• сабота, 09 ноември 2024
МИА Општински пул

27 септември 2024 

Скопје - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска ја посетија салата “Партизан” во Чаир. Најавија дека овој спортски објект, кој оставен на забот на времето, се наоѓа во катастрофална состојба, ќе биде темелно реновиран и повторно ќе го врати својот сјај.

Ѓорѓиевски му се заблагодари на Министерот Борко Ристовски за неговиот ангажман за рамномерното регионално инвестирање во сферата на спортот, што овозможува обнова на спортската инфраструктура во сите општини.

-Особено ме радува фактот што покрај култната сала “Расадник” во Кисела Вода и овој спортски објект ќе биде темелно реконструиран и повторно ќе го врати својот сјај. Реновирањето на салата “Партизан” ќе значи многу за сегашните и идните спортисти. По завршувањето на градежните активности, ќе добиеме репрезентативен објект, што ќе создаде услови за подобро спортување и развој на младите таленти. Сакам да упатам голема благодарност до Министерот Борко Ристовски за посветената работа и за вниманието што го посветува на рамномерното регионално инвестирање во сферата на спортот. Овие инвестиции не само што овозможуваат обнова на спортската инфраструктура во сите општини, туку и создаваат услови за развој на здравa и активнa младина, која е темел на нашата иднина-изјави Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Куманово - Науката треба да го поттикне развојот на земјоделството, земјава има речиси идеални услови за развој на органско производство, потребно е да се инвестира во селата и развојот на земјоделството и на малите семејни бизниси е заклучокот од денешната средба на здруженијата и на претставници на факултети и научни институции од поширокиот регион која се одржа во Куманово. Здружението за развој на земјоделството и заштита на животна средина преку истражување, едукација, одржување на биодиверзитетот „Живот“ и Комората на органски производители КОП го организираа денешниот состанок со производителите и со претставниците од факултетите од државата и соседните земји.

- Се обидуваме да направиме спој на производителите и на научниците и професорите од земјоделството. Особено ни е драго што имаме гости од секаде од земјава, изјави претседателката на здружението, Благица Цветковиќ.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски рече дека организаторите на денешните манифестации со скромни средства веќе седма година го реализираат настаните на кои се промовираат малите семејни бизниси.

Охрид – Повеќе од 60 експерти од дваесеттина научни и професионални институции од 11 држави учествуваат во работата на 17.  Меѓународна научна конференција за услужен сектор (International Scientific Conference on Services Sector – INSCOSES 2024) што во организација на Факултетот за туризам и угостителство се одржува во Охрид.

Организаторите посочуваат дека се работи за еден од најзначајните научни настани во Охрид оваа година, со големо влијание на развојот на научната мисла, иновациите и решавањето на предизвиците во услужниот сектор, не само во нашата земја туку и на глобално ниво.

Учесниците на отворањето на собирот ги поздрави директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, која го нагласи значењето на науката во развојот на туризмот, потенцирајќи ја притоа улогата на високобразовните установи што организираат вакви настани од кои се очекува да произлезат  стручни видувања на актуелните состојби и трендовите во услужниот сектор и туризмот.

Куманово - Изложба на дела од интернационалната колонија „Куманово 2023" денеска беше отворена во лапидариумот на НУ Музеј Куманово.

- Станува збор за продукција од 21 ликовно дело, слики изработени во различни сликарски техники: масло, акрил и комбинирани, кои беа изработени на минатогодишната ликовна сесија. На оваа  групна изложба учество  земаа единаесет академски ликовни уметници, од земјаваи од Србија, Романија, Турција и Босна и Херцеговина: Антонија Јонеску, Гонча Карапинар, Дарко Трајковски, Емине Токмаккја, Ирина Черњавски Шантриќ, Марта Патлиџанковска, Милован Паниќ, Миљан Миленковиќ, Оливера Протиќ, Соња Спироска Остоиќ и Стефан Јакимовски, изјави Драгана Спасковска од НУ Музеј Куманово.

На изложбата беа прикажани и неколку дела кои ги изработија група на деца, кои учествуваа на ликовната работилница одржана за време на колонијата. За јавноста изложбата ќе биде поставена во Салонот на Уметничката галерија до 7 октомври 2024 година. 

