• петок, 17 мај 2024
МИА Радио Флеш

2 мај 2024 

-Целосно е неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување. Според АСО, која е регулатор на пазарот на осигурување, зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. -Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување, информира Агенцијата.Во дописот до медумите, АСО наведува дека „ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност“.

-За време на велигденските празници, односно од утре петок - 3 мај до понеделник 6 мај. јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред. Како што информираат од ЈСП Скопје исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55, 56, 56А, 81, 118, 160 и 164 кои утре ќе сообраќаат по саботен возен ред. -Утре и во понеделник на 5 мај од 7 до 14 часот дежурни ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров. Во сабота сите билетарници и центри за персонализација ќе функционираат вообичаено, а в недела за сите е неработен ден, информираат од ЈСП Скопје. Жичницата за време на празничните денови нема да работи единствено во понеделник, другите денови ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.

-Регионалниот Центар за управување со кризи - Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк - шумата Водно. Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час. - Од полициската станица - Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.

-Три пожари на отворен простор се евидентирани изминатото деноноќие, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). - Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Крушево од 15.45 до 19.30 часот, со едно ПП возило и три пожарникари и еден вработен и едно теренско возило од ЈП „Национални шуми“ подружница „Липа“ од Крушево, интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од еден хектар кај месноста „Белушки ливади“. Регионалниот ЦУК Штип ја пренесува информацијата од ТППЕ Берово, дека од 12.40 до 13.15 часот, со еден пожарникар и едно ПП возило интервенирале на запалена ниска вегетација во реонот на селото Будинарци, на месноста „Ленишка Река“. Регионалниот ЦУК Тетово известува дека пожарникарите од ТППЕ Гостивар со едно ПП возило и два пожарникара, интервенирале на запалено ѓубриште кај пунктот за патарината на автопатот Гостивар-Тетово, појаснуваат од ЦУК.

-Поранешниот претседател на грчката радикално десничарска партија Златна зора, Никос Михалољакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, се очекува да биде пуштен од затвор, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. Повикувајќи се на судски извори, медиумите објавија дека Судот во градот Ламиа донел одлука Михалољакос да биде ослободен, откако издржал три петтини од казната, иако обвинителот имал спротивно мислење и предложил да остане во затвор. Според истите информации, Михалољакос ќе биде ослободен, но под неколку услови поставени од судскиот совет,  односно ќе има забрана да ја напушти областа Атика, поширокиот регион на Атина, еднаш месечно ќе треба да се пријавува во полициска станица и нема да смее да биде во контакт со лицата вмешани во истиот случај. 

-Поранешниот косовски координатор за дијалог со Србија, Авни Арифи вели дека барањата до Косово на земјите-партнери Германија, Франција и Италија не се исполнети, дека мора да се преземат конкретни чекори за формирање на Заедницата на општини со мнозинско срспко население за членство во Советот на Европа, поради што постои можност Косово да не влезе во агендата на Советот на министри на Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина. Арифи за приштинската телевизија ТЕВЕ 1 (tëvë 1) рече дека постои можност прашањето за Косово да биде ставено на гласање и да не помине, а тоа, според него, би било голема победа за Србија.„Многу се големи шансите да не се гласа и да биде одложено за следната година. Или, има и друга опција, која е потешка, да се оди на гласање и да не се изгласа, што би било многу голема победа за Србија, изјави Арифи.

-Собранието на Косово денеска на предлог на опозицијата ќе ја разгледа нацрт-резолуцијата што се однесува на наодите од извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата во Косово.
Опозицијата и власта имаат различни оценки за тој извештај, а пратениците од владејачката Самоопределување веќе најавија дека нема да гласаат за предложената резолуција. На дневен ред на денешната седница што треба да започне во 11:00 часот има 22 точки на дневен ред. Како што претходно оцени Косовскиот демократски институт, парламентот се соочува со хроничен недостаток на кворум, поради што одредени точки не се усвојуваат со месеци, јави Бета.

-Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Косово ги исполнило сите барања на Европската унија за укинување на рестриктивните мерки што му беа наметнати и дека треба да бидат отстранети.„Мерките што се во сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзана интеграција во ЕУ. Продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности во рамките на реформскиот дијалог на ЕУ. Во овој контекст, ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и тие мора да се отстранат“, рече Курти на состанокот на Министерскиот совет за европска интеграција на Косово.

Тој изрази уверување дека Косово е подготвено да добие статус на кандидат за членство во ЕУ и да отвори преговори и многу поглавја кон членство.

-Во Велика Британија денеска се гласа на локални избори кои се гледаат како последен тест на јавното мислење пред општите избори подоцна оваа година. Прогнозите покажуваат дека владејачките конзервативци би можеле да изгубат до половина од советничките места што ги бранат и дека партијата очекува „значителни загуби“. Повеќето места за реизбор последен пат беа оспорени во 2021 година, на врвот на популарноста на Борис Џонсон кога беше воведена вакцината против Ковид-19.

-Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“. - Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“. 

-Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги зголеми прогнозите за светскиот економски раст во 2024 година, особено благодарение на динамиката на закрепнување во САД. Денеска ОЕЦД ја зголеми прогнозата за глобалниот раст во 2024 година на 3,1 отсто, додека според последната економска прогноза на организацијата од февруари таа изнесува 2,9 отсто. „Внимателниот оптимизам почна да ја освојува глобалната економија“, се вели во кварталниот извештај на ОЕЦД, кој сепак укажува на големи разлики меѓу земјите. За САД има зголемување на прогнозата за раст на 2,6 отсто во 2024 година, во споредба со претходно прогнозираните 2,1 отсто. Прогнозата за еврозоната е благо зголемена, на 0,7 отсто, наспроти претходно очекуваните 0,6 отсто.

Остани поврзан