• четврток, 09 јануари 2025
МИА Радио флеш

8 јануари 2025 

Скопје - Имајќи ги предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за в петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став. Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело. 

Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.  

Кочани - Премиерот Христијан Мицксоки нагласи дека Владата не се откажува од довршувањето на изградбата на Клиничката болница во Штип и таа останува еден од главните приоритети во здравствената инфраструктура. Најави дека средствата за реализација на овој, како и за неколку други проекти ќе се обезбедат со финансиска поддршка од странство.

-Македонските граѓани ќе имаат едно големо пријатно изненадување што се однесува до здравствениот сектор во овој прв квартал од оваа година. Во завршни преговори сме со две многу моќни европски држави со коишто имаме намера да потпишеме меѓувладини договори во коишто ќе бидат опфатени неколку проекти за финансирање во делот на транспортот, инфраструктурата, дигитализацијата и здравството. Во делот од здравството, се разбира наш приоритет од првиот ден на работа на оваа Влада е Клиничката болница во Штип. Тоа што сме го ветиле, што сме го кажале пред македонските граѓани, тоа и ќе го испорачаме, истакна премиерот Мицкоски.

Кочани – Жителите на штипската приградска населба Три Чешми денеска добија нова спортска сала и клон на детската градинка „Вера Циривири“, што се во состав на основното училиште „Гоце Делчев“.

На предавањето во употреба на објектите присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, пратеници од регионот и месно население. На свеченоста по тој повод градоначалникот на Штип, Иван Јорданов нагласи дека проектите се реализирани со владина поддршка.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици Н.А. од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

МВР денеска соопшти дека пријавениот, како поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, со искористување на својата службена положба и овластување нецелосно ја прикажал фактичката состојба за поседување на соодветна важечка дозвола за воздухопловен техничар со уредно впишано важечко овластување за конкретен тип на воздухоплов со што им овозможил на три лица вработени во МВР на работно место главни воздухопловни техничари да се стекнат со право на додаток на плата од 20 отсто од денот на нивното засновање на работен однос во МВР.

Скопје - Метапневмовирус е стар вирус, не треба да се очекува дека ќе биде нов Ковид-19, изјави попладнево за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ. Тој нагласи дека нема простор за паника ниту кај нас, ниту каде било.

- Вирусот е стар. Вообичаено циркулира во зимските месеци. Не треба да се очекува дека ова ќе биде новиот Ковид-19 и не треба да се крева паника дека ова ќе биде нешто што повторно ќе се репризира - налик она што беше 2020 година кога се ширеше Сарс-ков-2, потенцираше Мехмедовиќ.

Скопје - Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 7 216.6 милиони евра и бележи пад од 5.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 10 126.5 милиони евра, што е за 0.6 % помалку во споредба со 2023 година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2024, изнесува 2 909.9 милиони евра,а покриеноста на увозот со извоз е 71.3 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Скопје - Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ се зголемува за 1,00, а на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 1,50 денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 78,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 80,50, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 72,50, а Екстра лесното масло за домаќинство за 72,00 денари за литар.

Скопје - СДСМ не добила конкретен одговор од парламентарните политички партии за натпартиската државна стратегија за долгорочен развој што пред новогодишните празници на прес-конференција ја соопшти лидерот на партијата Венко Филипче. 

- Чекаме одговор затоа што конкретен одговор на конкретниот предлог што го изнесовме не добивме, изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата.

Скопје - СДСМ денеска на прес-конференција повторно го отвори прашањето за НАТО сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска рече дека проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР. 

Според неа, последната манипулација што власта ја сервира е дека Христовски наводно поседувал сертификат од НАТО за да се одбегнат одговорите на, како што кажа, суштинските прашања „а тоа е дали Христовски воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција“. 

Брисел - Можам да ве уверам дека во моментов не е неопходно во ЕУ да се подготвиме за нова пандемија, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова во врска со регистрираниот прв случај на лице заболено од човечкиот метапневмовирус ХМПВ во Грција. 

- Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели, нагласи Хрнчирова.  

Мадрид - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска го критикуваше милијардерот Илон Маск за неговите политички коментари без притоа да го спомене неговото име, јавија британските медиуми.

-Меѓународната екстремна десница, на која со години и се спротивставуваме во Шпанија, предводена во овој случај од најбогатиот човек на планетата, отворено ги напаѓа нашите институции, сее омраза и отворено ги поддржува наследниците на нацизмот во Германија, рече Санчез во говор во Мадрид на настан по повод 50-годишнината од смртта на диктаторот Франциско Франко.

Киев - Украина е подготвена да го пополни „секое празно место“ во Европската унија (ЕУ) и НАТО доколку Унгарија одлучи да се повлече од членството во овие организации за да се приклучи на блоковите предводени од Русија, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.

„Украина би била подготвена да го пополни празното место во ЕУ и НАТО доколку Унгарија одлучи да го напушти во корист на членството во евроазиската Заедница на независни држави или на Организација на Договорот за колективна безбедност“, се наведува во соопштението на украинското Министерство.

Берлин - Фридрих Мерц, потенцијален иден канцелар на Германија, изјави дека буџетските цели за одбрана треба да се засноваат на реални потреби, а не на апстрактни бројки. Неговата изјава следи по барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој побара земјите на НАТО да издвојуваат 5 отсто од својот БДП за одбрана.

- Бројките од 2%, 3% или 5% се ирелевантни. Клучно е да ги правиме неопходните чекори за нашата безбедност“, изјави Мерц за германското радио „Бајерн 2“.

