• сабота, 05 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 5 јули 2024

Охрид – За потребите на Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид обезбеден е нов софистициран ултразвучен ехо-апарат за дијагностика.

Станува збор за активност спроведена во рамки на проектот „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Кардиологија – Охрид“ што се реализира преку Министерство за локална самоуправа и Швацарската агенција за развој во соработка и со кофинансирање на самата здравствена установа.

Како што информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион што го спроведува проектот, активностите предвидени со проектот влегуваат во завршна фаза на реализација.

Досега се спроведени активностите насочени кон подобрување на енергетската ефикасност на установата, со поставена нова термо-фасада на целиот објект, интервенирано е во реконструкција на кровот и кровниот покривач, како и замена на столаријата во ЈЗУ.

Во последната фаза од проектот останува уште да се реализира и активноста за тековно сервисирање и одржување на постојниот информационен систем (хардвер и софтвер), надградба на модулот за интервентна кардиологија, развој на нови модули и набавка на опрема во компонентата за дигитализација.

Вредноста на градежните зафати изнесува 17 милиони денари, додека за набавката на ултразвучниот ехо-апарат се издвоени 2,9 милиони денари. 

 

Струмица - Кај селото Моин, гевгелиско, во близина на границата со Грција, вчера биле пронајдени стари неексплодирани убојни средства, информираа денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информацијата, веднаш бил известен пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР) Струмица, кој безбедно ги отстранил неексплодираните убојни средства.

Од ЦУК апелираат до граѓаните кога ќе најдат неескподирани убојни средства од минатите војни да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на 112 во ЦУК за нивно безбедно неутрализирање според стандардни оперативни постапки. 

 

Дебар - Бигорскиот манастир, традиционално, ќе ја одбележи втората манастирска слава, Рождеството на Свети Јован Претеча - Иванден и по тој повод свештената бигорска обител преку објава ги поканува верниците на заедничка прослава.

- Во сабота, на 6 јули, во Свештената бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. Во недела наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе започне архиерејската Божествена Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Старецот Епископ г. Партениј, информираат од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот. 

Затоа, порачуваат, да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. 

- Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен, нагласуваат од манастирот.

 

Кавадарци - „Примена на позитивни еколошки практики за намалување на негативното влијание на цврстиот отпад врз животната средина и глобалното затоплување", е насловен проектот чиј завршен настан беше реализиран синоќа во дворот на Вински музеј Кавадарци. Проектот беше имплементиран од страна на Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот", во соработка со средното општинско училиште „Киро Спанџов Брко" и Општина Кавадарци, а финансиран од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд. 

Како што беше кажано на настанот, генерална цел на проектот е зголемување на свеста за штетното влијание по животната средина на несоодветното управување со цврстиот отпад и намалување на количината на цврст отпад преку негова креативна реупотреба. Беа изложени и изработки, плод на обуки за реупотреба на цврст отпад. 

- Неопходно е да се создава што помалку отпад, да се реупотребува отпадот, за да имаме почиста и поздрава животна средина, истакна меѓу другото, Роберто Паризов, претседател на „Еко-живот". 

Пред присутните се обратија и Златко Самарџиев, национален програмски координатор на Глобален еколошки фонд, Програма за мали грантови, директорот на „Киро Спанџов- Брко", Душко Лазов и координаторката на проектот Елена Ризова. 

 

Крива Паланка - Изградба на нов урбан зелен парк, изработка на зелен катастар и платформа за следење на квалитетот на воздухот се само дел од активностите што ќе се реализираат во Крива Паланка со најновиот Европски проект „ПАРКС“ вреден 895.000 евра, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија на Европската унија.

-Потпишан е нов проект што ќе донесе урбана пејзажна трансформација на локацијата под комплексот згради кај градскиот пазар. Општина Крива Паланка ќе го имплементира заедно со партнер-општината Дупница од Република Бугарија, а од вкупните одобрени средства, за Крива Паланка се издвоени 388.000 евра што ќе се инвестираат во: изградба на урбан зелен парк под зградите кај градскиот зелен пазар, изработка на зелен катастар со детали за зелените ресурси и инфраструктурата во урбаниот дел, изработка на платформа за следење на квалитетот на воздухот преку поставување сензори во соработка со образовни институции и изработка на прирачник за раст на растенија. Станува збор за проект со сеопфатна визија што ги надминува обичните креации на зелени простори и е синтетиза на инфраструктура со иновации, напредна технологија, сензори за квалитет на воздухот и аналитика во реално време што ќе овозможи одржливост на урбаниот пејзаж, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Проектот „ПАРКС“ ќе овозможи спој на различни засегнати страни: градски планери, еколози, едукатори и население, со што ќе се созде иницијатива фокусирана на заедницата, ветувајќи одржливост на урбаниот пејзаж.

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан