• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

26 септември 2024

Куманово - Шеесет и тригодишен кумановец пријавил во полицијата дека бил измамен при набавка на огревно дрво, соопшти денеска кумановската полиција. Кумановецот, вчера во 15 часот пријавил во СВР Куманово, дека бил измамен од едно лице за сума од сто (100) евра.

- Според пријавеното, лицето му понудило огревни дрва и откако се договориле заедно се упатиле на местото каде наводно требало дрвата да пристигнат. Како што е пријавено, лицето го оставило пријавувачот да чека и заминал наводно да смени девизи, но се упатил во домот на пријавувачот, каде што ги побарал парите од неговиот брат, соопшти полицијата.

Кавадарци -  Кавадаречкиот суд изрече воспитна мерка засилен надзор од страна на родители за четири деца, за злоупотреба на лични податоци на деца. Од Судот попладнево потврдија за МИА дека во предметот, како оштетени се деца-жртви.

- Децата со користење и навлегување во компјутерски информатички систем на лични податоци, во неколку наврати прибрале лични податоци-фотографии од оштетените деца-жртви. Преку апликацијата www. рогих.аї ги обработиле преземните фотографии, на начин што извршиле монтажа на нивните ликови и како монтирани ги испраќале и разменувале во група на социјалната мрежа Facebook. Co вака преземените дејствија децата во ризик ги исполниле елементите на кривичното дело кое им се става на товар, а со тоа на оштетените деца-жртви им нанеле штета, појаснија од Судот. 

Скопје -  Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Град Скопје денеска го претставија првиот прототип на сувенир изработен од биоотпад. Сувенирот е во форма на часовникот од старата железничка станица и е создаден во првата градска биотехнолошка лабораторија во ССУ „Марија Кири Склодовска“, која УНДП и УНИЦЕФ ја отворија во соработка со Град Скопје.

Како што информираа од УНДП, овој сувенир е изработен од отпаден материјал од оризова слама и талог од кафе а на него е прикажан часовникот на старата железничка станица, чии стрелки се застанати во пет часот и 17 минути, означувајќи го катастрофалниот земјотрес во Скопје, од 26-ти јули 1963-тата година. 

Делчево - Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски денеска изврши увид во изградбата на три улици во населбата Пролет. Градежните работи, како што истакна, се во должина од 500 метри.

- Се работи со полна пареа на изградба на улица 3 , улица 5 и улица 6 во населба Пролет во Делчево. Се работи за населба каде претходно се работеше на поставување на атмосферска канализација, истакна Трајковски.

Скопје - Вело-бусот продолжува да вози! Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје и Општина Центар повторно одганизираат вело-бус низ Дебар Маало.

Децата, заедно со возрасните, ќе возат низ населбата, ќе се чекаат на 5 вело-бус постојки низ населбата и заедно, безбедно, ќе стигнат до градинката 13 Ноември и основното училиште Коле Неделковски.

Прилеп - Прилепското здружение „Маркови точакџии“ интензивно се подготвува за втората по ред планинска велосипедска тура „Ramnište Cave MTB“ што ќе се одржи в недела на 29 септември. Здружението очекува околу 100 учесници од цела Македонија. Тие ќе пристигнат в сабота и камперите ќе бидат сместени во кампинг зоната кај манастирот „Св. Димитрија“ во село Ореовец.

- Очекуваме преку 100 учесници од повеќе велосипедски здруженија од Македонија. Учесниците ќе имаат можност да искусат повеќе типови патеки, од широки патишта па се до „single track, uphill и downhill“, доста брзи но и доста спори сегменти и сето тоа што го прави возењето да биде комплетно уживање. Ќе има четири освежителни пункта каде учесниците ќе може да ја надополнат загубената енергија. По завршувањето на турата следува ручек со превкусна прилепска скара и ладно пиво, како и пригодна лотарија, објаснува Дејан Штаргоски член на здружението „Прилепски точакџии“.

Прилеп - Повеќе од 20 експерти од земјите на Западен Балкан учествуваат на меѓународната работилница „Промоција на еко-активизам поддржан од вештачка интелигенција во Западен Балкан“ што ја организира „Центарот за иновации и развој ИНОС“ од Прилеп во соработка со „Quantum AI Foundation“ од Полска.

Вештачката интелигенција може многу да помогне во зачувувањето на животната средина, а граѓаните да бидат активни учесници за детектирањето на проблемите со отпадот, заклучија учесниците на работилницата која трае денеска и утре во Прилеп. Целта е да се промовира меѓусебна соработка и размена на знаења помеѓу земјите од Западен Балкан и да се поттикнат нови иновативни решенија за справување со климатските промени и зачувувањето на природата преку примена на вештачката интелигенција.

Битола - Јапонскиот кинематографер Јошио Китагава, прв доаѓа во Битола и на Балканот, а на ИФФК „Браќа Манаки“ „Зло не постои“. На денешната прес конференција Китагава говореше за искуствата при снимањето со режисерот Рјусуке Хамагучи, со кој веќе го сними „Среќен час“, а соработувале при постигнувањето на големиот успех со филмот „Вози ја мојата кола“.

-Филмот „Зло не постои“ не доби многу голем буџет. Филмот ја тера публиката да мисли што ни значи природата и да доаѓа во кино салите, порача Китагава, заблагодарувајќи се што е дел од програмата на „Браќа Манаки“.

