• вторник, 14 мај 2024
МИА Општински пул

 29 април 2024

Дојран - За првомајските и велигденските празници во Дојран се очекува да престојуваат над 10 илјади туристи, соопшти градоначалникот Анго Ангов.

Според него, се бара место повеќе и сите капацитети се исполнети.

-Сакам да истакнам дека не само за празниците, туку од лани и од почетокот на оваа година расте бројот на туристи кои го посетуваат Дојран надвор од летната сезона. Ние сме подготвени да ги пречекаме сите посетители и да им го понудиме нашето познато гостопримство, рече градоначалникот Ангов.

Додава дека се зголемува бројот на сместувачките капацитети со обновување на тие коишто не биле во функција подолго време, а се градат и нови со што туристичката понуда на Дојран се зголемува

 

Штип - Преку игра и драматизација да се надмине стравот од вакницирање, вака денеска започна активноста, во рамки на кампањата за  имунизација на децата, во градинката „Вера Циривири Трена“- Штип. Координаторката за имунизација на децата во ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, Дијана Коцева- Миланова вели дека целта на оваа активност е преку драматизација , дечињата слободно и без страв да ги посетуваат амбулантите и да се вакцинират.  

-Со цел да ја одбележиме европската недела на имунизацијата, во заедничка соработка со градинките организираме една работилница. Преку игра и симулација на процесот на имунизација дечињата се обидуваме да доаѓаат во нашите амбуланти и да не чувствуваат страв, рече Коцева-Миланова.

Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“-Штип, Ивана Ангеличкова изјави дека имунизацијата е важен процес за заштита на здравјето кај децата.

 -Всушност имунизацијата не е страшна, односно вакцинирањето не е страшно и децата не треба да се плашат од шприцеви, игли, затоа што тоа придонесува да тие бидат здрави деца, и да ги посетуваат нашите детски градинки. За запишување во градинка треба детето да има уреден вакцинален статус во моментот на запишување, рече  Ангеличкова.

Миланова-Коцева посочува дека се задоволни од процентот на вакцинирани деца во Штип и регионот. Свеста е голема вели таа, додавајќи дека ова е причина поради која во овој регион нема заразени деца со голема кашлица.

 

Кавадарци - Локална самоуправна Кавадарци објави повик за избор на најдобар бизнис план 
изработен од ученици во средните училишта во општината, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.  

- Бизнис плановите треба да бидат изготвени согласно стандардите за пишување на бизнис план. Јавниот повик е отворен до 15 мај оваа година. Трите најдобри бизнис планови ќе добијат парични награди. Првата, 12.000 денари, втората 9.000 и третата,  6.000 денари. Истовремено, најдобрите бизнис планови ќе имаат и можност за дополнителна менторска поддршка, од Агенцијата за вработување, соопштија од кабинетот на градоначалникот. 

Бизнис плановите ќе ги оценува стручна комисија.

 

Струмица - Во населеното место Муртино се асфалтираат две нови улици, а кога сме тука имам убава вест за граѓаните-обезбедивме 60 милиони денари или 1 милион евра од Министерството за животната средина и просторно планирање за изведба на атмосферска канализација со што решаваме голем проблем во ова село и тоа токму благодарение на одличната соработка меѓу локалната и централната власт, рече денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој беше на увид на асфалтирањето на улиците во Муртино.

Додаде дека денеска истовремено се работи и во селото Просениково, каде се реконструираат 2 улици.

-Утре продолжуваме во населеното место Банско каде што ќе се асфалтираат 3 нови улици и една ќе се бетонира, посочи струмичкиот градоначалник.

Како што изјави Костадинов, во рамки на оваа градежна офанзива, а според општинската програма за оваа буџетска година ќе се работи на вкупно 30 улици во сите населени места, од кои 18 ќе се асфалтираат, а останатите ќе се бетонираат и тампонираат.

 

Штип - До утре на полноќ е пријавувањето на болни и немоќни лица, кои сакаат да гласаат во домашни услови. Претседaтелот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев денеска изјави дека досега дополнително се имаат пријавено 17 лица. Тој појаснува дека болните и немоќни лица кои гласаа на 23 април на првиот круг на претседателските избори им важат пријавите и за вториот круг на претседателски и парламентарните избори на 7 мај, односно овие лица гласаат ден пред спроведување на изборите на 8 мај.

