• сабота, 06 јули 2024
МИА Радио флеш

14 мај 2024 

-  „Премостување на јазот – влез во новата ера“ е насловена годинашната Меѓународна регулаторна конференција што ќе се одржи денеска и утре во Охрид во организација на Агенцијата за електронски комуникации на Република Северна Македонија.

Според агендата, на конференцијата ќе се одржат три панели посветени на управување со спектарот и мониторинг, сајбер безбедноста, регулаторните прашања и пристапт до широкопојасен интернет, а кои се во контекст на најновите инспиративни области во електронските комуникации.

– Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се и над нивната волја. Не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, посочувајќи дека тие бараат целосно усогласување со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија порача дека „од моментот кога еден меѓународен договор се ратификува од Парламентите стекнува моќ повисока од законите и никоја од двете страни не може еднострано да го ревидира“ и дури и да не се согласува со она што е вклучено во договорот, „мора да го спроведува“.

- Не стивнуваат реакциите откако во неделата новата претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова во свечената заклетва не ја употреби придавката „Северна“. Европската Унија и САД очекуваат Северна Македонија да продолжи по успешниот пристапен пат и да се почитуваат билатералните договори вклучително и Договорот од Преспа. Од Грција, која е земја потписничка на Преспанскиот договор, велат дека до овој момент не се дојдени до точка да стават вето, но дека почитувањето на Преспанскиот договор е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Северна Македонија. 

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, пак, вчера информираа дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација. 

- Светски ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- Неексплодирана рачна бомба била пронајдено вчера на улица во Демир Капија, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според соопштеното од Регионалниот ЦУК - Велес, во 13.05 часот на 112, добиена била информација за пронајдено експлозивно неексплодирано убојно средство на улицата „Партизанска“ број 1 во Демир Капија.

-  Конфликтот во Судан и Газа го зголеми бројот на внатрешно раселените луѓе во светот на рекордни 75,9 милиони на крајот на 2023 година, објави денеска невладина организација.

Центарот за следење на внатрешно раселување (ИДМЦ) соопшти дека бројката е ново највисоко ниво на крајот на годината, поттикната од „алармантно ново ниво на луѓе кои мораат да ги напуштат своите домови“.

 - Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен денеска пристигна во Киев во прва посета на висок американски функционер на Украина откако Конгресот го одобри долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за земјата минатиот месец.

Посетата има за цел да ја покаже солидарноста на САД со Украина додека таа се бори со тешките руски бомбардирања на нејзината североисточна граница.

-  Британскиот закон за депортација на баратели на азил oд Руанда не треба да се применува во Северна Ирска бидејќи делови од законот се спротивни на Европската конвенција за човекови права и правата од Мировниот договор од Велики петок од 1998 година, пресуди судија во Белфаст.

Законот за илегална миграција, што го турка конзервативната влада на Риши Сунак, е некомпатибилен со Европската конвенција за човекови права и ги поткопува правата предвидени во мировниот договор, напиша судијата Мајкл Хемфрис.

- Европската комисија ја именува компанијата „Букинг“ за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари поради нејзината веб страница Букинг.ком, а во исто време реши да не им додели такви звања на „Икс“ и на „БајтДенс“ во однос на нивните платформи Икс Едс, односно ТикТак Едс. Дополнително, ЕК реши и да покрене пазарна истрага за утврдување дали платформата за социјална комуникација на „Икс“ ги исполнува условите за стекнување на ова звање. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одлуката за прогласување на „Букинг“ за „вратар“ е донесена врз основа на анализата која покажала дека нејзината платформа за резервирање објекти за сместување Букинг.ком претставува значајна врска меѓу бизнисите и потрошувачите во ЕУ и ги исполнува условите да го добие оваа звање врз основа на Законот за дигитални пазари (ДМА). 

- Германскиот канцелар, Олаф Шолц во интервју за магазинот „Штерн“ изјави дека „никој не треба да претерува со очекувањата“ за мировната конференција за Украина, која во јуни треба да се одржи во Швајцарија, јави ДПА.

-Нема да преговараме таму за да ставиме крај на војната. Во најдобар случај, ова е почеток на процес кој може да доведе до директни преговори меѓу Украина и Русија. Во Швајцарија тие ќе бидат за безбедноста на нуклеарните централи, извозот на жито, прашањето за размена на воени заробеници, рече Шолц.

- Насилството и малтретирањето врз ЛГБТК луѓето во Европа достигнаа „нов максимум“ во изминатите неколку години, според истражувањето објавено денеска од агенцијата за права на Европската унија.

И покрај тоа што повеќе ЛГБТК луѓе се чувствуваат способни да бидат отворени за својот идентитет, дискриминацијата со која се соочуваат „останува висока“, со „повеќе насилство, вознемирување и малтретирање“ од порано, соопшти Агенцијата на ЕУ за фундаментални права (FRA).

- Товарен воз излета од шините во близина на Волгоград, во југозападна Русија, по „интервенција на неовластени лица“, јавија утринава руските медиуми.

-На станицата Котлубан, во регионот на Волгоград, вагон излета од шините по интервенција на неовластени лица, јавија руските медиуми.

- Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, синоќа изрази уверување дека може да се постигне привремено одржливо решение за прашањето за употребата на динарот на Косово, со „флексибилност и компромис за двете страни“.

-Подоцна оваа недела ќе бидам домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија на разговори со цел да се најде одржливо привремено решение за оние кои се погодени од регулативата за готовинските трансакции на Централната банка на Косово. Уверен сум дека може да се постигне договор, но тоа ќе бара флексибилност и компромиси од двете страни, напиша Лајчак на Фејсбук.

- Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ја продолжува тридневната посета на Србија, каде ќе има средби со високи претставници во Белград и ќе посети одредени институции во Нови Сад и Суботица.

Вархеји денеска ќе присуствува на потпишувањето на договорот за грантови донирани од Европската Унија за втората фаза од програмата „Обновливи извори на енергија - развој на пазарот на биомаса во Република Србија“ во Владата на Србија.

- Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.

-Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.

- Косовските власти објавија дека двајцата руски државјани, кои пред неколку дена беа приведени од полицијата поради сторено кривично дело „нелегално преминување на границата“, се казнети, а потоа им е наложено и напуштање на Косово.

Косовската полиција на 6 мај соопшти дека брачен пар од Русија бил запрен на граничниот премин Јариње, а таму пристигнале од градот Ниш во Србија, но, со оглед дека немале косовски визи, тие се упасени поради нелегален влез во земјата.

- Косовскиот премиер Албин Курти, по синоќешната средба со лидерот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи изјави дека на средбата се разговарало за новите избори и за времето кога тие би можеле да се одржат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на медиумите по средбата со Красниќи, Курти изјави дека, според него, „најпогодни сезони (за одржување на изборите) се пролетта и есента“, но за нивно закажување рече дека очекува соработка со опозицијата.

Остани поврзан