Битола - Македонскиот игран филм „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец вечер во Битола, на големото платно ќе го означи крајот на годинешниот ИФФК „Браќа Манаки“.

Учеството на фестивалот на кинематограферите за кинематограферот Владимир Самоиловски е значајно, а снимањето на филмот предизвик, истакна на прес конференција во Битола, Владимир Самоиловски.

-Драго ми е што младата генерација сака да соработува со мене како кинематографер и тоа ми претставува голема сатисфакција. Од младите научив за прецизност и брзина на работа за што во овој филм ми помогна Димитар Оровчанец, директорот на филмот. А, за тоа што сум кинематографер, најголемата среќа е што мојот татко беше снимател кого го гледав како работи. Се сеќавам, за време на земјотресот во 1963 година кога имав само 10 години, јас му асистирав на мојот татко да ги сними рушевините на Скопје. Поминаа времиња....многу одамна снимав филм и со два режисери, а најновиот филм со Оровчанец за мене беше нов предизвик и драго ми е што успеавме бидејќи има многу, многу сцени што ги снимавме, истакна Самоиловски.

„Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина. Филмот е за млади, но само за младите, беше речено во фестивалскиот прес центар.

Дебар - Полициските службеници од Одделението за внатрешни работи привеле две момчиња од Дебар, откако кај нив пронашле марихуана.

- Вчеравечер во 19 часот лишени од слобода се А.Ц.(19)и Ј.К.(19), двајцата од Дебар. При преглед на патничко моторно возило  „Пежо“ со дебарски регистарски ознаки во кој се превезувале, извршен на пресекот на улиците „Јусуф Грвала“ и “Мојси Големи“ во Дебар, полициските службеници пронајдоа и одзедоа најлонска кеса со опојна дрога марихуана, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Дополнително, при преглед кај А.Ц. пронајдена и одземена е пакување со марихуана. 

По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Штип - Со модна ревија во понеделник, во 19 часот во една од халите на поранешниот Текстилен комбинат „Македонка“ на 30 септември започнуваат Деновите на модата во Штип, најави на денешната прес-конференција Секретар на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова. Таа посочи дека на настанот ќе се престават компании, а присутните ќе имаат можност да проследат ревии од студенти под менторство на нивните професорки и ќе има и шоу. Настанот е целосно финансиран од страна на Општина Штип, а со цел развој на локалната економија.

-Овој настан е финансиран од страна на Општина Штип, а целта е да се мотивоираат младите луѓе и помалите компании да создаваат свои брендови, со цел поголем развој на локалната економија. На настанот ќе имаме можност да погледнеме пет компании, ревии на студенти под менторство на професорки од Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД) и отворањето на Денови на модата ќе се случи во соработка со „Гласен Текстилец“. И на отворањето ќе има ревија и шоу, вели Шорова-Ангелова.

Скопје - Општина Аеродром изрече парична казна во висина од 10 илјади евра на правно лице за палење отпад на отворен јавен простор.

-Имено, при вонреден инспекциски надзор извршен на 24 септември на бул. „Видое Смилевски-Бато“ бр. 13, е затекнат отпад од остатоци од градежни материјали што бил спален од страна на фирма подизведувач во градежни активности, информираат од Општина Аеродром.

Од Општината појаснуваат дека станува збор за повреда на Законот за управување со отпадот, поради што Одделението за инспекциски работи изрече глоба за правното лице во висина од 10 илјади евра во денарска противвредност.

Скопје - Во текот на изминатите неколку дена, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведоа акција за генерално чистење на Старата скопска чаршија, информираат од јавното претпријатие.

Во рамките на акцијата било извршено рачно и машинско метење, како и рачно миење на целокупниот простор на чаршијата.

Скопје - Објавен јавниот повик за субвенции за граѓаните за замена на азбестни покриви

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување на поединечна субвенција на граѓаните, жители на градот Скопје, за замена на азбестни покриви за 2024 година. 

Повеќе информации за правото на учество, условите кои треба да се исполнат и висината на средствата кои градот ги субвенционира и доделува се достапни во објавената документација по јавниот повик за замена на азбестни покриви.

Апликациите за учество на јавниот повик може да се доставуваат до 31 октомври 2024 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот. Јавниот повик со условите за аплицирање, како и сите потребни документи кои треба да се достават се достапни на линкот - https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/

 

 

Остани поврзан