-Лицата коишто имаат поднесено пријава од првиот круг за претседателските избори и коишто уредно се имаат пријавено за гласање на претседателски избори и парламентарни избори, значи тие пријави важат, вкупниот број беше 161 пријава, од кои ОИК ги одобри 158. Тие 158 пријави се уште важат и досега имаме нови дополните 17 пријави, коишто ќе ги разгледуваме после рокот на пријавување на болни и немоќни лица, рече Вацев.

Тој истакна дека просториите на Општинската изборна изборна-Штип ќе бидат отворени утре до полноќ, кога истекува овој рок, или пријавата може да се поднесе и по електронски пат. Вацев истакна дека течат подготовките за вториот круг на претседателски и на парламентарните избори на 8 мај. Недоверливиот материјал е во просториите на ОИК, а додека доверливиот материјал го чекаат 72 часа пред гласањето. 

 

Струга - Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. 

 

Тетово - КУД „Бранко Чајка“ при Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово, викендов имаше настап на Детскиот фолклорен фестивал „Абрашевиќ во пресрет на Велигден“ во Краљево, Република Србија.

Оваа манифестација има долгогодишна традиција, а учествуваат детските играорни групи од културно-уметничките друштва. Покрај домаќините КУД „Абрашевиќ“ од Краљево, на фестивалот учествуваа и УЗННТ „Златибор“ од Чајетина, КУД „Студеница“ Ушќе, КУД „Абрашевиќ“ од Врњачка Бања, КУД „Прва петолетка“ од Трстеник, сите од Србија, како и КУД Банат“ од Сегедин, Унгарија, додека Македонија ја претставуваше КУД „Бранко Чајка“ од Тетово.

- Манифестацијата започна со ревијален собир на сите учесници пред Соборната црква во центарот на градот во присуство на голем број на граѓани кои беа собрани да одбележат големиот христијански празник „Лазарева сабота“. Сите учесници на фолклорниот фестивал, со шаренилото на своите народни носии од својот крај и со настап на дел од учесниците, го збогатија одбележувањето на еден од празниците кои му претходат на големиот празник Велигден, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.

Во големата сала на „Домот на војската“ во Краљево, се одржал целовечерен концерт на кој учествувале повеќе културно уметнички друштва со презентација на дел од својата програма.

-КУД „Бранко Чајка“ настапи два пати. На првиот настап играорците од Тетово се претставија со сплет македонски ора, додека на вториот настап беа изведени неколку српски ора. Публиката со големо внимание ги проследи настапите кои беа поздравени со долготраен аплауз. По завршувањето на концертот следуваше заедничко дружење на сите учесници на вечерта. Покрај ова, истата вечер имаше средба на раководителите на културно-уметничките друштва коишто настапија на фестивалот при што се разменија искуствата и се воспоставија контакти за натамошна соработка. Следниот ден, на Цветници, организаторот на фестивалот за нашите учесници организираше посета на манастирот Жича којшто се наоѓа во непосредна близина на Краљево како и прошетка во познатото бањско одморалиште Врњачка Бања, информираше Соња Андонов.

 

Кавадарци - И големите и малите партии, вклучително и ромските партии со нив, се плашат од Аваја, затоа што Аваја доаѓа да стави крај на лошата политика во Македонија, порача Акиф Кариман, претседател на Аваја, на средба со жителите на Кавадарци.

Според него, нивните гласачи во првиот круг на претседателски избори излегле во мал број. 

- Не ја дадоа својата поддршка на политичари коишто сигурно ќе се пензионираат после овие избори и не подржуваат политичари кои на секои следни избори одат од една во друга партија и се кријат позади нив. Овојпат имаме избор. Или ќе избереме некој кој нема да помогне да напредуваме или ќе гласаме за Аваја којашто ќе даде се од себе и целото наше знаење, за да ја унапредиме состојбата на нашиот народ, порача Кариман.

Тој нагласи дека Аваја е новиот извор на надеж и спас. 

Остани поврзан