• среда, 15 мај 2024
МИА Радио флеш

30 април 2024

-  Жалам што раководството на ДУИ се уште живее во некои времиња кои се веќе минато. Македонија е на сите граѓани, ниту е федерација, ниту е би, три или четиринационална држава, според Уставот е на сите граѓани, а според демократијата, оној што има 61 пратеник ја формира владата. Не знам како пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население. Мислам дека сите сме граѓани на Македонија, Македонци, и ценам дека политиката не треба да се гледа како „шведска маса“ па ДУИ да земе малку од СДСМ, малку од ВМРО-ДПМНЕ, малку од друга политичка партија. ДУИ беше 6,5 години со СДСМ во Владата, поразени се во првиот круг претседателски избори, очекувам да бидат поразени и по парламентарните избори и очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој уште еднаш напомена дека на 8 мај очекува убедлива победа на Гордана Силјановска Давкова и на коалицијата „Твоја Македонија“, а за коалицирањето со „Вреди“ и уставните измени ќе се разговара, рече, по изборите. Доколку уставните измени се услов за соработка, повтори дека тој и неговата партија не функционираат врз основа на уцени и закани. Засега, напомена Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.

- Инвестираме рекордни средства во делот на патната и комуналната инфраструктура. Штип изминативе години доби нов лик, стана главна крстосница и економски центар на истокот, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска беше во работна посета на Општина Штип.

Тој изврши увид во поставување на сообраќајната сигнализација на улицата „Солидарност“, што беше реконструирана со средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. Министерот Бочварски истакна дека ги реализирале барањата и очекувањата на граѓаните и од улиците „Широк Дол“, „Христијан Тодоровски -Карпош“ и улицата „АСНОМ“, за што веќе се потпишани договори за реконструкција.

- Пад на прометот во групата Трговија на мало со автомобилски горива (номинално за 5,2 проценти, а реално за 5,1 процент, регистрира Државниот завод за статистика во март годинава во однос на  март лани. 

ДЗС денеска објави дека во трговијата на мало гледано по групи и класи зголемување на прометот е забележано во групите:  Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво (номинално  за 9,9 проценти, а реално за 5,9 проценти), Трговија на мало, освен трговија со горива (номинално  за 4,7 проценти, а реално за 0,6 проценти), додека во  групата Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун зголемување има само номиналната стапка за 0,1 процент, а во реалната има намалување за 4,1 процент.

- Само 2,75 проценти од потребите за електрична енергија е обезбедена од увоз изминатата година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2023 година што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го достави до Собранието на Република Северна Македонија, соопштија денеска од РКЕ.

- По 32 години независна република, конечно можеме да соопштиме дека сме на праг до енергетски независна држава кога е во прашање електричната енергија. Податоците покажуваат дека Eldorado-то на инвестиции во фотонапонски централи, каде има пораст во инсталираниот капацитет за 251 проценти во споредба со 2022 година, го стопи увозот од 30 проценти на 2,75 проценти. Овој успех има сеопфатно влијание, како кон енергетска транзиција, така и кон финансиските текови преку намалувањето на дефицитот, посочил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, се наведува во соопштението.

- Индустриското производство во март годинава во однос на март минатата година е намалено за 10,4 проценти, а за 3,1 процент во првиот квартал годинава споредено со истиот квартал од минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2024 година, во однос на март 2023 година, бележи пораст од 1,9 проценти,  а опаѓање во  Преработувачка индустрија од 7,6 проценти и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 38,6 проценти.

- Со премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, на 9 мај во Националната опера и балет ќе биде отворен 52-от фестивал „Мајски оперски вечери“ кој до крајот на месецот ќе понуди програма во која покрај оперски дела ќе има и една балетска претстава.

Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимограф Марија Пупучевска и кореограф Саша Евтимова. Во насловната улога ќе настапи нашиот тенор Зоран Сотиров, а во екипата се домашни артисти и гостинка од Србија – мецеоспоранот Сања Анастасија во ликот на Ацучена.

„Трубадур“ репризно ќе биде изведена на 11 мај  кога во екипата ќе има странски солисти (Канада и Чиле), а диригентот ќе биде домашен (Иван Еминовиќ).

- Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска го честита Светскиот ден на џезот - 30 Април. Изразува почит и благодарност кон основоположниците на овој жанр, на сегашната генерација џезери и на сите љубители на џез-музиката.

