• четврток, 09 јануари 2025
МИА Општински пул

8 јануари 2025

Куманово - Секторот за даноци и такси од Oпштина Куманово ги повика правните и физичките лица да поднесат даночна пријава за утврдување данок на имот за 2025 година, пријава за утврдување на комунална такса за фирма (назив) на деловна просторија, односно фирмарина за оваа година.

Даночната пријава за утврдување на данок на имот за 2025 година ја поднесува даночниот обврзник (правно и физичко лице) за имот што го стекнал или почнал да го користи во текот на 2024 година, а за кој нема поднесено даночна пријава (нов даночен обврзник, дополнително стекнат имот кој подлежи на оданочување, имот кај кој настанала промена во сопственоста (отуѓување), имотот кај кој настанала промена во вредноста (доградба, надградба, довршување, проширување) и сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои поседуваат имот што се оданочува, а кои во период од 1994 до 2024 година не поднеле даночна пријава за утврдување на данок на имот.

Даночна пријава треба да се поднесе до Oпштина Куманово – Сектор за даноци и такси, на чие подрачје се наоѓа имотот најдоцна до 31 јануари годинава.

Неготино - Реконструирано фудбалско игралиште во Неготино денеска официјално беше пуштено во употреба. Како што беше истакнато, станува збор за фудбалско игралиште изградено со вештачка трева по ФИФА стандарди и има трибински простор со 100 седишта. Од Министерството за спорт беше кажано дека се работи за еден од проектите за подобрување на спортската инфраструктура.

Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека создаваат услови за најмладите, нешто што за нив е многу важно. Тој посочи дека не може да се бараат резултат и зголемување на интересот на децата за фудбал, доколку не им бидат создадени услови за тоа.

-Ова е една наша акција што ќе продолжи и во иднина. Ќе реконструираме што е можно повеќе спортски игралишта низ целата држава. Мислиме и цениме дека тоа е патот по кој треба најпрво да се развива рекреативниот спорт, затоа што ова, најнапред има големо значење на локално ниво. Меѓутоа, тоа понатаму, во блиска иднина има и на централно ниво, затоа што ние најпрво треба да направиме една масовност кај дечињата, да создадеме услови за што е можно повеќе деца да се занимаваат со спорт, а потоа од таа масовност и од тој квантитет, да побараме и квалитет, потенцираше Ристовски.

Тирана - Последователен успех, во остварување на легитимните права на македонското национално малцинство во Албанија прокниживме на почетокот на оваа година. Овој пат со поставување на повеќејазична табла на зградата каде што е сместен  Комитетот за национални малцинства во Тирана, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај претседател на Македонското друштво „Илинден“. 

Додава, дека тоа по барање на друштвото доставено во јануари 2023 година, до Комитетот, за поставување повеќејазична табла, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, на кое добиле одговор два месеца подоцна дека истото ќе биде земено предвид.

Но, помина повеќе од една година, а таблата не беше поставена. Поради тоа  на 25 април минатата година испративме  реакција до повеќе институции во Република Албанија, меѓу кои и до Народниот правобранител. Народниот правобранител го разгледа барањето, излезе во пресрет и се ангажираше да се постави повеќејазична табла на зградата на Комитетот. Во средината на јуни добивме допис дека ќе биде поставена повеќејазична табла и ете конечно истата е поставена, што е уште една институција со табла на македонски јазик, кое следува по наше барање, посочува Ѓирѓај.

Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, денеска ги посети градинките низ територијата на општината од каде што информираше дека годината ја започнува со инвестиции во раниот детски развој. Како што изјави, набавени се нови јаслени креветчиња за сите градинки, како и нови постелнини и јоргани. Набавена е и нова кујнска опрема и машини за перење и сушење, како и пречистувачи на воздух.

-Оваа година, како и сите претходни, ја започнуваме со огромен фокус во обезбедување на поквалитетни услови за развој на нашите најмлади жители.

Инвестираме во унапредувањето на условите во постоечките градинки, но работиме и на изградба на нови, бидејќи раниот детски развој е исклучително важен за нас како локална самоуправа.

Кочани – Жителите на штипската приградска населба Три Чешми денеска добија нова спортска сала и клон на детската градинка „Вера Циривири“, што се во состав на основното училиште „Гоце Делчев“.

На предавањето во употреба на објектите присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, пратеници од регионот и месно население.

На свеченоста по тој повод градоначалникот на Штип, Иван Јорданов нагласи дека проектите се реализирани со владина поддршка.

-Овој спортски објект во населбата Три Чешми е со финансиски износ од нешто повеќе од 10 милиони денари, обезбедни преку блок дотациите од Министерството за образование, додека нешто помалку од три милиони денари чинеше преадаптирањето на просторот за клонот на детската градинка. Се работи за долгогодишни барања на жителите од оваа населба, при што направивме оптимизација на ресурсите и адаптиравме просторија од подрачното училиште којашто ќе служи за одвивање на воспитно-згрижувачкиот процес за околу четириесетина дечиња, не само од оваа населба, туку и од околните населени места, истакна Јорданов.

Куманово - За осум дена, втор пат надлежните институции издадоа предупредување и препорачаа мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Денеска од општината, повикаа да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, измерени на 6 и 7 јануари, годинава, со среднодневни концентрации над 100 μg/m3.

-Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено, информираа, денеска од Oпштината.

Кочани – Премиерот Христијан Мицксоки нагласи дека Владата не се откажува од довршувањето на изградбата на Клиничката болница во Штип и таа останува еден од главните приоритети во здравствената инфраструктура. Најави дека средствата за реализација на овој, како и за неколку други проекти ќе се обезбедат со финансиска поддршка од странство.

-Македонските граѓани ќе имаат едно големо пријатно изненадување што се однесува до здравствениот сектор во овој прв квартал од оваа година. Во завршни преговори сме со две многу моќни европски држави со коишто имаме намера да потпишеме меѓувладини договори во коишто ќе бидат опфатени неколку проекти за финансирање во делот на транспортот, инфраструктурата, дигитализацијата и здравството. Во делот од здравството, се разбира наш приоритет од првиот ден на работа на оваа Влада е Клиничката болница во Штип. Тоа што сме го ветиле, што сме го кажале пред македонските граѓани, тоа и ќе го испорачаме, истакна премиерот Мицкоски.

Премиерот потсети дека во штипскo-радовишкиот регион ќе се реализира голем проект во енергетиката со изградба на ветерен парк, во вредност од околу половина милијарда долари, а најави и уште една странска инвестиција во Штип. Во врска со изградбата на браната на реката Отиња, нагласи дека се работи за тековен проект чија реализација се одвива според планот.

Остани поврзан