Рим – Италијанската новинарка Сесилија Сала, која од 19 декември беше во притвор во Иран, е ослободена и денеска патува кон дома, соопштија италијанските власти.

- Сала полета од Техеран по интензивната работа на дипломатските и разузнавачките канали, истакна италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Киев - Украинската војска соопшти дека извршила напад врз нафтена база во рускиот град Енгелс, која служи за снабдување на военото аеродромско леталиште каде што се базираат стратегиски бомбардери.

Според Генералштабот на Украина, нападот предизвикал повеќе експлозии и голем пожар во нафтениот склад „Кристал“, кој, како што се наведува, е клучен за снабдување на аеродромот „Енгелс-2“. „Овој напад создава сериозни логистички проблеми за руската стратегиска авијација и значително ја намалува способноста на окупаторите да извршуваат напади врз украинските градови“, стои во објавата на украинската војска на Телеграм.

Лондон - Британската независна канцеларија за полициско однесување ќе истражува дали лондонската полиција правилно постапувала со обвинувањата за сексуални злосторства против Мохамед Ал Фајед, покојниот поранешен сопственик на познатата стоковна куќа „Хародс“.

Канцеларијата денеска соопшти дека ќе ја надгледува истрагата на Дирекцијата за професионални стандарди при лондонската полиција за да се утврди дали биле пропуштени можности за изведување на богатиот бизнисмен пред лицето на правдата.

Панама Сити  – Шефот на панамската дипломатија, Хавиер Мартинез-Ача, остро одговори на изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за контролата врз Панамскиот канал, нагласувајќи дека „суверенитет над каналот не е прашање на преговори“.

Нагласувајќи ја важноста на каналот во историјата на Панама тој тоа го нарече „неповратно освојување“ и нагласи дека Панамскиот канал е исклучиво под контрола на Панама. -Така и ќе остане, рече тој, објави „Њујорк Тајмс“.

Ласа - Повеќе од 400 луѓе се спасени од под урнатините во Тибет, соопштија денеска кинеските власти. Продолжува потрагата по преживеаните од вчерашниот силен земјотрес што го погоди подножјето на Хималаи.

Најмалку 126 луѓе загинаа, а 188 се повредени во вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,8 степени според Рихтеровата скала. Тоа беше еден од најсилните земјотреси во регионот во изминатите години.

Нук - Премиерот на Гренланд Муте Егеде денеска ќе оствари средба со кралот на Данска, Фредерик, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака САД да го контролираат Гренланд.

Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, вчера изјави дека не може да ја исклучи можноста за прибегнување кон воена или економска акција против Данска за да го направи Гренланд дел од САД. Истиот ден, неговиот најстар син, Доналд Трамп Џуниор, беше во приватна посета на островот богат со минерали.

Токио  - Јапонската полиција денеска соопшти дека кинеската хакерска група „Мирорфејс“ (Mirrorface) е поврзана со кибер-нападите што во последните пет години беа насочени кон јапонската национална безбедност и високотехнолошките податоци.

Националната полициска агенција во Токио соопшти дека анализата на целите, методите и инфраструктурата на кибер нападите, наводно извршени од „Мирорфејс“ од 2019 до 2024 година, покажала дека станува збор за систематски напади поврзани со Кина за да се украдат јапонските податоци за националната безбедност и напредната технологија, пренесуваат американските медиуми.

Брисел – Европската унија не би сакала да ја споредува актуелната ситуација со изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп околу Гренланд со случувањата во Украина пред руската инвазија во 2022 година, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во однос на изјавата на Трамп дека нема да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на контролата врз Панамскиот Канал и врз данската територија Гренланд. 

На прашање дали односот на ЕУ кон „воените закани“ упатени од Трамп кон една нејзина земја членка не потсетува на случајот од пред 2022 година кога Унијата и дипломати во некои нејзини членки велеа дека заканите за руска инвазија врз Украина се „хипотетичко сценарио“, Пињо одговори дека станува збор за „теоретско прашање“. 

Загреб - Ден по единствениот дуел на претседателските кандидати, во пресрет на вториот круг од претседателските избори во Хрватска, актуелниот претседател на Републиката во трка за уште еден мандат во Пантовчак, Зоран Милановиќ , објави фотографија со неговиот противкандидат Драган Приморац и им порача на граѓаните: Вие изберете претседател на Републиката, а не Андреј Пленковиќ“.

На фотографијата има и потсетување дека вториот изборен круг ќе се одржи на 12 јануари. „Знаете се“, напиша Милановиќ во објава на Фејсбук.

Техеран - Странските државјани и мигрантите повеќе нема да смеат да живеат или работат на растојание помало од 5 километри од нуклеарната електрана Бушер во Иран, соопшти денеска државната новинска агенција ИРНА, пренесува ДПА.

Објектот, кој се наоѓа на југот на Иран, е единствената нуклеарна електрана во земјата. ИРНА во медиумскиот извештај за новото безбедносно ограничување го цитира гувернерот на провинцијата Бушер, но не нуди многу други детали.

Никозија - Министерството за надворешни работи ја осудува незаконската посета на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на окупираните подрачја, оваа постапка претставува уште едно кршење на меѓународното право, која се додава на 50-годишното континуирано кршење на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Кипар од страна на Турција, соопштија од кипарското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Додадоа дека Фидан, со посетата на Северен Кипар, „испраќа пораки на бескомпромисност и презир кон одлуките на ОН и ЕУ“, но и дека не може да биде „à la carte“ усогласеноста со принципите и резолуциите на ОН.

Остани поврзан