215 гласови додека Такаичи заврши со 194 гласа.

- Деветчлено семејство загина денеска во израелско бомбардирање во Либан во близина на границата со Израел, соопштија денеска либанските власти. Државна новинска агенција јави дека нападот се случил во текот на ноќта во градот Шеба. Не беа објавени детали, а Израел не ја презеде одговорноста за нападот.

– Израел утрово е нападнат со 10 ракети од Либан, соопшти армијата. Како што пренесе ДПА, на небото над Хаифа, главниот пристанишен град во земјата, бил видлив чад од експлозии. Армијата соопшти дека некои од проектилите биле пресретнати, а други паднале во неразвиени области. Нема информации за евентуални жртви. Шиитската милиција Хезболах во Либан тврди дека го нападнале регионот Хаифа со ракети од типот Фади-1.

- Иран нема да остане рамнодушен доколку дојде до тотална војна во Либан, изјави шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи,, пренсе ДПА.Арагчи изјавата ја даде за време на состанок на министрите за надворешни работи во Њујорк, соопшти денеска иранското МНР.Тој, исто така, повика на Израел да му се воведат санкции за оружје и трговија.

 – Австралиската пливачка ѕвезда Кејли МекКион го собори светскиот рекорд на 100 метри грбно во 25 метарски базени на националното првенство во Аделаида. МекКион синоќа ја исплива патеката во време на нов светски рекорд на 100 метри грбно со време од 54,56 секунди. По Олимпијадата во Париз, на која освои злато на 100 и 200 метри, 23-годишната МекКион рече дека и е досадно да седи дома и ќе се пријави за националните првенства во Аделаида.

Остани поврзан