• петок, 17 мај 2024
МИА Флеш

2 мај 2024

- Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Утре, како што информира УХМР, особено во источните делови, на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

 

-За време на велигденските празници, односно од утре петок - 3 мај до понеделник 6 мај. јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред. Како што информираат од ЈСП Скопје исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55, 56, 56А, 81, 118, 160 и 164 кои утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

 

-Во пресрет на христијанскиот празник „Велигден“, кога се очекува значително зголемена фреквенција на граѓани во православните верски храмови, Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје врши рачно и машинско миење дворови и непосредната околина на поголеми православни верски објекти во сите скопски општини, информираат денеска од претпријатието.

 

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.

 

-Целосно е неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.

 

- Регионалната конференција за енергетика, Белградскиот енергетски форум, ќе се одржи на 13 и 14 мај 2024 година. На дводневната конференција во Белград, во организација на порталот Балкан Грин Енерџи Њуз (Balkan Green Energy News) се очекуваат околу 400 учесници од 150 компании, организации и институции од 26 земји.

 

- Генералниот секретар на Советот на Европа (СЕ), Марија Пејчиновиќ Буриќ, во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, ја истакна важноста од заштитата на новинарите, особено во клучната изборна 2024 година, со цел зачувување на демократијата.

 

 - Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Косово ги исполнило сите барања на Европската унија за укинување на рестриктивните мерки што му беа наметнати и дека треба да бидат отстранети.

 

- Собранието на Косово денеска на предлог на опозицијата ќе ја разгледа нацрт-резолуцијата што се однесува на наодите од извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата во Косово.

 

- Албанската министерка за туризам и животна средина, Мирела Кумбаро изјави дека до 2030 година  Албанија ќе има четири аеродроми, објави Албанската радио и телевизија.

 

 - Во рамки на третата фаза од голема полициска акција „Храм“ (Темпули) полицијата во Тирана разбила група која дистрибуирала канабис, хероин и кокаин, во различни области на Тирана, во близина на училишта, како и во ноќни клубови.

 

– Поранешниот претседател на грчката радикално десничарска партија Златна зора, Никос Михалољакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, се очекува да биде пуштен од затвор, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. 

 

 - Конечниот предлог за Резолуцијата што ќе го одбележи 11 јули како ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница во БиХ во 1995 година е испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, потврди амбасадорот на Босна и Херцеговина во ОН, Златко Лагумџија.

 

-На барање на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб, денеска е уапсен поранешен помошник министер во Министерството за култура и медиуми, сега главен конзерватор во Дирекцијата за заштита на културното наследство, под сомнение за корупција како дел од истрагата на Геодетскиот факултет на Универзитетот во Загреб.

 

-Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина. Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

 

- Либан и неговиот народ можат да сметаат на постојаната поддршка на ЕУ и со задоволство можам да објавувам пакет од една милијарда евра помош за земјата за периодот од 2024 до 2027 година, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во придружба на кипарскиот претседател Никос Христодулидес престојува во Бејрут.  

 

- Францускиот парламент денеска се согласи да формира истражна комисија за да ги испита актите на сексуална злоупотреба и напади во киното и другите културни сектори по неколку неодамнешни обвинувања.

 

- Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги зголеми прогнозите за светскиот економски раст во 2024 година, особено благодарение на динамиката на закрепнување во САД.

 

- Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. 

Тагови

Остани поврзан