МИА Општински пул
- 27 септември 2024
27 септември 2024
Охрид - Во Охрид се преземени сите неопходни мерки за безбедно и непречено движење на владините делегации предводени од премиерите на Северна Македонија и Унгарија.
Забележително е засилено полициско обезбедување низ улиците во и надвор од градот кој го надлетуваат хеликоптери и дронови. Дислоцирани се и возилата од паркинг местата на булеварот „Турстичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“, а з време на движењето на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид - Св.Наум.
Безбедносни мерки во сообраќајот ќе бидат преземени и на подрачјето на Пештани и Љубаништа.
Скопје - Од денеска до 29 септември ќе се одржи третото издание на „Маалски Фестивал“ под мотото „Културата како јавно добро“. Во просториите на КСП „Центар – Јадро“ и во Мобилно – монтажната галерија во Парк на франкофонија, во рамки на фестивалот ќе бидат изведени голем број улични уметнички акции, а ќе биде одбележан и петгодишниот јубилеј од активирањето на КСП Центар Јадро.
-Фестивалот ќе почне со работилница каде што најпрво ќе се мапираат уништените и оштетените елементи на урбаната опрема, па ќе бидат обновени клупите, игралиштата, жардиниерите, велат од тимот на КСП Центар – Јадро.
Воедно ќе биде организирана маалска тура за посета на објектите дизајнирани од архитектки низ Општина Центар.
Скопје - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во дебата на ТВ21 изјави дека во ЗЕЛС се составува тим од градоначалници и правници, кои ќе изготват предлог законски измени и ќе ги достават до Министерството за локална самоуправа кои би го предложиле до законодавниот дом, со цел да се создаде механизам за отповикување на градоначалник кој не е во функција на граѓаните.
-Градоначалниците имаат голема моќ и освен на избори не можат да бидат променети. Таква е состојбата со градоначалничката на Скопје и со некои други. Факт е дека треба да има законски контролен механизам, отчетност пред граѓаните и секој градоначалник кога ќе стапи на функцијата треба да биде свесен дека би можел пред време да биде променет, истакна претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во дебатата Клик плус на ТВ21.
Битола - Со доделување на наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ и со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во кој кинематографер е Владимир Самоиловски, вечер во Битола завршува ИФФК „Браќа Манаки“.
Тимот за филмот „Убиј ги прво децата“ претпладнево ќе биде претставен на прес конференција во фестивалскиот прес центар, а потоа ќе се одржи предавање во чест на Свен Никвист чија ѕвезда, заедно со останатите вкупно 18 се поставени и откриени на „Патека на славните“ на Широк сокак.
Во текот на фестивалот кој годинава се одржува под мотото „Еден е Манаки“ беа емитувани 67 филмови во повеќе натпреварувачки категории.
Крива Паланка - Со претставата „Љубовна терапија" на Народен театар при НУЦК „Трајко Прокопиев", вечерва почнува 16 Меѓународен театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски" во Крива Паланка. Претставата почнува во 19:30 часот во Националната установа Центар за култура Крива Паланка, а фестивалот е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024".
Организаторот е Општина Крива Паланка, од каде најавија атрактивни театарски претстави од реномирани театри од земјава и Балканот.
Фестивалот ќе трае до 5 октомври 2024, а „Градот на културата" во периодот на одржување ќе биде отворена сцена за врвни актери од државата и регионот.
Скопје - Пет пожари на отворен простор низ државава се евидентирани изминатото деноноќие, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Гореле стрништа, депонии, ѓубришта, сува трева и нискостеблеста вегетација, како и шума.
Скопската Бригада за противпожарна заштита од 2:50 до 3:40 часот, интервенирала на запалена ниска вегетација и ѓубре на обиколница - клучка кај Оризари. Било интервенирано со едно возило и четворица пожарникари.
Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица - Струмица од 18:50 до 19:30 часот, со тројца пожарникари и едно противпожарно возило, интервенирале на запалена депонија кај село Просениково. Од 23:30 до 24 часот со тројца пожарникари и едно возило, се интервенирало на запалена ниска вегетација, покрај улицата „Ристо Ќурчиев“.
Скопје - Дезинсекција на скопска територија ќе се врши наредните денови, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК), по добиени информации од Секторот за комунални работи при Град Скопје.
Авионската дезинсекција против возрасни форми на комарци е најавена за утре во раните утрински часови. Дезинсекцијата со прскање од земја против возрасни форми на комарци, според најавата, ќе се реализира од 30 септември до 3 октомври - од понеделник до четврток, во период од 21 до два часот, наредниот ден.
Прскањето по земја против ларви од комарци, ќе се реализира во текот на денов. Ако временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин, се додава во соопштението на ЦУК.
Скопје - В понеделник истекува рокот за поднесување барање за исплата на еднократна парична помош за првачиња во висина од 3500 денари, соопшти денеска Општина Аеродром.
- Семејствата кои имаат прваче можат да поднесат барање за паричната помош во архивата на Општина Аеродром, секој работен ден до 15:30 часот. Образецот за аплицирање и сите други потребни документи можете да ги најдете на следниот линк http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari., се вели во соопштението.
Од Општина Аеродром додаваат дека остануваат посветени на заложбата за инвестиции во најмладите, како и во кратење на дополнителните трошоци што претставуваат товар на семејниот буџет.
Охрид - Последните години туризмот во нашата земја бележи позитивен тренд со раст на туристичкиот промет, но растот не значи и развој. Земјава ќе мора да инвестира и посветено да работи за да се етаблира како бренд - идентитет дестинација, што е од круцијално значење, но и основа за туристичка промоција. Тоа денеска од Охрид го посочи директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на Туризмот Билјана Стефаноска по повод одбележувањето на Светскиот ден на туризмот. .
Стефаноска истакна дека нејзина желба, но и мотивираност за работата во создавање конкурентна туристичка дестинација.
- Туризмот може да игра витална улога како катализатор за поттикнување мир и разбитрање меѓу народите и културите и во поддршката на процесите на помирување. Туризмот е јасно поврзан со социјалната правда, човековите права, економската еднаквост, одржлив развој и широка демократија со способност за ненасилни решавања конфликти. Туризмот обезбедува плодна почва за иновации и приемништво, рече таа.