Мицкоски: Изградбата на автопатите согласно планираното, Кичево-Охрид ќе се заврши со домашно финансирање
- Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од динамиката на изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и на Коридорт 10Д и најавува дека со обезбеденото финансирање од домашните банки за заокружување на автопатот Кичево-Охрид оваа делница ќе стане функционална.
Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од динамиката на изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и на Коридорт 10д и најавува дека со обезбеденото финансирање од домашните банки за заокружување на автопатот Кичево-Охрид оваа делница ќе стане функционална.
- Сите делници од Коридорот 8 се одвиваат согласно предвидената динамика. Моментално се работат галериите. Имавме мала потешкотија морам да признаам посебно во делот на обезбедување средства за довршување на делницата Кичево-Охрид затоа што заемот од кинеската „Ексим банка“ повеќе не го добиваме, престана, но бргу се реорганизиравме. Тој проблем е надминат, формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително поволни услови и тие практично ќе го дозавршат финансирањето. Тоа ќе биде последно и со тоа конечно таа делница ќе биде функционална, рече Мицкоски на новинарско прашање при посетата на Струга.
Исто така, дополни премиерот, напредува и делницата Тетово-Гостивар и Гостивар Букојчани, а предаден е и извештајот до заемодавателите за делницата Букојчани, приклучок Кичево, на автопатската делница Кичево-Охрид. Во тој дел сум исклучително задоволен. Исто така, прилично солидно напредува и реализацијата на делницата Прилеп-Битола која е дел од Коридор 10Д, изјави Мицкоски.
Во однос на трасата на Коридорот 8 што помиува низ заштитено подрачје, Мицкоски кажа дека одблизу ја следи состојбата и оти во јуни работите ќе бидат појасни, по посетата на инспекција на УНЕСКО на земјава.
-Што се однесува до трасата, ако не е таа ние ќе најдеме решение со друга траса. Но тоа е повторно состојба во којашто не сме толку многу загрижени бидејќи има решение. Поголемо решение е со семејните судбини, кога семејствата не можат да се развиваат, тука многу внимателно мора да пристапиме, а имаме и однесување во минатото коешто за жал е забележано тука во Општина Струга коешто нанело непоправливи штети на имиџот на државата пред УНЕСКО, кажа Мицкоски.
Тој очекува дека во втората половина на мај да пристигне инспекција на УНЕСКО, истакнувајќи дека лично ќе ги пренесе аргументите пред нив.
-Мислам дека во втората половина на мај треба да дојде инспекција од УНЕСКО. Јас лично ќе бидам нивен домаќин и лично јас ќе ги пренесам аргументите кои сега ги зборуваме. Ние мора ова да го развиваме. Струга и Охрид се наши туристички бисери и ние мора да ги развиваме. Има и други туристички места во светот што се под УНЕСКО но се развиваат, и ние бараме ист и фер третман. Ние како Влада ќе сториме се што е наш приоритет и во интерес на граѓаните, кажа премиерот.
фото: МИА