• среда, 03 јули 2024
МИА Општински пул

Вевчани - На територијата на општина Вевчани в четврток ќе биде спроведена теристичка дезинсекција за уништивање на ларвите на комарците заради спречување на ширењето заразни болести.

Третманот против ларвицидна форма на комарци, како што соопшти Општина Вевчани, ќе се изврши терестички со употреба на гранули на локации од вкупна површина од 6.050 метри квадратни.

Со првата пролетна дератизација ќе се поминат сите предвидени локации кои можат да бидат извор на зараза со предвидени 30 шахти за третирање, стои во информацијата.

Куманово - Почна поставување на бекатон на улици на различни локации во Куманово, соопштија денеска надлежните од секоторт за комунални дејности. Во моментов се поставува бекатон плочки на улицата „706“, на крак од улиците „Инудстриска“, „Јоско Илиевски“. Бекатон се поставува на две улици во населбата „Перо Чичо“.

-Бекатон се поставува на улиците во населбите кои се потесни имаат постар квалитет на подземна инфраструктура. Се надеваме дека ќе ги санираме за скоро време. Според програмата имаме десетина улици каде ќе се поставува бекатон. Очекуваме граѓаните да добијат соодветно поврзување со главните сообраќајници, изјави помошникот раководител на секторот, Момчило Јовановски.

Охрид - Безбедноста во електронските комуникации во услови на забрзан развој на технологиите секако е прашање што е од огромент интерес и предизвик во областа. Оттаму тоа тоа е едно од прашањата високо на агендата на агендата на годинешната 20-та по ред Меѓународна регулаторна конференција што во организација на Агенцијата за електронска комуникација се одржува во Охрид.

Претставници од Меѓународната унија за телекомуникации, регулаторните тела и од Европската Унија, како и претставници од академската фела, оператори и останати компании и чинители на глобалниот комуникациски пазар наредните два дена ќе дискутираат за тоа прашање, како и за управување со спектарот и мониторингот на електронските комуникации, за регулаторните прашања и пристапот до широкопојасен интернет, во контекст на најновите инспиративни области во електронските комуникации.

Охрид – Полицијата денеска соопшти дека рано изутринава во 01:04 часот во СВР - Охрид  било пријавено дека во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ по извршен хируршки зафат, починало седуммесечно бебе од Вевчани, кое вчера попладне околу 16 часот било донесено во болницата од неговата мајка.

Бебето, според пријавеното, било примено во болницата со хематом на главата и по констатирано мозочно крварење веднаш била извршена операција.

Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани. По насока на Јавен обвинител, телото ќе биде пренесено до Судска медицина во Битола каде ќе се изврши обдукција. Се преземаат мерки за расветлување на настанот, додаваат од СВР - Охрид.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. По бројните врвни натпреварувања од кои ќе ги спомнеме последните - Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобра судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ), летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.

За Начевски и Николов ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честиташе големиот успех за кој тие недамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч која се доделува на сите заслужни жители, информираат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакнал дека му причинува големо задоволство што и денеска, како што рекол, прославуваат уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка.

Штип - Државното музичко училиште (ДМУ) „Сергеј Михајлов“ - Штип денеска ги отвори вратите за сите заинтересирани ученици од основните училишта, кои го завршуваат своето основно образование и планираат да се запишат во некои од средните училишта. Директорот на ДМУ „Сергеј Михајлов“ - Штип, Горан Кавраков вели учениците на овој отворен ден имаат можност да се запознаат со музичките инструменти, образовните профили како и да остварат контакт со наставниците.

-И за нас и за нив да се запознаат со тоа што ние работиме како уметничко училиште. Поголем дел од нашите граѓани, можам слободно да кажам, дека не знаат дека постои основно музичко училиште, така да ги запознаеме со сите оддели со кои располагаме, пијано делот, дувачкиот оддел и гудачките инструменти и на лице место самите ученици ги видат инструментите и ја видат програмата по која можат да учат, од кое одделение секој инструмент ќе можат да го изучуваат кај нас, вели Кавраков.

Посочува дека немаат конкретна бројка за запишување на основците. Родителот на секое заинтересирано дете може да поднесе пријава за запишување, а наставниците понатаму ќе го откријат нивниот талент.

Кочани - Во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани почнаа градежни активности за промена на постојната кровна конструкција, со термичка и хидроизолација на поткровниот дел.

Се обновува кровна површина од околу 900 квадратни метри, а се поставуваат нова инсталација за одвод на атмосферска вода и заштита од атмосферски влијанија врз носечката дрвена повеќводна конструкција.

Реконструкцијата се реализира со средства од буџетот на Министерството за образование и наука, во рамки на јавниот повик за финансирање проекти за изградба и реконструкција, по апликацијата што ја достави Општина Кочани.

 

 

Остани поврзан