- Џезот е составен дел од нашата музичка традиција, а нашите музичари се гордост по која сме препознаени и кои со својот креативен израз ја афирмираат нашата земја на регионалната и светската сцена, се вели во честитката од Костадиновска-Стојчевска.

- Министерството за култура соопшти дека денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.

Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.

- Според прелиминарната проценка, годишната стапка на инфлација во Франција во април се намали од 2,3 отсто во март на 2,2 отсто, објави денеска Францускиот национален институт за статистика и економски истражувања.

Пазарите очекуваа априлската инфлација да биде уште пониска и да изнесува 2,1 отсто.

Цените на храната се зголемија за 1,2 отсто на годишно ниво во април, забавувајќи во однос на мартовските 1,7 отсто.

- Европската комисија отвори формална постапка со цел да процени дали социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, кои се во сопственост на „Мета“, го прекршиле Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во делот на заштита на европските граѓани од ширењето на дезинформации и манипулации од трети земји. 

Постапката треба да ги испита политиките и практиките на „Мета“ во врска со спречување на манипулативни реклами и политички содржини на нејзините две социјални мрежи. 

- Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека се уште ја поддржува изградбата на втора нуклеарна централа во земјата, но засега властите ја разгледуваат оваа одлука.

„Засега размислуваме. Навистина сакам да изградам втора [нуклеарна] централа“, рече Лукашенко за време на работното патување во регионот Могилев, јавија белоруските медиуми.

 - На 1 мај ќе биде бесплатен дел од јавниот превоз во Анкара, Истанбул и Измир, јавуваат турските медиуми. 

Жителите и гостите на трите најголеми турски градови ќе можат бесплатно да патуваат по градските железници на Денот на трудот - 1 мај, како и на 19 мај, кој е Ден на споменот на Ататурк и прослава на младите и спортот. Решението се објавува во Државниот весник (Службен весник).

- Една третина од новата српска влада ќе биде составена од нови лица, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до нацијата, цитирано од српската јавна телевизија РТС.

Вучиќ изрази надеж дека владата ќе биде формирана во следните два дена и рече дека повеќе од 30 отсто од неа ќе бидат „целосно нови луѓе“. Останатите ќе бидат луѓе кои покажале резултати во претходниот период.

- Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. 

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека ќе го нападне Рафа, град во Појасот Газа, каде што побегнаа стотици илјади Палестинци.

Нетанјаху рече дека Израел ќе влезе во Рафа за да ги уништи баталјоните на Хамас таму „со или без договор“.

Израел и Хамас преговараат за договор за прекин на огнот, како и ослободување на последните заложници од Газа.

- Кинескиот претседател Си Џинпинг идната недела ќе се сретне со својот француски колега Емануел Макрон и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на неговата европска турнеја, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Претставник на дипломатскиот оддел рече дека Кина би сакала да ги искористи состаноците како можност за унапредување на стратешката, конструктивна и заемно корисна природа на односите меѓу Кина и Европската унија. 

- Обвинителството во Винковци денеска поднесе обвинителен акт против поранешниот хрватски министер, Марио Баножиќ (45), неполни пет месеци по покренувањето на истрагата и речиси половина година од сообраќајната несреќа во која животот го загуби Горан Шариќ на 11 ноември минатата година.

Според Јутарњи лист, обвинетиот Баножиќ бил во близина на Винковци, а на пат кон ловиштето, возел автомобил Нисан по десната сообраќајна лента, надвор од населеното место од правец на Винковци кон Жупања и постапил спротивно на Законот за безбедност во сообраќајот, наведе обвинителството.

- Претседателот на Украина, Володимир Зеленски е убеден дека Украина ќе се приклучи во НАТО по победата во војната со Русија.

Зеленски го изјави ова за време на состанокот со офицери кои минуваат курсеви за професионално воено образование според стандардите на НАТО, со учество на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

- Фармацевтската компанија АстраЗенека првпат во судски документ призна дека нејзината вакцина против Ковид во ретки случаи може да предизвика несакани ефекти, вклучително и згрутчување на крвта и низок број на црвени крвни зрнца.

- Причината за синдромот е непозната. Синдромот на тромбоцитопенија (ТТС) може да се појави и без вакцината на АстраЗенека или која било друга вакцина. Каузалноста ќе треба да се докаже професионално, се наведува во соопштението Фармацевтската компанија.

Остани поврзан