Скопје - Сметам дека со средствата од Владата, конечно ќе се решат децениски проблеми кои пред се, се поврзани со подземната инфраструктура, поврзани со проблеми кои самите општини, посебно оние помалите низ Македонија, не можеле да ги решат иако имале изготвен проект. Ќе бидат многу проблеми решени во образованието преку изградба на нови училишта, додека преку изградба на нови градинки ќе се реши недостигот на слободни места. Сметам дека повикот помина успешно, ќе го чекаме резултатот на крај, но финално, како што кажав ова ќе биде решение за децениски  проблеми на општините и нашите граѓани, истакнал претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во рамки на настанот за зајакнување на капацитетите на општините за искористување на капацитетите и зголемена децентрализација.

Прашан дали поради задолженоста на општините смета дека треба да се намали бројот на единици на локалната самоуправа, Ѓорѓиевски кажал дека актуелната организација на општините е добра, но, оти она што претставува проблем е тоа што одредени раководни лица немаат добри менаџерски способности.

Скопје - Поради дефект на приклучна водоводна цевка „Ф1“ на улица „14“ бб населба Инџиково кај Џамијата со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од нелбата Инџиково.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 13:20 часот до завршување на работните активности. 

Македонска Каменица - Инсталирањето на фотоволтаичните централи за производство на електрична енергија на Домот на култура, Куќата на спортот и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица е во напредна фаза, информираше денес градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски. Во својата објава на неговиот фејсбук-профил, тој додаде дека очекува започнатите активности да бидат завршени до крајот на месец септември.

- Со инсталирањето на фотоволтаичните централи за производство на електрична енергија на Домот на култура, Куќата на спортот и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, правиме значителен чекор кон изградба на енергетски ефикасна, позелена и еколошки чиста општина. Инсталирањето на фотонапонските централи е во напредна фаза и очекуваме започнатите активности да бидат завршени до крајот на месец септември, истакна Атанасовски.

Неготино - Општина Неготино ќе надоместува трошоци за купен клима уред во износ од 7.000 денари, информираа денеска од неготинската локална самоуправа.  

- Општина Неготино објавува јавен повик за субвенционирање на поставување инвертер клима во домаќинствата во општината за 2024 година. Имено, со цел да се стимулираат граѓаните за употреба на инвертер клима во своите домови, поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, на граѓаните кои ќе купат клима по јавниот повик,  ќе им се надоместат трошоците направени при набавката на уредот, во износ од 7.000 денари во нето износ по домаќинство, соопштија од Локална самоуправа Неготино.

Битола - Филмот „Состојба на умот“ е снимен за едно попладне и ноќ, но тој ден во Скопје толку многу беше загадено што не се гледаше ниту прст пред око, истакна кинематограферот Душан Кардалевски на прес-конференција на ИФФК „Браќа Манаки“.

Претставувајќи го филмот во кој  директор е Александра Кардалевска, и е во конкуренција за награди од категоријата „Кратка програма“, кинематограферот Душан Кардалевски посочи на условите за работа и соработка со тимот. -Избрав да снимам со „Сони венис 2“, брза камера која овозможува повисока осетливост. Користев амбиентални светла, користев излози, продавници...сакав да користам филтрација и затоа нарачав одредени филтри, но тој ден толку многу беше загадено во Скопје што не се гледаше ниту прст пред око. Самата загаденост и ПМ честитчки во воздухот интересно, но прв пат овозможија некаков бенефит на извесен начин, во овој случај при снимање на филм, истакна Кардалевски. 

Струмица - Предадено е во употреба повеќенаменското игралиште во селото Висока Маала, во Општина Василево, кое е лоцирано веднаш до училиштето на влезот од населеното место и претставува функционална целина каде учениците ќе се образуваат, едуцираат и спортуваат, соопштија од Општината.

Според градоначалмникот Славе Андонов, чија изјава е пренесена на општинската страница, досега селото Висока Маала било населено место без ниту еден спортски објект.

Крушево - Повеќе од 100 млади, активни лидери од 14 земји учествуваат на 22. Меѓународна младинска конференција  „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ што од денеска до понеделник, 30 септември, се одржува во Крушево. Овој настан веќе 22 години претставува платофрма за вмрежување и поттикнување на дијалог помеѓу доносителите на одлуки, релевантните чинители и младите луѓе од регионот, овозможувајќи им динамична средина за креирање на иднината на регионот.

-Овој настан се случува во многу клучно време за младите луѓе од регионот, покривајќи ги најгорливите и актуелни теми кои директно ги засегаат, меѓу кои спаѓаат: актуелни политички движења и избори, радикализација, дигитална трансформација и иновации, вештачка интелигенција, регионална економска стабилност, претприемништво и вработување, регионално поврзување и инфраструктура, информираат од Младинскиот сојуз на Крушево, организатор на конференцијата, која е поддржана од Министерството за надворешни работи на Германија, а е во рамките на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, финансиран од Европската унија што го спроведува УНДП- Програмата за развој на Обединетите нации.

Тирана - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 Септември, Ден на европските јазици упати честитка до сите Македонци каде и да се, со порака мајчиниот јазик да се негува и чува како светост бидејќи тоа е најголемото обележје на националниот идентитет.

-Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на Друштвото, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

 

 

Остани поврзан