• недела, 22 декември 2024

Тошковски: За најмногу два месеци ќе се нормализира процесот на вадење патни исправи

Тошковски: За најмногу два месеци ќе се нормализира процесот на вадење патни исправи

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека може да се очекува најмногу за два месеци да се нормализира процесот на издавањето на патни исправи односно чекањето на граѓаните да се сведе во рамки на законскиот рок од 15 дена.

Во интервју за Топ Тема на ТВ Телма, Тошковски рече дека најмногу 80 дена се чекало од фотографирање до издвање на патна исправа, но сега рокот е значително намален.

- Од аспект на чекањето, да, се чека се уште, но отприлика за месец и половина до два, нашите очекувања се дека со континуирано производство на бројките како што беше последните четири месеци, пак, по 80.000 месечно, затоа што бројката на фотографирање е намалена отприлика на половина во споредба со она што беше претходно, ние за два месеци од сега ќе се вратиме во нормала. Ако граѓанинот се фотографира, да речеме на први, за петнаесетина дена, во рамки на законски дозволениот рок, во редовна постапка ќе се стекне со патна исправа, рече министерот за внатрешни работи. 

Според него, во изминатите пет месеци се издадени околу 400.000 патни исправи, и тоа се бројки, според неговите зборови, кои претходно се работеле и по две години.

- Факт е дека она што го сработевме за овие четири месеци се бројки што претходно ги работеле две години или повеќе. Ние за четири месеци успеавме да фотографираме и да издадеме некаде над 400.000 патни исправи. Мислам дека она што можеше да се направи се направи и граѓаните го видоа тоа, но факт е дека проблемот се уште го има, и факт е дека исто така бројките се намалуваат, рече Тошковски. 

Посочи и дека издавањето на патни исправи по итна постапка исто така е вратено во нормалниот рок од 48 часа.

Министерот рече дека во иднина ќе се бара софтверско решение кое ќе ги поедностави процедурите, и граѓаните ќе можат со едно фотографирање и една апликација да извадат повеќе документи, наместо како што е сега – посебно фотографирање за секој личен документ, патна исправа или возачка дозвола. ев/цр

ФОТО: Телма 

Остани поврзан